Интервју со Арбен Таравари: Ни Груевски не се однесувал толку грубо кон Заев , колку што Заев сега се однесува кон Гостивар

by Фокус

Во интервју за најновиот број на неделникот Фокус, генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, говори за разочарувањето од Заев, за проектот „Вистината за ДУИ“, со кој сака да покаже дека и во таа партија има криминалци, за одговорноста што ја чувствува за некои кадровски смени во Министерството за здравство.

Тој тврди и дека со сите опструкции што ги има како градоначалник, Алијансата за Албанците во моментов во Гостивар води за неколку проценти пред ДУИ.

„На 20 декември им го испратив буџетот на сите советници, а се стави на дневен ред дури на 5 март, за првпат. Но, не се става на гласање иако тоа го барав неколкупати. Така што, ние сме единствената општина во историјата на Македонија, која оди на привремено финансирање, без да се дискутира за буџетот“, ги објаснува Таравари блокадите од СДСМ и ДУИ.

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Како градоначалник на Гостивар, го терате проектот вистината на ДУИ. Ве инспирираше Заев со „Вистината за Македонија“, па сметате дека во тој проект остана неразјаснета улогата на ДУИ во корупциските делови од владеењето со Груевски?

ТАРАВАРИ: Да, дефинитивно, мотивот беше тој. Значи, господинот Заев почна со бомбите, но притоа како да ги игнорираше аферите за ДУИ. И ние сега како Алијанса за Албанците сакаме да му покажеме на народот дека и ДУИ ја злоупотребила власта. И народот треба да знае дека не биле криминалци само Македонци, туку во криминалот биле вмешани и други етнички заедници, меѓу кои дел од албанските политичари, кои биле членови на ДУИ. Не значи дека сите членови на ДУИ се криминалци, меѓутоа некои од нив дефинитивно сите знаат дека ја злоупотребиле власта. На пример, баш жалам што Маѓар телеком не се разјасни до крај. Има и многу други афери.

ФОКУС: А што имате за Маѓар телеком? Али Ахмети и Муса Џафери го тужеа Слободан Богоевски затоа што сведочел дека дел од провизијата завршила кај нив. Имате нови сознанија?

ТАРАВАРИ: Јас знам дека во Њујорк имаше таков процес, а луѓето што поткупувале во Македонија веќе се казнети од тој суд во Њујорк. Не знам точно на кои и колку е дадено, меѓутоа сигурно има нешто. Не е сосема така чисто како што се прикажува во Македонија. И за да не дојдат повторно коруптивни луѓе во иднина во власта, треба да се разјаснат сите случаи и народот да знае какви политичари практично биле на чело на државата.

ДА СЕ СОБОРИ РЕЖИМ Е ГОЛЕМА РАБОТА

ФОКУС: Сметате дека ДУИ е заштитена цело време благодарение на бројот на пратениците бидејќи се неопходни и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Дали Заев свесно и намерно ги штити?

ТАРАВАРИ: Не знам дали свесно и намерно, меѓутоа знам дека ние влеговме во таа власт, заедно со ДУИ, затоа што за да падне еден режим, мораше да се направи оваа комбинација на бројки, немаше друга опција. Практично, ние се согласивме со дел од режимот да бидеме во новата власт, меѓутоа нашите услови беа и ДУИ да делегира луѓе што се чисти, што, за жал, не се случи. Ние имавме едно министерско место и три заменик-министри, ја сфативме многу сериозно реформската влада и затоа испративме 4 доктори на науки во таа влада, сѐ со цел да почнеме ново поглавје во Македонија, транспарентно работење, реформирање на ова општество, нов образовен систем, нов здравствен систем, нови правила во функционирањето на Министерството за труд и социјала. И кога видовме какви министри делегира ДУИ…

ФОКУС: Се разочаравте?

ТАРАВАРИ: Да, се разочаравме од кадровските решенија во владата што ги делегира ДУИ. И сега кога ги гледам новите назначени директори, оние триесетина, искрено се разочарувам бидејќи тоа повторно ме враќа на една перцепција на старо-нова власт. Половина од тој режим, со исти луѓе, за жал, уште функционира. Повторно ќе кажам дека и во ДУИ има добри луѓе што се маргинализирани и се надевам дека ќе се случат реформи и внатре во ДУИ. Тоа би било добро и за општеството и за политичкиот живот во Македонија.

