АРХИВА За да крадат на избори измислувале цели згради и куќи

by Fokus

Текстот е објавен 4 декември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1052

Повеќе адреси во неколку скопски општини што се појавуваат на фалсификуваните лични карти со украдени идентитети, кои ги посетивме минатата недела, или не постојат, или се дом на граѓани одамна иселени во странство. Слично е и со неколку адреси во други градови. На некои од адресите што постојат, жителите се запрепастени од сознанието дека некој ги вметнал податоците од нивната улица и број во фалсификувана лична карта. Ова само потврдува дека има неколку причини да се верува во верзијата на анонимниот извор – дека вработени во МВР учествувале во криминалот со фалсификатите. Како поинаку можеле да се обезбедат податоците и матичните броеви на лицата чиј идентитет е украден? Како поинаку е можно на сите фалсификувани лични карти во графата датум на издавање да стои приближно истиот датум кога е издадена оригиналната лична карта на лицата чии идентитети се украдени – периодот од 2009 до 2012 година!? Ако во производството на лажни лични карти немало вклучени припадници на МВР, како можеле фалсификаторите да знаат дека голем дел од лицата од кои го краделе идентитетот, како и од адресите што ги впишувале во лажните лични карти, се во странство!? Дека во целата операција, покрај вработени во МВР, веројатно биле вклучени и партиски активисти од терен, говори и фактот што во лажните лични карти се впишувани броеви на згради и куќи што не постојат, а активистите добро ги знаат адресите на своите соседи, избирачките места на кои гласаат и дали се присутни во Македонија!

 Пишува: Љубиша АРСИЌ

Истрагата на Јавното обвинителство и анализите во МВР потврдија дека 105-те лични карти, кои „Фокус“ ги доби од анонимен извор и ги предаде во полиција, се фалсификати. Првичните информации кои во јавноста ги откри министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски говорат дека за производство на лажните лични карти се искористиле 90 украдени идентитети.

Се работи на истрагата според наредбите што ги дава јавниот обвинител. Засега првичното вештачење е завршено и е утврдено дека хартијата е фалсификат и дека од тие 105 примероци, на 90 луѓе им е украден идентитетот. Тоа се однесува на граѓани од Куманово, Кичево, Штип и од Гостивар. Врз основа на наредбата на јавниот обвинител се вршат проверки во ДИК и во Заводот за статистика да видиме дали биле употребени и дали се користени за други цели. Најважно е да имаме квалитетна истрага, која ќе даде одговор на прашањето кој ги фалсификувал, зошто и под чија наредба. Ние дознавме за аферата од проектот „Вистината за Македонија“. Во неколку разговори се насочуваше дека се издаваат лични карти. Ова не е нешто ново, зборуваше министерот пред пратениците на седницата за пратенички прашања.

„Фокус“ во минатиот број објави лични сведоштва на гласачите, чиј идентитет е украден. Сите потврдија дека според податоците што ги содржат фалсификатите, очигледно е дека им се украдени името и презимето, датумот на раѓање, како и матичниот број, додека адресите на двојните лични карти (за секое лице има најмалку по две) се измислени, односно во документите се впишани адреси од други општини што постојат, но таму живеат други граѓани. И на крајот, како што посочија нашите соговорници – ликовите од фотографиите не се нивните, со што ја отворија дилемата кои се лицата од личните карти и дали се тие фантомските гласачи кои можеле неколкупати да гласаат на изборите?

ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ЌЕ ГО ОТВОРИ ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ

Сега, по откривањето дека 105-те лични карти се фалсификувани, две клучни прашања остануваат мистерија – кој ги изработувал личните карти и со каква цел, односно дали таквите лажни пластики можеле да се користат за избори, како што тврдеше анонимниот извор? Дополнително, тој посочи дека постојат 30 илјади лични карти и дека во процесот на нивно производство биле вклучени и вработени од МВР, познавачи на системот за лични документи. Сепак, едното прашање не е условено од другото. За првото постои кривично дело фалсификување исправа за кое е предвидена казна затвор до три години или ако се работи за јавен документ, каков што е личната карта, предвидената казна е три месеци до три години затвор, а за другото – кривичното дело е изборна измама, односно користење фалсификат со украден идентитет во изборен процес. И за ова дело е предвидена затворска казна.

