АРХИВА: Во „Дрисла“ требало  да се уништат 1.300 контејнери опасен отпад од Италија!  

by fokus

Текстот е објавен на 16.03.2017 година во неделникот „Фокус, во број 1119

Кон крајот на 2016 година од Италија тргнале 1.300 контејнери со отпад, кој требало да се складира или уништи во скопската депонија „Дрисла“. На сред пат, во Албанија, отпадот исчезнува, откако Македонија забранува увоз на странски отпад. Оваа еколошка афера отвори низа сериозни сомнежи. Дали „Дрисла“, со која стопанисува италијанска компанија, и во минатото складирала ваков отпад, иако нема капацитет за негово уништување? Дали во Македонија на повидок е нова еколошка катастрофа? Управата на депонијата упорно негира дека отпадот требало да заврши кај нив, но документите во италијанските медиуми, пак, го докажуваат спротивното!

Валентина ВУРМО

Со фотографии од своите роднини кои починале од рак, околу 100.000 жители на Неапол, Италија, во ноември 2013 година протестираа против илегалното депонирање отпад. Според нивните обвинувања, мафијата „Камора“ со години илегално депонирала милиони тони радиоактивен материјал меѓу Рим, Неапол и Казерта. Токму затоа овој регион се нарекува „триаголник на смртта“.

Италијанските медиуми објавуваа дека нема статистички податоци за стапките на заболени од рак во Неапол и околината, но во една од општините е забележано значително зголемување на болните, од 136 случаи регистрирани во 2008 година, во 2012 година нивниот број се искачил на 420 болни.

Може да се каже дека со овој протест граѓаните ѝ отворија војна на мафијата, која се збогатува од уништување отпад. Се дозна дека и италијанскиот парламент бил запознаен со нелегалниот бизнис бидејќи мафијашкиот бос Кармине Шиавоне уште во 1997 година дал изјава пред истражната парламентарна комисија.

Знам од искуство дека до 1992 година регионите во јужна Италија беа загадени со токсичен отпад, отпад од цела Европа, не само од Италија. Не станува збор за илјадници, туку за милиони тони токсичен материјал, рекол Шиавоне пред италијанските парламентарци.

Мафијата имала одврзани раце бидејќи ги врбувала градоначалниците во сите 106 општини, во провинцијата Казерта. Освен тоа, можеле да се потпрат и на молкот на повеќемина министри.

ИТАЛИЈАНСКИТЕ МЕДИУМИ ТВРДАТ: ОТПАДОТ ТРЕБАЛО ДА СТИГНЕ ВО ДРИСЛА

По откривањето на еколошката афера, италијанските медиуми будно го следат движењето на ѓубрето во Италија. Токму затоа и неодамна открија дека исчезнале над 28.000 тони отпад и тоа, верувале или не, на пат кон Македонија!

Поточно, кон крајот на 2016 година, 1.300 контејнери во кои имало индустриски, но можеби и радиоактивен отпад, од Италија тргнал кон Македонија. Товарен на брод, од пристаништето „Џоја Тауро“, отпадот стигнал во Драч, Албанија, од каде што требало да го продолжи патот до крајната дестинација – депонијата Дрисла. Но, откако Министерството за животна средина дава забрана за увоз на отпад во земјава, на ѓубрето одеднаш му се губи секаква трага.

Огромни контејнери, во кои биле складирани илјадници тони отпад, поточно во секој контејнер по 22 тона, исчезнуваат преку ноќ. Буквално како земјата да проголтала 28.600 тона ѓубре, но не е познато дали во Албанија или во Македонија.

Аферата, веќе месец дена, будно ја следат тамошните медиуми, кои упорно копаат за да го пронајдат ѓубрето. Сомнежот го насочуваат кон албанскиот премиер Еди Рама, но откриваат дека и Македонија не е поштедена од истрагата.

Документите со кои располагаме кажуваат дека во 2016 година најмалку 1.300 контејнери, секој тежок по 22 тона, кои официјално биле упатени во депонијата Дрисла во Македонија не ја преминале границата. Истоварени биле во пристаништето  Драч, во Албанија, каде што биле испорачани од пристаништето „Џоја Тауро“ во Италија, пишува „Планета Италија“.

