Благица Калева: Семејната трагедија не ја скрши човечноста во мене!

by fokus

Фолк пејачката Благица Калева во недела, на трети декември, ќе зачекори по модната писта заедно со голем број на јавни личности, во знак на поддршка на децата со посебни потреби.

Пејачката која е синоним за истрајност и цврстина, откако пред 15 години во сообраќајна несреќа на пат за Скопје ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин, вели дека нема таква сила која што ќе ја намали нејзината човечност, хуманост и желба да помогне секому кому е потребна помош.

Таа ќе прошета на модната писта во кафе барот ,,Индустриал’’ во ТЦ Глобал во Струмица заедно со децата модели и голем број на јавни личности, а настанот е во организација на Здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром ,,Вера’’ под мотото ,,Убави сме, свои сме’’.

За ,,Фокус’’ раскажува дека не дозволила трагедијата која што и се случи да го убие нејзниот благороден дух и да и ја намали желбата да придонесува да живееме во едно хумано општество.

,,Се што ми се случи во животот, направи да се зајакне мојата хуманост. Дури откако човек ќе се најде во очи со некоја трагедија, тогаш ја сфаќа многу подобро целата тежина на трагедиите на сите луѓе. Тука сум секогаш кога треба за да пружам моја поддршка и помош на сите ранливи категории на граѓани. Пејам на хуманитарни концерти, помагам на свој начин, со песна. Пред две недели бев дел од хуманитарен настан за помош на наш сограѓанин кому му е потребно лекување, тука сум и сега, за децата со посебни потреби, да им пружам рака, да придонесам за прифаќање на различностите. Не знам, можеби има луѓе кои личните трагедии ги направиле да станат посурови, но јас решив да продолжам напред помагајќи им на другите, оставајќи убави спомени зад мене и зад мојот лик и дело’’ – раскажува Калева.

Таа живее во Струмица со ќерката Марија, за која вели дека и се во животот и и дала сила да продолжи понатаму, по трагедијата.

,,Горда сум на мојата Марија. Веќе е возрасна личност, свој човек, сопственик на едукативниот центар ,,Академика’’ и професор по англиски јазик. Среќна сум што ја израснав во одговорна и прекрасна млада жена, покрај се што ни се случи. Таа е мојот мотив да продолжам понатаму, да бидам корисна во ова општество, да продолжам со тоа што отсекогаш сум умеела да го правам – да продолжам со песната’’ – вели Благица. Додава дека музиката во голем дел и помогнала да се врати во колосек, и сеуште живее од неа, но и за неа.

,,Заедно со групата ,,Модус’’ настапуваме повеќе од 25 години. Гостувања во локални објекти, настапи на фестивали, турнеји во странство… Пеењето е дел од мене, нешто што најдобро го умеам во животот. Не би можела никогаш да работам нешто друго, да се пронајдам во некоја друга професија. За Нова година веќе неколку години сме редовни во хотел Цар Самуил во Банско, а потоа за Божиќ заминуваме на настапи во Швајцарија. Имаме доста ангажмани, драго ми што народот не бара, што моите песни се слушаат сите овие години,, – раскажува Калева, која на јавноста и е позната по хитовите ,,Кренете ги чашите’’ ,,За моите очи четири’’ ,,Песна на шумите’’ ,,Стани народе’’ ,,И на јаве и на сон’’ и други. Вели дека и било многу тешко, кога околу две години по трагедијата повторно запеала, но ниту во еден момент не помислила да се откаже од музиката.

,,На Фолк фест Валандово 2004 година ја испеав песната ,,За моите очи четири’’. Стиховите на песната кажуваат се. Се вратив на сцената, продолжив напред. Има претешки моменти во животот, но мора да научиме да се носиме секој со својот товар, и тоа не смее да биде причина да се повлечеме, да заборавиме дека сме луѓе, дека и некој друг си има своја мака, дека треба да помогнеме доколку сме во можност. Се радувам што во недела ќе бидам дел од хуманитарниот настан, ме прави среќна сознанието дека некому сум помогнала, сум го разубавила денот’’ – изјави Благица.

Покрај неа, на настанот ќе се појават и фолк пејачката Ленче Кукиќ, сопругата на премиерот, Зорица Заева, пратеникот Костадин Костадинов, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов и голем број на јавни личности и уметници. Влезниците се продаваат по цена од 50 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на Здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром ,,Вера’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости