АРХИВА: Звонко Костовски ја признал вината за прислушувањето поради страв од ликвидација!?

by Fokus

Текстот е објавен на 7 април 2017 година, во неделникот „Фокус“, во бројот 1122

Пишува: Валентина ВУРМО

За во јавноста подобро да се продаде тезата дека зад нелегалното прислушување стои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со неколкумина соработници и странски служби, на тригодишна казна затвор беше осуден Звонко Костовски, вработен во УБК, кој наводно призна дека помагал во операцијата „Пуч“. Ваквото „признание“ му беше неопходно на обвинителството но и на „сваровски“ судот, бидејќи немаа ниту еден друг доказ кој ја поткрепуваше приказната на Груевски, дека зад прислушувањето стои опозицијата, жолтите комбиња, безимените странски служби итн.

Сепак, оваа теза набрзо падна во вода, или подобро кажано се удави, кога пред три месеци Специјалното јавно обвинителство го повлече обвинението за случајот „Пуч“, бидејќи според доказите на СЈО масовното прислушување го вршеле функционери од тогашната власт и вработени во УБК. Но, удавен со тезата остана и Костовски, за кого и натаму остана на сила затворската казна иако на тие на кои наводно им помагал да прислушуваат, не прислушувале!

За да биде појасно, ќе претпоставиме дека Костовски е осуден за помагање убиство. Односно надлежните утврдиле дека Костовски е виновен бидејќи му помогнал на Блажо да си ја убие сопругата, поради што добил тригодишна казна затвор. И тука доаѓаме до правната небулоза, бидејќи во моментот Блажо е на слобода, а обвинението против него е повлечено, зашто се појавиле докази дека друг го извршил убиството, поради што е покрената нова истрага, против друго лице. И покрај тоа што ситуацијата е сменета од корен, Костовски и понатаму има правосилна затворска казна за нешто што не го сторил, односно не му помогнал на Блажо да ја убие сопругата.

ШЕСТ МЕСЕЦИ СПОГОДБАТА СЕ ЧУВА ВО ФИОКА

Според спогодбата, но и веќе ништовното обвинение за „Пуч“, од 2010 година, па се до јануари 2015 година, вработениот во МВР Костовски, бил поттикнат од Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски неовластено да слуша и прислушува телефонски разговори на владини функционери, но и членови на опозицијата. Наводно, Звонко прислушувал, и тоа цели четири години, па снимките му ги давал на Лазаревски, кој, пак, ги предавал на Верушевски. Тој, пак, според обвинението прибавувал тајни податоци и документи со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација и лице кое им служи, а неговата сопруга ги преведувала на англиски јазик. Обвинетиот Заев, пак, ги искористил снимките за да го уцени и присили премиерот Груевски да формира техничка влада.

Костовски против овие, во најмала рака, смешни аргументи, не влезе во судница, туку реши да се спогоди со обвинителот и да ја признае вината. Токму правната неиздржаност на спогодбата, создаде сомнеж дека Костовски бил принуден да се спогоди. Поточно, како што дознава „Фокус“, тој од страв да не биде ликвидиран, решил да жртвува три години од својот живот, а од друга страна да добие мир кога ќе излезе.

Спогодбата им брцна во очи и на обвинителите од СЈО кои уште лани во септември поднесоа Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, во кое се бара да се укине спогодбата со што Костовски ќе се ослободи од вина, но од таму се уште не постапувале. Најпрвин барањето цел месец патуваше до судот, а откако судиите конечно го примија, веќе шест месеци не постапуваат, бидејќи не било комплетно.
Барањето за заштита на законитоста е доставено до судот без приложување на судскиот предмет од Основниот суд Скопје 1 Скопје и до денес се уште не е комплетирано, ни одговори Маја Димитровска Јовановска, портпарол во Врховниот суд.

Од СЈО не информираа дека тие ја барале спогодбата од Кривичниот суд, но како и многупати досега наишле на блокада. Од судот, пак, се правдаат дека спогодбата не е кај нив, туку во Советот на јавните обвинители.

На нашето дополнително прашање, точно на кој датум ја доставиле спогодбата до Советот, не добивме одговор.

Одговор зошто му е потребен овој документ побаравме од претседателот на Советот на јавните обвинители Петар Аневски. Тој појасни дека за да ја оценат законитоста на одлуката на СЈО да го повлече обвинението за „Пуч“ им била потребна и пресудата за спогодбата на Костовски. Спогодбата ја добиле, а се уште ги чекаат списите од „Пуч“.

