АРХИВА Забрането за малолетници и за луѓе со слабо срце: Во Клиниката на Величествениот починале 10 бебиња за еден единствен месец

by Fokus

Текстот е објавен на трети февруари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 866

Пишувала Ирена Мулачка

Клиниката за која ќе стане збор во овој текст, всушност, е фикција. Ја нарекуваат клиниката на Величествениот, според името на кое се одѕива нејзиниот шеф. Ние веруваме дека таква болница, во која се случуваат толку страшни работи, едноставно, не може да постои, особено не во нашето реформирано и напредно здравство. Да ни рече некој дека ваква установа постои во некој од оние азиски и африкански бантустани, ајде, човек да поверува. Вака, останува уште еднаш да нагласиме дека станува збор за измислена клиника, за измислени приказни и за непостоечка земја.

Легендата вели дека во таа болница десет бебиња починале само за еден месец. Таму, скоро секое утро, денот почнува со извештај за нова жртва, а отстрелот на невините души на клиниката руши рекорди. Наместо да се радуваат на светлото на денот и на првите мигови од животот, новороденчињата од таму излегуваат во ковчежиња, а нивните семејства, наместо да ги пречекаат гостите со мекици, деновите ги поминуваат на гробишта. На вообичаениот утрински состанок со поданиците во бели мантили, султанот, Величествениот, во салата за состаноци влегува со прашањето: „Дали синоќа имавте средба со небото?“. Тоа, во превод, значело дали некое од новороденчињата претходната ноќ починало.

Атмосферата во таа клиника е нехумана и морбидна. По стапките на Величествениот, од кој, нормално, мора да учат сите негови слуги и робинки, во оваа клиника многу лекари заборавиле на основната Хипократова заклетва. Тажни приказни, судски процеси, изгубени животи, веќе неколку години по ред се провлекуваат како опашка зад оваа болница, која секоја наредна година, го добива медалот на уште „поуспешна“ од претходната. А новата 2012 година, како што вели легендата за оваа болница, за која и вие мора да верувате дека не постои, почнала наводно со смрт на десет новороденчиња!

ЛЕКАРКА ПОВРАЌАЛА ПРЕД ПАЦИЕНТКА СО ОТВОРЕН СТОМАК!

Само шест дена по новогодишните празници, кои во таа земја бантустан се прославија величествено, прва жртва била 23-годишна трудница, на која ѝ била утврдена дијагноза вонматерична бременост и на која под итно морало да ѝ биде извршена операција – и тоа баш во „славната“ клиника на Величествениот. Но, по сѐ изгледа, новогодишната и божиќната еуфорија сѐ уште ги држела лекарите, па во друштво на алкохол и во видно лоша состојба, една лекарка ја почнала операцијата. А со тоа и голготата на младата мајка, баш на најубавиот верски празник, на Бадник, на полноќ.

Лекарката со десетгодишно работно искуство, која вечерта ја „чувала“ клиниката, во алкохолизирана состојба (некои велат, ќутук пијана) го почнала својот експеримент врз пациентката, па наместо да го извади јајникот што бил оштетен од бременоста, на чудење на сите присутни поданици во бели мантили, таа ѝ го извадила здравиот јајник на младата пациентка. Но, тоа не е сѐ. Алкохолот почнал да врие во крвта на лекарката и таа, за време на операцијата, побарала кофа и повраќала во неа, додека пациентката лежела на масата за операции, со отворен стомак!

Во новиот дел од клиниката на Величествениот, новата година почна со еден друг, уште подраматичен случај. Како итен случај, на клиниката била донесена 26-годишна пациентка, во деветтиот месец од бременоста, со тешко крвавење. По извесно време, ѝ бил направен царски рез, а за време на операцијата, друга лекарката ѝ повредила голем крвен сад, при што дошло до обилно крвавење и критична состојба. На пациентката ѝ биле дадени многу трансфузии, а за трагедијата да биде поголема, бидејќи не можеле да го запрат крвавењето – ѝ ја извадиле матката! Такво нешто ретко се случува во 21 век. Таа жена никогаш веќе нема да може да роди. Патем речено, бебето сѐ уште е во критична состојба.

Во новиот дел од болницата, во новите „апартмани“, наменети за радост на младите и на идните мајки, се преселија старите скандали. Од таму многу пациентки излегуваат со болка во срцата и со кошмари, кои ќе ги следат цел живот. Така, една пациентка, во 35-тата недела од бременоста, изгубила едно од близначињата, поради кила. Тоа ретко се случува во болниците во 21 век. Лоша судбина имала и една друга пациентка со близначињата, од кои едното починало поради пукнати бели дробови. Непотребно го „пумпале“ со кислород. Мекиците ѝ загореле и на една пациентка со сличен случај – таа го изгубила своето бебе тешко 3.900 грама, поради прекумерна вентилација на белите дробови и пукање.