Порталот „Рома“, кој прв и ексклузивно ја објави оваа афера, информира дека официјално станува збор за комунален отпад од областа на Неапол и Кампања, но се стравува дека е можно да има и опасен, радиоактивен отпад, потсетувајќи на еколошките афери, во кои било вмешано италијанското подземје, и тоа токму во овие области.

Првичните шпекулации се дека отпадот исчезнал или во морето или под земјата, односно дека е закопан во подземните тунели и бункери во Албанија, останати од поранешниот комунистички режим, па потрагата на истражителите била насочена токму на овие места.

И во написот на „Планета Италија“ се наведува дека е можно да се работи за опасен или индустриски отпад, кој по забраната за увоз во Македонија, скришно и илегално бил депониран некаде во Албанија.

ИТАЛИЈАНЦИТЕ ИСТРАЖУВААТ И ВО МАКЕДОНИЈА

Според овој медиум, од минатата година, но можеби и претходно, италијанската финансиска полиција го истражува прекуграничниот бизнис со отпад на Италија со Македонија. Тие се повикуваат на изјава на извесна Ели Нетковска, претставник на Институтот за надворешна трговија во Скопје, дадена на нејзин претпоставен. Наводно, таа посочува дека италијанската даночна полиција, заедно со претставник на амбасадата на Италија во Македонија и негов колега од амбасадата на Албанија, спровеле истрага за да се дознае дали пратката со отпад била преземена од Македонија.

– По многу состаноци со Соња Лепиткова, државен секретар за животна средина, Наташа Крстевска, директор на Царинската управа, како и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, заклучиле дека пратката не пристигнала во Македонија, барем не легално…, наводно изјавила Неткова, која додала дека македонската влада во два наврати, во 2016 година, отфрлила увоз на странски отпад на барање од други локални компании.

Од Министерството за животна средина велат дека и тие од медиумите се информирале за исчезнатиот отпад, но тврдат дека тој не влегол во државата, бидејќи во Македонија не е дозволен увоз на отпад.

Во Македонија е забранет увоз, складирање и уништување на отпад од друга држава. Ние не можеме да се справиме со нашиот комунален отпад, а не пак да увезуваме од странски држави. Од концесионерот на Дрисла беше побарано да им дозволиме да увезат отпад од Италија, и само да го складираат, но не им беше дозволено, појаснува за „Фокус“ државниот секретар за животна средина Лепиткова, која додава дека не била дел од никаква истрага за исчезнатиот отпад.

Таа уверува дека отпадот не ја минал границата на Македонија, бидејќи станува збор за огромни количества, кои, според неа, не можат да се внесат незабележително. Но, изразува загриженост доколку отпадот е и во Албанија, бидејќи можеби е скриен во близина на нашата држава, што би можело да предизвика сериозни последици по животната средина.

Од надлежните во Министерството, пак, не успеавме да добиеме одговор, дали пред забраната што ја издале во 2016 година, во државата бил увезуван отпад, иако Македонија нема соодветна опрема и место за негово уништување. Сепак, упатените велат дека до лани во Македонија влегувал странски отпад, посочувајќи на пратки од Косово. Како што нѐ информираат, лани наеднаш бил прекинат бизнисот со ѓубре, кој тежи повеќе милиони евра.

За исчезнатиот отпад од медиумите се информирал и скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој за „Фокус“ појаснува дека не бил испрашуван од истражители од Италија.

Не сум информиран дека Италија во нашата држава води истрага за овој отпад и мене никој не ми побарал информации. Јас дознав од медиумите. Единствено можам да кажам дека Дрисла нема увезено грам отпад, ни изјави градоначалникот Трајановски.

ДРИСЛА: НЕ СМЕ УВЕЗЛЕ НИТУ ЕДЕН КИЛОГРАМ ОТПАД

За еколошката афера став побаравме и од најповиканите, раководството на депонијата Дрисла. На прашањето дали се информирани за исчезнатиот отпад, кои според тврдењата на италијанските медиуми, требало да заврши на скопската депонија и дали претставници на Финансиската полиција на Италија биле на разговор кај нив, добивме кус одговор:

Дрисла – Скопје ДОО уште од самото нејзино основање во 1994 година до денес нема увезено ниту еден килограм каков било отпад, ниту, пак, имало некакви понуди или договори за увоз на отпад од која било држава во светот, ни одговорија од Дрисла.

Но, одговорот што го добивме од раководството на скопската депонија, воопшто не се совпаѓа со информациите што се пласирани во италијанските медиуми.

Тие пишуваат, а приложуваат и документи, дека во февруари 2016 година четириесет општини од Италија со концесионерот на Дрисла, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ДОО, потпишале резолуција за прекугранично располагање со нивното ѓубре.

На истата тема пишува и порталот „Рома“, истакнувајќи дека концесионерот на Дрисла во средината на 2013 година се соочува со италијанскиот пазар за извоз на отпад.

-„ФЛЦ Амбиенте“ победи во Империја (општина – н.з.) и во 67 општини на провинцијата, а потоа и во Кампања. Од 80 до 160 евра ќе наплаќа за секој тон кој се отстранува и транспортира од Италија до Скопје, пишува „Рома“.

Директор на италијанска компанија, пак, соопштил дека добил понуда од концесионерот на Дрисла, за 87 евра за еден тон складирано ѓубре. Во предлогот наводно пишувало дека крајната дестинација на отпадот е во Македонија.

Токму затоа до Дрисла испративме дополнителни прашања, односно побаравме да ни одговорат зошто италијанските власти тврдат дека исчезнатиот отпад бил наменет за скопската депонија, за што приложуваат и документ. Ги прашавме и дали е можно концесионерот без знаење на управата на Дрисла да склучил договори за увоз на отпад, бидејќи, и покрај пишувањата во медиумите, и од Министерството за животна средина ни посочија дека концесионерот барал во 2016 година да увезе и ДА складира отпад, но не му било дозволено.

Извршниот директор и целиот менаџерски тим на Дрисла не е воопшто запознаен со овие информации кои вие ни ги праќате, и согласно тоа не можеме да ви дадеме одговор на вашите прашања и сомневања. Она што можеме како коментар да го дадеме за оваа ситуација е дека до сега Дрисла нема дадено ниту понуда за увоз на отпад, ниту, пак, има склучено било каков договор за увоз на отпад, ни одговорија од Дрисла, додавајќи дека прашањата што се однесуваат на концесионерот и за некои нивни понуди или договори склучени надвор од надлежноста на Дрисла, да им ги испратиме ним.

Од „ФЛЦ Амбиенте“ до затварање на неделникот не добивме одговор на нашите прашања.

БЕСА: ЗГОЛЕМЕНА СМРТНОСТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА КРАЈ ДЕПОНИЈАТА

Италијанските новинари во своите стории за исчезнатиот отпад потсетуваат дека во 2013 година, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ја добива концесијата за управување со комуналниот отпад во Скопје. Потсетуваат и дека компанијата ветила дека ќе инвестира 73 милиони евра, прашувајќи од каде им се толку многу пари, кога основачкиот влог на компанијата бил 10.000 евра, а е основана во 2012 година.

Целта на ФЛЦ, без сомнение, е извоз на отпад од Италија во депонијата Дрисла, пишува „Рома“.

Во продолжение, пак, наведуваат дека лани се случило нешто незамисливо, односно македонската влада не дозволи влез на отпад од Италија.

Без овој отпад, најголемата депонија во Европа Дрисла ја загуби можноста за правење голем профит, заклучува порталот.

Покрај исчезнатата еколошка „бомба“, она што недостасува е и информација, дали пред 2016 година, пред Министерството да ја даде забраната за увоз, во државата, сепак, бил увезуван отпад.

За аферата од италијанските медиуми се информирале и од партијата БЕСА, од каде што ги повикуваат надлежните органи да го истражат случајот.

Бараме веднаш да се спроведе истрага дали опасниот отпад стигнал во Македонија и дали и на кој начин во депонијата „Дрисла“ се уништува отпад, бидејќи информирани сме за зголемена смртност на новороденчиња и на заболени од респираторни заболувања, во населените места во нејзина близина, велат од БЕСА.

Лилјана Поповска, лидер на ДОМ, пак, вели дека неодамна и до неа стигнале гласини дека опасен отпад влегол во државата.

Неколкумина граѓани ми пишаа дека слушнале за увоз на отпад. Веднаш од партијата направивме истражување. Од надлежните институции нѐ уверија дека не постои нешто такво, бидејќи кај нас не постојат капацитети за уништување на овој отпад. Сепак, работата треба да се истера до крај, за да не остане ниту најмал сомнеж, вели Поповска.

И додека во Македонија сите шепкаат за еколошката афера, во Италија и Албанија сериозно се истражува.

