АРХИВА Владиците во служба на ВМРО-ДПМНЕ: Пеат патриотски песни, одат на протести, бранат насилници

by Fokus

Текстот е објавен на 15 септември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1145

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Секој втор верник ќе ви каже дека верува во црквата како институција, но не и во нејзините свештени лица. Македонската православна црква со години ја тресат многу афери, од австралиската до онаа со хотелот „Изгрев“. Но, она што е карактеристично за последните неколку години е дека македонските владици редовно тераат политичка агенда, па се појавуваат на настани од удирање камен –темелник на одредени објекти, па се до протести за одбрана на името и идентитетот.

Според досегашната пракса, дел од владиците за речиси сите политички случувања имаат свои ставови, околу кои јавно се произнесуваат без разлика дали се на протести, на некоја дебата или на осветување објект. Тие, дури честопати се и мета на напади од страна на верниците, кои од нив очекуваат да се држат настрана од политиката и да не проповедаат за одбрана на името, против тиранската платформа, кантонизацијата… Сепак, тоа не ги засега некои од владиците, кои секоја можност ја користат да „сардисаат“ некој политичар кој нормално не е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Единствен политичар кој куртулил од нивните „клетви“ и „анатеми“ е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во чија одбрана редовно застануваат.

Претходната власт, од 2006 година ја има целосната поддршка од Светиот синод, кој пред повеќе од пет години почна активно да се занимава со политичка агенда. Нивниот прв јавен напад беше врз експремиерот Љубчо Георгиевски, кого вербално го жигосаа со погрдни и навредливи зборови, барајќи од народот на демократски начин да го „награди“ со конечен заборав и да му го покаже неговото место во свршеното минато. Дури го нарекоа и најгласниот говорител на нечуените фалсификати и лаги за македонската вистина. Во нивната агенда се најде и актуелниот градоначалник на скопската општина Центар Андреј Жерновски, за кој тврдеа дека не ја поддржал веронауката во училиштата.

Изминатава деценија и повеќе, Македонија е секуларна земја само на хартија. Владиците редовно, речиси дневно, се произнесуваат за актуелни политички прашања. Дел од нив, одвреме-навреме се јавуваат и во улога на владини портпароли.

 РЕД ИСПОВЕД, РЕД ВМРО

Светиот синод брои 12 владици, кои управуваат со ист број епархии. Тие редовно се мета на критики за тоа колкави плати земаат, во какви луксузни автомобили и џипови се возат и колку скапи им се ценовниците за венчавки и погреби. Архиереите секојдневно функционираат по одредена шема. Троа исповед, троа партиска агенда. Сепак, двајца од нив, кои го заземаат главното место на листата и кои во последните неколку години, покрај црковната водат и политичка агенда се повардарскиот владика Агатангел и митрополитот преспанско пелагониски Петар.

Тие редовно можат да се слушнат како проповедаат за 27 април, односно за крвавиот четврток кога во Собранието беа претепани пратениците од парламентарното мнозинство, потоа за тиранската платформа што според нив сака да ја спроведе СДСМ, за двојазичноста, кантонизацијата, за промена на името…

Последниот скандал за кој пишуваа медиумите, а во кој главната улога ја одигра владиката Агатангел се случи пред некој ден на осветувањето на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, каде што митрополитот на повардарската епархија не го поканил ктиторот Кочо Анѓушев, кој помогнал со 230.000 евра за изградбата. Единствено, на осветувањето на храмот беше поканет лидерот на ДПМНЕ, Груевски, кој според нашите информации бил во првите редови со уште неколку пратеници од ДПМНЕ. Се уште не е јасно во која улога присуствувал екс премиерот на осветување на црква во Велес? Но, ниту тоа не треба да не чуди, кога се во прашање владиците.

Меѓутоа, тоа не е единствениот случај во јавноста каде може да се забележи дека владиката Агатангел ја дава поддршката на претходната владејачка гарнитура.

Краток период по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, 2016 година, лидерот на ДПМНЕ почна да води кампања, тврдејќи дека ако СДСМ дојде на власт ќе ја спроведе Тиранската платформа, а со тоа таа влада автоматски станува антидржавна и работи против интересите на Македонија. Оттука произлегоа и протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“ кои траеја повеќе од 50 дена во речиси сите градови низ државата, со цел да се одбрани името, идентитетот и суверенитетот на Македонија. Дека протестите во позадина беа организирани од штабот на ДПМНЕ покажува и тоа што еден од главните организатори Богдан Илиевски, познат во јавноста како Бетмен Велит, кој цело време тврдеше и убедуваше дека не се политички мотивирани, на крајот заврши како член на Извршниот комитет на партијата.