И тука не завршуваат легендите за болницата на Величествениот, односно сториите „произведени“ за помалку од еден месец. Една пациентка ја изгубила можноста да биде мајка, откако ѝ била извадена матката, поради нестручност и неажурност на лекарите. Дваесет и седумгодишната жена од едно село на југозапад на земјата, на „славната“ клиника била примена на 4 јануари, како итен случај, а операција ѝ била направена дури шест дена подоцна, на 10 јануари, откако дополнително ѝ се влошила состојбата. Ако навреме била извршена интервенцијата, оваа млада жена ќе имала можност да раѓа, а не на 27 години да остане без пород.

Крвавиот пир, на крајот на месецот, ќе заврши со уште една интрахоспитална инфекција, од многуте досега поминати и скриени од јавноста. Бебе на 29-годишна пациентка се заразило со клепсиела и сега неговиот живот виси на конец. Лани, во таа клиника, која постојано добива некакви награди, за партиски заслуги веројатно, поради интрахоспиталните инфекции, починаа многу бебиња.

ЧУВАРИТЕ НА СУЛТАНОТ ДЕЛАТ ПРАВДА СО ТУПАНИЦИ

Како што веќе рековме, шеф на оваа клиника, демек султан, е ликот кој се одѕива на името Величествениот. Велат дека човекот е опседнат со истоимената турска серија и дека ужива така да го нарекуваат. Ние, се разбира, не веруваме во тоа, бидејќи таков човек и таква клиника, нагласивме нели, можат да постојат само во кошмарните приказни, но не и во реалноста.

А сепак, некои злобници раскажуваат дека Величествениот е опкружен со везири, поданици, робинки и со слуги, за да му се најдат во секое време. Сите во бели мантили, се разбира. Сега има со што да се пофали. Има нова болничка зграда, во која си ги пресели и гадинките од старата, за да не им недостасува. Хуман некој султан…

Во времето на отоманската империја, кога големите султани владееле со харемите, нивните поданици им се поклонувале, ги удостојувале и на секаков можен начин се труделе да им угодат и да ги задоволат. И ете, по толку векови, ништо не е поразлично во клиниката на Величествениот. Таа за него е харем, во кој сите се подредени на улогите што ги добиваат, без право на глас, а по нешто можат да кажат само во периодот кога ќе ги напуштат своите работни места. Кога тој поминува по болничките ходници, неговите поданици мора мирно да го пречекаат, да му се поклонат, а откако турската хит-треска ја зафати и неговата земја бантустан, тој бара (сериозно) од неговите слуги да го викаат со тоа име, Величествениот.

Кој не сака да се сообрази со својата улога, да се клања и да молчи, или кој не одговара по партиска линија, тешко нему. Таквите се под секојдневни закани дека ќе добијат отказни решенија. На другите клиники баш и нема вишок работни места (се пополнија во последниве години), а тие луѓе и по природа се плашливи – и порано им служеа на шефовите, само што никогаш немале ваков, асли султан!

А кога велат „асли султан“, не се шегуваат. Велат дека Величествениот знаел и со закана со тупаници да подели правда. Таа мода се шири и на неговите поданици, кои со тупаници се пресметуваат со пациентите. Има среќни татковци и несреќни сопрузи, кои не можат да си ги совладаат емоциите, па сакаат да влеза во харемот без одобрение – па вратарите ги „убедуваат“ со тупаници и со боксови. Во еден таков случај, еден татко си добил ќотек од задолжените „боксери“, затоа што се налутил оти чекал два часа да влезе и да ги посети најмилите, а во меѓувреме им се „заканил“ на вратарите дека ќе оди кај Величествениот и дека и ќе ги наклевети.

На „боксерите“ на елитната клиника ова не им било прв пат да си ја испробаат својата сила врз граѓаните. Пред неколку месеци, се  степале дури и меѓу себе. Повредениот, кој го извлекол подебелиот крај, со тешки повреди бил пренесен на лекување на друга клиника, а и ден денес, долго време после крвавата тепачка, е на домашно лекување. За овој случај биле известени и институциите задолжени за ставање ред во бантустанот, биле поднесени пет кривични пријави, но засега нема никаков исход. Како што е ред.