Италијанските власти дадоа ветување дека резултатите од истрагата ќе ги објават јавно, бидејќи Италија директно е обвинета од ЕУ за извоз на опасен отпад на Балканот.

„Планета Италија“ пишува дека во Албанија падна и првата политичка жртва, односно иако опозицијата барала оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи го за геноцид, сепак се поизвесно било дека функцијата ќе ја напушти Самир Тахири, министер за внатрешни работи на Албанија.

БОРБАТА ЗА ДРИСЛА СÈ УШТЕ НЕ Е ЗАВРШЕНА

Депонијата Дрисла е изградена во 1991 година и се простира на површина од 76 хектари, од кои 55 хектари се наменети за депонија. Досега искористеноста на депонијата е една третина од вкупниот капацитет, што значи дека може да се користи уште најмалку три децении.

Концесијата за скопската депонија, Градот Скопје му ја додели на италијанскиот конзорциум составен од фирмите, ФЦЛ „Амбиенте“ и „Униеко“. Градот е партнер во случајот, односно влегува со 20 проценти.

На тендерот учествуваше и германската фирма, „Шолц“, која изборот на приватниот концесионер го оспори пред Управниот суд, кој, пак, реши постапката да се поништи поради низа неправилности во изборот и му наложи на градот Скопје да ја повтори.

Но, и на вториот избор, градот повторно ги избра Италијанците, без да ги стават во конкуренција, туку комисијата едноставно ги предложи, а советот на општината по вторпат, ладнокрвно, ги избра. Изборот беше проследен и со соопштение, во кое општината, безмалку, го искара Управниот суд и му укажаа дека забелешките што ги дале се неточни?!

Во пресудата на Управниот суд беа утврдени неколку нерегуларности. Поточно, се наведува дека изборот на ФЦЛ „Амбиенте“ била донесен врз основа на погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба. Поточно, според оваа одлука, предвид не било земено дека избраната компанија немала доказ дека е регистрирана за вршење концесиска дејност, депонирање отпад, издаден од надлежен орган во земјата каде што е регистриран. Исто така, Управниот суд забележал дека победничката компанија, односно ФЦЛ „Амбиенте“ е новоформирана фирма, и тоа основана дури на два дена пред отворањето на понудите на тендерот, па според тоа немала ниту финансии, ниту искуство, согласно критериумите за тендерот.

И по овие укажувања, комисијата по вторпат до Советот на град Скопје достави предлог-одлука, според која, понудата на Италијанците повторно ја сметале за најповолна.

Но, Германците не се откажуваат. Според советниците на СДСМ во град Скопје, тие и по третпат поднеле жалба пред Управниот суд, која е во тек.

Интересно е да се напомене и дека фирмата ФЦЛ „Амбиенте“ на тендерот настапува како конзорциум со друга компанија од Италија, компанијата „Униеко“. Ако ФЦЛ „Амбиенте“ е тазе фирма без голема финансиска моќ и без искуство со менаџирање на отпад, со влог на основање од 10.000 евра, „Униеко“ е фирма која постои еден век и која имаа соодветно искуство. Но, и покрај ваквите портфолија на двете фирми, водечки член во конзорциумот не е „Униеко“, туку ФЦЛ „Амбиенте“. Откако го добиваат тендерот, компанијата „Униеко“ како да заминува во сенка, бидејќи во сопственичките удели и во управниот одбор на Дрисла фигурира само „Амбиенте“, иако победата ја однесоа благодарение на бодовите што ги освои „Униеко“.

Поранешниот директор на Дрисла, Мирко Трипуновски, кој од функцијата си замина во 2001 година, тогаш посочи дека му е јасна борбата за депонијата, бидејќи во неа се крие големо богатство. Затоа тој советуваше дека најдобро би било доколку управувањето со депонијата го преземат неколку фирми, за да можат да се контролираат.

ВО ЃУБРЕТО СЕ КРИЕ ПРОФИТ ОД 180 МИЛИОНИ ЕВРА

Борбата за тоа кој ќе ја добие Дрисла всушност беше борба за тоа кој ќе лапне профит од 180 милиони евра! Токму затоа депонијата беше магнет за странските компании, кои за море од смет, беа спремни дури да предизвикаат меѓудржавни спорови.

