АРХИВА: Трајановски потрошил над 13 милиони евра за шминкање на Скопје со барокни фасади

by Фокус

Текстот е објавен на 17.11.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1153

Податоците што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека Градот Скопје откога беше најавен проектот „Скопје 2014“ во 2010 година спровел постапки за обнова на 25 фасади во центарот на градот, за што биле биле склучени договори во износ од над 12 милиони евра само со градежни компании, меѓу кои може да се сретнат и фирми блиски до поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите за изработка на идејни и основни проекти, произлегува дека Градот за оваа намена потрошил над 13 милиони евра. Притоа, идејните решенија главно ги изработиле неколку архитекти, чии компании потоа ги изработиле и основните проекти, врз основа на што драстично се измени ликот на центарот на метрополата.

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

За време на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, владите на Никола Груевски истурија милиони евра за изградба на нови објекти, на административни згради во барокно руво и на спомен-обележја од античката и современата историја, кои целосно го изменија ликот на главниот град. Освен што подигаа нови зданија во рамките на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, властите потрошија огромни средства за козметичка интервенција и во изгледот на постоечките објекти, целосно трансформирајќи ги со нови фасади, а на тој начин менувајќи го целокупниот амбиент.

Имено, оваа операција на преоблекување на централното и урбаното подрачје на метрополата се спроведуваше преку Град Скопје. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, во периодот од 2010 година до денес, Градот предводен од довчерашниот градоначалник Коце Трајановски потрошил над 12 милиони евра само за градежни работи при реконструкција и обнова на фасади. Доколку кон оваа сума се додадат средствата од градската каса потрошени за идејни решенија и основни проекти, се доаѓа до износ од над 13 милиони евра.

Притоа, компаниите на авторите што ги изработувале идејните решенија добивале и тендери за изработка на основните проекти. Згора на тоа, дел од компаниите што ги изведувале фасадите на повеќе начини може да се доведат во корелација со поранешната централна власт на ВМРО-ДПМНЕ и локална власт на чело со Трајановски.

КОЈ ИМАЛ БЕНЕФИТ ОД НОВИТЕ ФАСАДИ?

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме информација колку постапки Град Скопје спровел за реконструкција и обнова на фасади на објекти во надлежност на општината во периодот од 2010, кога се најави проектот „Скопје 2014“, до актуелната 2017 година. Потоа, прашавме колку средства општината потрошила за реконструкција и обнова на фасади во посочениот период. И на крајот, се интересиравме кои компании ги вршеле работите, односно која компанија колку фасади реконструирала, кога и колку средства инкасирала за секој објект одделно?

Од Градот ни доставија одговор дека во периодот од 2010 година до денес обезбедиле вкупно 69 идејни конкурсни решенија, изработени од страна на 9 автори, за што потрошиле 4.911.727 денари (80.000 евра). Потоа, Градот посочува оти ангажирал 9 проектантски фирми, кои изработиле вкупно 50 основни проекти, за што исплатиле 33.074.986 денари (538.000 евра). Конечно, Градот истакнува дека склучил договори со 7 компании, кои реконструирале 25 фасади за сума од 777.336.442 денари (12.623.500 евра). Арно ама, од таму не ни доставија информации кои автори и компании ги изработиле идејните решенија, основните проекти и самите фасади, ниту колку средства зеле по тој основ за секој објект посебно.

Во секој случај, тоа значи дека Градот Скопје нарачал 69 идејни решенија и 50 основни проекти, врз основа на кои досега биле реконструирани и обновени 25 фасади, што е половина од објектите за кои Градот платил и добил основни проекти, а повеќе од половина помалку од оние што планирал да ги обнови, па нарачал идејни решенија. Како и да е, парите што Градот предводен од Трајановски ги потрошил за фасадите од фаза на идејно решение, преку основен проект, до изведба, се околу 13.241.500 евра, од кои, очекувано, убедливо најголем дел завршиле кај градежните компании што ги изведувале работите.

