АРХИВА Судот петнаесет години не сака да го заштити странскиот инвеститор

by Fokus

Текстот е објавен на 26 јуни, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1029

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Во далечната 1997 година, по 32 години живот во стабилната и просперитетна скандинавска држава Шведска, Лазар Гацов пристигнува во драматичната и неизвесна Македонија со намера да инвестира милиони германски марки. Поттикнат малку од патриотизам, малку од парите што ги наследил, малку од предизвикот да почне нов бизнис, но и од релациите што ги имал со одредени функционери, тој е уверен дека влогот од десетици милиони марки ќе биде профитабилен за него и неговото семејство со кое се доселува во Скопје, но и дека ќе им помогне на 20-тина други семејства преку вработувањата во неговата компанија.

Во погонот на татко му, лоциран во скопско Маџари, Гацов ја формира „Свемек“ (кратенка од шведска механика), целосно со странски капитал и почнува со металостругарска дејност, со производство на машински делови. Набргу по стартот, негови главни партнери за извоз стануваат светски познатите брендови како „Бош“, „Адвентикс“, „Ериксон“ и други помали, но значајни компании. Со тоа станува неопходно „Свемек“ да ја прошири дејноста, но и просторот во кој произведува.

Во околината на погонот во кој почнала приказната со машинските делови е сместен складот на „Македонија дрво“, погоден простор за дејноста на „Свемек“. Откако Гацов, по две години од стартот со бизнисот, во 1999 година се понудил да го купи магацинскиот дел со површина од 16 илјади квадрати, управителите во „Македонија дрво“ му објасниле дека тие се акционерско друштво во кое доминантен капитал има државата, а потоа вработените и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). Тогаш го посоветувале Гацов дека ако сака да го купи складиштето во кое имал намера да ги смести машините и да направи нов производствен погон, мора да ги откупи акциите во „Македонија дрво“ и така да стане сопственик и на складот.

Како што налага процедурата во вакви случаи, преку Агенцијата за приватизација, Гацов почнува со реализација на планот. За почеток откупил 20 отсто акции од државата што биле ставени на берза и со тоа сметал дека полека ја освојува „Македонија дрво“, односно складот во кој ќе го прошири бизнисот. Но, да знаел во какви игри се вплеткува и против какви моќници застанува, сигурно Гацов никогаш не би помислил да го купи складот, па дури и би се запрашал дали да инвестира во Македонија?

КУПИЛ СКЛАД, СЕ ПОЈАВИЛ ДРУГ СОПСТВЕНИК

Животната приказна на Гацов открива малверзации на државата кон инвеститорите и непостоење систем за нивна заштита, корумпирано судство кое не го интересираат документи и факти, релации на функционери од власта со сомнителни и криминални групи, заштита на поединци кои и натаму извршуваат јавни функции…

Иако не е за очекување дека сторијата на „Фокус“ ќе им застане на патот на инволвираните актери во 15-годишното судско патешествие, сепак приказната на Гацов има оригиналност и предупредува дека во Македонија не е клучна вистината, туку силата, дека не се важни фактите, туку врските, дека странските инвеститори не можат да истераат правда колку и да се праведни ако за противници ги имаат политичките моќници.

Дента кога Гацов купил 20 отсто од државните акции во „Македонија дрво“ заминал во Агенцијата за приватизација со намера да изврши промена во акционерската книга, односно тој да биде запишан како сопственик на акциите кои ги купил легално на берза. Тогаш дознал дека постои некаква група предводена од тогашната фирма „Еуро Шмеки“, која паралелно откупува акции, но фокусирана е на вработените, односно не купува преку берза, туку директно, со непосреден контакт. За да не се доведе во ситуација да остане малцински акционер и да не може да го купи складот потребен за производство, Гацов решава и тој да купи акции од вработените, но и тие на ПИОМ. Според документацијата, Гацов до 2000-та станува доминантен сопственик со 63 отсто од капиталот. Со тоа тој сметал дека складот на „Македонија дрво“ станал негов и дека конечно производството на машински делови на „Свемек“ ќе го пресели во поголем простор.

Но, во македонската практика, во процесот на приватизација и трансформација на општествениот капитал, не може да биде идеално како што мислел шведскиот стопанственик. Во јануари 2000 година, тој го користи правото, како нов сопственик на „Македонија дрво“ да одржи акционерско собрание на кое ќе се изберат нови раководни органи на претпријатието. Тоа и се случува, старите кадри, логично, се менуваат со нови. Дејноста на фирмата останала – трговија со дрвни репроматеријали. Но, за Гацов клучен бил складот за да го претвори во погон на „Свемек“.

По завршувањето на акционерското собрание, назначувањето ново раководство и обидот да се преземе складиштето почнуваат перипетиите, кои сѐ уште траат. И по 15 години не е решено сопствеништвото на складот на „Македонија дрво“. Првата пречка што се појавува на патот е хипотеката под која било ставено складиштето. Имено, еден месец пред да се одржи собранието, извесен Фатмир Саити, брат на сопственикот на „Еуро Шмеки“, затоа што ѝ дал позајмица од 400 илјади марки на „Македонија дрво“, а притоа фирмата не можела да му ги врати, станал сопственик на складот. За ова постои и спогодба, која понатаму ќе ја анализираме. Така практично, новите сопственици на „Македонија дрво“ отпосле дознаваат дека Саити се појавува како сопственик на складот.

Соочен со опасноста дека складот нема да му припадне, иако е капитален дел од „Македонија дрво“, но и му е најважен за продолжение на бизнисот на „Свемек“, Гацов почнува со обидот да ја раскине хипотеката и како нов сопственик на компанијата да стопанисува и со складиштето. Тој отвора предмет во судот од каде што бил условен да му ги исплати тие 400 илјади марки на Саити и со тоа да се подмири долгот. Така складот би се вратил во сопственост на „Македонија дрво“, а со тоа и на Гацов. Не можејќи во тој период да обезбеди толкава сума, иако складот е под хипотека, Гацов решава да го продаде, а со парите да му ја врати позајмицата на Саити, а остатокот да го искористи за купување нов простор за сместување на „Свемек“.

Пролетта во 2000-та складот е продаден на тројца сопственици Ристо Гацов, Голубка Пејковска и Зоран Србиновски. Како и што се планирало, сумата од 400 илјади марки му била уплатена на Саити. Но, за неколку дена тој ги вратил парите назад. По неколку обиди, судот на крајот решил парите да се уплатат на сметка на судот, кој, пак, презел обврска да му ги уплати на Саити. Со тоа Гацов се надевал дека страшната приказна завршува и дека сега тој ќе може да управува со „Македонија дрво“ и со другите пари од продажбата на складот да купи нов погон за да продолжи со производството на машински делови. Но, приказната не би била специфична ако завршела така.

ФАЛСИФИКУВАНА СПОГОДБА

Во септември 2001-та, како што пренесува нашиот соговорник, до Гацов стигнува информацијата дека Саити покренал судски спор во Граѓанскиот суд и ја тужи „Македонија дрво“ за купопродажниот договор за складот со тројцата сопственици – Гацов, Пејковска и Србиновски. Со тужбата барал раскинување на договорот. Процесот се одржал во ноември, а на судењето воопшто не биле повикани новите тројца сопственици на складот. Според записниците, како претставник на „Македонија дрво“ во судницата се појавил извесен Јагош Поповски, кој претходно на акционерското собрание бил разрешен од функцијата. Тој ја одиграл можеби најважната улога со признанието дека тужбеното барање е основано и дека купопродажниот договор треба да се раскине.

Нејасно е како судот одлучувал без да провери кој е нов сопственик и на „Македонија дрво“, но и на складот? Како можел да носи одлука во отсуство на засегнатата противничка страна? Тука се појавуваат првите сомнежи дека работата се завршила преку врски или преку пари? Дали и кому било платено, дали биле вклучени политички фигури и дали судот не пресудил правилно, се дел од прашањата чии одговори Гацов ги претпоставува. Како и да е, судот врз основа на признанието на разрешениот управител одлучува договорот да се поништи, а складот да се пренесе повторно на име на Саити, иако, според тврдењето на Гацов, нему му се исплатени позајмените 400 илјади марки. Уште утредента се направени измени во Катастарот за сопственоста на складот.

