АРХИВА: Дали Груевски ќе одговара за дупката од 3 милиони евра што ВМРО ја направи на изборите во 2011 година?

by Fokus

Текстот е објавен во бројот 873, во неделникот „Фокус“

Неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ својата слава ја темели на два столба- дека се патриоти и дека се чесни. Првиот епитет што си го стокмија самите, е посебна тема, но вреднувањето на патриотскиот учинок е еден од најподатливите за манипулација на „рајата“. Е за чесноста, пак, важат поегзактни критериуми. Партијата на власт, од корупциски агол вообичаено се оценува според стилот на финансирањето. Ем на изборните кампањи, ем на секојдневното живеење кое сепак чини доста пари. И тука веќе, дури без конкуренција, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата партија според она што го потроши и троши откако Груевски застане на челната позиција. Тоа е партија која како од шега собира милиони и милиони евра. Со каква магија ги менаџираат финансиите од донации останува тајна, освен ако не се посомневате дека можеби позицијата на власт им ја олеснува оваа милионска комоција.

И додека тековното егзистирање е буквало вон каков било јавен отчет, изборните фешти им се „согласно уставот и законите“ со некакви извештаи, но, во нив редовно изостануваат бизнисмените и фирмите како дародавачи. Се оди на извиканата шема за граѓанството како донаторска категорија. Сепак, финансирањето константно е проблематична тема од бриселски ракурс. Веќе петта година по ред Европската комисија во своите извештаи ја нотира нетранспаретноста на партиите кога се парите во прашање, кои, нели, би требало да им легнуваат на сметките, а не на црно!

НИТУ ВО ШИШЕ, НИТУ СПОРЕД ЗАКОН

Токму овие денови ГРЕКО, тело при Советот на Европа за борба против корупцијата, ќе нѐ анализира уште еднаш на ова поле. Имаше шест препораки, усвоени на пленарниот состанок кој се одржа во март 2010 година во Стразбур, кои Република Македонија требаше да ги исполни по однос на транспарентност во финансирањето на политичките партии. А кога не оди нешто, вообичаено се виновни законите а не владеачката елита. Претрпе измени и Изборниот закон, според кој се одвива финансирањето на изборните кампањи, а пред неколку месеци корекции доживеа и законот за финансирање на политичките партии.

А дека власта и на терен „Остварува“, доказ е дека за сефте сторија и апс на едел лидер. Љубе Бошкоски веќе е осуден на 7 години заради нелегално финансирање од пријател ама во улога на полициски соработник -провокатор. За главната опозициска партија СДСМ антикорупцинерите навезоа кривична пријава заради подигнат кредит за изборна кампања. Само мистеријата за 3 милионска евро дупка во есапот на ВМРО-ДПМНЕ останува како закопана во дупка. Оти е вмровска. Наша, патриотска до балчак! Толку пари ниту во шише ги собира, ниту ќе можат да го покријат борчот а тоа да биде законски!

Интересен е одговорот што премиерот Никола Груевски го даде на пратеничкото прашање на Тито Петковски, во смисла- како ќе го покријат овој криминал. Премиерот повторно не откри од кој извор ќе го пополнат минусот, ама сепак барем не удостои со деталот  дека должат на правни лица.

ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на изборната кампања остана со еден долг кон одредени правни лица и тоа е се. Тоа е долг кој во иднина треба да се регулира. ВМРО-ДПМНЕ била во многу полоша ситуација некогаш … Во времето кога вашата партија СДСМ беше на власт, ние бевме во опозиција, имавме неколку години блокирана сметка, па се справувавме некако“, возврати Груевски, без да расчисти според кој закон во иднината ќе го регулираат долгот.

