АРХИВА За нештата да станат појасни: Од Никола до Никола има разлика

Текстот е објавен на 5 декември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1000

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Кога власта ќе успее да ги корумпира луѓето со нивните сопствени пари, тогаш демократијата ќе изгуби секаква смисла.“

Томас Џеферсон, претседател на САД 1800/1808 г.

Загрижувачки е кога она за што алармирал некој државник пред двесте и кусур години, вие сте имале „привилегија“ да го живеете. Да осетите на своја кожа како изгледа кога дури и една недовршена демократија ќе ја изгуби смислата. Да живееше во ова наше време, во 21 век, верувам дека Џеферсон ќе им искажеше должна почит на Груевски и на Ахмети за виртуозноста со која успеаја да ги корумпираат граѓаните со нивните, буџетските пари. Маркс, Енгелс и Ленин сосе Тито, пак, ќе ги одликуваа со медал за социјалистички заслуги за успешната акција Партијата да ја изедначат со Државата. Сталин ќе им се поклонеше за енергијата вложена во производство на домашни непријатели.

Но, овој вовед, ми беше потребен само како сценографија за да нагласам колку во вакви „благопријатни“ услови е вест еден неделник да успее да доживее 1.000. број. Особено што ниту претходницата на преродбениците, не само што не нѐ милувала, туку максимално се трудела да го збрише, дисциплинира, етикетира, минимизира и анатемизира весникот, кој како првенствена задача си поставил да ги лови грешките, забеганостите и корупциските скандали на властите. Тие, пак, „согласно Уставот“ се лоцирани во Владата.

Од друга страна, наспроти задоволството со илјадарката, притиска разочарувањето дека по 19 години битка со моќниците, Македонија успеа само да стане полнокрвна демократура. Тоа, пак, не го менува фактот дека архивата на „Фокус“, тоа богатство од 1.000 изданија, е најдоброто сведоштво за валканата и криминална транзиција од која сите врхушки профитираа, ама државата назадуваше. „Весникот на внатрешниот и надворешниот непријател“, пак, како константа, секоја влада го доживуваше како крвник.

ВИРУС ВО СИСТЕМОТ

Сепак „Фокус“, делото во кој е вграден духот на Никола Младенов -луциден, истражувачки, пркосен, ги доживува(ше), за сега и ги преживува најтешките денови, токму за времето на еден друг Никола. Груевски, де.

Се сеќавате на неговиот последен настап  на 24 Вести, неколку дена пред трагичниот настан, кога резигнирано нафрли дека „ти доаѓа да фатиш гитла од професијата“! Призна дека власта нѐ дисциплинирала, затоа што почнавме за банални работи да стискаме кочници. Спротивно на нашите пориви, да не вадиме нож на мртов Германец, почнавме да собираме „архива“, која ќе ја објавиме кога моќниците ќе станат немоќни. Не се свесни колку инсајдери навреме се исповедале. А има бајаги, но сега кошта пари. Жално, но вистинито.

Едно сум 102 отсто убедена, дека Никола, оној нашиот, не пастирот, би се гордеел со екипата што ја објавивме аферата „фабрика за пасоши“. Дури и ќе се израдуваше на соопштението на Агит-пропот дека сме им хумористични. Сме засмејувале и други власти, оти па нив да ги поштедиме од забава. Башка што овие од ДПМНЕ се на добар пат да ги ангажира ЦИА, ФБИ и НАСА како супер талентирани, за час-два да извршат вештачење на видео и на аудиоснимки. Ќе влезат во Гинисовата книга на рекорди според брзината со која удрија експертиза на „пасошарата“, како и на аудиоснимката за случајот „Македонска банка“.

Тоа што во стилот „уби го гласникот“ и „нападот е најдобра одбрана“, Гордана Јанкулоска настапи на Сител, со „провокативните“ прашања од Славица Арсова, суперинвестиција на Американците, е сосема очекувано. Сме слушале и порано дека „Фокус“ е диригиран од опозицијата, ама никогаш ваква глупост не треснал еден министер, и тоа јавно. И јавно ѝ упатувам БЛАГОДАРНИЦА на првата полицајка за овие комплименти. Штом студентските протести ги прогласија за опозициско масло, мене лично ми е ќеф да сум во истата група со студентите. Колку тие, толку и ние сме диригирани од СДСМ.