Затоа, неофицијални извори вклучени во истрагата за „Фокус“ пренесуваат дека истражителите се посветени токму на овие две дилеми – кои се лицата од работилниците, за кои изворот тврдеше дека се на две локации во Шуто Оризари и во Штип и дали во последните неколку изборни процеси таквите лични карти некому завршиле работа. Затоа, посочуваат изворите на „Фокус“, издадена е наредба од Јавното обвинителство да се проверат списоците од гласачките места на кои фигурираат лицата од личните карти и дали тие можеле да се појават на неколку места и да гласаат повеќекратно? Наредбата, неофицијално се однесува на изборите од 2008 до 2014 година. Тоа се вкупно седум циклуси – парламентарните во 2008-та, локалните и претседателските во 2009-та, парламентарните во 2011-та, локалните во 2013-та, а во 2014-та претседателските и парламентарните. Ова ја отвора дилемата дали и општинските избирачки комисии ќе мора да ги отворат архивите, со оглед дека гласачкиот материјал од локалните избори го чуваат тие.

Ако во моментов, во електронскиот систем на Државната изборна комисија (ДИК) внесете еден од матичните броеви впишани во лажна лична карта, можете да прочитате податоци за гласачот, но неговото име се појавува само на едно гласачко место, и тоа во Општина Центар, додека лажните лични карти на проверениот гласач се водат на адреси, секогаш идентично, едната во друга скопска општина, на пример, во Шуто Оризари, Гази Баба и во Чаир, а втората адреса во Куманово, Кичево, Тетово, Штип или во Гостивар. Значи, ако лажниот гласач чија фотографија е вметната на личната карта гласал, тогаш тој најверојатно морало да се појави на избирачките места наменети за адресите од личните карти, кои практично не се вистинско место на живеење на лицата чиј идентитет е украден.

Ако се протолкуваат зборовите изнесени во парламентот на министерот за полиција, тогаш јасно е дека ДИК и Државниот завод за статистика ќе мора да ги отворат гласачките материјали и да ги проверат. Тоа се оние списоци од денот на изборите кои биле во употреба и според кои се гласало. Најверојатно ќе се проверуваат неколку изборни процеси – 2011-та, 2013-та и 2014-та. До тие списоци практични никој нема пристап, затоа што по завршувањето на изборите, тој материјал се затвора и може да се отвори единствено во исклучителни ситуации, како на пример оваа со фалсификуваните лични карти.

Тоа е дел од гласачкиот материјал за кој ексминистерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, според прислушуваните снимки, зборуваат како да најдат начин да го отворат, за да проверат дали гласале нивните членови и симпатизери. Гласачкиот материјал, според разговорот на Јанакиески и Мијалков, бил затворен во црни вреќи со посебна заштитна пластика, која откако ќе се отвори, не може да се затвори, за да не се забележи дека е претурано.

Како и да е, тоа што директно ќе може да се провери по отворањето на гласачкиот материјал, е дали лицата (идентитетите) од лажните лични карти ги имало на два или на повеќе избирачки списоци. Од увидот во списоците од денот на гласањето треба да се утврди и дали гласале лажните гласачи со фалсификуваните лични карти, односно дали на избирачкиот список ги има нивните потписи. Иако во матичниот систем пред секои избори може лесно да се провери дали некое лице со конкретен матичен број се појавува на повеќе избирачки места, таквата проверка, се чини, оти не е доволна. Сега ќе мора да се оди и чекор понатаму и да се испита дали на денот на изборите до избирачките одбори биле доставувани изменети изводи од избирачкиот список, на кои биле допишани граѓаните со украден идентитет и лажни лични карти.

