Били Мацедониш стана татко по трет пат

by Fokus

Раперот Били Ѕвер, познат во јавноста и како Мацедониш, според насловот на неговиот албум, го доби своето трето дете – син.

Кавадарчанецот кој ја претставиваше Македонија на Евровизија во Осло во 2010 година, каде заедно со Ѓоко Танески ја отпеа песната ,,Јас ја имам силата’’ вели дека е пресреќен поради приновата.

-Првото е девојче, второто момче, еве сега со сопругата добивме уште едно момче. Прекрасно е чувството да си татко на три дечиња, многу сум среќен и им посакувам на сите кои имаат желба, да си дочекаат ваква среќа – ни изјави Били.

Тој додава дека е посветен на семејството и на работата, и како не планира повторно активно да се враќа на музиката.

-Живеам во родното Кавадарци, работам во ,,Скај ај ентертејмент’’ како мултимедијален аниматор. Во исто време се занимавам и со пчеларство, моето големо хоби, на кое од пред неколку години максимално се посветив – раскажува своевремено популарниот рапер.

Околу тоа како стана познат по името Мацедониш, се присетува дека се започнало во Осло, за време на Евровизијата. Имено, кога по првата проба се одржа прес на нашата делегација, тој се вклучи во разговорот и пред новинарските екипи изјави дека ќе зборува ,,Мацедониш’’.

Малкумина тогаш знаеа дека Били во една од своите песни ја користи истата фраза, па започна лавина од шеги и кометари на социјалните мрежи. Токму поради големата фама што се крена во јавноста поради неговата изјава, тој тогаш решил да го наслови и албумот ,,Мацедониш’’.

Минатата година за ,,Фокус’’ изјави дека не жали што го заменил аплаузот со зуењето на пчелите, и како го пронашол својот мир.

Вики Клинчарова

Поврзани новости