ФОКУС: Каде и зошто пукна тиквата со вашето партиципирање во владата? Ве избркаа од коалицијата?

ТАРАВАРИ: Не нѐ избркаа од коалицијата, ние сами излеговме. Да не заборавиме, кога се создаде новото мнозинство на 27 април, единствениот лидер Албанец што беше во Собранието, беше само господинот Села. Ниеден лидер Албанец не беше таму. Села ја плати највисоката цена. За среќа, се спаси, со последици што ќе ги има цел живот, меѓутоа ние сме многу горди за тоа, без разлика што се случи, затоа што соборивме режим. Да се собори еден режим е голема работа. Без разлика како ќе оди понатаму, иако ние мислевме дека ќе оди многу подобро.

ФОКУС: Оди бавно или оди кон полошо?

ТАРАВАРИ: Секој ден што доаѓа, веќе речиси една година, полека почнуваме да се разочаруваме од тоа како функционира сега биномот СДСМ и ДУИ. Искрено да ви кажам многу ми наликува на функционирањето на ВМРО и ДУИ. Можеби бројките ги ставаат во таква позиција за да функционираат така, но се надевам дека совеста ќе проработи и барем ќе ја условат ДУИ да предложи достоинствени луѓе, луѓе на кои македонските граѓани ќе им поверуваат.

ФОКУС: Излеговте со едно јавно обраќање до премиерот Заев, употребивте пожесток вокабулар од типот диктаторски скандали, бевте револтиран во моментот или си стоите на квалификацијата?

ТАРАВАРИ: Апсолутно, стојам. Значи се случуваат работи, кои ние не ги очекувавме од новиот премиер. Ние го сфативме него како реформатор, а гледате пак се случуваат скандали, кои се случуваа и пред неколку години.

ДУИ МНОГУ ВЛИЈАЕ ВРЗ ЗАЕВ

ФОКУС: Но, по што цените дека се однесува како диктатор?

ТАРАВАРИ: Па, многу работи. Тој многу често се доведува во ситуација ДУИ да влијае врз него за да се однесува на таков начин. На пример, неговиот настап во Гостивар, кога велеше дека тој ќе биде премиер, Невзат Бејта ќе биде градоначалник, а Арбен Таравари ќе биде министер. Сепак, затоа постојат избори, за да одлучат граѓаните кој во која позиција ќе биде. И за господинот Заев народот одлучи тој да биде со 62 пратеника и да биде премиер и затоа е премиер. Јас сум денес градоначалник затоа што граѓаните на Гостивар одлучија така. Не може некој да одлучува во стилот на Мијалков и на Груевски како порано дека во Гостивар, на пример во 2013 година, по секоја цена мора да биде Невзат Бејта. Тогаш, за жал, албанската опозиција беше ослабена и Руфи Османи ги изгуби тие избори.

ФОКУС: Значи како што постапуваше владата на Ахмети и Груевски кон Гостивар кога е Руфи Османи градоначалник, сега ги применуваат истите шеми кон вас. Меѓутоа, СДСМ со ДУИ во владата.

ТАРАВАРИ: Дури и полошо. На пример, ингеренциите на господинот Руфи Османи, прво се обиделе од Образование да ги одземаат, а потоа се премислиле, а кај нас ги одзедоа. Иако во 2013 година, кога е дојден Невзат Бејта, околу 550 луѓе за еден месец се избркани од работа. Никакви чекори не се преземени, ниту од Министерството за образование, ниту од никого. Сега има најави дека и од Труд и социјала ќе ни одземаат ингеренции и од Министерството за транспорт.

ФОКУС: Тоа го доживувате како одмазда?

ТАРАВАРИ: Сѐ уште не можам да сфатам што згрешивме ние како Алијанса на Албанците за толку да ни се одмаздат, значи полошо отколку која било власт во последните 27 години кон која било партија.