Понатаму, тоа што ќе го проверува ДИК е дали во името на иселените граѓани некој се појавувал на избирачките места? Ако поголемиот дел од граѓаните чиј идентитет е украден не се во државата, односно не постои податок дека допатувале да гласаат на избори, ќе се истражува дали некој во нивно име се појавил на гласање? На пример, „Фокус“ откри дека лицето Себастијан Р., но и Дилавер М. гласачи од Општина Центар, чиј идентитет е украден за изработка на лажни лични карти, со години не се во Македонија. Нивните семејства и пријатели потврдија дека тие не се појавуваат на избори, но истрагата треба да утврди дали некој гласал во нивно име и тоа, во случајот на првиот, на шест различни адреси.

„ФОКУС“ ГИ ПОСЕТИ ГРАЃАНИТЕ ОД АДРЕСИТЕ КОРИСТЕНИ ВО ФАЛСИФИКАТИТЕ

Додека ДИК го проверува избирачкиот материјал, „Фокус“ продолжува со новинарската истрага на терен. Минатиот број зборувавме со неколкумина граѓани, роднини и соседи на лица, чиј идентитет е украден, кои потврдија дека личните податоци на фалсификуваните документи се нивни, но фотографијата и адресите не се. Затоа се упативме на адресите што се впишани во фалсификатите, а се однесуваат на лицата што ги обработувавме минатиот број – гласачи од Општина Центар со домови низ тесните улички на просторот меѓу тврдината Кале и Бит-пазар.

На фалсификуваните лични карти со украдениот идентитет од гласачот Јане У. со живеалиште во Општина Центар, наведени се две лажни адреси. Едната во Куманово, другата во скопска Гази Баба. Адресата во Скопје е на улицата Трајко Китанчев број 2. Куќата постои, а тие што живеат во неа се запрепастија кога слушнаа дека на нивната адреса се води некое лице со фалсификувана лична карта. Врата ни отвори возрасна жена, Ѓурѓица Ристовска, гласачка во Општина Гази Баба. Таа ни откри дека по смртта на сопругот живее со двете деца. Сите тројца се појавуваат на избори и секогаш гласањето им поминувало во најдобар ред. Не ѝ беше јасно како може некој да ја вметне нивната адреса во лажна лична карта?

Навистина, никогаш не сум забележала дали во избирачкиот список, покрај нашите имиња, на нашата адреса фигурира и некој друг гласач. (ова сега ќе го проверува ДИК – н.з.). Ова е безобразие. Деновиве го следам случајот со лажните лични карти низ медиумите и не ми се верува дека некој може да оди до таму – да краде идентитети и адреси и да ги користи за сопствени цели. Па, уште ако се докаже дека личните карти биле наменети за избори, тогаш не знам што треба да им се направи на таквите луѓе, коментира Ристовска.

Но, и да го има во списокот гласачот со украдениот идентитет на Јане, тој сигурно е впишан на друга страница од списокот, а не на онаа на која се гласачите од семејството Ристовски зашто списокот ги распоредува по азбучен ред.

Во околината на оваа се протега и улицата Фрушкогорска. Во куќата со бр. 5 сретнавме член на семејството Метуши, синот Нефаиљ. Адресата е искористена во една од лажните лични карти со идентитетот на Крсто Н. гласач од Општина Центар, кој во минатиот број на „Фокус“ посведочи дека во лажната лична карта сите податоци се негови, освен фотографијата и адресите.

Моите родители се во Германија многу години. Ова е куќата на име на татко ми. Тука сме само јас и брат ми, но ние сме гласачи во селото Брест затоа што нашето потекло е од таму и сѐ уште ја немаме сменето адресата во личните карти. Не знам како нашата адреса завршила на фалсификувана лична карта. Можеби очекувале дека моите родители се во странство и дека на оваа адреса нема ниту еден гласач. Не знам, навистина, збунет сум, раскажува Нефаиљ Метуши за „Фокус“.

