Бакрачески со своја верзија за инцидентот со Коцев

by fokus

Општина Охрид со соопштение до јавноста изложува своја верзија на инцидентот што настанал меѓу охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески, и актерот Сашко Коцев по вчерашното затворање на фестивалот „Охридско лето“.

Според тврдењата од Општината, на свечениот коктел по претставата „Ничија земја“ и откако од коктелот си заминал претседателот на Собранието, Талат Џафери, до групата на Бакрачески се приближил Коцев и упатил навреди, како што велат од Општината, со национална омраза првично наменети за господинот Талат Џафери, а потоа и за градоначалникот.

„На оваа груба провокација и смислен обид за навреди од страна на лицето Сашко Коцев, Бакрачески само кратко го отпоздрави без да обрне внимание на неговите зборови за да не дојде до нарушување на убавата атмосфера на коктелот. Но очигледно незадоволен од степенот на реакции кои ги предизвикал кај присутните, продолжи со неговите брутални навреди и погрдни зборови искажани на висок тон и на другите маси меѓу присутните на коктелот. Во тој момент видна беше вознемиреноста и потресеноста од неговиот однос на присутните. После десетина минути лицето Сашко Коцев по вторпат дојде на масата каде стоеше градоначалникот и ја продолжи „претставата“ со навреди и за другите присутни влегувајќи во вербален конфликт и со директорката на Охридско лето и други присутни, а веднаш после тоа го започна „вториот сет“ на навреди кон Бакрачески и претседателот на собранието Талат Џафери кои на момент според физичките гестикулации наликуваа на закана и претење“, тврдат во официјално соопштение од Охрид.

Коцев потоа бил насила изнесен надвор, но продолжил, велат од Охрид, со канонадата навреди кон градоначалникот и додека тој се придвижувал кон своето службено возило. Од службеник во Општината, велат од таму, Коцев бил спречен и физички да го нападне Бакрачески. Од Општината демантираат дека поради градоначалникот доцнел почетокот на претставата.

 

Поврзани новости