Пресудата за спогодбата ја добивме пред околу еден месец од Основниот суд Скопје 1, а веќе два месеци го чекаме предметот „Пуч“, кој треба да ни го достави СЈО, бидејќи е кај нив. И напишав и писмо и ургенција на обвинителката Катица Јанева, но немам одговор, вели Аневски.

Кривичниот суд има алиби за изминатите месец дена, односно толкав временски период ја немале спогодбата во раце, па затоа останува нејасно зошто уште во септември не му ја доставиле на СЈО? Неофицијално дознаваме дека одреден период оваа пресуда била и во рацете на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, но не е познато од кои причини.

Ова значи дека овој документ стигнал секаде само не на местото каде што треба да биде, кај СЈО, бидејќи со преземањето на надлежноста врз случајот „Пуч“, требаше да ги добијат и овие материјали.

Бојкотот на судот врз работата на СЈО е очигледен, бидејќи кога станува збор за соработка со останатите обвинителства, таа се одвива беспрекорно. Тие ги добиваат сите барани материјали, па дури и оние за кои немаат надлежност. Поточно, во рацете на Зврлевски експресно стигна и решението за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој поднесе барање за заштита на законитоста, односно побара укинување на притворот. Скандалозно е како ова рашение заврши во рацете на Зврлевски кога надлежно за овој случај е СЈО, поради што и неодамна Јанева го повлече ова барање од пред Врховниот суд.

И СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ИЗРАЗИ СОМНЕЖ ЗА СПОГОДБАТА

Сомнеж за начинот до кој е дојдено до спогодбата на Костовски со обвинителството за признавање вина, неодамна изрази и Стејт департментот во извештајот за човековите права и слободи за минатата година, кој нотира дека случајот е мистериозен.

– Извештајот на експертската група на Европската комисија од јуни 2015 година покрена сомнежи дали била фер пресудата за Звонко Костовски, обвинет во т.н. случај „Пуч“. Костовски, контраразузнавач во МВР, призна дека е виновен за шпионажа и нелегално пресретнување на комуникации и беше осуден на три години затвор. Костовски тврдел дека тој ги снимил компромитирачките разговори со цел лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев да го уценува поранешниот премиер Никола Груевски да ја вклучи СДСМ во владата. Во извештајот, експертската група (на Прибе н.з.) изрази сомнеж дека било невозможно да се знае до кој степен фактите ја поткрепувале спогодбата и дали малата казна изречена од судијата била награда за учество во заташкување на вклученоста на други, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.

Таму е нотирано дека СЈО побара заштита на законитоста на постапката за спогодбата на Костовски, а констатирано е и дека до крајот на годината Врховниот суд нема донесено одлука.

Барање за заштита на законитоста може да поднесе само републичкиот јавен обвинител, во случајот Зврлевски, а по формирањето на СЈО, и Јанева и тоа против правосилни судски пресуди. Овие барања се поднесуваат во случај доколку е повреден Уставот, законот или меѓународен договор.

Врховниот суд, пак, доколку утврди дека барањето е основано, може да донесе неколку одлуки и тоа, да ја преиначи одлуката, да ја укине во целост или делумно и да го врати предметот на повторна одлука, или ќе се ограничи само на тоа да ја утврди повредата на законот. Вака е според законот, но во овој случај единствената можност за Врховниот суд е да ја укине во целост пресудата заснована на спогодбата, затоа што обвинението за предметот „Пуч“ е повлечено.

Зврлевски, уште пред Јанева имаше можност да поднесе Барање за заштита на законитоста за овој предмет, бидејќи таква иницијатива, уште пред повеќе од една година, до него достави правниот тим на СДСМ. Очекувано, Зврлевски не го поднесе барањето.

Во конкретниот случај се работи за криминална пресуда која што ќе остане во аналите на судската пракса како пример за погрешна и извитоперена примена на Законот за кривична постапка и кривичното право воопшто. Пресудата е спротивна на ЗКП и институтот спогодување на вина и истата претставува класичен пример како не треба да се постапува во пракса, стоеше во иницијативата поднесена до Зврлевски.

ГО ОСУДИЈА ЗА ПОМАГАЊЕ, БЕЗ ПРВО ДА ГО КАЗНАТ ИЗВРШИТЕЛОТ

Првата сопка обвинителството си ја постави тврдејќи дека Костовски сам ги внесувал броевите за прислушување во системот, што е невозможно бидејќи бил на таква работна позиција во МВР која не му овозможувала техничка можност да внесува телефонски броеви, без системот да алармира за тоа и тоа веднаш да биде откриено од надредените.