А сега уште една заедничка нишка што во еден сегмент нѐ спојува со студентските протести. Мотивот наш, а убедена сум и нивен, не е „само мене да ми е добро“, туку принципиелен – Македонија да биде добро место за живеење. Ете, Груевски убаво ја процени таа главна мантра на мнозинството – да се грижиш само за личните бенефити, а ич да не ти е гајле каква е големата слика, за тоа каде оди Македонија. Затоа се обиде на ситно да ги ќари студентите. Демек, олабавете, нема вас да ве стрефи екстерното или државниот испит, сеедно, туку тие по вас – од 2017. И студентското НЕ им е како опасен вирус во системот зашто може да инфицира и други. Наместо молчешкум да фаќаат усвет, да кренат глас овде. За себе, ама и за идните генерации.

КАКО НÉ КОНТРОЛИРАШЕ ОПОЗИЦИЈАТА!

И не затоа што како расипана плоча слушам алиби-напади од власта „под контрола на опозицијата се“, многу повеќе поради гебелсовштината, која налага илјадапати да се повторува лагата за да стане вистина, за илјадаркава на „Фокус“ решивме да ве потсетиме на доследноста на нашиот неделник кон сите власти. Зоран Димитровски како уредник при основањето во 1995 до 1998, а потоа и Теофил Блажевски за периодот од 1998 до 2002. И, секако, извадоци од уводниците на Младенов.  Да си припомниме за нашите постојани „контролирања од опозицијата“, а против злоупотребите на власта. Според овој терк, ептен сме ненормални. Оти кој жив има ќар од опозиција, особено што ние, од „Фокус“ докажавме дека не се бориме за функции, буџетски пари, тендери и такви ми работи.

И така доаѓам до моментот кога сакам да споделам со вас како и зошто сум главен уредник на „Фокус“ од 2003 година до денес. Со Никола сме пријатели од неговата брилијантна роља во „Млад борец“. Таков беше и тој – борец… до крај. Како човек кој не функционира во стадо, како индивидуалец, особено како „дело“ на мојот телевизиски ментор, покоен Никола Солдатов, (уште еден Никола) никогаш немав уреднички амбиции. Солдат велеше „кога ќе станеш уредник, пола бирократ си, а главен уредник полнокрвен бирократ“. И тоа се совпаѓаше со мојата природа. Ама станав главен уредник на „Фокус“!!!

И ај да си олеснам, да објаснам. Кога во 2003 година, по победата од „15 септември“, јас веќе 4 години работев во приватна телевизија, ама и 3 години бев колумнист на „Фокус“, младиот газда замоли да се тргнам од екранот, од вестите де, за да добиела телевизијата национална концесија од Бранко Црвенковски! Се жалел на колегите дека сум имала дпмневски ставови, ама денес е во нивен скут. Ќе ме плаќал, ама ќе се вадел дека сум во „Фокус“. Се осетив како стока на пазар. Следниот ден соопштив дека заминувам. Никола нашиот, нели, без двојба ми понуди вработување, ама и главен уредник. Е тука се натегавме.

Му објаснував дека сум ептен либерален тип, дека нема шанси да забранам поинаков став на тие што се бренд, дека не ме исполнува да „контролирам“ текстови, ама, сепак, си легнав на брашното. И не бев многу среќна од „функцијата“, согласно мојата природа. Ме исполнуваше слободата да анализирам, истражувам, да ги детектирам слабостите на победниците откако моќта ќе ги расипеше, деформираше.

Со Никола честопати сме имале различни ставови за некои настани. Но, ниту тој како сопственик ми забранил да се изразам, ниту јас, во принцип, како „главен уредник“ кому било од искусните новинари и колумнисти, сум цензурирала став затоа што размислувам поинаку. Да, во исто издание на „Фокус“ ќе сте можеле да прочитате различни опсервации на македонската стварност. Во изминативе години не се однесував спротивно на своите сфаќања, кои, пак, се во остар судир со ставот на мнозинството за „главен уредник“. Ми се налутија пријатели, ама срдечно ме поздравуваа многу непознати, обични граѓани.