Постојат само две урбани општини што се опозициски, Кавадарци и Гостивар. Премиерот бил градоначалник, ако не грешам три мандати, и јас како што знам ВМРО не се однесувало толку грубо кон Заев како градоначалник, освен при избори, колку што тој се однесува, особено кон Гостивар. Јас не знам дали се емоции бидејќи тој инсистирал по секоја цена сите албански општини да ги добијат ДУИ…

ФОКУС: Значи, вие имате информации од инсајдери дека ќе ви се одземат ингеренциите и во Транспорт и во Труд и социјала?

ТАРАВАРИ: Ништо не сме направиле незаконски во Транспорт, меѓутоа може да се случи и тоа. Има одредени објекти, кои почнале да се градат во време на Невзат Бејта, кој им гарантирал дека ќе има и следен мандат, и можат да почнат да градат. Истиот човек или луѓе од ДУИ отишле во Министерството за транспорт и врски и кажале дека Таравари соработува со некоја урбана мафија. Јас не ни ги знам луѓето, потоа нормално ние направивме записници за сите објекти. Практично се прави сѐ што може за овие 4 месеци, додека сум градоначалник, да се првпат опструкции и да се добие перцепција дека Таравари „ништо не работи и не знае да функционира“.

НЕ ГО СТАВААТ БУЏЕТОТ НА ГЛАСАЊЕ

ФОКУС: Какви ингеренции имате сега како градоначалник?

ТАРАВАРИ: Сега засега, освен за образование, и тоа за именување директори, сите ингеренции ги имаме, меѓутоа, знаете, буџетот на општината не се ставаше на дневен ред. Буџетот е испратен до сите советници и во тој буџет воопшто не сум се мешал како ќе биде спремен. Го подготви администрација на Општина Гостивар, луѓе кои 25 години професионално го спремаат буџетот. На 20 декември им испратив на сите советници за пред Нова година да се изгласа буџетот, нормално, со промени и дополнување.

ФОКУС: Прифативте забелешки од СДСМ или од ДУИ?

ТАРАВАРИ: Не дојде ни до средба, воопшто не го ставија буџетот на дневен ред. Замислете, буџетот се стави на дневен ред на 5 март, за првпат. До тогаш, ние сме единствената општина во историјата на Македонија, која оди на привремено финансирање, без да се дискутира за буџетот. А за првпат во Гостивар направивме јавна објава на предлог-буџетот, го презентиравме со невладини организации, со граѓани, а мнозинството, кое е од 16 советници, не го стави ни да се дискутира.

ФОКУС: Па, нели, на 5 март го ставиле на дневен ред?

ТАРАВАРИ: На 5 март имавме состанок за дискусија за предлог-буџетот и, замислете, по целата дискусија, буџетот не се стави да се гласа. Јас барав 5-6 пати, а кога и еден советник ќе побара да се изгласа предлог-буџетот, претседавачот на Советот е обврзан да го стави на гласање. Ако не се прифаќа, јас би го тргнал тој буџет и би направиле нов буџет, заедно со сите советнички групи. Потоа ги викнав на координација со идеја буџетот да не биде мој предлог, туку да биде предлог на сите советнички групи. Побарав во јуни да направиме ребаланс на буџетот, во кој за да ја избегнеме оваа кризна состојба, да седнеме сите советнички групи и да го составиме заедно.

ФОКУС: Веројатно, проблемот не е толку во буџетот, туку блокадата има друга цел. Колку луѓе од ДУИ сменивте вие?

ТАРАВАРИ: Има само две јавни претпријатија од Гостивар што се сменети, значи двајца директори. Ниеден човек од ДУИ што е вработен, ниеден не е сменет. Во училиштата се сменети директорите, тоа се 12 или 13. Ниеден човек што е вработен со решение, не е чепнат. Дури во администрацијата, каде што можев да ги намалам платите, сите примаат иста плата како што примале пред да дојдам како градоначалник.

ФОКУС: А сменивте ли кадри од ВМРО-ДПМНЕ?

ТАРАВАРИ: Јас ги наследив сите директори Македонци што беа во Гостивар од Невзат Бејта и ниеден од нив сега засега не е сменет, меѓутоа во следниот период ќе ги сменам. Инсистирав во почетокот со премиерот да направиме поширока коалиција во Гостивар бидејќи се работи за локални проблеми, за да именуваме директори што се компетентни, а не од партии. И во училиштата што се назначени директорите, првпат во Гостивар се случува, јас како градоначалник да одам по училиштата и од Советот на учителите да побарам по два-три предлози и потоа да дојдам во кабинетот и да назначам еден од нив.

ФОКУС: Ги избирате по тоа да бидат членови на Алијансата?

ТАРАВАРИ: Значи од 13-14 директори, јас ќе ви кажам дека 7 или 8 не ги познавам. Не се членови на Алијансата. Тие се предлози на Наставничкиот совет, наставници што имаат авторитет во училиштата каде што работат. Би рекол и дека двајца-тројца се членови на Алијансата за Албанците, меѓутоа не можеме да ги егзекутираме луѓето.

МОЖНИ СЕ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

ФОКУС: Колку донесовте во кабинетот, зашто секој има право да има тим на кој му верува…

ТАРАВАРИ: На почетокот дојдов со 6 до 7, сега имам околу 15 луѓе со договор на дело, сите не се луѓе на Алијансата, има луѓе што се интелектуалци, професионалци, но има и членови на Алијансата.

ФОКУС: Колкумина сменивте или добија отказ?

ТАРАВАРИ: Во училиштата постоеја 150 луѓе, кои беа со договор на дело, 120 од нив се оставени, 30 се сменети. Тие 30 што се сменети обично се луѓе без завршен факултет што предавале, или луѓе со завршен Економски факултет, а предавал информатика или историчар што предавал физичко или различни други професии, а предавале други предмети. И нормално, на нивните места конкурираат други и повторно велам и таму се повеќе членови на ДУИ од колку што се наши членови.

ФОКУС: Како оделе набавките? Ги прочешлавте?

ТАРАВАРИ: И кај набавките има одредени неправилности, но чекаме Државната ревизија да дојде од април или мај во Гостивар.

ФОКУС: Преземате ли поконкретни мерки, да иницирате, да речеме, кривични пријави?

ТАРАВАРИ: За некои од нив ќе иницираме и кривични пријави, меѓутоа ова се објавени материјали и во принцип би требало Јавното обвинителство или некој од Антикорупциска да дојдат да видат што се случувало. Досега само за еден случај, за земјиштето што е продадено ни бараа од Антикорупциска, им ги испративме сите материјали. Се надевам дека другото ќе го спакуваме убаво со нашите правници и ќе го однесеме таму каде што треба, за понатаму судот да си продолжи со процедурата како што треба.

ФОКУС: Неодамна изјавивте дека доколку добиете понуда да бидете дел од владата, дека ќе размислите.

ТАРАВАРИ: Не кажав така, така беше пренесено. Прашањето беше дали сте имале понуда од владата, јас реков не, а кога би имале понуда – реков дека постојат органи на партијата кои ќе одлучуваат. Начелно, многу мала е нашата заинтересираност да бидеме дел од ваква власт ако продолжи на ваков начин да функционира. Подобро да бидеме заштитени во овој период од ваков начин на работење и би чекале период понатаму, ако евентуално има предвремени избори, ние сме веќе прва опозициска албанска партија.

ФОКУС: Очекувате предвремени избори, постои таква шанса?

ТАРАВАРИ: Па, веќе се зборува на големо, и во СДСМ и во ВМРО, со наши пријатели, нормално, имаме и таму и таму. Напролет, ако влеземе во НАТО и во ЕУ интеграции, што ние го посакуваме, би се одело на избори. Ако не се случи тоа, јас не би сакал да се случи тоа, најверојатно избори ќе има наесен.

ФОКУС: Како ќе функционира општината со вакви блокади со кои сте соочени? Можни ли се предвремени избори за Гостивар?

ТАРАВАРИ: Јас не би сакал да одиме на предвремени избори бидејќи тоа е притисок врз населението, нон стоп да бидат во избори. Меѓутоа, ако не функционира, замислете да не се става да се гласа буџетот, кога има луѓе што излегуваат и јавно велат дека ќе го гласаат буџетот, тоа е нон сенс. И ако бидеме во ваква ситуација и идната недела, тогаш ќе инсистирам да одиме на предвремени избори, но би сакал да се согласат сите советнички групи за тоа.

НЕ ИМ УСПЕА РАСКОЛОТ ВО АЛИЈАНСАТА

ФОКУС: Зошто не го ставаат буџетот на дневен ред? Затоа што претпоставуваат дека може да имате мнозинство… иако ДУИ и СДСМ имаат 16 советници, наспроти 15 што ве поддржуваат.

ТАРАВАРИ: За време на седницата се јавија уште двајца опозициски советници кои кажаа дека вакво опструирање не е нормално и граѓаните им првпат притисок, затоа ќе го гласаат буџетот. Значи 6 пати го ставив на гласање, но не го ставаат на дневен ред…

ФОКУС: Сакате да ги фатите на кондиција? Блокадите имаат друга заднина, барем јас така мислам.

ТАРАВАРИ: Тие пред Советот не зборуваат, меѓутоа кажуваат дека имаат притисок, претседавач на Совет кажа дека тој не одлучува. Тоа јавно го кажа дека има притисок и не смее да го стави на гласање.

ФОКУС: Имате контакт со амбасадорите на европските држави? Како го коментираат тие овој однос на СДСМ и ДУИ?

ТАРАВАРИ: Повеќето, барем тие од меѓународниот фактор што ги комуницирав од побитните, сите се разочарани од ваквото однесување на СДСМ, за ДУИ горе-долу така функционирале секогаш и не им е многу чудно. И мене искрено многу ми е чудно што СДСМ се однесува со ДУИ слично како што се однесуваше ВМРО.

ФОКУС: Како го оценувате она што се случува во БЕСА? Има ли власта тука вмешано прсти во расцепот што им се случи?

ТАРАВАРИ: Дефинитивно, како и на каков начин не знам, меѓутоа дефинитивно има.

ФОКУС: На времето тоа исто се случи со ПДП, па ДПА…

ТАРАВАРИ: Па, со РДК на Весел Мемети, па сега на крај се случи со БЕСА. Имаше такви тенденции тоа да се случи и во Алијансата. Ние знаеме, беа директно вмешани еден пратеник и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, меѓутоа не им успеа. Се фатија за луѓе што немаат некаков углед во партијата, така што таа нивна мисија беше неуспешна.

ФОКУС: А, што добиваат со тоа? Тоа би било во полза на ДУИ?

ТАРАВАРИ: Не знам што добиваат, меѓутоа знам дека Алијансата само се проширува, практично.

ФОКУС: Кој е феноменот на Мендух Тачи? Мислам, со онакви резултати на сите избори, а, сепак, опстојува. Бидејќи Алијансата произлезе од расцепот во ДПА.

ТАРАВАРИ: Да, да. Ние бевме фракција во ДПА. Јас мислам дека ДПА е веќе завршена сторија, имаа 15.000 гласови на локалните избори на листата на советници во сите општини и мислам дека многу од тие 15.000 поминаа во Алијансата за Албанците. Верувам дека господинот Тачи на наредните избори нема да освои ниту едно пратеничко место. Евентуално, ако не се припои со неговата блиска група од ДУИ, бидејќи слушнавме на емисијата на ТВ 21, каде што Мухамед Зекири кажа дека Ахмети инсистира Тачи да влезе во Владата. Најверојатно ќе му се случи тоа што се случи со ПДП кога ѝ се припои на ДПА.

ВО СТРУГА ПОДДРЖАА ИСКОМПРОМИТИРАНА ЛИЧНОСТ

ФОКУС: Која беше формулата на онаа верност на Тачи кон Сашо Мијалков што ја слушавме во бомбите? Лежат бизнис-интереси или?

ТАРАВАРИ: Не знам точно, меѓутоа знам дека некаде од 2008 Албанците немаат опозиција. Знам дека и двете албански партии беа на некаков начин прикачени на тогашната режимска власт. Само изигруваа пред народот дека постои опозиција, а практично тие соработуваа со истиот центар и функционираа беспрекорно и затоа и немаше некои промени. Видовте сега кога се формираа нови албански партии, ДУИ доби страшен удар, како ниедна партија во Европа се преполови, од 153.000 на 86.000 гласови. Значи, од 19 пратеници на 10.

ФОКУС: Да, но до локалните избори успеаја да се кренат повторно, благодарение на коалицијата со СДСМ и лошите тактики и политики на БЕСА, бидејќи на локалните БЕСА е најголемиот губитник.

ТАРАВАРИ: Не се кренаа… Сигурно ја знаете оваа статистика, СДСМ има околу 25.000 гласови помалку на локалните избори отколку во декември 2016. ДУИ има само 2.000 гласови повеќе отколку во 2016, а ние имаме некаде околу 42 проценти пораст, од 36.000, сега сме на речиси 51.000. Така што, единствената партија кај Албанците што има пораст, а и кај Македонците и ВМРО и СДСМ имаа пад, беше Алијансата. И се надевам дека на следните парламентарни избори ќе бидеме многу блиску до ДУИ, а може и да ја победиме.

ФОКУС: Премногу оптимистички!?

ТАРАВАРИ: Еве уште еден податок. Во Изборната единица 6, од каде што излегуваат најголем број пратеници Албанци, тоа се вкупно 15, од вкупно седум албански општини, значи без Јегуновци и без Маврови анови, Алијансата има три градоначалници, Брвеница има независен кандидат, меѓутоа ние имаме најмногу на советничките листи. Значи, од вкупно седум општини во четири доминира Алијансата за Албанците, што во пропорција со ДУИ е четири наспрема два.

ФОКУС: Но, ја изгубивте Струга каде што градоначалник беше вашиот лидер. Што покажуваат вашите анализи, зошто ја изгубивте Струга? Еве, вие успеавте во Гостивар, ќе се согласите ли, сепак, дека кај Македонците една потврда реторика на Села, да речеме, одби да добие гласови, за разлика од вас кој како министер за здравство бевте популарен кај сите етникуми.

ТАРАВАРИ: Не, мислам дека причината е што процентот на Албанци и на Македонци е многу блиску во Струга, ако не грешам, тоа е 55 со 45, а во Гостивар е поголема таа разлика, притоа СДСМ со целата државна машинерија и во Струга и во Гостивар проработе за ДУИ. Иако се работеше, посебно во Струга, за искомпромитирана личност, кој бил во два мандати градоначалник, човек кој има приватен универзитет, чии дипломи не се прифатени дури ни во Албанија, Бугарија, ниту, пак, во Косово. А работеа против еден човек кој беше 61 глас на 27 април и на овој морален испит господинот Заев падна. За другите градови немам забелешки, но во Гостивар, Тетово и во Чаир, СДСМ да не извади кандидати, никогаш не се случило.

ФОКУС: Добро, ама ДУИ не излезе во Скопје и во други градови, значи, сепак, направиле добар дил СДСМ и ДУИ.

ТАРАВАРИ: А, ние бевме членови на таа влада и не знаевме за тој дил. А, кога си дел од владата, би било искрено да се кажат сите работи.

ФОКУС: Јас се согласувам дека барем за Струга СДСМ требаше поинаку да постапи, дека станува збор за лидер на партија…

ТАРАВАРИ: Тогаш разговарав неколкупати со премиерот, не барав поддршка за нас, барав само за Струга да има индиферентен став. Не би било искрено и фер тој да оди да бара гласови како премиер за Рамиз Мерко, меѓутоа, за жал, тоа се случи. Знам дека имало огромни притисоци од ДУИ и отиде и таму побара гласови.

НЕ СЕ СОГЛАСУВАВ СО РЕШЕНИЈАТА НА ПРЕМИЕРОТ

ФОКУС: Допира ли до гостиварци вистината за ДУИ, тоа што вие објавувате?

ТАРАВАРИ: Кога би имало утре избори во Гостивар, на анкетите сме многу напред пред ДУИ, сега повеќе од пет, шест проценти.

ФОКУС: Се покајавте што го напуштивте министерското место во Министерството за здравство?

ТАРАВАРИ: Не, во ниту еден момент. Мислам дека главната грешка е на господинот Заев, кој не успеа да ги седне Ахмети и Села. Ние како нова партија, доколку не се натпреварувавме јас и Зијадин, ќе ги изгубевме сите општини. И сега сме партија, која како ниту една албанска опозициска партија од 2002 година, имаме три градоначалнички места.

ФОКУС: На чело на Министерството за здравство сега дојде Венко Филипче. Сте имале ли контакт со него?

ТАРАВАРИ: Венко ми е пријател, го знам, значи тој е неврохирург, јас сум невролог. Откако е станат министер не сме имале контакти, меѓутоа му испратив порака дека му стојам на располагање, ако мисли дека можеме нешто да помогнеме, тука сме.

ФОКУС: Нешто од проектите што Вие ги замислувавте, ги продолжува или не?

ТАРАВАРИ: Гледам дека прави чистка, меѓутоа не по негово инсистирање, туку по инсистирање на ДУИ. Сѐ што вработив јас, 10-15 луѓе, сѐ е избркано, сѐ што ставив по комисии, сѐ е избркано…

ФОКУС: А, добро и Вие, на пример, сменивте директори, го тргнавте дури и Сашо Стојчевски, директорот на ГБ „8 септември“…

ТАРАВАРИ: Сашо Стојчевски беше еден од поуспешните директори…

ФОКУС: Тоа говорам и јас.

ТАРАВАРИ: Моето разочарување со премиерот и со начинот на функционирање на владата почна токму во периодот на назначување директори. Инсистирав да не брзаме, јас сменив само пет-шест директори. Сакав именувањето да биде што побавно, меѓутоа сигурни да бидат решенијата. Дури првите пет-шест што ги назначив како министер одев по клиниките и барав вработените да ми дадат предлози за избор на директори и потоа назначувавме некои од нив. Потоа се случи тој бран дека почнуваат избори и дека треба за една недела да ги именуваме сите директори и прифаќам тоа беше мојата најголема грешка како министер…

ФОКУС: Прифаќавте кадровски решенија за кои вие лично не се согласувавте?

ТАРАВАРИ: За седум-осум директори, меѓу кои беше и Сашо Стојчевски, не се согласував со решенијата на премиерот. Дури кога беше штрајкот на лекарите, Стојчевски ги поддржуваше. Беше еден од поуспешните директори во минатите десет години, и ако беше слепо црево болницата „8 Септември“, тој успеа да ја етаблира како добра болница во Македонија. Лично бев за него, меѓутоа на крајот мојот потпис стои зад неговото разрешување и не можам да побегнам од таа одговорност. Прифаќам дека беше моја голема грешка.

СДСМ ИМА ПОДАНИЧКИ ОДНОС КОН ДУИ

ФОКУС: Се влечат реформите во правосудството. Ќе ја биде ли Македонија како правна држава?

ТАРАВАРИ: Ако сакаме да функционираме како држава, прво нешто што треба да функционира е судството. Ако почне судството да функционира како што треба, сите други работи ќе се средат. Меѓутоа, за жал, и новиот јавен обвинител што се избра и одредени луѓе што се избираат повторно, а биле во режимската власт, а знаете како функционирале, разочарувачки е. Примерот со Алмир од Куманово, дете што беше згазено, тоа веќе покажува дека нема тенденции да се подобри. Не ни дава голема надеж дека ќе се среди нешто во судството.

ФОКУС: Како министер се прославивте со „Ало, Таравари“, за набргу, кога се кандидиравте за градоначалник, да ве коментираат со „Збогум Таравари“. Може ли, во тој стил, ако има предвремени собраниски избори да завршите со „Збогум“ за градоначалник?

ТАРАВАРИ: Ако има предвремени парламентарни избори не планирам да се кандидирам за пратеник. Имаме многу нови кадри, многу добри и стручни, луѓе што ќе излезат од Полошкиот регион. И треба како генерација на политичари полека, полека да подготвиме нова политичка елита, која ќе продолжи понатаму.

ФОКУС: Толку колку што ви се пратениците во Собрание, ќе поддржите ли одредени реформски закони?