Инаку, треба да се знае дека „чуварите на вратата“ во оваа клиника се важни фаци, бидејќи се под директна команда на Величествениот. Тие се и негови неформални бодигарди, луѓе од кои се плашат не само пациентите, туку и сите на клиниката. Бидејќи, тие ги „решаваат“ ситуациите така како што во популарните турски серии тоа го прават Саваж Балдар, Езел, Полат Алендер, Мемати и Муро.

ДА НЕ СИ ВО КОЖАТА НА ПАЦИЕНТКИТЕ

Во таква атмосфера, нормално, малку кој се грижи за пациентите, а најмалку за бактериите и за интрахоспиталните инфекции. Жртва на една таква инфекција беше и двомесечно бебе, од внатрешноста на земјата, на кое поради гангрена му беше ампутирана левата рака и подлактица. Бактериите стафилокока и стрептокока, но и лекарската негрижа, несовесното лекување и нехуманиот однос спрема бебето, се причините поради кои родителите правдата ќе ја бараат на суд.

Овој случај е многу тажен. Бебето било родена лани на 14 октомври, како предвреме родено бебе и поради тоа морало да биде задржано на лекување во клиниката на Величествениот. Таква (не)среќа имало. Десет дена по раѓањето, на раката на новороденчето биле забележани белузлави отоци, но никој не сакал да им објасни што се случува и со какви здравствени проблеми се соочува нивното првороденче. Родителите преживеале целосен хорор. Никој не им објаснувал ништо, секогаш кога доаѓале на клиниката било викано болничкото обезбедување. На нивното барање да го префрлат бебето во друга клиника, постојано добивале негативен одговор.

После извесно време, биле соочени со тешка одлука – да избираат помеѓу животот на бебето и ампутација на неговата рака. Сега, после тешката загуба, тие бараат вистината да излезе на виделина, тропаат на вратите на надлежните институции и бараат да се поднесе кривична пријава против непознат сторител за несовесно лекување. Исходот на нивната голгота е крајно неизвесен.

Султанот, се разбира, нема желба да разговара и да дава објаснување за ваквите непријатни работи. Ако баш мора – а ретко кога мора – се вади со фрази, се фали дека неговата клиника работи според протоколи и дека спасува животи и на мајки и на бебиња.

Една од жртвите на лекарите во клиниката на Величествениот е и 30-годишна пациентка, на која ѝ бил „спасен“ животот, откако во стомакот ѝ била заборавена стомачна газа долга два метра. Според институцијата за „спасување“ животи, пациентката имала малигно заболување, па ако лекарите не донеле одлука да ѝ ја остават газата во стомакот, немало да ѝ го излекуваат ракот! Не се работело за пропуст на лекарите,  туку за „сплет на околности, кои биле диктирани од здравствената состојба на пациентката и од други фактори, како што е на пример факторот време“. Значи, „факторите“, меѓу кои и „факторот време“, ја заборавиле газата во стомакот на пациентката!

Ајде да видиме како работеле „факторите“… Триесетгодишната жртва, која за влакно останала жива, била примена со дијагноза тубооваријален абцес, предизвикан од спирала. По извршената операција, од двајца лекари со помош на инструментарка со два месеца искуство, на пациентката ѝ била заборавена газата. По „успешниот“ зафат, таа веднаш била пуштена дома, само со таблети „панцеф“. По петнаесет дена повраќање и температура, скопјанката била примена на  друга клиника, каде што ѝ била извршена друга операција и била отстранета „спасоносната“ газа.

Случајот сега се провлекува цела една година по судските лавиринти, а семејството на засегнатата пациентка побарало обесштетување од клиниката, кое до ден денес не го добиле. После година и пол од настанот, младата пациентка не добила ниту извинување, каење или барем жалење за направената лекарска грешка. Според објаснувањата на нејзините родители, „славната“ измислица за ракот предизвикала душевни проблеми и депресија кај 30-годишната жена. Таа сѐ уште страхува дека родителите од неа нешто кријат, се сомнева да не би сепак да станува збор за малигно заболување. Да не е човек во кожата на оваа млада жена, чија единствена вина е што завршила на клиниката на Величествениот.

ПИСМА ПИШУВААТ, АМА НЕМА КОЈ ДА ЧИТА

И на крајот, пак ќе се навратиме на кобните новогодишни празници, кога поданиците во харемот на Величествениот очигледно биле во посебно, весело расположение. Три бебиња починале неколку дена пред новогодишните празници, во средата вечер, во текот на едно дежурство! Две од бебињата починале поради незрелост, породени во 26-тата недела, додека третото, родено во 31-вата недела, имало шанси да преживее, доколку не било заразено од опасната бактерија клепсиела.

