Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Баба ми Ратка почина на 1 мај 2007 година. Кога ја видов мртва, прв пат се соочив со сознание за отсуство на живот. Не со загубата, таа бездруго болеше, но таа жена беше толку полна со животна енергија иако на 86 години, што не можев да сфатам дека тоа веќе го нема.

Таа беше исклучителен човек. Икона. Role model за мене. Студиите по медицина ги напуштила за да се приклучи во НОБ. Вереник и бил Мирче Ацев, но не дочекале свадба, беше убиен. Ми ракажуваше дека толку многу задачи имала во бората што не успеала ни да го исплаче.

Не носела оружје, била дел од т.н. интелектуално крило кое креирало политики и стратегии за борба. Бидејќи немало модерни начини за комуникација, одела пеш, се криела по куќи за да пренесе порака или да присуствува на илегален партиски состанок. Така потоа го запознала дедо ми, криејќи се како илегалец кај неговото семејство.

ЧОВЕК ВО ВИСТИНСКА СМИСЛА НА ЗБОРОТ. 

Раскажуваше дека тоа било љубов на прв поглед и верувам, имаа брак исполнет со љубов до крајот на животот. Не собираше нас внуците и ни раскажуваше случки од борбата, како била тепана по бугарски затвори со гума на која пишувало “јас знам сичко и сичко казвам”, но беше горда што никогаш не кажала ништо. Дури била осудена и на смрт, па нејзиниот татко го однел кај бугарскиот окупатор целото семејно богатство за да и ја променат казната во доживотна робија. Излегла од затвор со ослободувањето.

Со невиден жар раскажуваше како се радувале на слободата по падот на фашизмот. Потоа следувало формирање на Републиката. Била на почетокот по ослободувањето јавен обивнител за Охридско – дебарскиот регион, но наспроти партиските директиви, одбивала да “осуди” некого затоа што, на пример, чувал библија на таванот.

Потоа, раскажуваше, “во поделбата на функциите, имаше некои заслужни за ослободувањето, но некои и кои немаа никаква улога во борбата. Напротив, дури беа доушници на непријателот”. Така, таа ја осознала темната страна на револуцијата. Ги разбрала политичките матни игри, но одбила да учествува во нив.

Работеше како учителка до пензионирањето. Се радуваше со семејството и внуците и мислам дека живееше среќен и исполнет живот. На 80 и кусур години пишуваше поезија и ги имаше прочитано сите книги од македонските автори. Во моите очи беше врвен интелектуалец, но, поважно од се, беше човек во вистинска смисла на зборот.

Често пати одевме кај сестра му на Мирче Ацев на Водно и како мала се фасцинирав од нејзината голема палата и чувар покрај неа. Баба ми си го помина животот во трособен стан во Кисела Вода, среќна со тоа што го има. Пред изборите во 98-мата година ми рече дека ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Иако како борец во НОБ, природно би ја порврзувале со СДСМ, таа не се врзуваше за партии туку нејзината борба беше за вредности. Слободата и правдината како врвни. Се противеше на партизацијата на државата, на тој неправеден и нечесен систем кој беше база на тоа што го усоврши Груевски денес.

Во нејзината доцна старост кога досиејата за следените луѓе станаа отворени за нив, можеше да направи увид во сопственото (се водеа и за нејзе и за дедо ми). Не сакаше и кога ја прашав зашто не сака да ја дознае вистината, ми рече: “чедо, можеби Вера (Ацева) која ја сакам како сестра била доушник и не знам дали ќе можам да живеам со тоа, не сакам да си ја трујам душата”. Тие зборови ми останаа врежани, колку таа жена беше чиста и не сакаше да си ја труе душата со омраза.

НЕ НАЗАД, ТУКУ НАПРЕД!

Зашто ви раскажувам за баба ми? Деновиве многу читам дилеми, скепси кај голем број луѓе кои се “крпат” дали да излезат на протести. Прашањата се од типот, “што потоа, да излезам за Заев ли да дојде на власт”? Баба ми се бореше и не стана функционер со вила на Водно. Но нејзината борба вредеше затоа што по логиката на скептиците, подобро ќе беше за да не дојде Колишевски, да си останеме под фашистичката чизма на Хитлер?!?

Борбата за вредности е таа што го унапредува човештвото и таа никогаш нема да запре. Затоа што таа борба постои од приказните за мали деца за победа на доброто над лошото и ќе трае колку што трае и цивилизацијата. Практично борбата за тие вредности, за слобода и за правда ги ообединија граѓаните на Македонија во шарената револуција. Ако Заев ги изневери, борбата продолжува тој да го добие заслуженото место и да одиме понатаму. Не назад, туку напред!!!

Во оваа измината деценија многу пати си ја поставува дилемата, дали вредеше што најпродуктивните години од мојот живот ми поминаа во борба со притисоци, цензури, бегање под налетот на агресијата на Груевски во неговото ставање под контрола на медиумите. Кога ќе ми се јави такво колебање, ја слушам баба ми од горе како ми вели “таа борба, чедо, е она што навистина вреди!

Некое време пред да умре, со татко ми разговарале за животот и ја прашал што го обележало нејзиниот. Мислел дека се тоа тој и неговите две сестри, но таа рекла “револуцијата, борбата за слобода”! Да беше жива, сега ќе беше во првите борбени редови на улиците со поддршка за борбата за слобода. Тоа им го порачувам и на оние кои уценети и по наредба мораат да создаваат “бројност” за да му дадат некаков аргумент на Груевски во преговорите.

Кренете глава и борете се за вредности, не за луѓе! Срцето ми е полно кога ги гледам младите на улиците како го бојат Скопје. Удрија по срцето на преродбата, “Скопје 2014” бидејќи препознаа дека тој е проект на раздорот, на грабежот, на насилието, на искривени вредности. Бојата врз овој проект го понижи до коска Груевски и тој е веќе минато без оглед на модалитетите на неговото “детронизирање”. Но, ова што е важно за тоа “што потоа” се младите и нивната борба за вредностите и треба сите да ги поддржиме. Борба за слобода и правда. Обој те ја Македонија, обој те го светот, тој е ваш!

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.