Посетивме уште неколку адреси низ Скопје, но немавме многу среќа зашто на неколку места немаше никој дома. Соседите ни пренесуваа дека луѓето што ги бараме се во странство и дека со години куќите им се празни, односно не се појавуваат на избори. Некои, пак, биле на работа, но во тие куќи не живеат идентитетите од нашите лажни лични карти, туку сосема други луѓе, како во претходните примери.

НЕКОИ АДРЕСИ ОД ЛИЧНИТЕ КАРТИ НЕ ПОСТОЈАТ?

При новинарската истрага низ скопските улици откривме неколку карактеристични примери со адреси кои не постојат. На улицата Петар Манчуков во Бутел трагавме по бројот 20, како што беше забележано во една од лажните лични карти. Иако куќите се малку нелогично распоредени, сепак на крајот дојдовме до два објекта залепени еден до друг, кои беа означени со броевите 20 а и 20 б. Но, никаде го немаше бројот 20. Затропавме на вратата со број 20 а и ни отвори возрасен човек, кој се претстави како Јован Ѓорѓевски. Нѐ уверуваше дека не постои број 20 на неговата улица затоа што тие со соседите ги делат бројките дополнети со букви. Дополнително, интересно за овие две куќи е дека сопствениците се во странство со децении и никогаш не гласале на избори.

Имате среќа што ме начекавте тука. Јас 40-тина години сум во Германија, а моите соседи се во Белгија. Никој не живее тука. Јас сум дојден сега на неколку дена, по повеќе години и не можам да поверувам дека токму кога сум во Скопје, новинар ме известува дека адресата со број 20 е користена за лажна лична карта. Искрено да кажам, мене избори не ме интересираат, исто како и моите соседи, но ако навистина некој ја користи таквата лична карта со адреса за која ние тука не знаеме дека постои, тогаш тоа е срамота. Затоа Македонија никогаш нема да оди во Европа, се налути Ѓорѓевски.

Инаку, адресата што не успеавме да ја пронајдеме, затоа што пред куќите 20 а и 20 б е изградена куќата со број 18 б, односно 18 а (а по 20-те следува бројот 22), била користена во личната карта со украдениот идентитет на гласачот Елвир С. „Фокус“ претходно зборуваше со неговиот татко, кој е во Скопје и кој ни раскажа дека синот десетина години е надвор од Македонија и ниту еднаш не е дојден во Македонија. Овој пример покажува дека податоците во лажната лична карта се на лице што е во странство, а се користи адреса што не постои, односно се маскира зад двете куќи чии сопственици се, исто така, во странство.

Од Бутел заминавме за Топанско поле, две соседни населби. И таму има адреси што се користеле за фалсификуваните лични карти. Но, и тука налетавме на чуден пример. Трагавме по идентитетот на Нухи Х., исто така, гласач од Центар. На една од двете лични карти со неговиот идентитет е искористена адресата Методија Митевски број 4. Но, зграда со таков број не постои. Ја нема ниту во избирачкиот список. Проверката на терен открива дека тука се зградите со броевите 2, 3, 5, 6, па и поголеми бројки (фото). Дополнително, во лажната лична карта не е впишан број на влезот на споменатата зграда, иако сите други згради имаат по неколку влезови, ниту, пак, број на станот, туку стои само бројот 4, како да станува збор за индивидуален објект, а не за станбен.

Зборувавме со десетина соседи на кои им откривме која сторија ја истражуваме. Поголем дел од нив имаа слушнато за скандалот и за нив беше очекувано дека е можно некој да измисли таква зграда, за која тие тврдеа дека не знаат каде би била сместена доколку постои, ако не во околината на нивните згради.

Уште еден пример со адреса што не успеавме да ја најдеме е куќата на Бајрам Шабани број 6. Единствено го пронајдовме бројот 6 а, а до него залепен бројот 12. Малку ни беше нелогично како по 6 а може да следува бројот 12. Ѕвоневме упорно на 6 а, но никој не ни отвори. Но, затоа зборувавме со соседите од бројот 12. Ни посочија дека бројките на улицата се измешани и дека може од другата страна на улицата да има куќа со број 6. И ним не им беше јасно како куќите на почетокот на улицата, оние од десната страна, се означени со броевите 2, 4, 6 а, 12… но тврдеа дека не знаат каде би можела да биде куќата со број 6 или евентуално објектот со број 6 б.

