Бошковски: Не ни треба конгрес за да го преземеме членството на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, го повика членството на ВМРО-ДПМНЕ масовно да му се придружат и дека вратите на неговата партија се ширум отворени за нив. Говорејќи на отворањето на штаб на партијата во Кисела Вода, Бошковски го нарекуваше Никола Груевски „човече со шегобијни настапи“.

-Овие денови иако тешко зборувам за едно човече, не го заслужува ни вашето ни моето ни вниманието на градоначалникот, во стилот на „Миле ми текна“, му текнало откако нема да биде лидер и откако поодмна нема контрола на ВМРО-ДПМНЕ дека сакал да биде банкар. Ме потсеќа на скечот на српскиот глумец Шојиќ кој му вели на Пантиќ „И ја Пантиќу сам хтео да будем капетан беле лаѓе, али пред тоа мора у ќорку“ – рече Бошковски.

Тој порача дека човечето Груевски, иако изгледа како хумуристична личност, од позиција на премиер, рече Бошковски, направил невидено зло од кое Македонија не може да се опорави и шест месеци по промена на власта.

-И деновиве прави шегобијни настапи возејќи се со пунто. Замислите до каде може да оди со тоа што се споредува со Тодор Александров. Ова е комично зашто доаѓа од такво човечуле кое пред истражниот затвор Шутка, кој наскоро ќе биде негов дом, со пунтото им раскажа на присутните како тој ќе се борел да ги извади луѓето кои на крвавиот 27 април учествуваа во рушењето на уставно правниот поредок – рече Бошковски.

Според него нивното притворање е негово масло, со цел да спречи отпор помеѓу своето членство при поставувањето на Христијан Мицкоски за негов наследник.

-Најблиските соработници не му отидоа на конгресот. Но на нас не ни требаат конгрес и свечености за да го преземеме членството на ВМРО-ДПМНЕ кое полека но сигурно преминува во редовите на Обединети за Македонија. Ние сме наследници на вмровската идеологија, тука сум за да им порачам на нашите браќа од ВМРО-ДПМНЕ – вратите на Обединетите за Македонија се ширум отворени, масовно ги повикувам да ни се приклучуваат, ние сме авангардата на ВМРО – порача Бошковски.

Тој посочи дека отворено ја поддржува Владата на Зоран Заев, кој, додаде, има сојузник во Обединетите за Македонија.

 

Поврзани новости