Меѓу авторите и компаниите што ги изработувале идејните решенија, основните проекти и ги изведувале новите фасади, може да се сретнат неколку имиња на физички и правни субјекти кои добиле најмногу и најголеми договори со градот за промена на ликот на објекти во центарот на Скопје. Интересно е тоа што некои од авторите на идејни решенија поседуваат компании кои потоа добиле тендер за изработка и на основниот проект. Но, она што е најиндикативно, дел од градежните компании што ги вршеле работите имаат конекции со поранешната градска власт предводена од Трајановски и со централната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

НЕКОЛКУ АРХИТЕКТИ СТОЈАТ ЗАД МЕНУВАЊЕТО НА ЛИКОТ НА ГРАДОТ

Според податоците објавени од страна на Бирото за јавни набавки, Град Скопје во 2010 година распишал два конкурси за идејни решенија за реконструкција на фасади на објекти во централниот плоштад во Скопје (ул. „11-ти Октомври“ бр. 2 – објектот над ресторанот „Пелистер“ и ул. „Никола Вапцаров“ бр. 2 – објектот над кафулето „Тренд“). И во двата случаи, за најдобро идејно решение било избрано она на архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов, чија „победа“ на двата конкурси им донела по 90.000 денари или вкупно 180.000 денари. Воедно, нивното идејно решение било прворангирано и на конкурсот на Градот во 2011 година за реконструкција на фасади на плоштадот Пела, за што ја добиле првата награда од 60.000 денари.

Понатаму, Градот Скопје во 2012 година распишал неколку конкурси за идејни решенија за фасади во централното градско подрајче – на самиот плоштад, на Рекорд, на ул. „Македонија“ итн., при што повторно се сретнуваат имињата на Стакинов и Димов. Имено, тие за идејните решенија на објектите познати како „Сити Галери“ и „Метропол“ добиле 450.000 денари. На останатите конкурси оваа година победиле архитектите Живко Чаушевски и Ѕвонко Ставревски, кои за изработка на идејни решенија на фасади на објекти на улиците „Димитрија Чуповски“, позната како Рекорд, „Никола Вапцаров“, една од улиците која од Рекорд водат кон плоштадот, и најпознатата ул. „Македонија“ добиле вкупна награда од 1.670.000 денари (Чаушевски добил 1.020.000, а Ставревски 650.000 денари).

Ништо поинаку не е ниту во 2013 година, кога Стакинов и Димов биле најдобри на конкурсот за фасади на објекти на улицата „Црвена скопска општина“ (спроти старата автобуска станица, каде порано беше Министерството за транспорт и врски), вреден 150.000 денари, додека Чаушевски бил прв на конкурсот за 5 објекти на „Кеј 13-ти Ноември“, вреден 90.000 денари. На третиот конкурс кој се однесувал за 16 објекти на булеварот „Илинден“ (од владината зграда кон Градскиот парк), пак, Стакинов и Димов ќе ги прават идејните решенија на 10 објекти, што ќе им донесе вкупно 250.000 денари, додека Ставревски инкасирал 50.000 денари за два објекти. Преостанатите две фасади ги работеле Бујар Муча и Предраг Андонов, кои за тоа добиле по 25.000 денари, или вкупно 50.000 денари.

Во 2014 година, Градот Скопје паузира со идејните решенија за фасади, но во 2015 и 2016 година продолжува да објавува конкурси, на кои како победници се вртат горе-долу истите луѓе. Така, на пример, Стакинов и Димов инкасирале 426.250 денари за идејните решенија за фасади на објект на „Димитрија Чуповски“ (Рекорд), на два објекти на „Црвена скопска општина“ и 3 објекти на Плоштадот ВМРО, во непосредна близина на централното седиште на ДПМНЕ. Покрај нив, Чаушевски во двете години добил вкупно 325.000 денари за 8 фасади на „Рекорд“ и на Плоштадот ВМРО, додека една фасада останала за Васил Велков (25.000 денари), Миодраг Никитовиќ (50.000 денари) и Петар Паскалиев (50.000 денари).

