АРХИВА „Таргет“ на Јанева контра „Пуч“ на Зврлевски: Дали Мијалков ќе лежи 5 години во затвор наместо Заев?

by Fokus

Текстот е објавен на 26 ноември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1103

Кога во 2001 година, тогашниот опозициски лидер Бранко Црвенковски на прес-конференција ја откри аферата „Големото уво“, во која беа прислушувани стотина политичари, новинари и дипломати, тогашниот скопски заменик-обвинител, Марко Зврлевски, ја потврди веродостојноста на транскриптите и отвори истрага против тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и тогашниот началник на Управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков, обвинувајќи ги за нарачатели на прислушувањето.

Но, пред да се закаже првото судско рочиште, судијата доби решение за потпишана аболиција од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски. И тука заврши сѐ. Имаше оштетени, бидејќи новинарите ја истераа правдата до крај и добија обесштетување, но немаше виновници, барем не со судска пресуда.

Петнаесет години подоцна, пак, аферата со прислушувањето се повторува, но овојпат надградена и проширена, односно таргет се илјадници прислушувани. Лидерот на опозицијата, овојпат Зоран Заев, повторно ја има улогата на пријавувач на скандалот, но наместо да го впери прстот во врвот на УБК, Зврлевски сега си креираше нов случај „Пуч“, во кој го гони пријавувачот на криминалот, Заев.

Но, по минатонеделната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), истрагата за нелегалното прислушување го фати логичниот редослед, како и пред 15 години. Како нарачател е осомничен доскорашниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, а како извршители и соработници осомничени се уште деветмина вработени во Управата.

Зврлевски во 2001 година направи техничко вештачење кое покажа дека МВР и „Македонските телекомуникации“ поседуваат опрема за прислушување, а денес, ниту на крај памет не му падна да влезе во УБК.

Напротив, остави доволно простор опремата да биде уништена и да се сокријат трагите.

ДО 5 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА МИЈАЛКОВ И ЗА ГРУЈЕВСКИ

 Сепак, и по повеќе од една година, по откривањето на аферата за прислушувањето и чистење на „местото на злосторството“, Специјалното јавно обвинителство влезе во УБК, а обвинителите посочија и дека имаат доволно докази за да отворат истрага за нелегалното прислушување, која ја нарекоа „Таргет“.

Осомничени се десет сегашни и поранешни вработени во УБК на различни позиции, од највисоките до пониските ешалони. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 став 2 од Кривичниот законик, за што е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.

Иако од СЈО не ги споменаа нивните имиња, ниту, пак, ги соопштија нивните иницијали, што досега било пракса на истражните органи, сепак од нивните појаснувања може да се претпостави дека првоосомичен е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а второосомничен е Горан Грујевски, доскорашниот шеф на Петтата управа.

Истрагата на СЈО покажала дека од први јануари 2008 година до 31 декември 2015 година УБК незаконски прислушувала илјадници граѓани. Поточно, во овој период незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4.286 телефонски броеви, а незаконски биле прислушувани уште и 1.541 граѓанин, за кои првично имало судска наредба, но продолжиле да им ги слушаат разговорите и по нејзиното завршување. Значи, нелегално биле прислушувани најмалку 5.827 граѓани, но бројката на оштетени се зголемува за неколку пати ако на нив се додаде и бројот на лицата кои комуницирале со телефонските броеви кои биле избрани како таргет (над 20.000 граѓани).

Прислушувањето се вршело преку три различни системи за следење на комуникациите. Првиот систем бил користен од почетокот на 2008 до крајот на ноември, кога без судска наредба биле прислушувани најмалку 229 телефонски броеви, и дополнителни 21, откако завршила судската наредба. Вториот систем бил во употреба од крајот на 2008 до крајот на јануари 2015 година, кога биле прислушувани 3.646 граѓани, а 1.268, надвор од периодот наведен во судските наредби. Третиот систем е користен до крајот на 2015 година, кога биле прислушувани 401 телефонски број, а 252 по завршетокот на законски дозволениот период.

