Билјана – професорката што прва крена глас против екстерното: Колегите што до вчера молчеа од страв, денес охрабрено зборуваат !

by fokus

Билјана Теохарева – Филипова, професорка по информатика и програмски јазици во СОУ „Коста Сусино“, Радовиш, и магистар по информатика, која минатата година беше првиот работник во образованието што го крена гласот против екстерното тестирање на учениците, и повика на петиција за негово укинување, вели дека е радосна што нејзината мисија се преточува во стварност.

Откако од СДСМ најавија дека екстерното тестирање ќе замине во заборав, поради негативните резултати кои што ги предизвика кај учениците, но и кај родителите и наставниците, Билјана вели дека во училниците гледа насмеани лица, на кои што се чита олеснувањето.

„Не сум изненадена што иницијативата за укинување на екстерното тестирање е поддржана од сите наставници, родители и ученици. Тоа беше еден од најголемите стресови за сите, и тоа на крајот на учебната година! Ги гледам насмеаните лица на децата кои велат – готово е, екстерно нема да има, и се сеќавам на нивните бледи лица и очи полни со страв минатата учебна година’’ – раскажува професорката.

Таа се присетува дека кога јавно прозборе за негативностите од тестирањето, лани во ,,Фокус’’ и го опиша стравот и стресот низ кој минуваат децата, имала поддршка од своите колеги, но речиси сите се плашеле да излезат како неа во јавност и да го кажат својот став.

,,Многу порано го кренав гласот против екстерното тестирање, и тогаш кажав, сите наставници се против, но за жал голем број од нив молчеа зошто се плашеа да изустат и збор против тогашната власт, а денес гледам охрабрено зборуваат дека треба да се укине. Добро е што барем стравот го снемува. И тоа е напредок имајќи предвид дека години наназад заканите, стравот и уцените беа над моралот и одговорноста. Но, доволно ми е да го видам олеснувањето во очите на учениците и се полнам со позитивна енергија зошто знам, доаѓаат многу подобри времиња и подобар систем на образование’’ – изјави професорката.

Таа отворено прозборе за стравот на учениците, но и на  родителите и наставниците, кои и покрај големото разочарување од екстерното тестирање не реагираа јавно.

Вики Клинчарова 

Поврзани новости