ЕМ АВТОРИ НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА, ЕМ ИЗРАБОТУБАЧИ НА ОСНОВНИ ПРОЕКТИ

Оттука може да се види дека врз основа на идејните решенија на неколку лица сменети се фасадите на многу објекти во центарот на Скопје. А, најмногу средства по овој основ инкасирале неколку архитекти, така што 80 отсто од средствата завршиле кај Стакинов, Димов и Чаушевски, додека помал дел заминал кај Ставревски, Муча, Андонов, Велков, Никитовиќ и Паскалиев. Сепак, приходите на најексплоатираните дизајнери на новиот лик на Скопје не се ограничени само на идејните решенија, со оглед на фактот што некои од нив поседуваат или се поврзани со компании кои ги изработувале основните објекти за реконструкција на фасадите.

Во тој контекст треба да се споменат Стакинов и Димов, чие дело е идејното решение за новиот објект на Народна банка, Рајскиот парк во Аеродром итн. Како што стои во Бирото за јавни набавки, тие во тендерските постапки спроведени од Град Скопје за изработка на основни проекти за изведба на нови фасади се претставувани од компанијата „Жагра-ком“. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија за изградба на нискоградба е основана во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски за првпат доаѓа на власт. Моментално, сопственик на компанијата е Живка Христова, а управител е Ана Џорџевиќ.

Според Бирото за јавни набавки, Стакинов и Димов претставувани преку „Жагра-ком“ склучиле два договори со Град Скопје за изработка на основни проекти за изведба на фасади во вкупен износ од 3.500.000 денари (1.200.000+2.300.000). Притоа, двата договори не биле склучени во отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во однос на тоа, објаснувањето од Град Скопје гласи дека авторите на идејното решение се избрани да го изработат и основниот проект од причина што „наградениот труд по својот архитектонски израз и намена по многу нешта е оригинално творечки и специфичен по идеја, содржина и технологија и како таков претставува основа за негова доработка и преработка во идеен проект и основен проект согласно Законот за градење“.

Исто така, Град Скопје склучил неколку договори за изработка на основни проекти и со компанијата „Архитектоника“, чиј сопственик и управител е семејството на Чаушевски, кој е автор на идејните решенија на многу објекти на Кејот, Рекорд, ул. „Македонија“, Плоштадот ВМРО, но истовремено е заслужен за новиот лик на владата, зградата на Водовод, а беше избран и за креатор на новиот лик на ГТЦ. Впрочем, тој е коуправител на компанијата заедно со неговиот брат Никола Чаушевски. Оваа компанија склучила десетина договори со Градот за основни проекти за фасади во вкупна вредност од над 14 милиони денари, и тоа сите во постапка со преговарање, бидејќи општината одлучила да му го додели тендерот на најдобриот или на еден од најдобрите понудувачи на конкурсот за идејни решенија.

КАДЕ ЗАВРШИЈА НАЈГОЛЕМИТЕ ПАРИ?

Арно ама, Стакинов, Димов и Чаушевски не се единствените кои изработиле и идејно решение и основен проект за фасади за одредени објекти. Истото е случај и со архитектите Муча и Андонов, кои изработиле идејно решение за фасади на објекти, а потоа нивната компанија добила тендер и за изработка на основен проект. Поточно, нивната компанија „Мегарон Инженеринг“ склучила договор со Градот во износ од 99.000 денари за изработка на основен проект, исто така, во постапка со преговарање без објавување на оглас, или со други зборови, без конкуренција и конкурентен натпревар, што, доколку постоело, ќе го намалело трошокот за Градот.

Исто така, Град Скопје склучил договори за изработка на основни проекти и со други компании, меѓу кои и битолската компанија „Проинг“, чиј сопственик и управител е Љубе Никодинов. Оваа компанија основана во 2000 година по основ на неколку договори за јавна набавка со Градот за изработка на основни проекти склучила договори во вкупна вредност од над 6 милиони денари. Потоа, меѓу субјектите што добиле тендери за изработка на фасади се „Инком“, „Паскал Проект“, „Градежниот институт“, кои, сепак, добиле помалку тендери во споредба со претходно споменатите.

Но, најголемите пари од изградбата на фасади се слеале на сметките на градежните компании што ги извршувале градежните работи. Па така, најмногу договори со Град Скопје за обнова на фасади склучила „Пелагонија АД Гостивар“, која инкасирала и најмногу средства. Конкретно, компанијата во 2014 година добила по три дела од два големи делливи тендери за реконструкција на објекти во центарот на Скопје, на улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“, во вкупна вредност од скоро 2 милиони евра. Потоа, кон крајот на 2016 година, двете страни склучиле договор за реконструкција на фасади на 6 објекти на популарната ул. „Македонија“ во вредност од околу над 1,1 милиони евра итн.

На второ место, според бројот и висината на добиени тендери од Град Скопје, за реконструкција на фасади е „Бауер БГ“, која преку десетина договори добила околу 3 ипол милиони евра. Покрај договорите за реконструкција на повеќе фасади во центарот на Скопје, Градот и „Бауер БГ“ склучиле и неколку договори во постапки со преговарање без претходно објавување на оглас. Така, „Бауер БГ“ во 2011 година го добила тендерот за реконструкција на објект над кафулето „Тренд“ во износ од 471.500 евра, додека во 2013 година склучила нов анекс-договор за непредвидени работи во износ од 127.000 евра, што кореспондира со горната граница од максимално дозволениот праг од 30 отсто од вредноста на основниот договор.

ОД НАЈЕФТИН ПОНУДУВАЧ ДО НАЈСКАП ИЗВЕДУВАЧ

Овде треба да се наведе дека компанијата со Градот Скопје склучила договор по пат на преговори и за изградба на втората фаза од овој објект во износ од 287.500 евра. Како што објаснува Градот, по објавување на огласот, само една компанија, односно само „Баугер БГ“ се пријавила, доставувајќи понуда која е повисока од реалните цени на пазарот и проценетата вредност на набавката. Затоа, Градот одлучил да спроведе нова постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, во чии рамки склучил договор со „Бауер БГ“, кој, сепак, бил повисок од проценетата вредност на договорот, со што компанијата за фасадата на овој објект, во првата и втората фаза, со основен и анекс-договор, инкасирала вкупно 886.000 евра.

Инаку, меѓу оваа градежна компанија, чии сопственици се Горан Димитров и Благој Димитров и градоначалникот Трајановски може да се најдат неколку допирни точки. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека компанијата е формирана во 2005 година, кога Трајановски е избран за градоначалник на Општина Гази Баба, функција што ја извршува се до 2009 година, кога станува градоначалник на Скопје. Моментално, компанијата има седиште на булеварот „Илинден“, но кога се формирала, случајно или не, имала седиште токму во општината Гази Баба.

За поврзаноста меѓу компанијата и Трајановски говори податокот дека во 2008 година „Бауер БГ“ победила на тендер на општината Гази Баба за тековно-инвестициски проекти во висина од 80.000 евра. Но, како Трајановски се сели во градоначалничкото столче во Град Скопје, така „Бауер БГ“ почнува да добива тендери од Градот, при што специфични се дузината анекс-договори. Со други зборови, оваа компанија првично ги добива тендерите како најефтин понудувач, но на крајот инкасира повеќе средства благодарение на анексите.

Во поткрепа на тоа има многу примери. Колку за илустрација, при крајот на 2013 година, Град Скопје на тендер ја избрал фирмата „Бауер БГ” за да реконструира дел од улицата која поминува покрај Француските гробишта, при што единствен критериум на тендерот била најниската цена. „Бауер БГ” со понуда од 500.000 евра ја победува конкурентската понуда од 507.000, меѓутоа, во 2014 година компанијата и Градот склучиле анекс-договор, со кој градежната компанија добива уште 66.000 евра. На тој начин, на крајот понудата на компанијата излегла поскапа за неколку десетици илјади евра.

ЈАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ И ОБВИНЕТИ ЛИЦА ДОБИЛЕ ДЕЛ ОД КОЛАЧОТ

Дополнително, во портфолиото на „Бауер БГ“ може да се вбројат бројни проекти како резултат на соработката со Град Скопје, но и со други државни органи и институции, меѓу кои изведбата на барокната фасада и оградата околу владата, изградба на плоштадот „Скендербег“ со надземен пешачки премин, неокласичниот објект кај „Бихаќка“ за три државни институции итн. Но, да се вратиме на изведбата на новите фасади во центарот на градот реализирани преку Град Скопје, за што значителни средства инкасирале и други градежни компании.

Една од нив е компанијата со австриски капитал „Билдинг Солушинс“, основана од ЛСГ Виена, која склучила договори за обнова на фасадите на „Рекорд“ во вкупен износ од над 2,7 милиони евра. По неа следува добро познатата компанија „Трансмет“ во сопственост на браќата Кочан, која, исто така, добила два тендери од Градот за фасади на улицата „Даме Груев“ (од ТЦ Плаза до Собрание на РМ) во вкупна вредност од над 2 милиони евра. Како што е познато, поранешниот управител на компанијата Сеад Кочан е обвинитет од страна на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Труст“ за измама при добивање на милионски тендер за ископ на јаглен и јаловина од РЕК Битола.

Во редот на компании што соработувале со Градот за обнова на фасада мора да се спомене „Урбан Инвест“ од Кавадарци, формирана во далечната 1990 година од Славица Гркова и Јован Грков, која склучила 3 договори со Градот во вкупна вредност од околу 1,6 милиони евра. Всушност, сите договори се однесуваат на еден објект – „Сити Галери“. Прво, Градот и „Урбан Инвест“ во 2014 година склучиле договор во вредност од 1,5 милиони евра, но во 2015 година по пат на преговарање склучиле договор за непредвидени работи во износ од 96.500 евра, за во 2016 година да склучат уште еден анекс за истиот објект во износ од 15.000 евра.

На крајот, треба да се напомене и струмичката градежна компанија „Жикол“, која преку еден договор во 2014 година за обнова на фасади во централното градско подрајче инкасирала над 247.000 евра. Иако добила најмал дел од колачот од фасадите, сепак, оваа компанија може најдиректно да се доведе во корелација со ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека сопственик на компанијата е таткото на довчерашниот управител Никола Пандев, кој во минатиот мандат беше советник во Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Како што веќе пишувавме, оваа компанија почнува да доживува подем од 2012 година, откога склучува десетици договори за јавна набавка, чија вредност достигнува скоро 50 милиони евра.

МОРАТОРИУМ НА ФАСАДИТЕ

Според податоците од Министерството за економија, струмичката компанија „Жикол“ склучила и 4 договори за концесија за минерални суровини во 2011 и во 2014 година, од кои 2 се однесуваат за експлоатација на песок и чакал, а 2 за експлоатација на варовник. Паралелно со тендерите и концесиите, растеле приходите и профитот на компанијата, кои, како што откриваат нејзините финансиски извештаи, во последните години достигнале над 20 милиони евра (вкупни приходи), односно скоро 3 милиони евра (добивка), што значи дека се зголемиле за двојно во споредба со периодот претходно.

Кога ќе се направи пресек на сето тоа, слободно може да се констатира дека во периодот од 2010 година досега, Градот Скопје обновил 25 фасади во центарот на Скопје, за што потрошил над 12 милиони евра само за работите што ги изведувале градежните компании. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите што Градот ги потрошил за изработка на идејни и основни проекти за менување на ликот на објектите, се доаѓа до податок дека Градот за време на раководењето на Трајановски потроишил над 13 милиони евра за обнова на фасади.

Веднаш по преземањето на локалната власт, новиот градоначалник Петре Шилегов дал усна наредба да се стопираат сите фасади што моментално се градат, за што биле предвидени околу 1 ипол милиони евра, кои новите власти ќе ги пренаменат за други потреби. Но, прашање е што се можеше да се направи со парите што веќе се потрошија за фасади од стиропор.

 

Слободан Најдовски, економист
НЕНАНЕМСКИ СЕ ПОТРОШИЈА ПОЗАЈМЕНИ ПАРИ ЗА СТИРОПОР, ГИПС И БАЛКОНИ

Парите потрошени за објекти и фасади во рамките на проектот „Скопје 2014“ се ненаменски потрошени средства, смета економистот Бладоја Најдовски.

Овие објекти и фасади имаат идеолошка димензија и се изградени за визуелно да го сменат ликот на градот, без притоа да имаат никаков економски бенефит. Изградбата на стиропорни фасади, барокни балкони, столбови од гипс нема никаква врска со енергетска ефикасност на објектот, што може да се направи со нови фасади на постоечки згради со вообичаен лик. Ако се знае дека ликот на градот се менуваше со позајмени пари, тогаш во овие проекти не може да се најде никаква економска логика и може да се каже дека милионски средства ненаменски се потрошија – објаснува Најдовски.

Тој додава дека овие објекти со стиропорни фасади ќе испаднат уште поскапи, бидејќи допрва ќе генерираат дополнителни трошоци за одржување.

 

Сања Рагеновиќ-Јовановиќ, архитект
СКОПЈЕ 2014“ ПОКАЖУВА НЕСТРУЧНОСТ И НЕЗНАЕЊЕ, ИНТЕРВЕНИРАЊЕТО СКАПО ЌЕ НЕ ЧИНИ!

Грешките во урбанизмот се страшни, се што е изградено е лага, вели архитектката Сања Рагеновиќ-Јовановиќ, која е поранешна претседателка на Здружението на архитекти.

Во историјата на уметноста не постои правец со кој би можело да се нарече архитектонското обликување на Скопје. Тоа е некој вид еклектицизам, непознат досега. Пострашно од архитектонското обликување, кое може да се преобликува, е функционалното решение и урбанистичката поставеност. Затоа се вели дека грешките во урбанизмот се страшни, непоправливи. Се што е изградено е лага. И историјата и стручноста и квалитетот и парите и урбанизмот и обликувањето и функцијата и имињата на објектите. Во меѓувреме, во 2014 година во една од неверојатно честите измени на Законот за градење се додаде и член 67-а, каде со закон е дозволено „советот на општините и советот на град Скопје со одлука да го утврдат изгледот на фасадите на објектите кои се во употреба и кои се наоѓаат во централното градско подрачје, доколку сметаат дека истите се од значење за општината или главниот град“. Овој член итно мора да се избрише – смета Рагеновиќ-Јовановиќ.

Таа истакнува сега главното прашање веќе не е какво е „Скопје 2014“, туку што ќе се прави со него. Според неа, треба многу мудро, стручно, внимателно и храбро да се постапи со објектите.

– Скопје 2014 ако остане такво какво што е нема да покажеме дека сме ја научиле лекцијата. Но, пред се, тој проект треба да се преработи, преобликува, дел да се сруши, покрај се друго и поради тоа што покажува нестручност, незнаење, наметнување на волја. Приказната за Александар Македнонски е националромантичарска, звучи убаво, на многумина им годи, но едноставно е невистинита. Баш би сакала да го видам тој јунак што ќе го тргне „Воинот на коњ“. Се разбира дека интервенирањето во „Скопје 2014“ скапо ќе не чини, а ние сме сиромашна држава. Сиромашни бевме и пред да се направи. Секогаш постојат приоритети (градинки, училишта, болници, фабрики, патишта, паркови) и никогаш пари немало доволно, но и „Скопје 2014“ е приоритет. За среќа, се уште постојат некои работи кои се поскапи од парите, а тоа е законот, слободата на творење, стручноста, науката, знаењето – посочува архитектката.

Според неа, мора да се формира проектантско биро, агенција или тело кое ќе вработи искусни и архитекти и урбанисти и инженери по сите фази, на кои единствена задача ќе им биде „Скопје 2014“, односно ќе се занимаваат со анализи, проектирање и технички решенија за „Скопје 2014“ и ќе ги носат одлуките.

Поврзани новости