АРХИВА Зошто има толку многу лекари меѓу кандидатите за градоначалници?

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во 2013 година во бројот 923

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Избори се ближат. Се наближува денот „Д”. По само три месеци од црниот 24 декември, кога во Собранието се кршеа копјата меѓу владејачката партија и опозицијата при носењето на буџетот за 2013 година, ќе се кршат копјата за ,општински татко, односно, за градоначалничката фотелја во наредните четири години.

Граѓаните се ставени пред нов испит. Лојалните членови на партиите веќе знаат за кого ќе го дадат својот глас, но битката се бие за неопределените гласачи, кои можеби сѐ уште се во дилема дали да гласаат и за кого да гласаат? Впрочем, партиите во последен момент ги исфрлија своите адути за локалните избори.

Интересно е дека добар дел од кандидатите за градоначалници се облечени во бели мантили. Само што дел од нив ќе се тркаат под знамето на лавчето, а дел се со знакот на тупаницата симболизирана во роза. Речиси и да нема град во земјава, каде што нема барем еден кандидат за градоначалник, кој по професија е лекар.

„Фокус” се обиде да ги преброи поважните кандидати кои ќе учествуваат на локалните избори и кои на 24 март ќе се обидат, освен лекарската титула, да си залепат и градоначалничка. Ќе се потрудиме да одговориме на прашањата која е моќта на белиот мантил, за граѓаните на своето ливче да го заокружат неговото име и презиме? Дали лекарите со различни специјалности, кои им пружаат здравје на граѓаните, ќе им пружат и посветла иднина? Дали политичките партии играат на картата на здравјето на граѓаните, па во рингот го „фрлаат” најпознатиот лекар во градот?

„БЕЛИ” ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ ФОТЕЛЈИ

Изборната кампања е во полн ек. Секоја вечер политичките партии митингуваат низ градовите во земјава, ветуваат светла иднина, а главниот говор поминува во знакот на противникот, кој, нели, ништо не направил за своите граѓани. Првиот лекар што ја отвори кампањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во градот под Самуиловата тврдина е доктор Никола Бакрачевски, кој по професија е кардиолог и сигурно излекувал многу срца во Охрид. Тој моментално е директор на Кардиолошкиот завод во Охрид и на изборите ќе „ги вкрсти ракавиците” со актуелниот градоначалник на оваа општина Александар Петрески. На конвенцијата Бакрачевски, ниту го спомена градоначалникот, ниту ја спомена СДСМ. Тој преку поезија ги кажа проблемите во Охрид.

– Се слушаат пискотници од Галичник до Река, се слушаат пискотници од Даљан до Велгошти, од Косел до Љубаништа, од Билјанини извори до Лакочереј. Што тешка несреќа ги збрала и мажите и жените? – праша доктор Бакрачески.

Лидерот Никола Груевски при промоцијата на кардиологот рече дека тој е скромен и успешен човек посветен на својата професија да им помага на луѓето, па со истата таа посветеност ќе го води и Охрид. Бакрачевски дури нагласи дека ако стане градоначалник, ќе одвои еден ден во неделата да им се посвети на своите пациенти, настрана од градоначалничките обврски. Ова доволно кажува зошто лекарите се главниот адут за победа на локалните избори на сите политички партии.

За освојување на локалниот „престол” во Куманово копјата ќе ги вкрстат двајцата лекари-специјалисти, доктор Зоран Дамјановски – Циц, од сино- жолтите, кој по професија е гинеколог и по вторпат ќе ја бара довербата на кумановци, и хирургот Зоран Ѓорѓиевски, кој доаѓа од редовите на владејачката партија. Опозицијата типува на актуелниот градоначалник како на еден од сигурните победници. Од друга страна, неговиот противкандидат Ѓорѓиевски за кој „Фокус” пишуваше дека пред неколку месеци беше во првите борбени редови на штрајкот на лекарите против проектот плаќање по успешност, по кандидатурата за градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ му ја затвори устата. Но, фактот дека во Куманово во трката за градоначалник учествува и, сега веќе бившиот сдсмовец Виктор Цветковски, ја подгрева надежта на ВМРО-ДПМНЕ за опцијата – „двајца се караат, третиот користи”.

Во последен момент, својата кандидатура за општински татко на една од најпосакуваните скопски општини ја поднесе и Андреј Петров, кој по професија е кожен лекар и ја извршува функцијата генерален секретар на СДСМ. Тој во Карпош ќе им се спротистави на досегашниот градоначалник, а тазе исклучениот од СДСМ Стевче Јакимовски, кој се кандидираше под логото на Српската напредна странка и Јагнула Куновска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На сигурна победа во малото гратче Крива Паланка оди гинекологот Горан Младеновски од опозицискиот СДСМ, кој меѓу своите сограѓани важи за скромен и повлечен човек, кој посветено си ја врши работата. За помалите градови каде што луѓето се познаваат едни меѓу други, успешната кариера и лекарската професија се доволни причина во Сојузот за иднината да го сметаат за фаворит.

