Бранислав Синадиновски – православен Албанец или обичен измамник?

by Фокус

Бранислав Синадиновски, поранешен амбасадор во време на СФРЈ, подоцна еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, а денес советник на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој деновиве стана доста актуелен со изјаснувањето како православен Албанец и барањето за формирање на албанска православна црква во Македонија, се огласи на жестоките кркитики и реакции кон неговото јавно пропагирање на оваа идеја.

„Моите баба и татко зборуваа албански дома. Татко ми секогаш ми велеше дека имаме албанско потекло. Јас во тоа време бев многу млад и не можев да ја доловам и почувствувам потребата за осознавањето на своите корени. По приложеното читам, гледам, но не можам да разберам зошто во голема мера овој факт ја разбурка јавноста“, напиша тој на неговиот фејсбук-профил.

Но, неговата родена сестра Лилјана Синадиновска – Андреевска преку телевизијата „Алсат-М“ реагираше против злоупотреба на на името на ова семејство од страна на Синадиновски за лични, политички и финансиски цели. Според неа, нејзиниот брат не е православен Албанец, туку обичен измамник.

– Тој се изјаснува како Албанец за да исполни и лични финансиски интереси. Тој се обидува да присвои многу семејни имоти преку судски тужби за членовите на неговото семејство, со помош и политичко влијание врз судиите кои одлучуваат за овие предмети – изјави Синадиновска-Андреевска.

Инаку, Синадиновски бил амбасадор за време на социјалистичка Југославија на Блискиот и Средниот исток, а по осамостојувањето се промовираше како еден од основачите на антикомунистички, па и првично антиалбански настроеното ВМРО-ДПМНЕ. Дури, подоцна објави книги за лидерот на организацијата ВМРО меѓу двете светски војни Тодор Александров, како и за првиот генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски. Сега, пак, тој и неговата сопруга промовираат книга за православните Албанци во Македонија, на кои присуствуваа челници на ДУИ.

Поврзани новости