АРХИВА Власта регрутира амбасадори од партии, фирми и од естрадата!

by Fokus

Текстот е објавен на 28 март, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 964

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во сенка на предизборната кампања на политичките партии за претстојните избори, се реактуализира темата за градењето и функционирањето на македонската дипломатска мрежа. Непрекинатите скандали и афери, поврзани со наши амбасадори во европските метрополи, само му даваат тежина на прашањето: какви дипломати ја претставуваат Македонија, ја бранат македонската политика и трагаат по странски инвестиции во странство заради подобрување на домашната економска состојба? Дали најбитни критериуми при испраќањето на амбасадорите се нивното компатибилно образование и соодветното искуство, или, пак, политичката определба и карактерните особини?

Заврши времето на лажни величини во македонската дипломатија“, ќе поентира претседателот Ѓорге Иванов во отчетот за петгодишниот мандат, посочувајќи дека актуелната власт го замислува денешниот дипломат императивно како ангажирана и проактивна личност, со познавања од правото и културата, но и од економијата, технологијата…

 ДИПЛОМАТИ „БРКААТ“ ГЛАСАЧИ

За какви цели се користат дипломатите и службениците од дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство, пишуваа дел од медиумите. Па, голем број од нив, со дискрециска одлука на министерот Никола Попоски, наводно се впрегнати во мобилизација на гласачи во дијаспората за претстојните предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со вториот круг од редовните претседателски избори кон крајот на април. Од минатите избори во 2011 година, тројца од вкупно 123 пратеници во Собранието се избираат од редовите на македонските иселеници во Европа, Австралија и во Америка.

Во јавноста осамнаа десетина имиња на лица, кои требало да послужат во насока на обезбедување гласачи. Меѓу нив се Катерина Бојовска, заменик-конзул во Мелбурн, Никола Ѓорчев, аташе во Стокхолм, Илина Бадева, заменик-конзул во Чикаго, Горан Бојковски, советник во Берн, Елеонора Тодоровска, аташе во Белград, Драган Цветковски, конзуларен агент во Венеција, како и Весна Павлова и Магдалена Матевска, први секретари во Рим, односно во Париз. Во сите наведени места, во поголема или помала мера, живеат иселеници од земјава; настрана нивното етничко потекло и конфесионална припадност.

Од Министерството за надворешни работи не ги демантираа информациите дека испратиле луѓе во ДКП-ата, но истовремено додаваат дека тоа се нивни редовни активности, во насока на пополнување на кадровските празнини и зајакнување на конзуларната работа. Никаде не се спомнуваат активности за партиски цели, што, доколку е точно, се разбира, претставува злоупотреба на функцијата. Под оправдани активности се подразбира исклучиво вклучување во техничките подготовки за изборите.

Како што беше објавено, а притоа никој не демантираше, некои од претходно споменатите лица биле дел од музичкиот и угостителскиот свет пред да запливаат во „дипломатски води“. Оттаму, се јавува дилемата дали образованието и искуството имаат каква било улога при изборот на дипломатите и колку вакви профили може да одговорат на функцијата на дипломатската мисија според виенската конвенција за дипломатски, но и конзуларни односи? Тие се: претставување и заштита на државните интереси, известување за условите во државата и поднесување извештај, унапредување на пријателските и развивање на стопанските, културните и научните врски меѓу двете држави…

 ПОЗИТИВНИ ПРИМЕРИ

Имајќи го предвид сето тоа, од исклучително значење се способноста и вештината на дипломатот, бидејќи целите што тој треба да ги постигне се комплексни и амбициозни. Меѓу моменталните амбасадорски кадри има многу искусни дипломати од кариера, со квалитетно образование, кои својот занает со калеле со години наназад, но се среќаваат и анонимни, несоодветни, па и тврди партиски кадри. Поради нивната мината активност, особено интересни се неколку ликови чии имиња се уште не избиле во јавноста, иако, според информациите на Фокус, за нив веќе е при крај процедурата за назначување за амбасадори во некои светски метрополи.

Инаку, Велибор Атанасовски – Топалоски е новиот македонски амбасадор во Каиро, Египет, каде што доаѓа од амбасадорската функција од Рим. Во главниот град на Италија, пак, се упатува досегашниот македонски амбасадор во Кина, ексвмровскиот пратеник Оливер Шамбевски, кој беше прогласен за најпопуларен амбасадор во најбројната светска држава во 2010 година. На негово место, од амбасадорската фотелја во Москва ќе допатува Илија Исајловски, кој веќе ги одбрани тезите пред надлежната собраниска комисија за надворешна политика, па останува само да ги предаде акредитивните писма.