Се упативме кон крајот на улицата, но бројките, иако навистина измешани, сепак се зголемуваа и стануваше неверојатно дека ќе најдеме куќа со број 6. За да не скитаме, ги прашавме соседите од другиот крај на улицата Бајрам Шабани, но никој не ни посочи дека тука има куќа со број 6 и сите нѐ упатуваа на почетокот на улицата каде што се малите броеви, таму каде што претходно утврдивме дека има само куќа со бројот 6 а. Потоа нашиот интерес нѐ упати да провериме дали во избирачкиот список ги има овие адреси што не постојат.

Адресата на улицата Петар Манчуков број 20 не постои во официјалниот избирачки список, иако на неа се води една од фалсификуваните лични карти. Зградата со број 4 на улицата Методија Митевски, исто така, не постои во списокот, односно нема гласач што се води на таква адреса. И последната, шестката од улицата Бајрам Шабани ја има во избирачкиот список со вкупно 16 гласачи. Таму се водат извесни семејства Адемовски, Алили, Идризи и Халили. Но, иако постои адресата со споменатите гласачи впишани во списокот, ниту едно презиме не одговара на идентитетот кој во лажната лична карта е искористен за таа адреса – Себастијан Р., за кого пријателите ни пренесоа дека со години не е во Македонија. Се разбира, тоа што повеќето од овие адреси (и имиња) ги нема во избирачкиот список, не значи дека не биле злоупотребени за дополнително гласање, зашто, како што наведовме погоре, ДИК треба да го провери оригиналниот гласачки материјал – избирачките списоци од денот на изборите, за да утврди дали можеби таму се вметнати адресите и идентитетите од личните карти.

Инаку, фактите што ги утврдивме со нашата проверка на терен, само потврдуваат дека има неколку причини да се верува во верзијата на анонимниот извор – дека вработени во МВР учествувале во криминалот со фалсификатите. Како поинаку фалсификаторите на личните карти можеле да ги обезбедат податоците и матичните броеви на лицата чиј идентитет е украден? Како ги откриле адресите што ги вметнувале во лажните лични карти, особено оние адреси, од броеви на згради и куќи што не постојат!? Како, поинаку, е можно на сите фалсификувани лични карти во графата датум на издавање да стои приближно истиот датум кога е издадена оригиналната лична карта на лицата чии идентитети се украдени – периодот од 2009 до 2012 година? Ако во производството на лажни лични карти немало вклучени припадници на МВР, како можеле фалсификаторите да знаат дека голем дел од лицата од што го краделе идентитетот, како и од адресите што ги впишувале во лажните лични карти, се во странство!? Ако, според нашата истрага, може да се заклучи дека иселениците што долго живеат во странство фактички никогаш и не гласале на избори во Македонија, тогаш не се исклучува дека во целата операција биле вклучени и партиски активисти од терен, кои добро ги знаат адресите на своите соседи, избирачките места на кои гласаат и дали се присутни во Македонија.

Очекувано е дека ако истрагата на надлежните успее да ги открие работилниците и тие што се одговорни за производството на лажни лични карти, да стигне и до вработени на МВР кои помагале при операцијата. А преку нив да се открие и нарачателот на фалсификатот, оти ако личните карти се користеле за избори, тогаш за тоа морало да знаат многу луѓе, вклучувајќи ги и фантомските гласачи, а масовноста само потврдува дека без високи партиски или државни структури сето ова не би било изводливо.