На дел од тие протестни собири беше и владиката Агатангел, кој во Велес дури им се обрати на присутните со пораката дека државата мора да се сочува, бидејќи ако се изгуби, ќе се изгуби и Светата православна црква. Но, тој не остана само на таа порака, па по повод празникот „Св. Кирил и Методиј“ во црквата Света Богородица во село Ваташа, Кавадарци одржа света литургија на која освен што се осврна на значењето на браќата просветители, одржа и мала лекција за таканаречената тиранска платформа, па неговиот црковен говор повеќе прилегаше на партиски митинг.

Сите се боревме за независна унитарна Македонија. Сите ви ветуваа дека така и ќе остане, и го молиме Господ Бог така да биде, како што е сега. Да се почитуваме, да се сакаме, да ја отфрлиме тиранската платформа, да не се поклонуваме на туѓи платформи и на туѓи богови. Немојте да дозволите, ве молам од ова свето место, таа тиранска платформа да се протне низ нашите семејства, затоа што тоа е злото, тоа е пропаста на Македонците! – им порача владиката на верниците, од кои што дел го слушаа во чудо, изненадени од неговиот говор.

Факт е дека митрополитот Агатангел никогаш не се криел јавно да ги изразува своите политички ставови, па тоа не го направи ниту во 2014 година за време на претседателските избори кога јавно му даде поддршка на претседателот Ѓорѓе Иванов.

Немам ли право јавно да изразам поддршка? Еве, пак ќе повторам, го поддржувам јавно Иванов за претседател на државата – тврдеше пред две години во изјава за „Фокус“ повардарскиот митрополит.

Пред неколку дена повторно се обративме до владиката и го прашавме зошто ги поддржа протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“, дали ја подржува ВМРО-ДПМНЕ и зошто ја меша политиката со црквата. Тој само кратко ни одговори:

Јас сум Македонец и секоја македонска партија ја подржувам. Мислам дека тоа е доволно јасно – додаде Агатангел.

ВЛАДИКАТА ПЕТАР ГИ БРАНЕШЕ НАСИЛНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

Фотографиите од крвавите настани во Собранието на 27 април во кои беа претепани пратениците на парламентарното мнозинство го обиколија светот и предизвикаа низа бурни и негативни реакции. Свој осврт на собраниските настани даде и митрополитот од Австралиско-новозеландската епархија Петар кој речиси еден месец по настаните во емисијата „Гласот на народот“ на Радио Слободна Македонија тврдеше дека поголема вина имаат оние што ги предизвикале луѓето да влезат во Законодавниот дом и да го направат тоа.

Предизвикувачите се оние што извршија насилство врз државните закони,  врз Уставот на Македонија,  Деловникот за работа на Собранието, итн … И вие штом вршите насилство врз институциите на државата очекувајте дека ќе има возврат на тоа… Значи, тие ги поттикнаа на тоа, ако не ги поттикнеа тие на тоа, немаше овие тоа да го направат. Оти знаете како кај нас се прави, ќе ги насочите луѓето, ќе ги предизвикате да направат зло, вие не сте виновникот, а виновници се оние што од желба за да си го заштитат достоинството на својата татковина, за унитарната држава, за симболите на својата татковина, за редот и поредокот – тврдеше во мај преспанско-пелагонискиот владика, кој наместо да го осуди насилството, ги бранеше тепачите.

Тој своите политички симпатии кон ДПМНЕ не ги крие веќе години наназад, па така во април, годинава владиката Петар придружуван од пратениците на тогашната владејачка гарнитура и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, испеа опело по повод панихидата од 115 годишнината од смртта на Методија Патчев, за кое не употреби црковна песна туку, на гробиштата ја запеа „Послушајте патриоти“. Според видеата и фотографите кои беа објавени можеше да се забележи дека таму присуствуваа и членови на неколку патриотски здруженија, кои беа со знамиња во рацете на кои јасно беше испишано името на Тодор Александров.

Овој сам по себе нецрковен настан кој го направи владиката Петар предизвика реакции и критики.

За жал, митрополитот Петар не гледа ништо лошо во тоа. Тој смета дека покажал и доблест што пеел патриотски песни.

Да се пеат некој непристојни песни, да, јас лично би забележал и би барал прошка за тоа. Има Владици кои се однесуваат непристојно, а народот не реагира, а реагира затоа што Владиката запеал патриотска песна – тврдеше тогаш митрополитот Преспанско-пелагониски.

Ова не е првпат владиката Петар да се вмеша во политичките случувања во државата. Тој учествуваше и во политичките протести низ Прилеп како дел од иницијативата „За Заедничка Македонија“, а беше дел и од протестите во Битола и тоа секогаш во првите борбени редови.

Митрополитот Петар го следеа и низа скандали во Австралиско-новозеландската епархија, со која управува од 1995 година. Тој пред три години го исклучи од црквата во Австралија, Игор Аврамовски Александров, обвинувајќи го за формирање на парацрковна организација со расчинети свештеници. На тоа Аврамовски му врати дека му е чест што е исклучен од таков богохулец како Петар, со оглед на тоа што тој ги разоткрил сите негови злодела.

На овој начин, сепак, се потврдува блиската врска меѓу црковниот клир и власта. Зошто е потребно поповите и владиците да агитираат за одредена партија? Блискоста не беше спорна и порано; особено се познати блиските релации на архиепископот Стефан со ВМРО-ДПМНЕ. На речиси секоја фрлена лопата, тој ги осветуваше темелите. Наместо црковните лица да се занимаваат со духовните работи и со духовното обединување на народот, тие сè повеќе се инволвираат во политиката и се ставаат во служба на партиите.

Рамка1:

АГАТАНГЕЛ РЕДОВЕН НА ВМРОВСКИ ОРГАНИЗИРАНИ ПРОТЕСТИ

 Владиците не стоеја настрана од политичките случувања во земјава и во 2013 година, само три месеци по локалните избори кога Андреј Жерновски во третиот круг успеа да стане градоначалник на скопската општина Центар, за која „вмровците“ водеа голема битка. Во јуни, истата година „верниците“ од здружението „Веритас“ протестираа во неколку наврати пред општина Центар, обвинувајќи го актуелниот градоначалник дека сака да ја руши црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на градот. „Верниците“ кршеа и ја рушеа општината, а меѓу протестантите можеше да се види и повардарскиот владика Агатангел кој тврдеше дека дошол да го брани евентуалното рушење на црквата, како и да ги одбрани своите пари, кои ги донирал за неа.

Тој го нападна својот колега, европскиот владика Пимен дека дошол обуен во патики и без мантија со цел да не го препознаат. Европскиот владика во тој период тврдеше дека протестите се политички организирани.

Доказ за тоа подоцна беа и „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев во чии аудио-снимки можеше да се слушне како Груевски договара со екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на тие протести некој да му удри неколку шамари на Жерновски и тој што ќе го направи тоа ќе помине само со прекршочна пријава. За овој случај Груевски е осомничен од страна на Специјалното јавно обвинителство и против него се води судски процес.

Рамка2:

ВЛАДИКАТА ПИМЕН:

ВЛАДИЦИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ЗАЗЕМААТ ПОЛИТИЧКА СТРАНА

Европскиот владика Пимен е еден од владиците, кој без влакна на јазикот ги кажува сите негативни случувања во општеството, без разлика од која партија доаѓаат. Тој во изјава за „Фокус“ тврди дека политиката и црквата не треба да се мешаат.

– Јавно подржување на било која партија од страна на владиците не смее да има. Црквата треба да биде совест на општеството и да ги критикува сите негативни појави. Не смееме да дозволиме да се зазема некоја политичка страна – велил владиката Пимен.

Рамка3:

ВЛАДИКАТА ПЕТАР ТВРДЕШЕ ДЕКА ЖЕНИТЕ СЕ ПРИЧИНА ЗА РАЗВОДИТЕ

Владиката преспанско-пелагонски Петар во неколку изјави досега нагласи дека не смее да се дозволи да се промени името на државата.

– Не смееме да дозволиме да се промени јазикот, да не се вика македонски, не смееме да дозволиме да се промени химната. Тоа е се што имаме – тврдеше Петар во неколку телевизиски обраќања.

Тој, исто така беше против абортусот, а тврдеше дека и жените се главната причина за зголемениот број разводи во земјава.

Рамка4

ЗА АГАТАНГЕЛ АЛБАНЦИТЕ НЕ СЕ НИ 15 ОТСТО

Митрополитот повардарски Агатангел на еден протестен собир во Велес на иницијативата „За заедничка Македонија“ во март годинава, меѓудругото се пресмета со Тиранската платформа и со странските амбасадори:

-Треба да направиме попис и да се преброиме, па така ќе видиме дека тие што бараат двојазичност и кантонизација не се ни 15 отсто. Затоа драги мои да се сплотиме од ова место пред споменикот на Рацин, ги повикувам двете најголеми македонски партии да седнат на тркалезна маса и да ги решат сите меѓусебни недоразбирања, ако сакаат и нека се истепаат но, да излезат со јасен став дека нема да ја делиме Македонија – рече Агатангел.

Во говорот владиката уште ги повика дипломатите да не се мешаат во работата на претседателот Ѓорѓе Иванов, а Македонците да не си ја даваат земјата.

 

Поврзани новости