Понатаму, Игор Попов неодамна пред надлежната собраниска комисија даде отчет за амбасадорскиот мандат во Љубљана и ги одбрани дипломатските тези за новата должност во Хаг, Холандија, каде што досега амбасадор беше Никола Димитров (Димитров, изненадувачки, најави повлекување од дипломатијата откако постапката за негово именување за амбасадор во руската федерација беше речиси заокружена). Попов претходно беше генерален конзул во Истанбул, а учествуваше во мисијата во Ирак кога настрадаа тројца Кумановци. Тој има дипломатско образование на престижен малтешки универзитет.

Уште еден дипломат со долга и плодна кариера, Кире Илиоски, ротира од Шведска и Финска во постојаната мисија на Македонија во ОБСЕ во Виена, каде што веќе ги достави акредитивните писма. Додека ја вршеше претходна должност, тој беше одликуван со финскиот „Комеморативен медал – Маршал Манерхајм“, како признание за неговиот придонес за одличните билатерални односи меѓу двете земји на крајот од неговиот мандат. Претходно, Илиоски бил на служба во Брисел, Тел Авив, Белград…

Во Мисијата на ОБСЕ во главниот град на Австрија амбасадор беше дипломатот од МНР, Зоран Дабиќ, кој замина во НАТО, Брисел. Дипломатот Пајо Авировиќ оди во Израел од мисијата во ООН во Њујорк, каде што замина уште еден дипломат од кариера, Василе Андоновски, откако и двајцата беа упатени од страна на матичната собраниска комисија за надворешна политика. Ненад Колев, порано дипломатски претставник во Естонија, треба да ја преземе должноста во Берлин по одобрувањето на агреманот во јануари годинава.

 БРАНИТЕЛИ НА ВЛАСТА

Доколку за претходно споменатите лица не можат да се најдат забелешки, туку напротив, тие одговараат на природата на функцијата, тогаш истото не може да се каже за другите. И меѓу нив можеби има луѓе кои со право би се пофалиле со образование и искуство, меѓутоа не можат да го оспорат фактот дека биле или дел или блиски до владејачката партија. Тие што не биле, пак, на некој начин го заслужиле местото како сатисфакција за активното бранење на владините политики на јавна сцена.

Така, Слободан Чашуле, Панде Лазаревски и Јован Донев, кои уште минатата година ги презедоа амбасадорските должности во Букурешт, Мадрид и Лондон. Ако Чашуле бил министер и пратеник, а Лазаревски директор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и воедно член на Советот за безбедност кај претседателот на државата, Донев никогаш не бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Токму спротивното, тој бил прв човек на скопската организација на СДСМ, по што му се приклучува на движењето што го лансираше Трифун Костовски за прв човек на Скопје, додека извесен период бил и претседател на Управниот одбор за фондацијата „Сорос“.

Што се однесува до новиот амбасадор во Ватикан, Звонимир Јанкуловски, иако има импозантно образование во Англија и во САД и дипломатско искуство како амбасадор во Советот на Европа во Стразбур (бил и дел од преговарачкиот тим за договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ), сепак, не може да избега од тоа дека беше и цврст критичар во јавноста на опозицијата, пред сè, на таканаречениот „Отпор“. Притоа, тој беше и потпретседател на еден од многуте вмровски коалициски партнери – Новата либерална партија.

И покрај тоа што се вистинска реткост, меѓу актуелните амбасадори има и лица кои се врзувале со партија, но не со актуелната владејачка, туку со опозициска. Таков е случајот со поранешниот пратеник и генерален секретар на социјалдемократите, Благој Ханџиски, кој е македонски амбасадор во Софија, каде што замина од амбасадорската служба во уште пожешката Атина. Лазар Еленовски, поранешен претседател на Социјалдемократската унија, која не е во владејачката коалиција, но се активира како опозициска партија само пред избори, е амбасадор во Белгија.

 ПАРТИСКИ ИГРАЧИ

Додека посочените лица посредно и со временска дистанца се поврзуваат со политичките партии, дипломатската мрежа ја сочинуваат и лица кои директно доаѓаат од партијата на Никола Груевски. Некои од нив дури се во роднинска поврзаност со јавни функционери на други нивоа на власта. Плус, најголем број од нив влегуваат за првпат во дипломатијата од тотално несродно професионално подрачје.

Именувањето на поранешната претседателка на Унијата на жени на ДПМНЕ, Даниела Караѓозоска, за амбасадорка во Хрватска резултира со многу контроверзии во јавноста поради нејзиното недостојно професионално однесување во приватниот бизнис. Во секој случај, Караѓозоска треба да биде нашата нова амбасадорка во Канада, но се чека на одобрување на агреманот. На нејзино место ќе дојде ексминистерот за надворешни работи, моментален пратеник и член на вмровскиот извршен комитет, Антонијо Милошоски, за кого агреманот е одобрен во јануари.

