Благица, сопругата на Миркуловски откри: Дадов голема жртва за Филип, но не зажалив!

by Fokus

За некого можеби животот на сопругите на познатите спортисти изгледа како бајка, но вистината е дека во многу случаеви се потребни големи жртви и откажувања од соништата и амбициите, со цел да се сочува семејството заедно. Поради природата на професијата, односно поради честите преселби и професионални ангажмани во разни градови и земји, многу од сопругите на спортистите се откажале или пак го одложиле остварувањето на својата кариера за некои други времиња, посветувајќи се целосно на семејството и следејќи го сопругот во чекор, давајќи му ја целосната поддршка во неговиот пат кон успехот.

Една од тие жени, кои ја ставиле кариерата на сопругот пред својата, и како што вели, воопшто не зажалила поради тоа, е Благица Миркуловска, сопруга на нашиот репрезенативен ракометар Филип Миркуловски. Веќе шеснаесет години во љубов, со две ќеркички, тие живеат како што им налагаат условите за развој и напредок на карерата на Филип, кој моментално е дел од германскиот клуб Вецлар. Неколку години живеат во Германија, а Благица и постарата Јована и помалата Ања не пропуштаат натпревар на Филип, докажаниот централен бек со број 13.

-Со Филип сме заедно речиси од деца. Заедно завршивме средно училиште, заедно се запишавме на Правен факултет. Заедно завршивме и факултет, јас редовно, а Филип поради професионалните обврски вонредно. Додека студиравме, јас често запишував се во тетратка, па потоа тој учеше од таму, бидејќи немаше доволно време. Во нашите факултетски денови секогаш одев со него на полагање на испити, секогаш чекав пред врата, пријавував испити… Љубовта која ни започна на шеснаесет години ја крунисавме со брак во 2012 година, а Јована ни се роди наредната година. Потоа заминавме во Германија – се присетува Благица.

Вели дека периодот кога го започнале животот во Германија, го дочекале со неизвесност и страв. Во Скопје биле опкружени со блиски луѓе и пријатели, па не изостанале грижите околу тоа како ќе се снајдат во туѓа земја каде не познаваат никого.

– Во Германија бевме топло примени од сите, од луѓето во клубот, првин во Хановер, а еве сега и во Вецлар. Во времето додека живеевме во Скопје, јас веднаш по завршувањето на факултетот се вработив, и работев до моментот додека не се одлучивме дека ќе заминеме во Германија. Животот таму ми беше сосема поразличен од овој, во Германија. Јас одев на работа, Филип на тренинзи, кога се враќав дома тој заминуваше на тренинг, кој знаеше да трае и до осум – девет часот навечер, некако постојано немавме време за нас двајцата, бевме уморни… Затоа кога дојде време да се преселиме во Германија, на некој начин се плашев од тоа што не чека. Значи, по прв пат ќе имавме многу време да бидеме заедно, па не знаевме како ќе функционираме. Или ќе функционираме многу добро, или јас ќе се вратам назад – размислував. Но по сите поранешни обврски кои ги имавме, сега уживаме во секој момент кој го имаме заедно, уживаме со децата, во најубавиот период од животот сме. Си посветуваме доволно внимание и на нас двајцата и на децата – раскажува Благица.

И покрај се,таа додава дека вистината е како не е лесно да си девојка или сопруга на професионален спортист, бидејќи тој начин на живот бара многу ангажирање , посветеност и поддршка од секој аспект.

– Било да е за потпишување со нов клуб, повреди, изгубени утакмици, бидејќи кога ќе се изгуби утакмица нормално е играчите да бидат тажни, постојано нешто се случува. Во времето кога живеевме во Скопје, по секоја изгубена утакмица пријателите доаѓаа кај нас дома, се собиравме цело друштво, и покрај тоа што беше познато дека Филип тогаш не е расположен за многу разговор. Секогаш ја имавме таа нивна поддршка – вели Миркуловска.

Околу своите професионални амбиции, вели дека е свесна како си ги жртвувала амбициите, но сепак никогаш не зажалила поради тоа, бидејќи тоа бил нејзин избор. -Јас сум дипломиран правник, магистар по уставно право. Секогаш бев амбициозна, да работам во животот, но поради обврските кои ги имаше Филип беше невозможно да работам и да бидеме одвоени двајцата. Затоа решив максимално да се поветам на семејството и на Филип, и поради тоа морав да дадам отказ на работното место. Тоа е таа жртва која речиси секогаш жената на еден професионален сопртист ја дава, во поглед на тоа дека мора да се откажеш од сите свои амбиции за сметка на успехот на својот сопруг- искрена е Благица.

Сепак, иако и недостигала работата, се трудела да ужива во секој момент минат со семејството, а посебно се радувала на утакмиците кои ги следела од трибините заедно со двете ќерки.

-Кога и да се појавиме на натпревар, ние сме вистинска атракција! Тоа најверојатно се должи на Балканскиот менталитет,па по секоја утакмица Филип знае да каже – Па добро, како е можно само нашите деца да бидат толку неумни? Но сепак му годи нашата поддршка во секој случај. Уште во 2009 година на СП во Вараждин го бодрев заедно со наши пријатели, потоа во Ниш, лани во Мец, еве сега сме сите во Хрватска. Бидејќи сме заедно уште од деца, логично и нормално ми е да бидам присутна на сите утакмици. Сум пропуштила неколку натпревари кога бев бремена, кога Јована и Ања беа бебиња, но секогаш се трудам дури и со двете деца да бидам присутна на трибините. Малку е напорно со нив, посебно кога натпреварите се во временски период кога им се спие или јаде, тешко е, но давам се од себе тие две да бидат присутни на сите значајни настани во нашите животи, и гледам дека им е интересно – раскажа Миркуловска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости