АРХИВА Сведоштво: Со фломастер ни пишуваа под раката за кого да гласаме и со камиони не водеа на гласање!

by Fokus

Текстот е објавен на 19 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1128

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Често социјално ранливите категории граѓани знаат својот глас да го продадат за 10 или за 20 евра, за килограм месо, вреќа брашно или шеќер, за пакет масло, па дури и за едно кафе… Тоа е вообичаено цената на еден ромски глас, која се плаќа во сите досегашни изборни циклуси. Не се менуваат ниту тие што плаќаат, ниту тие што го примаат евтиниот поткуп, за некому да му обезбедат политичка моќ.

Според досегашната практика, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ во последните 11 години ги користи Ромите како евтина гласачка машинерија.

За начинот како Ромите биле уценувани и манипулирани за време на изборните процеси говорат и „бомбите“, кои во 2015 година ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, каде што можеше да се слушне какви се злоупотреби на избирачките списоци во Шуто Оризари правел пратеникот и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам. Во аудиоснимките што беа објавени во Универзална сала, каде што главна тема беа изборните нерегуларности имаше и телефонски разговор помеѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и соговорник во кој објаснуваат како Бајрам успеал на избирачкиот список да ги вметне сите мртви до 2011 година и во нивно име се гласало и по неколкупати. Според разговорот, тоа било доволен доказ како пратеникот им помагал на „вмровците“ да ги добијат изборите.

Во уште една од опозициските „бомби“ беше објавен разговор меѓу екс првата полицајка Гордана Јанкулоска и пратеникот Славе Ѓошев од Струмица каде што можеше да се слушне навредлив и потценувачки однос кон ромската заедница. Таа во телефонскиот разговор вели дека ако треба циганите и за уши ќе ги влечат, но гласот мора да го дадат за ДПМНЕ.

Иако денот на изборите претставува единствена можност граѓаните да го искажат своето незадоволство, фрустрациите и проблемите од одредени политички партии, сепак во Македонија стана тренд во последните години гласачкото ливче да биде злоупотребено и искористено за да се добие глас повеќе и да се зацементира моќта. Тоа особено стана практика на владата предводена од Никола Груевски.

„Фокус“ се обиде да ги открие методите преку кои се користи ромскиот глас во предизборни цели, а информациите до кои дојдовме се фрапантни.

ПРЕД ИЗБОРИТЕ ШТАНЦАЛЕ ЛИЧНИ КАРТИ ЗА ДА ГЛАСААТ РОМИ

Специјалното јавно обвинителство веќе отвори истрага за изборни измами и за делото дискриминација и омаловажување на етничка заедница, за што пред десетина месеци, во август лани, во канцелариите на СЈО беа повикани неколку лица на распит. Од таму не даваат информации кои лица точно биле повикани да дадат исказ, за какви изборни измами се работи и дали и на кој начин Ромите биле злоупотребени во изборните процеси.

Според нашите информации, повеќето од нив не располагаат со лични документи, но затоа, пак, само неколку денови пред изборите се штанцале лични карти кои им биле делени. Тоа што е најчудно во целата приказна, а и самите го тврдат, е дека откако им биле изработувани лични карти, со нив тие оделе на гласање, а подоцна нивните документи „исчезнуваат“ се до наредните избори.

На денот на изборите нѐ ставаат во камион, ни пишуваат под раката со фломастер за кого да гласаме, а подоцна за тоа сме „наградени“ со храна, која ни е доволна за да останеме сити цел месец – раскажуваат Ромите, кои живеат во близина на гробиштата во село Драчево.

Ваквите методи, кои веќе години наназад ги користи власта не се изненадувачки, а кај овие етнички заедници тоа уште полесно поминува бидејќи некои од нив немаат и што да јадат, па преку уцените со 10 евра, вреќа брашно, пакет со масло полесно се купува нивниот глас.

Самка Ибраимоски, лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) лани во август беше еден од функционерите кои беа повикани да дадат исказ во Специјалното јавно обвинителство. Тој во тоа време тврдеше дека доволно е само да ги достави списоците од 2011 година наваму, за да се види какви се манипулации се правеле со гласовите на Ромите за време на изборите.

Ибраимоски во изјава за „Фокус“ ги наброи дел од методите со кои се служела власта и ги злоупотребувала гласовите на ромската заедница.

Повеќето од нив немаат никакви лични документи. Им прават лични карти само пред изборите и потоа или ги поништуваат, или им ги чуваат во штабовите за да ги искористат за наредните изборни процеси. Ромите лесно паѓаат под влијание, ја знаете таа сиромавиот му верува на богатиот, па за нив се доволни 600-700 денари, вреќа брашно, месо за да ги убедат да гласаат за нив. Исто така, ги уценуваат дека ќе им ја укинат минималната социјална помош која ја добиваат, како и тоа дека ќе им се укине помошта за трето дете – вели Ибраимоски.

Тој објасни како мртвите за време на изборите „воскреснуваат“ и го користат своето гласачко право и тоа, како што вели со иронија, строго се определуваат својот глас да им го дадат на „вмровците“.

Тие имаат списоци на сите што се починати, ги ставаат на избирачкиот список и наместо нив, гласаат други. Таа манипулација што се прави со Ромите и начинот на кој се злоупотребува нивната лоша финансиска ситуација за изборни цели е страшна. Честопати се прашувам како им текнуваат сите тие методи што ги користат. Зар на никој не му е жал за тие луѓе што се на работ на егзистенција. Мора да сносат одговорност сите оние што ги уценуваат и злоупотребуваат Ромите – додава Ибраимоски.

Се обидовме да стапиме во контакт и со пратеникот Бајрам од Сојузот на Ромите, на чија адреса одат најмногу од обвинувањата за манипулација со оваа етничка заедница за време на изборите, но до затворањето на овој број од неделникот тој не одговараше на нашите телефонски повици.

МАНИПУЛАТИВНА ШЕМА ЗА ДОБИВАЊЕ ГЛАСОВИ

Власта предводена од ДПМНЕ во сите досегашни изборни процеси постојано ги проширува и надградува методите и начините како да добие поголема гласачка машинерија и да ги освои изборите. Но, на последните предвремени парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, 2016 година ваквото задоволство не им беше овозможено, со оглед на тоа што со пржинскиот договор што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии мораше да се прочисти колку што можеше избирачкиот список, да се формира техничка влада, со што МВР автоматски отиде во рацете на СДСМ, па на тој начин им се скратија можностите за лажирање на изборниот процес.

Тоа не значи дека работите многу се променија, но сепак од власта во тој период немаше целосно одврзани раце да уценуваат, да се закануваат, да штанцаат лични карти и да ги прават сите изборни нерегуларности, за кои редовно години наназад се пишува во извештаите на ОБСЕ.

И во последниот изборен процес Ромите не беа изоставени од манипулативната шема на тогашната партија на власт. Иако тоа не се случуваше само кај нив, сепак според дел од невладините организации, на само една недела пред изборите многумина од нив не можеле да се најдат на избирачкиот список, со што биле вратени и не успеале да гласаат.

За првпат на овие избори, добар процент Роми ги немаше во списокот за гласање, иако со години ги имаше регуларно. Тоа што е уште почудно е што на списоците ги нема недела дена пред гласање – вели за „Фокус“, Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски Центар и член на Европскиот ромски патувачки форум со седиште во Стразбур.

Според него, за време на последните избори, на Ромите им се плаќале долговите во локалните продавници, само да го дадат својот глас за одредена политичка партија, во случајот за ВМРО-ДПМНЕ.

Елезовски исто така беше и еден од најжестоките критичари на власта, кога пред две години одекна „бомбата“ во која се обелоденуваат притисоци врз Ромите за време на изборите и начинот како „циганите ќе се влечеле за уши“ и ќе се носеле на гласање. Елезовски во тој период тврдеше дека ова се зборови и речник што наликуваат на оној од Втората светска војна, кога се истребувале Ромите.

Ако во една држава има граѓани кои се купуваат за вреќа брашно, тоа е доказ за неуспехот и слабоста на самата држава – тврдеше тогаш Елезовски.