СЈО: РАСПОЛАГАМЕ СО ГОЛЕМ БРОЈ ДОКАЗИ!

Доказите кои СЈО успеало да ги собере укажуваат дека тројца од осомничените, меѓу кои Мијалков и Грујевски, на вработени во УБК им давале наредби кои броеви да ги внесуваат во системот и да ги прислушуваат, без за тоа да постои судска наредба. Но, освен што давале усни наредби кои лица и во кој период да бидат прислушувани, имало ситуации и кога самите ја преземале работата во свои раце, односно лично ги внесувале броевите кои им биле таргет и ги слушале разговорите.

– Првоосомничениот кој бил на раководна позиција во УБК, иако немал никакво законско право, пристапувал кон слушање на телефонски разговори за кои не биле издадени посебни истражни мерки, а воедно давал и наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на комуникации кои им припаѓале на лица со кои бил во блиски приватни односи, лица припадници на политичката, бизнис и новинарска фела во Македонија и други лица, велат од СЈО.

Оттаму додаваат дека второосомничениот, исто така раководно лице на оддел во УБК (Горан Грујевски) во многу случаи и самостојно го организирал прислушувањето, односно без учество на неговиот шеф.

Инволвираноста на Грујевски во аферата од СЈО ја поткрепуваат со докази кои покажувале дека тој бил запознаен со сите кориснички имиња и лозинки кои бил креирани за да се влезе во системот за следење на комуникациите, а истовремено бил автор и на посебниот начин на прибележување на незаконски прислушуваните разговори. Освен што наредувал, знаел и самиот да седне и да внесува броеви за прислушување.

Третото раководно лице, вмешано во аферата, е жена која, како и претходните двајца била на раководна функција. Нејзината задача била да дава наредби кои телефонски броеви да бидат ставени во системот, без за тоа да постои судска наредба, туку едноставно броевите до вработените ги доставувала напишани на обичен лист хартија. Дел од останатите осомничени најчесто биле задолжени да ги внесуваат броевите во системот, а дел да ја запишуваат содржината на разговорите, во транскрипти, кои подоцна наводно ги читале Мијалков и Грујевски.

Со години уиграната шема на прислушување била загрозена кога вработен во УБК зел дел од аудио записите и транскриптите од незаконски следените разговори. Потоа, му ги предал на друго лице, а тој, пак, преку трето лице, ги испратил до лидерот на СДСМ, Заев.

Покрај овие докази, на СЈО од голема корист им бил и компјутерот на второосомничениот, бидејќи во него останале траги кои сведочат за тоа дека во неговата канцеларија, на компјутерот, преслушувал дел од нелегално снимените разговори.

Од Специјалното јавно обвинителство уверуваат дека располагаат со доволно докази, за конечно да докажат дека прислушувањето е вршено во просториите на УБК, со службената опрема, по налог на раководните лица.

И покрај тешкотиите со кои се соочивме во предистрагата, сепак обезбедени се не само вербални, туку и многу материјални докази кои се во поткрепа на основаноста на сомнението, вели обвинителката Фатиме Фетаи.

Сепак, од СЈО признаваат дека работата дополнително им ја отежнало тоа што е уништен голем дел од доказниот материјал, односно уништени се два од трите системи за следење на комуникациите, за што, пак, се води посебна истражна постапка „Тврдина“.

Дел од доказите на специјалните обвинители им беа бришани и пред нос. Односно, на почетокот на годината кога ја почнале предистражната постапка, вработени во УБК бришеле податоци од серверите.

ТЕЛЕКОМ ОДБИВА ДА СОРАБОТУВА СО СЈО

Од СЈО информираа и дека еден од операторите одбивал да соработува, а како што дознаваме неофицијално, станува збор за Македонски Телеком. Наводно, од таму тврделе дека не располагаат со сите податоци кои од нив ги бара обвинителството. Токму затоа обвинителството од судија на претходна постапка побара налог за претрес во компанијата, но наместо брза реакција, како што е праксата во истражните постапки, од судот се уште не им одговориле на барањето. Од Кривичниот суд одбиваат и да одговорат кој судија на претходна постапка одлучува по барањата на СЈО за овој случај, упатувајќи не одговорот да го бараме од обвинителството, иако станува збор за нивен вработен.

Доколу СЈО изврши претрес во Телеком и открие дека сепак постојат податоците кои ги бараат, тогаш се отвора можност за кривичен прогон на одговорните лица. Главен извршен директор на Македонски телеком е Жарко Луковски, кумашин на Сашо Мијалков.

Но, она што е нејасно е зошто компанијата наеднаш решава да не постапува по барањата, бидејќи во март годинава, кога СЈО го презеде предметот „Пуч“, обвинителката Ленче Ристоска истакна дека се задоволни од соработката. Официјално, пак, од компанијата велат дека одговориле на сите барања на СЈО.

Инаку, телефонските оператори како правни лица веќе не можат да одговараат за нелегалното прислушување. Според член 175 од Законот за електронски комуникации, донесен во февруари 2014 година, операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи и на сопствен трошок да обезбедат опрема и да ја одржуваат. Ова значи дека законски се обврзани да му овозможат бланко приклучок на УБК, без да прашаат дали тој приклучок се користи законски. Претходните законски одредби предвидуваа одговорност на компанијата, поради што приклучувањето на телефонски броеви во системот за следење на комуникациите се одвиваше по претходно добиен судски налог и со контрола на надлежни лица, вработени во телефонскиот оператор.

Бидејќи сега операторите немаат можност да ја контролираат работата на УБК, во законот за нив не е предвидена ниту кривична одговорност. Сепак, предвидена е парична казна, односно глоба од 7 до 10 проценти од вкупниот годишен приход, доколку на своја рака компанијата врши незаконско и неовластено слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој облик на пресретнување или надзор над комуникациите.

Сепак, не се амнестирани од кривична одговорност доколку одбијат соработка со надлежен истражен орган, односно ја попречуваат истрагата или уништуваат докази.

 ПРИСЛУШУВАЊЕТО ПРОДОЛЖИЛО И КОГА ОБВИНЕТИТЕ ОД „ПУЧ“ БЕА ВО ПРИТВОР

 Од СЈО истакнуваат дека оваа истрага неминовно ќе има импликации врз судската постапка за предметот „Пуч“, во кој за неовластено прислушување се обвинети лидерот на СДСМ, Заев, Зоран Верушевски, поранешен прв човек на ДБК, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и струмичанецот Бранко Палифров.

Според обвинението за „Пуч“, потпишано од обвинителот Златко Биковски, од 2010 година, па се до јануари 2015 година, вработениот во МВР, Звонко Костовски, кој во издвоена постапка се договори со обвинителството и прифати да оди три години во затвор, бил поттикнат од Верушевски и Лазаревски неовластено да слуша и прислушува телефонски разговори на владини функционери, но и на членови на опозицијата. Наводно, Звонко прислушувал, и тоа цели четири години, па снимките му ги давал на Лазаревски, кој му ги предавал на Верушевски. Тој, пак, според обвинението прибавувал тајни податоци и документи со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација и лице кое им служи, а неговата сопруга ги преведувала на англиски јазик. Обвинетиот Заев, пак, ги искористил снимките за да го уцени и присили премиерот Груевски да формира техничка влада. Накратко, тоа според обвинителството е „гревот“ на обвинетите.

По прес-конференцијата на СЈО, фактичката состојба е видно изменета, односно за едно кривично дело постојат две различни групи осомничени. Ваквата состојба е недозволена, бидејќи не може за прислушувањето да одговараат и едните и другите.

Од правниот тим на Заев очекуваат обвинението за „Пуч“ да падне во вода, односно прогнозираат дека СЈО ќе го редизајнира постоечкото обвинение, поточно за дел од обвинетите ќе го повлече обвинението, а на нивно место ќе ги гони новите осомничени.

Во прилог на Заев и на останатите осомничени во „Пуч“ оди уште еден многу важен елемент кој беше откриен со истрагата на СЈО. Поточно, од прибраниот доказен материјал произлегува и сомнение дека незаконското следење на комуникациите продолжило и после обелоденувањето на аферата со прислушувањето, а не запрело ниту кога дел од осомничените во „Пуч“ беа ставени во притвор, што покажува дека не можеле во исто време и да бидат зад решетки и да прислушуваат.

Поточно, на 31.12.2015 година незаконски биле прислушувани вкупно 138 телефонски броеви, а доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година, вели обвинителката Фетаи.

ГРУЕВСКИ ВО НЕБРАНО

Специјалната обвинителка Катица Јанева досега во неколку наврати беше спречена во судница да го открие понатамошниот тек на „Пуч“, бидејќи рочиштата постојано се одложуваа. Еднаш главната расправа се одложи бидејќи се разболе поротник, а последниот пат, повторно „виновни“ беа поротниците, односно откако еден од нив решил да се повлече од лични причини, од судот експресно му најдоа замена и тоа не еден, туку двајца, но сосема случајно ги избраа без да поседуваат безбедносни сертификати. Судијката со големо жалење соопшти дека е принудена судењето да го одложи на неопределено?! И по речиси еден месец од судот се уште не закажале датум.

На последната главна расправа за предметот во јавноста познат како „Пуч“ беше кажано дека главната расправа се одложува на неопределено време бидејќи двајцата новоназначени судии – поротници се уште не ги добиле неопходните безбедносни сертификати за да може да постапуваат, и како што и претседателот на советот извести, веднаш по добивањето на неопходните сертификати дополнително ќе биде закажано продолжение на Главната расправа за што ќе се испратат покани до странките и јавноста ќе биде информирана, ни одговорија од Основниот суд Скопје 1.

Ова е официјалната верзија за одложувањето, а неофицијалната е пред избори да не се доведе во непријатна ситуација лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој на судењето е повикан во својство на сведок и тоа од специјалната обвинителка Јанева.

Груевски тука е фатен во небрано, бидејќи ќе биде ставен во мат позиција кога ќе треба да одговори на прашањето дали прислушуваните разговори, на кои го слуша својот глас се релевантни или не? Доколку одговори дека се вистинити, тогаш посредно ќе признае оти сите досегашни обвинувања за криминални активности кои се наслушнаа од разговорите имаат поткрепа, а доколку, пак, негира, односно ако и натаму стои на тезата дека разговорите се сечени, лепени и монтирани, и тоа на места каде што нему му одговара, тоа многу брзо ќе падне во судница, зашто вештачењата што ги нарачала СЈО веќе докажале дека снимките се автентични. Тоа е главната причина зошто не почнува судењето за „Пуч“.

Груевски за аферата остана недоискажан, иако уште одамна вети дека на сите дополнителни прашања ќе одговори во судница, но тоа никако да се случи.

-Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за сè ќе излезе на виделина“, изјави Груевски, пред речиси две години.

Истото Груевски го повтори и на 25 февруари лани, откако лидерот на СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ во јавноста. Во меѓувреме, снимките од ПИМ мерките спроведени во неговиот кабинет беа објавени на Јутјуб, а тој неколкупати раскажуваше детали од разговорот со лидерот на СДСМ, објаснувајќи што од она што му го кажал Заев било „точно, делумно точно, а што неточно“.