ЛИЦЕТО Б.Ц. И ШВАЈЦАРСКИ СМЕТКИ

И што да кажам дека беше карактеристика на „Фокус“ од 2003 до денес? Освен за вљубениците на пастирот што овој детаљ сакаат да го избришат, „Фокус“ од 2002 до 2006 година беше на линија на отпорот против сдсмовската власт. Далеку пожестока од опозиционерите груевци, кои се осилија откако Бранко стана бивш. Ама затоа ги позајмуваат фокусовите изуми. На пример, Никола Младенов прв го нарече Бранко Црвенковски „лицето Б.Ц.“, како синоним за некој кој со силна пресија, со поддршка и на ДПМНЕ го набилда цензусот за да премине 50 отсто. Поентата ни беше дека не треба да се силува граѓанството за гласање.

И кога за референдумот за територијалната кројка се примени слична сдсмовска тактика, да се плаши администрацијата да излезе да гласа, опоменувавме дека тоа е опасна игра. И така излезе. ДПМНЕ ја прошири и ја надгради до совршенство. Нивниот слоган „некои прашања не заслужуваат одговор“ го прогласивме за убиствен за кревката демократура.  Денес, еве, илјадници прашања груевци ги третираат непријателски, оставајќи ги без одговор. Нивната пропаганда шири нивни „вистини“.

Кога беше објавена насловната со „Швајцарските сметки“, а директно беа прозвани Црвенковски и Костов, Владо Бучковски како премиер даде изјава дека е време и некој медиум да пропадне, со други зборови клеветниците си заслужуваат таква судбина. Не пропаднавме тогаш, а не пропаднавме ниту од отштетата што неодамна ја плативме, со помош на сите вас и на ЗНМ, на Сашо Мијалков. Но, како што тогаш некои обвинуваа за монтажа на сметките, така исто сега нѐ монтираат како монтажери на снимките за „пасошарата“.

Да потсетам и дека откривавме корупциски скандали пред опозициската ДПМНЕ. За Владата на СДСМ тоа беа конструкции, клевети и што уште не. Но, кога се смени власта, кога Груевски го презеде кормилото, добар дел од нашите „конструкции“ добија судски епилог. „Фокус“ прв се посомнева дека има нешто гнило во МЗТ ФОП. Влатко Ѓорчев дури дојде радосен во редакцијата барајќи ни ги документите – од фокусовата сторија да држат пресови. Ете, колку нѐ контролираа. Денес случајот има правосилна судска пресуда. Кога го отворивме, пак, случајот „Злетовица“, по две години опозициската СДСМ ја користеше таа насловна во спот за да атакува на власта.

Во тој четиригодишен период често го третиравме стилот на министерот за внатрешни Хари Костов како одмазднички. Опоменувавме и дека со таква селективна правда, ем спектакуларни апсења, одмаздата и фрустрациите ќе нараснат. Така и бидна. Денес овој стил е подигнат на квадрат. Прогнозирам дека и некоја следна власт нема да биде имуна на вакви пориви. Тоа е спиралата на злото. Ама ниту тие тогаш, ниту овие денес, барем кога се власт не ја сфаќаат улогата на медиумите во демократски системи. Добри сме само кога се во опозиција.

И уште нешто, а за заштитниот знак на неделникот – стрипот. Кога во четврток наутро разбравме за можната трагедија со авионот во кој претседателот Борис Трајковски патуваше за Мостар, експресно го стопиравме изданието на „Фокус“ за да се извадат трите страници од стрипот, каде што Борис беше главен лик. Имавме мерка.

Патем, за тие што се радуваат за казните, сакам уште да споменам дека кога Никола беше осуден за клевета, на Бранко со 30.000, односно на Хари со 20.000 евра, Фрчкоски јавно ликуваше за цената што ќе ја плати „Фокус“. Инаку, и тој вообичаено како и секој министер за внатрешни бил омилена тема на „Фокус“. Како паталец од „Фокус“, демек, саде мераци тераше за драконските казни. Неколку години подоцна ги осети судските аршини за одбрана на ликот и делата на Груевски со 25.000 евра. Ние, пак, не се ситевме, туку принципиелно кренавме глас.

КУРИРСКА ПРЕСМЕТКА СО СОРОСОИДИ

Сакам да објаснам и дека нашиот критички гард кон сите власти, не е затоа што некого мразиме лично. Ние само го опсервираме нивното владеење. Потоа сме ги заборавале нивните клевети кон нас, кога ќе паднеле. Така и Фрчкоски беше колумнист на дневен „Фокус“, со Црвенковски, пак, ама како лидер на опозиција правевме интервју.

Во оваа ретроспектива за илјадарката морам да ја нагласам и единствената тримесечна пауза. Со смртта на Никола, згасна и дневниот и неделниот „Фокус“. Од властите ниту куртоазна телеграма со сочувство. Но, благодарение на Фондацијата Сорос, која понекогаш била тема и за насловните страници на „Фокус“, успеавме да го рестартираме неделникот. Ама, ова изгледа ги вознемири „патриотите“. Баш беше убаво кога нѐ немаше. И удрија турбо кон „Фокус“ како соросоид. Кога не беше соросоид, беше сотрен од клевети. Тука секогаш на висина на задачите се и куририте. Тие прават скандал и од општопознат факт – колку Сорос помогнал на секој конкретен, а неколкумина се, независни медиуми. Што би рекол Велија, „дучанчина“, кои се борат за опстанок на максимално уништениот медиумски пазар со владините реклами.

За разлика од медиумите кои уживаат во благодатите на владината рекламна поддршка, „Фокус“ беше бојкотиран и од властите на СДСМ. Но, и тогаш и денес се бориме против ваквото корумпирање на медиумите. Колегите што не го гледаат овој дефект, ќе го осетат тоа еден убав ден. И што да кажам, освен дека некој се држи до принципите, други до партиите и до привилегиите. Нашиот принцип е да ги нервираме властодршците. Како што предвиде Младенов во првиот уводник далечната 1995 г., „за едните ќе бидеме факелот на слободата, за други продадени души. Или, нашата визија што ја сподели во стартот на дневниот „Фокус“, „Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е!“

И за да не биде дека освен власта сите се фасцинирани од нас,  ме поттикна една расправа на Фејсбук со новинарот на МИА, Цветин Чилиманов. По принципот „слушнал“, безмалку нѐ направи финансиски мучкароши. Призна дека со години не купува „Фокус“, му засметале различни ставови за проблемот за името што во исто време во „Фокус“ ги имале Никола наспроти Мирка. Безмалку, сме го напуштиле курсот „името не го даваме“. Мене лично, нели на функцијата „главен уредник“, ова ми е „најшит“ теза. Оти патриотските флоскули секогаш биле параван за грабеж. И кога Бранко прогнозираше дека нема маж што ќе прифати промена на името, до патосот што го креираат груевци. Да потсетам, додека Милошевиќ „Косово не го даваше“, милијарди од народните пари завршувале во Кипар и на егзотичните острови.

Многумина Цветини не го разбрале ФОКУС. Некои не нѐ читале затоа што очекувале дека и по падот на Бранко, ние треба да се занимаваме со него. Сите тие што не сакаат да прогледаат како „власта ги корумпира граѓаните со нивни пари“, ќе почувствуваат дека демократијата изгубила смисла само кога нема да ги уживаат привилегиите што таа власт, во тие нивни 5 минути, им ги овозможила. Тогаш кога ќе се најдат од другата страна, на која секогаш е „Фокус“. Да, некои се борат да се укине робовладетелството како систем, додека некои робови само сонуваат да станат робовладетели.

И да завршам како што почнав, со уште една мисла на Џеферсон. „Кога луѓето се плашат од власта, во прашање е диктатура. Кога власта стравува од народот, се работи за слобода“. Мислам дека власта почнува да се стравува од народот.

П.С. Има разлика – еден Никола се бореше за „општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите“. Друг Никола е посветен да станеме „збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарејќи на слепата послушност на партиското племе“.

Да, навистина тука „нема компромис“!

Рамка 1

„ИНДИЈАНА ЏОНС МАНГАЛАКОВ“ ПРОТИВ „ФОКУС“

„Фокус“ прв пишуваше за аферата со американските батаци за што главен актер беше сопственикот на А1 ТВ, Велија Рамковски. И следуваше тужба за клевета. Но, текстот беше потпишан со луциден псевдоним Индијана Џонс – Мангалаков (дописник на телевизијата од Софија беше Тања Мангалакова). Се разбира, согласно законот тужбата гласеше на псевдонимот. И беше забавно кога службеничката во судот го повика Индијана Џонс – Мангалаков да влезе во судница. Секако, уредништвото стоеше зад сите наводи, поседуваше богата документација… И тужителот се повлече.