Понатаму следува другата правна замка. Костовски не може да биде огласен за виновен дека со умисла му помогнал на Верушевски да стори кривично дело „шпионажа“ кога не е утврдена кривична одговорност на непосредниот сторител на делото односно на Верушевски.

Оттука се поставува прашањето како воопшто било можно обвинителството и сега осудениот Костовски да склучат спогодба за признавање вина за умислено помагање во извршување на кривично дело, кога во тој момент се уште не беше утврдено дали постои извршување на кривичното дело „шпионажа“ од страна на било кој од другите осомничени во истиот предмет.

Согласно член 24 од КЗ тој што на друг со умисла ќе му помогне во извршувањето на кривичното дело ќе се казни како да го сторил самиот. Според цитираната одредба помагањето претставува умислено давање помош во извршување на кривичното дело, кое треба да резултира не само со одлука за извршување на делото, туку и со реализација на таквата одлука од страна на помагачот. Од ова произлегува дека мора да постои каузална врска помеѓу помагањето и извршувањето на кривичното дело. Притоа, самиот институт на помагање претставува постоење на довршено или кривично дело во обид, а дејствијата на помагачот сами по себе не се инкриминирани, затоа што не се содржани во законскиот опис на кривичното дело, туку неговото квалификување како казниво е условено од постоењето на кривичното дело што го извршил друг, појаснуваат правниците.

ОДГОВОРНОСТ НОСАТ И ОБВИНИТЕЛСТВОТО И СУДОТ

Во опишаните дејствија на Костовски не се опфатени ниту елементите на кривичното дело шпионажа. Поточно, обвинителот наместо да наведе за која странска држава или служба шпионирал Костовски, тој само ја навел формулацијата од законот, односно дека намерата била материјалите да се предадат на „странска држава, организација и лице кое им служи“. Без точното наведување на државата, организацијата или лицето, не може да постои кривично дело.

– Јавниот обвинител во никој случај не требало да прифати ваква спогодба, ниту истата да ја склучи, бидејќи спогодбата укажува на злоупотреба на службената положба и овластување како од страна на судијата на претходна постапка, а посебно од страна на јавниот обвинител, кој предложил и прифатил ваква спогодба, велат од правниот тим на СДСМ.

Спогодбата се врши меѓу обвинетиот и неговиот бранител од една страна и обвинителот од друга страна, и тоа во фаза по поднесување обвинение, но пред случајот да влезе во судница.

Како еден од условите за склучување на спогодбата е постоењето на доволно докази за вина на обвинетиот, поради што тој би се согласил да ја признае вината. Она што обвинителот може да му понуди на осомничениот за неговото признавање вина е изрекување поповолна казна.

Во оваа фаза судот сосема е исклучен. Неговите активности почнуваат откако спогодбата ќе биде склучена и доставена на разгледување. Судот одлучува дали спогодбата ќе ја прифати или отфрли, а има можност и да изрече друга казна. Во конкретниот случај судот немаше никаква забелешка, односно ја аминуваше спогодбата.

Додека сега се чека одлуката на Врховниот суд, СЈО води неколку истраги поврзани со нелегалното прислушување, но и уништување на опремата за прислушување, а осомничени се раководни лица во УБК. Па додека Кривичниот суд си игра криенка со СЈО и им ги минира истрагите, вистината веќе се наѕира.

Костовски, пак, ќе остане запаметен како една од многуте судски жртви, кои биле злоупотребени за монтирање на судско-политички случаи. Крајно време е некој да понесе одговорност за понудата што им ја дава на овие луѓе – или во затвор, или во ковчег!

ОСУДЕНИОТ КОСТОВСКИ ВЕЌЕ ЕДНА ГОДИНА Е НА СЛОБОДА

Додека Барањето за заштита на законитоста да дојде на дневен ред,
во моментов Костовски не е во затвор, бидејќи по амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов беше пуштен на слобода, а по нејзиното повлекување, не се врати назад.

Од Основниот суд Скопје 1 појаснуваат дека му бил доставен упатен акт, за да се јави на доиздржување на казната, но тој поднел молба за одложување во рок од три месеци, при што во жалбата навел дека тој е единственото лице кое се грижи за здравствената состојба на својот татко. Но, судијата неговата молба ја одбил како неоснована и наредил по правосилноста на решението, во рок од осум дена да се јави на дозидржување на казната, инаку во спротивно ќе била издадена наредба за негово приведување. Но, Костовски го обжалил и ова решение. Бидејќи неговата жалба била отфрлена, судија на претходна постапка издал наредба да биде спроведен во затвор за издржување на казната. До затворањето на овој број од неделникот Костовски се уште беше на слобода.

Поврзани новости