Арифи, Дехари или Бесими од ДУИ против Касами од БЕСА во Тетово

by Фокус

Актуелната градоначалничка на Тетово Теута Арифи, потпретседателот на партискиот огранокот, универзитетски професор и бизнисмен Ибрахим Дехари, братот на ексминистерот Фатмир Бесими – докторот Флорим Бесими, се дел лицата што се нашле на анкетата што ја спроведува ДУИ за кандидат за градоначалник на Тетово.

Според информации на Фокус, на анкетата најдобро котирала Арифи, меѓутоа истовремено таа има и многу гласови „против“, главно како резултат на нерешените прашања со градскиот водовод и депонијата.

Воедно, против актуелната градоначалничка се изјаснува голем дел од македонското население, поради тоа што таа практично не реализираше ниту едно предизборно ветување од вториот круг од изминатите избори, кога ја бараше и ја доби нивната поддршка.

Иако ДУИ како партија води на локално ниво со 2.000-2.500 гласови пред БЕСА, добро упатени партиски извори велат дека гласовите „против“ можат да бидат клучни Арифи да го загуби Тетово во вториот изборен круг од БЕСА, која може да истрча и со партискиот лидер Биљаљ Касами.

И покрај тоа, Арифи силно инсистира да се обиде да освои уште еден четиригодишен градоначалнички мандат, а за тоа ја има поддршката од партискиот лидер Али Ахмети, додека партиските локални структури повеќе стојат зад Дехари.

Инаку, во партијата очекуваат да ја добијат поддршката од владините коалициски партнери СДСМ и Алијансата за Албанците, но свесни се дека не можат да сметаат на ВМРО-ДПМНЕ, која е трета локална сила после ДУИ и БЕСА, а пред СДСМ и ДПА.

В.С.

 

Поврзани новости