Според веќе познатите информации, италијанската ФЦЛ „Амбиенте“ треба за пет години во депонијата да инвестира 73 милиони евра, од кои 20 проценти треба да вложи градот Скопје, со кои ќе се овозможи правилна селекција и обработка на отпадот, од кој ќе се добива и електрична енергија. Кога веќе е познат влогот, треба да се пресмета колкав ќе биде и профитот. За да дојдеме до профитот, ќе ја искористиме пресметката на градоначалникот Коце Трајановски, според која од новата депонија се очекува годишниот профит да достигне шест милиони евра, од кои 20 проценти ќе ги добие градот. Па, така, простата математика покажува, ако земеме предвид дека првите пет години, конзорциумот само ќе вложува, иако ќе собира и профит, наредните 30 години им преостанува да заработат 180 милиони евра.

Новинарите кои ја истражувале италијанската мафија „Комора“, уште во 2011 година ги предупредиле албанските граѓани дека нивната земја може да стане депонија на Европа. Истакнале дека италијанската мафија се фокусирала на депониите во Албанија, Хрватска, Србија и Македонија, гледајќи можност за „гледање низ прсти“ на локалните власти, за нелегалниот увоз на отпад.

Тие предупредуваат и дека еколошката мафија работи со забрзано темпо, бидејќи се работи за неверојатна заработувачка. Според проценките, секоја година од овој нелегален бизнис мафијата заработува 22 милијарди евра. Токму затоа, мафиите како „Коза Ностра“, „Камора“, „Ндрангета“ и „Сакра Корона Унита“ се насочиле кон бизнисот со нелегалниот отпад.

Дали италијанската мафија во својот бизнис ја вклучила и Македонија, надлежните допрва ќе треба да одговорат. Сомнежот е голем, а премолчувањето на дел од прашањата за отпадот, го зголемуваат уште повеќе.

Како и да е, буричкањето низ ѓубрето почна, а со тоа и ширењето на неподносливата миризба, која најавува еколошка катастрофа од големи размери!

ЗА ИСЧЕЗНАТИОТ ОТПАД ЌЕ РАСПРАВА И СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

Поради низата информации и шпекулации за исчезнатиот отпад од Италија, кој бил наменет за Дрисла, советниците на СДСМ во Град Скопје побарале информација од управата на депонијата и градот што навистина се случува. Тие побарале и податоци за тоа колку досега е инвестирано во депонијата.

Бидејќи од градот и управата на Дрисла добивме нецелосни податоци, ја повлековме точката од дневниот ред и им даваме уште дваесетина дена целосно да ни одговорат на нашите прашање. Мора да се расчисти сомнежот, бидејќи граѓаните стравуваат дека дел од загадувањето во градот е и поради Дрисла, вели Драги Давчевски, советник на СДСМ во град Скопје.

ДРИСЛА ВЕЌЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ „МОДЕРНИЗИРА“

И по повеќе од три години од добивањето на концесијата, скопската депонија сѐ уште работи на стариот начин, бидејќи инвестициите се во тек.

Што се однесува до инвестициите на ФЦЛ „Амбиенте“, до сега се добиени две дозволи и тоа: градежна дозвола за инсталација за третман на опасен и неопасен отпад и градежна дозвола за печка за медицински отпад, лекови и друг опасен отпад. Изградена е платформа за инсталација за индустриски отпад, сите пристапни патишта до неа, само уште треба да се постави инсталацијата. За печката за медицински отпад изградена е целосно карабината и пристапните патишта до неа, и се очекува за неколку месеци да бидат пуштени и двете инсталации во употреба. Поднесено е барање за градежна дозвола за инсталацијата за селекција на комунален отпад, за која се очекува да биде изградена и пуштена во употреба до крајот на 2018 година, велат од Дрисла.

ИТАЛИЈАНСКАТА АМБАСАДА БУДНО ЈА СЛЕДИ АФЕРАТА

Од Италијанската амбасада во Скопје велат дека за случајот со исчезнатиот отпад се информирале од медиумите, но немаат повеќе детали.

И ние сме загрижени за случајот, но немаме информација дека финансиската полиција на Италија вршела истрага во Македонија. Никој од Италија не дојде во Скопје за да разговара со претставници на амбасадата, ни одговорија од амбасадата.

Оттаму додаваат дека според нивните информации, италијанската компанија што ја доби концесијата за Дрисла на 3 март годинава, повторно потпишала договор со Градот Скопје, по завршувањето на судските спорови околу доделената концесија.

Поврзани новости