Груевски не може да поверува дека првиот човек на опозицијата отворено зборувал дека соработувал со странски служби. Но, шест месеци подоцна, во интервју за порталот Прес 24 тој ја отфрли сопствената првична изјава која се однесуваше на странски служби кои патролирале со жолти комбиња, образложувајќи го својот став дека тие не се организатори на прислушувањето:

-Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребна осомничената агентурна мрежа во Македонија, доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа.

Сепак, Груевски додаде дека не се повлекува од тезата дека странска служба стои зад ова сценарио:

Не. Таа теза е базирана на три нешта. Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународната комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата од осомничените, а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и паричен надомест, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници.

По сечените, лепените и монтираните изјави на Груевски, се очекува и неговото сведочење во судница. Интересно ќе биде да се слушне, дали и кога на обвинителна клупа ќе седне неговиот соработник и братучед Мијалков, и понатаму ќе стои на ставот дека прислушувањето било помогнато од странските служби? Да не излезе народната, „Некој меѓу нас, не е наш“!

Рамка

ОСУДЕНИОТ КОСТОВСКИ СÉ УШТЕ НА СЛОБОДА

Дека незаконското прислушување се вршело во и со опрема на Петтата управа се тврдеше и во осудителната пресуда на Костовски.

Според обвинителниот акт, веќе осудениот Костовски по барање на Верушевски и Лазаревски во постоечкиот систем за следење на комуникациите на МВР внесувал телефонски броеви на повеќе лица.

Костовски се очекува во новото обвинение да се појави во улога на сведок, иако останува нејасно дали ќе се изнајде правна можност претходно да се поништи спогодбата со која беше осуден на тригодишна затворска казна.

Во моментот, Костовски не е во затвор, бидејќи по амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов беше пуштен на слобода, а по нејзиното повлекување, не се врати назад.

Од Основниот суд Скопје 1 пред неколку месеци ни одговорија дека му бил доставен упатен акт за да се јави на доиздржување на казната, но тој поднел молба за одложување во рок од три месеци, при што во жалбата навел дека тој е единственото лице кое се грижи за здравствената состојба на својот татко. По одбивањето на неговата молба, Костовски поднел жалба.

Според проверките кои ги направивме во Одделението за извршување санкции од каде е издаден Упатен акт за лицето да се јави на доиздржување на затворската казна, истиот до судијата за извршување санкции упатил молба за одлагање на спроведувањето кое било одбиено

од судијата. Па истиот вложил и втора молба за одложување која исто така со решение на судијата од 25.10.2016 година била одбиена по што лицето вложило жалба на решението. Постапувајќи по оваа жалба Кривичниот совет на овој суд, на 16.11.2016 година ја одбил жалбата како неоснована. Обвинетиот има рок од 8 дена по правосилноста да се јави на доиздржување на казната, велат од Кривичниот суд.

Рамка

ЗОШТО ГРУЕВСКИ НЕ Е МЕЃУ ОСОМНИЧЕНИТЕ ВО „ТАРГЕТ“?

Кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги презентираше т.н. бомби, односно прислушуваните разговори, речиси секогаш истакнуваше дека незаконското прислушување го нарачувал Сашо Мијалков во соработка со тогашниот премиер Никола Груевски.

Имаме докази дека зад гигантското прислушување стојат Никола Груевски и Сашо Мијалков, а не како што лаже премиерот дека зад тоа стојат странски служби, рече Заев, презентирајќи ја 27-та бомба, на 28 април минатата година.

Тој тогаш нагласи и дека пред една недела до Јавното обвинителство поднеле и 13 необјавени дотогаш аудио снимки, кои, како што рече, биле доказ кој стои зад прислушувањето. Повеќепати Заев говореше и за тоа дека Груевски бил корисник на материјалите од прислушувањето, дека добивал транскрипти од прислушуваните разговори. Па, затоа сега е нејасно, зошто СЈО со истрагата не го опфати и Груевски, односно зошто и тој не е осомничен во случајот „Таргет“?

Поврзани новости