Членови на ДПА ќе гласаат за Арифи во Тетово, а ДУИ ќе го поддржи нивниот кандидат во Студеничани

by Фокус

ДУИ и ДПА не постигнале формален договор за меѓусебна поддршка во вториот круг на локалните избори, но, сепак, коалицијата меѓу нивните најголеми ривали и конкуренти, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, ќе резултира со соработка Меѓу партиите на Али Ахмети и Мендих Тачи во општините каде имаат потреба, велат за Фокус високи извори од ДУИ.

Според нив, двете партии имаат интерес за поддршка во Тетово и Студеничани, каде актуелните градоначалници и кандидати на ДУИ и на ДПА за уште еден градоначалнички мандат, Теута Арифи и Азем Садику, освоија повеќе гласови во првиот изборен круг, меѓутоа ќе се натпреваруваат во вториот изборен круг со кандидатите на БЕСА, Биљал Касами и Реџеп Мемеди.

-Членови на ДПА, кои во значителен број останаа во Тетово, ќе гласаат за Арифи поради тоа што Касами склучи пакт со Села, а ние ќе го поддржиме кандидатот на ДПА во Студеничани, бидејќи неговиот пртоивкандидат доаѓа од БЕСА – посочува висок функционер на ДУИ.

Инаку, Арифи во Тетово, поддржана од СДСМ, освои високи 13.265 гласа, додека на второ место заврши лидерот на БЕСА Касами со 8.767 гласови. Меѓутоа, кандидатот на Алијансата за Албанците, Атнан Незири, освои 4.874, на кои може да смета Касами по коалицијата што ја направи БЕСА и АА. Затоа, во Тетово од исклучително значење за определување на победникот ќе биде однесувањето на оние 4.568 гласачи што гласаа за кандидатот за градоначалник на ДПА, Бардуљ Даути.

Од друга страна, пак, ДПА единствено има шанси да добие градоначалник на Студеничани, каде нивниот кандидат Садику во првиот круг освои 2.875 гласа, а Мемеди од БЕСА освои 1.968 гласа. Но, со значителен фонд на гласови располага и ДУИ, чиј кандидат Феми Јонузи освои 1.812 гласови. Доколку ДУИ голем дел од овие гласови ги насочи кон Садику, тогаш Мемеди речиси да нема шанси, со оглед дека Алијансата не може да му пренесе многу гласови, од причина што нивниот кандидат Меџит Имери освои само 172 гласа.

Оттука, соработката меѓу ДУИ и ДПА се наметнува како реакција на сојузот на БЕСА и АА, меѓутоа и како интерес на двете партии – ДУИ да ја потврди победата во најважната општина за Албанците во земјава, а ДПА да освои барем една општина на овие локални избори и да не исчезне целосно од изборната мапа.

В.С.

Поврзани новости