Бугарија и Словенија немаат намера да бркаат руски дипломати

by fokus

Голем број земји не го следат чекорот на Британија да протерат руски дипломати поради случајот Скрипал, како што тоа вчера го направи Македонија на изненадување на јавноста. Иако за разлика од Македонија се членки на ЕУ, Бугарија и Словенија одлучија да не бркаат руски дипломати од својата земја.

Како што пренесува бугарската агенција “BGNES”, повикувајќи се на изјавата на Министерството за надворешни работи на земјата, Бугарија не ја променила својата одлука и нема намера да ги протера руските дипломати од земјата.

“До овој момент нема промена, Бугарија не донесе одлука за протерување на руски дипломати од земјата”, го наведува агенцијата соопштението од Министерството.

Словенечкиот премиер во технички мандат, Миро Церар, пак, изјавил дека официјална Љубљана нема да протерува руски дипломати, објавил порталот “Delo”.

“По завршувањето на самитот, словенечкиот премиер Миро Церар соопшти дека Словенија нема да протера ниеден руски дипломат, ниту ќе преземе други слични мерки”, пишува порталот.

Земји кои остануваат на ставот дека немаат намера да ги нарушат дипломатските односи со Русија се: Белгија, Австрија, Грција и Португалија.

Претходно 14 земји на ЕУ, како и САД, Канада и Украина, ,одлучиле да протераат руски дипломати во врска со инцидентот во Солисбери.

Поврзани новости