Уште еден лекар, кој ќе ја бие битката за општински татко на Битола е стоматологот Менде Диневски, кој на 24 март ќе му се спротистави на својот конкурент од владејачката партија Владимир Талевски. Диневски е актуелен пратеник во македонското Собрание и претседател на Комисијата за здравство. Тој веќе неколку години остро ги критикува здравствените реформи на ВМРО-ДПМНЕ и влегува во остра полемика со првиот човек на Министерството за здравство Никола Тодоров, кој, пак, сега е шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Од сино-жолтите за градоначалничките фотелји ќе трчаат уште двајца лекари. Доктор Јордан Проевски, кандидат за градоначалник на Ресен, кој беше промовиран за време на работното лето на СДСМ и стоматологот Кире Алексов, кој во последен момент по одлуката за прекин на бојкотот на локалните избори, беше избран за кандидат за прв човек на Свети Николе.

Освен во македонските партии и во албанските, приматот на овие локални избори им падна на белите мантили. Од редовите на „интегративците” битката за Струга ќе ја бие доктор Арбен Лабуништа, кој по професија е пулмолог, а негов противкандидат од опозициската ДПА е лекарот Селајдин Зела.

Ова се само дел од белите мантили, кои во наредните четири години се во план лекарското столче да го заменат со градоначалничкото и во своето „ЦВ” покрај Хипократовата заклетва, да го удрат мурот и на политичката заклетва.

ПОЛИТИЧКАТА ЗАКЛЕТВА КАКО ЗАМЕНА ЗА ХИПОКРАТОВАТА!

 Кој ќе добие, а кој ќе загуби, ако во градоначалничката фотелја седне лекар? По промоцијата на кандидатите и по најголемата застапеност на белите мантили на политичката сцена, овие прашања во последниот период се најмногу актуелни меѓу граѓаните, кои имаат различни ставови на оваа тема. Некои сметаат дека лекарите треба да се посветат на својата првична професија и на лекувањето на пациентите, додека други се на мислење дека добар лекар може да биде и добар политичар.

„Фокус” за оваа тема постави прашање до неколку експерти: Зошто лекарите се посакувани кандидати за градоначалници на скоро сите политички партии?

Комуникологот Петар Арсовски вели дека стекнатиот углед на лекарот во својата средина му овозможува поголеми шанси за победа на претстојните локални избори.

– Кога станува збор за лекарите, тие имаат вграден углед во својот град и можат да очекуваат победа на изборите. Тоа особено се однесува за помалите градови. Второ, докторот е локална позната личност, кој стекнал популарност меѓу населението, има многу пациенти кои се задоволни од него и кои веднаш би го дале својот глас за него. Трето, сите лекари се со високо образование и на тој начин го подобруваат своето „ЦВ”. И четврто, тие имаат голема мрежа на контакти и би можеле да бидат добри менаџери – вели Арсовски.

Тој додава дека во целата приказна најмногу губат пациентите, бидејќи тие во наредните четири години можат да останата без својот лекар, кој ќе биде посветен на градење политичка кариера.

Владимир Божиновски, политиколог од Институтот за демократија, објаснува дека партиите најчесто ги избираат за кандидати за градоначалници, оние кои се популарни и ценети меѓу народот.

– Лекарите се ставени најчесто на листите за градоначалници, затоа што тоа е ценета и почитувана професија и на тој начин можат да добијат многу гласови, особено во помалите градови. Може да се каже дека на сите локални избори од 90-тите години наваму, оваа професија доминира. Многу полесно е да промовираш некој кој е познат, отколку некој кој е анонимен – вели Божиновски.

За разлика од нив, дел од експертите тврдат дека партиите прават страшна грешка што ставаат лекари за кандидати за градоначалници, затоа што во овој период кога во земјава има недостиг на кадри не е пожелно белите мантили да вмешаат прсти во политиката.

Можеби хипократовата заклетва, почитуваната професија и борбата за животот на пациентите ќе им ја донесе победата на лекарите на локалните избори, но, во време кога болниците работат со по еден или двајца специјалисти или немаат воопшто специјалисти, лоша е политичката игра во која главната улога ја имаат докторите. Граѓаните во моментот ќе ја дадат поддршката на својот лекар, но загубата ќе ја почувствуваат откако тој ќе седне на градоначалничкото столче!

Рамка:

ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ВО БИТКА ЗА СТРУГА

Битката за градоначалник на Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти неговите двајца противници лекари, Арбен Лабуништа од ДУИ и Селајдин Зела од ДПА, ќе ја бие хирургот Владо Кочоски. Постои можност тој да ја добие поддршката на најголемата опозициска партија, ако вмровците се согласат да ја поддржат советничката листа на СДСМ.

– Ние сме подготвени на тоа, ќе видиме како ќе одговорат од другата страна. Што се однесува до другите општини Долнени и Брвеница во овој момент се уште не сме отвориле никакви разговори – истакна шефот на Изборниот штаб на СДСМ, Игор Ивановски.

 

Поврзани новости