Да и помогнеме на самохраната мајка Наташа: Додека лежам во болница, син ми мисли дека сум на службено патување!

by fokus

Наташа Николовска (39) од Скопје, самохрана мајка на малиот Марио бара помош од хуманите граѓани, за да се избори со тешката болест, рак на желудник. Болеста и била дијагностицирана на почетокот на април, а пред осум дена таа веќе се оперирала. Сумата која што и е потребна да го продолжи лекувањето со озонска терапија изнесува 12.000 евра, и храбрата мајка верува дека хуманоста на нашиот народ ќе и помогне да ја победи болеста и да го израсне своето дете. Иако се уште е во болница, каде што прима терапија, таа собра сили да разговара со нас, со цел да ја пренесеме нејзината порака до сите добронамерници.

,,Кога заврши 2016 година, мислев дека ја затворив најтешката врата зад себе. Таа година го изгубив сопругот, имаше само 43 години, го покоси разорен инфаркт. Ми се сруши светот, имавме убав живот, среќен брак, љубов… Се обидов да продолжам понатаму, ја насочив целата моја љубов и енергија кон синчето Марио. Но, не било така. Најтешката врата не беше затворена… На почетокот на април, на денот на мојот роденден ја дознав дијагнозата – рак на желудникот. Неверување, шок… Но Марио, тој е тука, и јас немав време да мислам на ништо лошо. Цврсто сум убедена дека ова ќе остане зад нас, имам сили да се борам, тврдам дека ќе излезам како победник! Моето дете нема ниту полни шест години, јас морам да бидам тука за него, на есен да го испратам на училиште. Токму затоа апелирам до јавноста, до секој кој што може да ми помогне да го продолжам лекувањето, да даде свој скромен придонес на телефоните за донации’’ – раскажува Наташа.

Таа додава дека терапијата која што и е неопхдна и за која што лекарите во ,,Филип Втори’’ и појасниле дека веќе дала доста позитивни резултати кај други пациенти, е нешто во кое што верува дека ќе биде спас и за неа. Токму за лекувањето во ,,Филип Втори’’ и е потребна сумата од 12.000 евра, а веќе се отворени и телефоните за донации.

,,Јас сум жилава личност, ќе успеам! Морам да си го изведам детето на правиот пат, да бидам тука за него. Сакам тој да израсне во успешен човек, да биде дури подобар и поуспешен и од мене и неговиот татко! Тоа ми е животна цел. А за него секоја жртва се исплати. Овој период, додека сум во болница, блиските на Марио му кажуваат дека мама е на службено патување. Сето ова е тешко, знам, но имам сила и ќе одам само напред. Знам дека народот кај нас е доста хуман. Верувам дека ќе се соберат потребните средства, дека ќе добијам шанса’’ – вели мајката.

Сите оние кои што сакаат да донираат, тоа можат да го сторат на следниве телефонски броеви:

070 143 117

075 143 474

077 143 474

Наташа вели дека деновиве ќе биде отворена и жиро сметка за донации, за сите оние кои што сакаат да донираат надвор од земјава, и дополнително ќе биде објавена во ,,Фокус’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости