Артан Груби преговарал со терористите од „Диво Насеље“ да се предадат

by fokus

Пратеникот Артан Груби комуницирал со терористите од Диво Насеље, и тоа во моментот додека се пукаше на сите страни. Според доказите од ПИ-мерките, односно од прислушуваните телефони на терористите, се открива дека Груби и еден од обвинетите терористи неколку пати се слушнале по телефон и тоа во периодот од 19.42 и 20.49 часот на 9 мај 2015 година.

Оваа информација денеска во завршните зборови ја кажа обвинителот Наум Пановски, кој додаде дека Груби посредувал за предавање на групата. Освен со Груби, за мирно предавање со терористите, преговарале и претставници на ОБСЕ.

На денешното судско рочиште, во завршниот збор на обвинителот, беа презентирани и останати телефонски разговори кои биле обезбедени со ПИ-мерки. Од нив се слушна како дел од обвинетите го организирале илегалното влегување на терористите во земјата, како биле транспортирани, но и како го распоредувале и криеле оружјето. Од разговорите се слушна и како дел од тамошното население ги вдомило и криело терористите. Исто така терористите за цело време ги надгледувале и знаеле каде се стационирани полициските екипи, кои очигледно биле во регионот поради сознанијата дека нешто се спрема.

Од она што се слушна во судница, терористите биле прислушувани уште пред вооружениот напад, на 6 мај 2015 година.

Во овој судски процес на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација, во терористичките напади кои се случија во Куманово на 9-ти и 10-ти мај пред две години и во кои загинаа осуммина припадници на МВР, а околу четириесетмина беа повредени.

В.В.

Поврзани новости