ЛИЧНИТЕ КАРТИ НЕ СМЕЕ ДА ЗАВРШАТ КАКО ПАСОШИТЕ

Ако се следи активноста на МВР и на Јавното обвинителство последните седмици, откако „Фокус“ ја обелодени аферата со фалсификатите, тогаш по начинот и интензитетот таа се разликува од онаа од пред една година кога објавивме дека на тајна локација се изработуваат пасоши. Тогаш анонимни извори ни доставија видеоматеријал и фотографии на кои беше претставена работилница во која имаше неколку машини, пасоши, материјали користени за изработка на патните исправи, но се гледаа и делови од телата на неколкумина ангажирани во работилницата, а се слушаше и еден глас од присутните во просторијата која наликува на дива печатница.

Јавното обвинителство побара вештачење од МВР на видеоматеријалот и фотографиите, а полицијата објави дека пасошите се фалсификати, дека броевите што ги носат не постојат во базата, но никогаш не се обиде да открие кој ги правел пасошите и со каква цел, оти потврдата дека се фалсификат не значи ништо. Незадоволно од вештачењето, обвинителството побара дополнување – оттогаш ниту обвинителите, ниту полицијата соопштија нешто повеќе. Едноставно, нема одговор на ниту едно новинарско прашање од двете институции. Со тоа, само се потврди дека скандалот е затворен и одговорните нема никогаш да се откријат.

Но, со назначувањето на Оливер Спасовски за министер овој скандал се очекува одново да се отвори. Според информации на „Фокус“ од полицијата, министерот се заинтересирал да го провери случајот, дали има дополнително вештачење што го побарало јавното обвинителство и што покажало тоа. Едноставно, да испита кој замолкнал и зошто јавноста цела година нема информации за тајната фабрика за пасоши. И клучното, дали со молкот и непреземањето мерки се штити некој?

Наспроти доказите за пасошите, кои се во форма на видеоматеријал, кај личните карти постојат конкретни, материјални докази. Тоа се 105-те лични карти кои „Фокус“ ѝ ги предаде на полицијата. Проверката на избирачките списоци и можноста личните карти да се користеле на избори е полесен дел од работата, но МВР ќе треба да се помачи да ги открие изработувачите и наредбодавците? А тие се клучни во приказната. Само тие знаат сѐ за операцијата.

Рамка

И ВО ДРУГИ ГРАДОВИ ИМА ЛИЧНИ КАРТИ СО НЕПОСТОЕЧКИ АДРЕСИ

Освен адресите во Скопје, преку избирачкиот список „Фокус“ направи проверка и на адресите што се појавуваат на лажните лични карти, а се наоѓаат во други градови. Проверката на адресата Бошко Прцан во Куманово ни откри дека улицата вистински се вика Боро Прцан, а на бројот 14 заведен во документот живее извесно семејство Цветановски, додека во фалсификатот е наведено лицето Мустафа Ш.

Ја проверивме и адресата Горно Пашино број 16 во Кичево, која е впишана во лажната лична карта со идентитетот на Себастијан Р. (една од шесте адреси на ова име), но утврдивме дека вистинската улица се вика Над Пашино. Таму живее извесна фамилија Амити.

Понатаму, улицата Благое Паровиќ број 5 во Куманово, која е искористена за лажната лична карта на идентитетот на Дилавер М., не постои. Ниту еден гласач не се води на таква адреса. Значи, примерите низ државата се поклопуваат со тие во Скопје. Или адресите не постојат или, пак, на нив, очекувано, живеат други лица.

Рамка

МВР СО ОГЛАС ВО ВЕСНИЦИ ЌЕ ТРАГА ПО ЛИЦАТА ОД ФОТОГРАФИИТЕ

МВР сериозно размислува преку огласи во весниците и електронските медиуми да трага по лицата чии фотографии се користени за изработка на лажните лични карти. Полицијата нема систем за препознавање, иако тоа е наједноставниот начин да се открие идентитетот на тие со чии фотографии е украден идентитетот на други. Ако се објават огласите, тогаш секој граѓанин кој ќе препознае кого било од фотографиите, ќе може да пријави. Само така може да се состави целиот мозаик зашто другите околности се јасни – има лични карти, утврдено е дека се фалсификувани, постојат лицата чиј идентитет е украден, но единствено не се знае кои се лицата од фотографиите на личните карти?

Рамка

АФИСОТ НЕ Е РАСИПАН, САМО НЕ Е АКТИВЕН

Една од позначајните информации што ги соопшти Спасовски по стапување на функцијата беше дека АФИС системот за отпечатоци не функционира 14 месеци. Иако јавноста во тоа препозна дека системот е расипан и не се вклучува, сепак вистината била дека системот е исправен, но не е во функција затоа што Македонија му должи околу еден милион евра на францускиот производител на опремата. Така, едноставно МВР нема право да го користи софтверот ако не се платат парите. МВР се оправдува дека нема да плати, затоа што тоа не спровело тендер за набавка на опремата, односно го добиле АФИС-от преку Факултетот за безбедност кој конкурирал на оглас на Министерството за образование за набавка на опрема за научни институции.

Тоа е спорниот конкурс за кој „Фокус“ минатата година прашуваше каде се исчезнати двата АФИС-системи и како третиот завршил во МВР? За овој случај е покрената кривична истрага по пријавата на Фросина Ременски, професорка на факултетот, денес министерка за труд и социјала. Иако опремата била наменета за образовни цели, сепак раководството на факултетот морало да ја препушти на МВР. Тогаш, инволвираните за „Фокус“ тврдеа дека ексминистерката Гордана Јанкулоска знаела сѐ за случајот и иако не смеела, сепак опремата ја повлекла во МВР со нелогични и незаконски одлуки на владата.

Рамка

КАДЕ Е СТАРИОТ АФИС?

Пред да се инсталира новиот АФИС систем за отпечатоци во МВР кој сега не функционира, се користел постар систем за отпечатоци. Некаде во 2012 година, кога бил поставен новиот, стариот систем го снемало. Оваа информација на „Фокус“ ја потврдуваат во МВР со стравување дека податоците може да се злоупотребат, затоа што тој систем е полн. Дали таквиот систем се користи во некоја приватна просторија, зошто е изнесен и што е направено со податоците, ќе истражува министерот Спасовски. Во моментов, истражителите во МВР проверуваат отпечатоци со застарени методи, пред сѐ, преку микроскоп. И наместо и до 500 анализи и споредби на ден, како што се постигнува со АФИС системот, полицајците успеваат да направат по дваесетина. Сега прашање е дали тоа ја отежнува потрагата по отпечатоци на фалсификуваните лични карти? Колку застарените инструменти ќе откријат низ чии раце поминале лажните примероци?

Рамка

КАСАРНАТА ИЛИНДЕН ЈА КРИЕ ВИСТИНАТА ЗА ГЛАСАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ

Обврска да го заштити и да го складира избирачкиот материјал за локалните избори имаат општинските избирачки комисии. По завршување на изборите низ локалните самоуправи, комплетната документација се затвора херметички и се сместува во простории на општината или на друго место кое ќе го определи општинската избирачка комисија. Но, неопходно е да биде сигурно и заштитено место.

За разлика од локалните, гласачките материјали од парламентарните и од претседателските избори ги архивира ДИК. Неофицијално, депото на комисијата е сместено во простории на касарната Илинден. Членови на ДИК кои со години се активни не можеа да се сетат дека некогаш е отворен гласачки материјал, но сега постои налог од јавен обвинител кој ја задолжува ДИК да ги отвори гласачките материјали за да се провери дали лицата од личните карти гласале.

Според процедурата, откако ќе подготви записник за неколкуте изборни циклуси, ДИК ќе го предаде на МВР, кое, пак, има обврска да го извести јавниот обвинител што ја води истрагата. Инаку, материјалите се чуваат во црни вреќи затворени со пломба и во нив се материјалите од сите избори (парламентарни и претседателски) во суверена Македонија. Овие материјали незаконски е потешко да се отворат, за разлика од оние на локалните, кои се низ општините.

Поврзани новости