Освен нив, поранешниот советник за надворешна политика во претседателскиот кабинет, Дарко Ангелов, ја напушти амбасадорската функција во Будимпешта и ќе биде новиот шеф на канцеларијата за врски во Атина. Процедурата за избор на Игор Есмеров, поранешен претседател на општинскиот комитет на ВМРО во Центар, за негов наследник во унгарската метропола е комплетирана. Овој магистер по биолошки науки е брат на поранешниот државен секретар во Министерството за одбрана, а денес е раководител на скопската дирекција на Управата за јавни приходи, Петар Есмеров.

Исто така, сопругата на амбасадорот во заминување Мартин ТреневскиВасилка Поповска-Треневска, ќе биде амбасадорка во Виена. Освен што е сопруга на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и партиски активист во дијаспората, Поповска-Треневска е и внука на првиот архиепископ на возобновената Македонска православна црква, Доситеј. Досега таа нема никакво дипломатско искуство, туку потекнува од академската средина, каде што ја градела својата професорска и научна кариера.

Овде неизбежен е и примерот со поранешниот амбасадор во Албанија и актуелен амбасадор во Австралија и Нов Зеланд, Веле Трпевски. Тој е син на Сашо Трпевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Град Скопје, и на Снежана Трпевска, советничка во Општина Центар од истата партија. Амбасадорот Трпевски е економист, кој работел во македонскиот парламент и во македонскиот културен центар во Мичиген за време на дообразувањето во САД.

 МЕНАЏЕРИ, РЕЖИСЕРИ, ПЕЈАЧИ

Другите амбасадори привлекуваат уште поголемо внимание, со оглед на тоа што некои од нив се тотално анонимни за пошироката јавност, а други се колку-толку познати, но во други полиња, кои немаат допирна врска со дипломатијата. Еден од најилустративните примери е амбасадорката во Белград, психијатарката Вера Јовановска – Типко, која беше избрана на владин конкурс.

Новиот амбасадор во Словенија, Томислав Димитровски, има завршен медицински факултет во Скопје и бизнис-администрација во Солун, а работел како менаџер за односи со клиенти во една фармацевтска компанија. И за анонимниот Столе Наумов, чие упатување за амбасадорското место во Украина е во завршна фаза, достапен е податок дека работел како менаџер во приватна компанија за здрава исхрана.

Новата амбасадорка во Шведска, Александра Наќева – Ружин, пак, заминува на служба од директорското место во една осигурителна компанија. Како директорка нејзин приоритет беше развивање и проширување на овој бизнис надвор од границите на Македонија, а како тазе амбасадорка ветува дека ќе работи на продор на домашните компании во Скандинавија.

Определбата амбасадорите повеќе да дејствуваат на економски отколку на политички план најдобро ја демонстрира изборот нов амбасадор во Индија да биде Тони Атанасовски, досегашен економски промотор во оваа земја. Во една прилика, Атанасовски го оцени интересот на Субрата Рој за инвестирање во земјава како магнет за други компании.

Амбасадорот во САД што ги покрива Мексико и Бразил, Зоран Јолевски, чија замена треба да биде поранешниот вицепремиер за економски прашања Васко Наумовски, треба да биде отповикан. Наместо од Вашингтон, Бразил сега ќе се покрива од главниот град Бразилија од страна на Оливија Димова, која моментално живее и работи во бразилскиот град Кутиба.

На крајот, новата македонска амбасадорка во Јапонија е Андријана Цветковиќ, режисерка која речиси десет години живее и работи во земјата на изгрејсонцето. Земјава чека налог за испраќање на екс пејачот Илија Псалтиров за амбасадор во Казахстан, кој дел од своето образование го поминал во Полска, а од неодамна е вработен во МНР.

Новите амбасадори во Црна Гора и во Обединетите Арапски Емирати треба да бидат Кирил Целески и Сашо Ташевски. Двајцата се непознати ликови дури и за интернетот, па затоа за нив не може да се создаде ниту позитивно ниту негативно мислење.

 СКАНДАЛИ И АФЕРИ

Од вака претставената амасадорската понуда на земјава може да се заклучи дека таа е доста колоритна, со квалитетни и искусни кадри, па сè до почетници кои допрва ќе го стекнат првиот ден амбасадорско искуство, така што второто го совладува првото. Ваквиот впечаток се создава со години наназад, кога именувањето на амбасадори главно беше во насока на згрижување на партиски подобни кадри, за кои од различни причини нема работа дома. Истовремено избиваа и многу скандали.

Имено, последен е оној со поранешниот македонски амбасадор во Австралија, Перо Стојановски, кој се најде среде љубовна афера и судски процес со Лидија Думбалоска. Стојановски беше испратен за амбасадор заедно со социјалистот Ацо Спасеновски во Украина, откако двајцата, како министри за образование и за земјоделие, беа жртви на владината реконструкција. Спасеновски повторно допре до домашната јавност со чудно смирувачките пораки дека ситуацијата во Украина не е толку драматична, додека во реалноста се одвиваа масовни и крвави протести!

Нејсе, двајца амбасадори беа во центарот на вниманието кога се произнесоа за состојбите во матичната партија СДСМ по изборниот пораз на парламентарните избори во 2006 година. Тогаш, амбасадорот во Вашингтон, покојниот Љупчо Јордановски, застана зад лидерот Владо Бучковски, а амбасадорот во Лондон, Ѓорги Спасов, побара смена на Бучковски, поддржувајќи ја Радмила Шекеринска. Набргу потоа тие се простија од овие должности, без оглед дали формално сами се повлекоа или беа отповикани.

Минатото, кога ревизорите утврдуваа дека амбасадори биле вклучени во финансиски малверзации околу амбасадите и некои од нив противзаконски ја вршеа функцијата без македонско државјанство, во комбинација со опишаната сегашна ситуација, се доволни индикативни. Всушност, тоа потврдува дека оваа функција секогаш не ја добиваат оние што ја заслужуваат врз основа на стекнатите и здобиени знаења и вештини. Очигледно, времето ги прегазило ваквите „лажни величини“ и роди „проактивни и ангажирани дипломати“, чие образование и искуство е ирелевантно!

 РАМКА 1
Според МНР
ПЕТНАЕСЕТ АМБАСАДИ СЕ НАШИ, ПЛУС ДВЕ ТРЕБА ДА ПРЕЗЕМЕМЕ

Во врска со нашето прашање колку од недвижните објекти во странство, каде што се сместени дипломатско-конзуларните претставништва на РМ, се сопствен имот на државава, а колку се користат под кирија, од Министерството за надворешни работи го добивме следниот одговор:

„…од 56 дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија, 15 се во наша сопственост, плус 2 објекта имаме за преземање. Дел од овие објекти се добиени по пат на сукцесија, а дел се купувани етапно. Имаме наши простории во Берлин, Белград, Берн, Вашингтон, Сараево, Париз, Брисел, Љубљана, Будимпешта, Прага, Истанбул, Виена, Анкара, Цирих, Канбера, додека Атина и Рим останува да се преземат…“.

Во отчетот за сработеното на владата предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека владата отворила нови амбасади во неколку земји во подем, вовела систем на кариера за дипломатите наместо систем на работни места и транспарентен начин на избор на амбасадори преку јавен повик.

 Рамка 2
Нано РУЖИН, ексамбасадор во НАТО
СЕ НАГРАДУВААТ ЛОЈАЛНИТЕ И ПРОВЕРЕНИ КАДРИ НА ВЛАСТА!

Во овој миг, Македонија го поседува најслабиот дипломатски состав на амбасадори од повеќе причини, смета поранешниот македонски амбасадор во НАТО и универзитетски професор, Нано Ружин.

Пред сè, се испраќаат амбасадори, членови на ВМРО-ДПМНЕ, чиј најголем квалитет не се знаењето и дипломатската умешност, искуството и иницијативноста, туку партиската доверба. Некои од нив се без соодветно образование, примени на конкурс, луѓе кои дури сега треба да го учат амбасадорскиот, дипломатскиот, политичкиот речник, чувството за меѓународна политика, меѓународната позиција на Македонија – објаснува Ружин.

Тој додава дека оние амбасадори кои добиваат нови мандати, всушност, се наградени затоа што се проверени и лојални кадри на политиката на власта.

 Рамка 3
Како во студената војна
РАЗУЗНАВАЧИ ИЛИ АМБАСАДОРИ – ЕДНО ИСТО

Новиот македонски амбасадор во Сараево, Фуад Хасановиќ, кој беше амбасадор во арапските држави (ОАЕ, Катар, Кувајт), своевремено работел во секторот за исламски земји во рамките на Агенцијата за разузнавање и во Службата за државна безбедност, подоцна Дирекција за безбедност и контраразузнавање, против националистички и терористички активности.

Кога владата на СДСМ го назначи за заменик на тогашната министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, остро реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Арно, ама, сега, како владејачка партија, не се откажува од неговите услуги, иако, како што дознаваме од извори од МНР , е еден од десеттината амбсадори кои покажале незадоволнителни резултати при оценката за економските активности минатата година.

Опозициската ДПА ги обвини и амбасадорите во Тирана и во Приштина дека или се дел од македонските безбедносни служби. Или, пак, биле тренирани од нив, бидејќи, според резонот на оваа партија, само такви луѓе сме можеле да испратиме во непријателски земји.

Амбасадорот во Албанија, Стојан Карајанов, филолог и писател, работи во МНР од 1998 година, а претходно бил прв човек на Центарот за култура во Тетово. Амбасадор во Косово, пак, е Илија Страшевски, анонимен за дипломатските круго

Поврзани новости