ТАРАВАРИ: Сите. Тоа му е кажано и на господинот Заев, дека сите реформски проекти, сѐ што е за ЕУ и за НАТО интеграции. Ние ќе бидеме првите што ќе ги гласаме. Што се однесува на кадровски решенија со кои не се согласуваме, нема да ги поддржиме. Дури имаше понуда од мене и од господинот Села до премиерот, кога уште не бевме излезени, дека можеме да бидеме дел од власта само со едно директорско место…

ФОКУС: И тоа не бидна?

ТАРАВАРИ: Ни дадоа Министерство за реформи, тоа беше веќе понижувачки. Ние не го прифативме и достоинствено излеговме од Владата, како ниту една албанска партија досега.

ФОКУС: Дали сметате дека Заев е заложник на Ахмети и дека ќе ја плати цената како што Ахмети ја плати цената од соработката со Груевски?

ТАРАВАРИ: Дефинитивно!Јас мислам дека Заев веќе се троши. За жал, гледам во Гостивар дека има раскол меѓу неговите членови. Имам пријатели што се членови на СДСМ и разочарувањето е огромно. Меѓутоа, гледам и кај албанските гласачи што гласаа во декември 2016 за СДСМ дека веќе се покајаа поради поданичкиот однос кон ДУИ. Веќе и дел од критичарите на претходниот режим јавно искажуваат разочарување од премиерот Заев. Ќе биде добро и за него и за Македонија доколку овие гласови допрат до него.

ЏАФЕРИ ДОБРО ГО МЕНАЏИРА СОБРАНИЕТО

ФОКУС: За Талат Џафери имате ли забелешка?

ТАРАВАРИ: Не, досега успешно и релативно добро го менаџира собранието. Единствениот политичар од сите во власта што не ги прекрши препораките на Прибе беше Талат Џафери. Тој не се појави на ниту еден митинг на ДУИ за време на изборите, како еден од трите носители на највисоките функции во државата.

ОДРЕДЕНИ ЛОКАЦИИ СЕ ПРОДАВАЛЕ ЗА БАДИЈАЛА

ФОКУС: Што откривте во овие 4 месеци со проектот „Вистината за ДУИ? Кои се скандалите што се врзуваат за ДУИ во општината?

ТАРАВАРИ: На пример, постојат земјишта на убаво место во Гостивар, кои обично вредат по 200 или 300 евра квадратен метар, продадени се за три и пол евра, за 213 денари или за 300-400 денари и луѓето плаќале повеќе данок за местото отколку што го купиле.

ФОКУС: Тоа се градежни делови?

ТАРАВАРИ: Да, градежни делови, убави места во Гостивар, кои би можела општината да ги продаде многу добро.

ФОКУС: Продавале воопшто евтино или само одредени локации?

ТАРАВАРИ: Одредени локации на одредени свои луѓе, кои биле блиски, роднини или пријатели на кабинетот на бившиот градоначалник.

НАЛИКУВАМЕ НА ЦИРКУС ДРЖАВА

ФОКУС: Законот за јазиците, сепак, помина во собранието. Вашиот лидер Села изјавуваше дека ако се мажи, ДУИ треба да излезат од владата. Кој постапи машки – Талат Џафери или Груевски, што насилнички се обиде да го спречи усвојувањето на законот? ТАРАВАРИ: Овој закон само го драматизираа биномот ДУИ-СДСМ, не знам дали целта им беше дефокусирање на граѓаните од секојдневните случувања и проблеми во Република Македонија.

Актуелниот закон за употреба на албанскиот јазик е спремен во координација меѓу сите албански партии. Ние бевме дури и директни учесници во подготвувањето, затоа и истиот беше изгласан од сите пратеници Албанци, без исклучок!

Ова што се случи во собранието при изгласување на законот мислам дека беше режирано сценарио, се со цел да се добиат политички поени, секој на свој начин. Искрено, со вакви сценарија се повеќе наликуваме на циркус држава. Не знам зошто сето ова, кога зад овој закон стои и СДСМ и сите албански пратеници во собранието. А од утре сите ќе се фалат дека тие биле главни фактори во донесување на законот.

Зиадин Села е конзистентен во своите ставови, од моментот на подготвување на законот до изгласување на истиот во сите фази. И повторно мислиме дека ова не е идеален закон, меѓутоа е еден оптимум кој не е во спротивност со Уставот на РМ.

Поврзани новости