 РОМИТЕ ЖИВЕАТ НА РАБОТ НА ЕГЗИСТЕНЦИЈАТА

Незавидната и лоша состојба во која се наоѓаат Ромите ги прави уште повеќе подложни на манипулации и злоупотреби од политичките партии, со оглед на тоа што некои од нив немаат основни услови за живот, живеат во супстандардни услови во кои нема соодветен довод на вода за пиење и санитарија; домовите се мали, планирани за извршување и обезбедување на основните потреби, со животен простор од помалку од пет квадратни метри по член од семејството.

Ситуацијата е до толку лоша, што дел од нив во 21 век живеат во импровизирани куќи од картони, па кога ќе заврне ги посетуваат малкуте куќи на соседите што се изградени од цигли за да го „преживеат“ дождот. Според нивните раскажувања, подоцна повторно се враќаат во распаднатите домови и од остатокот од картоните го „градат“ својот нов дом.

Повеќе од 500 Роми живеат во близина на гробиштата во село Драчево. Една од нив е и Маличе Емин, мајка на две малолетни деца кои имаат застрашувачки услови за живеење. Таа има завршено само четврто одделение и вели дека не може да си најде работа. Се снаоѓа со социјална помош од 2.000 денари и од собирање на пластични шишиња по улиците.

За еден килограм пластика добивам 6 денари, па така, 100 до 200 денари заедно со семејството обезбедуваме дневно – раскажува Емин.

Според фотографиите со кои располагаме, може да се забележи во каква нехигиена живее ова ромско население, насекаде фрлени отпадоци и храна, кои можат да претставуваат извор на зарази.

Најтрагичното во целата ситуација е тоа што овие жени немаат никакви лични документи, не одат на гинеколошки прегледи и во 21 век се уште се пораѓаат во домашни услови.

Исто така, голем број жени Ромки во оваа населба не ги исполнуваат условите за здравствено осигурување поради немање македонско државјанство, немање соодветен статус – не се регистрирани ниту како вработени ниту како невработени, што е еден од условите за здравствено осигурување, нередовно пријавување во заводот за вработување, што е исто така еден од условите за задржување на правото на здравствено осигурување.

Како и да е, додека едни благодарение на власта ги наполнија џебовите и создадоа бизнис империи, други во 21 век живеат на работ на егзистенцијата и се молат тие и нивните дечиња да го преживеат денот. Има разлика!

Рамка:

Закани:

ОТКАЗИ ОД РАБОТА, УКИНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ, УРИВАЊЕ РОМСКИ КУЌИ…

 Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски центар тврди дека власта преку инволвирани партиски послушници користи и различни методи на заплашување на Ромите, како укинување на социјалните примања, на здравствените лекувања, откази од работа, уривање ромски куќи, иако има згради што до ден денес немаат имотни листови.

Рамка:

„Бомба“ за ромските гласови

НЕ ГЛЕДАЛЕ ОВИЕ ИДИОТИВЕ!

Една од „бомбите“ што одекна во Универзалната сала беше за изборните нерегуларности што ги правеле „вмровците“ во последните десет години. Меѓу нив можеше да се слушне и телефонски разговор помеѓу Јанакиески и соговорник на кој начин се користеле Ромите за гласање на изборите.

МЈ: Амди бајрам е цар бе.

С: хахаха, што праи?

МЈ: А?

С: Што праи?

МЈ: Неждет Мустафа и овој се жалеа што му напраил Амди, како ги победил. Знаеш што му напраил?

С: Што им напраил?

МЈ:… нели избирачкиот список беше прочистен заклучно со 2011 така?

С: Да.

МЈ: Ги зел сите умрени во 2012 година што се, по список…

С: И?

МЈ: И пуштил луѓе да гласаат во нивно име.

С: Ај што збориш? И? Тоа некој го знае?

МЈ: Е па он така вика…

С: Го фатиле?

МЈ: Му викам, му работи мозокот викам.

С: Као може да пушти, као ќе докаже дека се оние. Лична карта, ова она?

МЈ: Па ништо, си оди за некоја жена што е почината. Кој гледа…

С: Добро, ама мораш да дадеш лична карта. Што старата лична карта ќе ја дадеш?

МЈ: Е па не гледале овие идиотиве.

Поврзани новости