И сега, со оглед на тоа што ова се случуваше на февруарската сесија за пратенички прашања, настанува еден проблем околу долгот „ што во иднина треба да се регулира“! Како ќе го регулираат а тоа да биде согласно Уставот и законите? Та, за избори партиите отвораат посебна жиро сметка, која се затвора кога парите што им следуваат од буџетот ќе им легнат на сметката, изборна нели. Оваа буџетска операција е веќе обавена во декември минатата година. Значи, ВМРО-ДПМНЕ според Изборниот закон треба да ја има затворено оваа сметка. Е штом ја згаснале, тогаш како ќе се раздолжуваат? Во законот и децидно стои дека „сите трошоци за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборната кампања“. Со други зборови, трошоците што ги сториле Груевци, а за нив уште не платиле, ќе треба да се надоместуваат од друга сметка, а тоа е забрането дури и за преробеници!

МЕДИУМИТЕ ДАВААТ НА ВМРО-ДПМНЕ, ВЛАДАТА ИМ ВОЗВРАЌА

Како второ, треба да се разграничат изборната жиро сметка, која во случајот покрива една широка коалиција од политички партии, наспроти тековната жиро сметка на ВМРО-ДПМНЕ која треба да ги покрива секојдневните партиски потребштини. Трето, Груевски мудро одмолча од кои славини ќе им дотечат тие 3 милиони евра! Четврто, на кои правни лица им должат, колкави суми, за да видиме кои бизнисмени имаат толкава разбирачка за долговите на владеачката партија. Петто, кое пак антикорупционерите воопшто не ги дразни, постои ли корупциски жички меѓу владата и некои медиуми. Имено, факт е дека владата истура милиони евра во одредени медиуми кои ја воспеваат преродбата, а истите пак, потоа, се јавуваат како најголеми донатори во услуги на владејачката партија за време на изборите. Демек овие им пуштаат предизборни спотови беспари, а во вредност дури и од неколку милиони евра, а потоа владата им пушта неколку милиони евра од буџетот за да ги рекламира своите политики. Можеби затоа не даваат владините кампањи да се емитуваат во опозициски медиуми?

Но, еве, да се потсетиме на една пикантерија што ја откри Велија Рамковски пред да биде уапсен. На двојниот изборен циклус во 2009, ем локални ем претседателски, телевизијата на Рамковски беше евидентирана во отчетот со донација во услуги од 1,6 милиони евра. Во последното интервју за Фокус пак, тој откри дека од 2006 до 2009 година Владата ѝ платила 4,5 милиони евра на А1 телевизија за реклами. При тоа додаде дека 225 илјади евра биле од ВМРО-ДПМНЕ, а за се постојат документи.

„Од тие 4,5 милиони евра, милион и двесет евра се платени од владата како за рекламирање на владини проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете!“, раскажа Рамковски, а оние кои го сместија во затвор истражија се, освен ваквите обвинувања за сомнителни маркетингшки шеми.

Ете, меѓудругото зошто е важно да се знаат фирмите кои се јавуваат како донатори? Можете потоа да измерите колку имало тука нати го, дајми го! Од друга страна, според законот политичките партии не можат да се финансираат од фирми кои „кога го даваат прилогот за партијата, вршат јавна услуга за државен орган или јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. А формулацијата во законот „во момент кога го даваат прилогот“ остава впечаток дека фирмите можат да донираат пред или откако ќе склучат некаква зделка со државата. Фино стокмено, нема што!

Во секој случај, евидентно е дека од ВМРО-ДПМНЕ редовно се трудат да ги избегнат фирмите како нивни донатори. Во 2006 година ги наведоа само личните донации на нивни 89 членови. Пропуштија да кажат од каде им стигнале еден милион евра, па, да се посомневаме дека можеби им се од правни лица. На вонредните парламентарни избори во 2008 година кусо срочија дека обезбедиле 42 милиони денари од физички лица и, овој пат барем, наведоа општо дека 12 милиони денари им се од правни лица. Карактеристично за Груевци, не кажаа кои се тие добротвори од  бизнис заедницата! Такви изрази пак, немаше во нивниот отчет на двојниот изборен циклус следната, 2009 година. Уф, сепак за кампањата на Иванов беа наведени една земјоделска задруга и еден доеел, но со ситниш дури и за вмровските физички лица!

ДЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПЕТ ИЗБОРНИ ТРКИ

И доаѓаме до ланските избори, кога избегнувајќи ги правните лица демек, наредија дури 530 физички лица, кои сите донирале по 60.000 денари. Како што веќе истражуваше дневен „Фо­кус“, на листата на ваквите донатори имаше земјоделци, учителки, секретарки, редари. Ма што се илјада евра за работничката класа! Дел од нив и не се сеќаваа колку и дали воопшто дале пари за ВМРО-ДПМНЕ. А на ваков начин биле собрани околу половина милион евра! Да потсетиме, ко­а­лици­ја­та на ВМРО-ДПМНЕ при­ја­ви де­ка во кам­па­ња­та по­тро­ши­ла 4,4 ми­ли­о­ни евра. За 1,1 ми­ли­он се оправ­да пред ин­сти­ту­ци­и­те, ме­ѓу кои се и овие па­ри, со­бра­ни од фи­зич­ки ли­ца, до­де­ка оста­на­ти­те беа до­на­ции токму од медиумите, главно од те­ле­ви­зи­и­те. Добија пара и од Буџетот за освоените гласови, но, недоволно- остана да зјае го­ле­ма­та дуп­ка во финансиите од 3,3 ми­ли­о­ни евра.

Ако се соберат пријавените трошоци за избори од 2006 до ланските, излегува дека официјално Груевци потрошиле безмалку 10 милиони евра. На страна секојдневните давачки што ги има секоја, особено голема партија од калибарот на ВМРО-ДМНЕ. И оваа богата партија не даде јасен и транспарентен одговор- од кои извори, преку кои сметки, од кого и на кого се однесуваат тие 3 милиони евра. Да, и според кој закон ќе ја санираат дупката!

А кога беше само опозициски лидер, истиот овој Груевски како можна корупција во владата на СДСМ го третираше дури и реновирањето на седиштето на ДУИ во Скопје, што го беа процениле на околу четврт милион долари. „ДУИ е богата партија и нема објаснување или транспарентност за нивните финансиски трансакции“, резонираа тогаш оние кои сега како богата партија не даваат објаснување за случајот 3 милиони евра!

Ама, во пастирски стил речено, вистината е како шило. Ќе врти, ќе врти и еден ден ќе излезе на виделина. Примерот со поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој неодамна беше осуден за злоупотреба на општествени средства додека бил градоначалник на Париз, е поучен за споредба од два аспекти. Прво, му судеа за корупција од пред 15 години. Поточно му судеа затоа што користел буџетски пари за фиктивни вработувања во градската администрација, за лица кои работеле за партијата, а се исплаќале од градската каса. Второ, беше осуден условно на две години затвор. Наспроти кантарот на нашите судии кои измерија 7 години ефективен затвор за Бошкоски!

Оттаму, неограничената моќ што сега ја има ВМРО-ДПМНЕ, тоа што со свои подобни кадри ги има под контрола сите институции кои би можеле барем да го истражат случајот „3 милиони евра“, можеби ги залажува и вознесува дека ваквата илузија ќе трае вечно. За среќа, искуствата покажуваат, а историјата од антика до денес потврдува дека тркалото сепак се врти!

 

Автентично толкување
ЕЛЕКТРОНСКА (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ?!

Во законот за финансирање на политичките партии стоеше и должноста партиите јавно на својата веб страница и во најмалку еден од дневните весници да го објават регистрарот на донациите, се мисли на оние за секојдневниот партиски живот. Ваков регистар не успеваме да детектираме на веб страницата на ВМРО-ДПМНЕ, освен доколку го објавиле да стои еден час, па го симнале. Оти, итроманите од портокаловиот табор можеби автентично протолкувале дека нема стриктна забрана да ја симнат ваквата информација, ниту пак децидно стои дека треба да е таму за век и веков.

Арно ама, со измените на овој закон, сторени во октомври лани, беше елиминирана обврската за објавување на донациите во еден дневен весник, со образложение- да се избегнеле дополнителни трошоци на партиите. За сите други партии можеби е и трошок еден оглас во весник, но, за ВМРО-ДПМНЕ која растура со вакви пропагандни објави, ем троши по неколку милиони евра на избори, образложението е апла шегобијно!

Поврзани новости