Прекршочна постапка за Алфа ТВ затоа што на ВМРО-ДПМНЕ му дала двојно повеќе време

by fokus

Во последниот извештај за мониторирање на телевизиите и нивното информирање согласно Изборниот законик за рамномерно претставување на партиските кандидати, Агенцијата за медиуми констатира прекршување единствено кај телевизијата Алфа.

Во период од 25ти септември до 4ти октомври Алфа ТВ не обезбедила избралансирано покривање на изборите во својата вкупна програма со тоа што одвоила забележливо повеќе време за Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Најмногу време е одвоено за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, или 2 часа и шест секунди (59,64%) што е повеќе од половина од вкупното време за сите други учесници во изборната кампања за кои известува. Споредбено со Коалицијата на СДСМ која има речиси еднаков број кандидати за градоначалници и советници и кампања со сличен интензитет, а за која се одвоени 1 час 13 минути и 21 секунда. Односно за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се одвоени 52 минути и 42 секунди повеќе“, стои во извештајот.

Регулаторот предлага против телевизија да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд во рок од 48 часа по утврдувањето на прекршувањето на одредбите од Изборниот законик.

За прв пат кај Јавниот радиодифузен сервис МРТ не се констатирани прекршувања на балансот во известувањето.

„Општ заклучок е дека информативните редакции на медиумите се трудеа да ја задржат логиката на конкретниот политички процес, односно да ги претставуваат пред сè изборните активности на кандидатите за градоначалници, а не примарно лидерите на одредени партии/коалиции. Но, ваквата комуникациска практика не зависи секогаш од волјата, свеста и од уредувачкото искуство на редакциите“, велат од Агенцијата.

Од таму констатирале дека ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира повиците на телевизиите за дебатни соочувања со нивните противкандидати. Од Агенцијата велат дека тоа е земено во предвид при пресметувањето за времето посветено на кандидатите во насока на балансирано известување.

Поврзани новости