Атанасоски – Различните идеи во ВМРО-ДПМНЕ се доживуваа како предавство

by fokus

Сиве овие години навистина беше тешко низ органите на партијата да се протурка различна идеја од таа на актуелното раководство, а да не биде сфатена како предавство или фракционизам во партијата, вели Влатко Атанасоски од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Атанасоски, кој 14 години е во партијата, а веќе долги години е и на државна функција, односно директор на Агенцијата за пошти, вели дека ВМРО-ДПМНЕ оди по патека неминовно да предизвика промени во внатре-партиската структура во периодот кога на Македонија јасно ѝ беше ставено на знаење дека нејзиниот влез во НАТО и евроинтеграцискиот процес ќе биде стопиран поради ветото на Грција во тој момент, на Самитот во Букурешт.

„Во тој момент во ВМРО-ДПМНЕ како партија се случи наплив на незадоволство коешто полека премина во скептицизам кон евроатлантските интеграции на државата и со текот на изминатите осум години, а за жал во последните години јасно стана дека внатре во партијата има луѓе коишто на картата на некаков лажен патриотизам и теориите за заговор на меѓународната заедница почнаа да создаваат внатрепартиска атмосфера на закочен проток на информации и се создаде услов на тешко пробивање на различните идеи од оние на актуелното раководство.

Сиве овие години навистина беше тешко низ органите на партијата да се протурка различна идеја од таа на актуелното раководство, а да не биде сфатена како предавство или фракционизам во партијата. Таа стара идеја дека на ВМРО-ДПМНЕ му се потребни промени сега кулминираше. Ние имаме за цел внатрепартиска демократизација и јасна дистинкција на процесите низ кои се избираат партиските функционери, но и луѓето коишто претендираат да бидат на државни функции.“, вели Атанасоски.

Според него, важно е да се тргне стигмата од ВМРО-ДПМНЕ дека за грешките коишто се случуваа во институции раководени од страна на кадри од ВМРО-ДПМНЕ или за создавањето на политичката криза, секој член на ВМРО-ДПМНЕ е подеднакво одговорен.

Тој вели дека иако добивал повици за поддршка од членството за иницијативата, од страна на актуелното раководство тие сме целосно изолирани.

„Таа е политиката на игнорирање со тоа што се сака да се прикаже дека ние демек не сме широка групација, сме малку луѓе, коишто, според нивното толкување, од различни причини сме побарале нешто што беше доживеано и беше тенденциозно насочувано да биде доживеано како предавство, меѓутоа од актуелното раководство, од кои со сите сум личен пријател, никој не ме контактирал или барал контакт, нити пак во јавноста имаше јасен став дали се прифаќа иницијативата за промени или не. Генерално, од тоа што јас успеав да го видам, беше обид за лична дискредитација на луѓето коишто настапија со барање за реформи во ВМРО-ДПМНЕ“, додава Атанасоски во интервјуто за РСЕ.

Поврзани новости