Клепсиела, псендомонас и стафилокока се бактериите од кои врие одделот за интензивна нега, а кои многу често се кобни за животот на бебињата. Поради ова, писма со поплаки до институциите фрчат под сите страни на бантустанот, а содржината на писмата се страшните настани што ги доживеале пациентите, кои немале друг избор и помош побарале од оваа клиника.

Во едно од тие писма пишува: „Пред да го донесам на свет моето најмило, ги направив сите потребни испитувања и сите наоди за евентуални инфекции ми беа негативни. По породувањето, моето бебе прво беше заразено со стафилокока, а потоа со клепсиела. Можам да потврдам дека сите инфекции доаѓаат исклучиво од самата клиника, поради лошите хигиенски услови“.

Но, нејзиниот глас нема кој да го слушне. Не е тоа случајно, се разбира. Величествениот својата моќ и сила ја црпи од партијата што го поставила на власт. Во земјата бантустан владее некаква чудна демократија, во која тој што е на власт, додека е на власт, има неограничена моќ во сите сфери, па и во сферата на здравството. Така во оваа клиника, некогаш угледна здравствена институција, завладеа страв, трепет и хорор.

И ако некогаш поминете покрај неа и ги забележите мајките и бебињата на прозорците – што сега е можно, бидејќи, веројатно поради транспарентноста, на прозорците нема ролетни – сетете се дека тоа е местото каде што се раѓа најскапоценото нешто, животот. Таму можеби и вие сте родени. Тоа место не смее да биде ничиј харем, ничие царство, туку здравствена установа во која одговорни и љубезни луѓе ќе пружаат врвна здравствена заштита. Место во кое нема да се случуваат приказни какви што раскажавме.

А можеби е најдобро и вие, како и ние, да не верувате во тие приказни, да не верувате дека постои лик како Величествениот, да не верувате дека постои таква клиника и дека постои таква земја. И дека сите евентуални препознавања се само плод на вашата бујна фантазија.

Рамка 1

Инфекции, инфекции…

И ЛАНСКАТА НОВА ГОДИНА ПОЧНА „ВЕЛИЧЕСТВЕНО“!

По навика, секоја година на оваа клиника мора да почне со нешто „величествено“. Така, почетокот на ланската година почна весело, а можеше да заврши крваво. Поставената погрешна дијагноза и погрешната терапија на коцка го ставија животот на штотуку родено бебе. Се погоди таткото на бебето да биде некој серт човек. Дојде до обвинувањата од родителите, кои доведоа и до закани за тепачка и тужби, помеѓу таткото и првиот човек на клиниката. Бебето добило сепса, поради нечистотија и несоодветни услови. Таткото денес води судска битка со Величествениот и со раководителката на одделението за интензивна нега и решен е правдата да ја истера до крај.

Рамка 2

„Протоколи“

ШПРИЦОТ ОД ЗЕМЈА, PRAVO VO USTATA НА БЕБЕТО!

Во едно писмо, кое сведочи за состојбите на оваа клиника, се вели: „ Со исти раце сестрите ги фаќаат сите бебиња во инкубаторите, инфицираните и здравите, па нормално е дека инфекцијата се шири. Шприцот со кој му даваат сируп на бебето беше паднат на земја и како ништо да не било, го кренаа и истиот му го ставија в уста, за да прими терапија. Ноќниците и чаршавите не се менуваат по десет дена, а лебарки има на сите страни“.

Рамка 3

Кој сака да праша, добива ќотек

КРВАВА ТЕПАЧКА ПРЕД ПУБЛИКА

Вистински крвава тепачка настанала кога еден сопругот сакал да праша за состојбата на својата жена, но наместо тоа, добил тупаници и боксови – да не му падне на ум друг пат да праша било што. Прво го исфрлиле од клиниката (и тоа од новиот, елитен дел), како што тоа се прави во сите земји со модерно и реформирано здравство. Потоа со тупаници и клоци го удирале, сѐ додека човекот, сиот крвав, не паднал на земјата. Најпосле, реагирало и обезбедувањето на клиниката. Да биде пострашно, сето тоа се случувало пред публика. Во публиката, пак, имало пациенти и од други клиники, лекари и вработен медицински персонал. Никој не реагирал во заштита на тепаниот. Тој, пак, бил префрлен на друга клиника, да го средат. А на неговата сопруга, откако слушнала за настанот, ѝ се влошила здравствената состојба!

Поврзани новости