За работата да биде уште покомплицирана, се појавил и документ со наслов „Спогодба“ потпишан меѓу Саити и „Македонија дрво“ во врска со позајмицата, а во кој се наведува дека фирмата не може да му се раздолжи на Саити и дека тој станува сопственик на складиштето. Но, што е тука спорно според Гацов? Прво, „Македонија дрво“ станала приватна фирма, а спогодбата ја потпишал претходниот директор на државата. Потоа, биле искористени старите печати кои не биле веќе во употреба. Трето, била почната процедура за поништување на хипотеката оти судот потврдил дека позајмицата му е вратена на Саити и на крајот, спогодбата била потпишана два месеца откако завршило акционерското собрание и било избрано ново раководство.

Значи, врз основа на признанието на разрешениот директор на „Македонија дрво“ се поништува купопродажниот договор со кој тројца сопственици го купуваат складот, а врз основа на сомнителната спогодба складот станува сопственост на Саити. Но, како таа спогодба станала правно валидна? Кој ја потврдил? За да оди сѐ како подмачкано, во играта се појавуваат адвокати кои се во релација со Саити и нотарка која ја солемнизира спогодбата.

СУДСКО ПИМПЛАЊЕ – ЧЕТИРИ ПРОЦЕСИ

Немоќни да сторат нешто, новото раководство на „Македонија дрво“ пријавува во полиција, која почнува истрага. На крајот, МВР поднесува пријави против нотарката Зорица Пулејкова, претседателката на нотарската комора и против двајца адвокати, Кирил Смичковски и Антон Моцан. Ги товари за злоупотреба на службената положба затоа што се покажало дека фалсификувале документи за да ја направат спогодбата валидна, а со неа да му овозможат имотна корист на Саити, односно сопственост на складот.

Како практично е направена спогодбата и зошто полицијата поднела пријави? Според Гацов, за да ја завери спогодбата, кај нотарката се презентирани само копии од судскиот регистар од 1995 година со кои старите претставници на „Македонија дрво“ се промовирале како валидни претставници, наместо да ги покажат тие од 2000-та дека се сменети и дека некој нов приватен стопанственик е сега сопственик. Како што тврдел пред судот Гацов, неговите противници презентирале копија од фалсификуван поседовен лист со кој тврделе дека, во моментот на солемнизација на спогодбата, имотот гласел на „Македонија дрво“, иако во оригиналниот поседовен лист тој ден сопственици биле тројцата – Гацов, Пејковска и Србиновски.

Тука, по сѐ изгледа е одговорноста на нотарката – зошто не побарала оригинални и последни документи, туку фотокопии од стари? Овие документи, според полициската истрага ѝ ги даваат адвокатите Смичковски и Моцан. Практично, тие ја бркале работата и ги однеле документите, а таа само им ја солемнизира спогодбата и му овозможува на Саити да стане сопственик. Дури Гацов отишол лично кај Пулејкова да ја замоли да ја повлече заверката на спогодбата за да може тој да си ја врати сопственоста врз складиштето. Но, и тоа не успеало.

Откако завршила полициската истрага, обвинителството покренува акт и почнува судски процес. Но, тогаш, се разбира, почнуваат и судските игри во кои Гацов се сомнева дека се вклучиле и судии, и адвокати и политичари. Иако случајот е јасен, односно се знаат клучните факти дека Гацов ја купил „Македонија дрво“, потоа ја исплатил позајмицата на Саити и ја раскинал хипотеката и легитимно го продал складот на тројца сопственици, како и дека спогодбата е незаконски заверена, сепак многу време „независното судство“, веќе 15 години, трага по конечна пресуда. Сега во септември ќе почне отпочеток, петто по ред судење.

Како поминале претходните четири и зошто нема конечна пресуда? Првото завршило со условна осуда на нотарката, а со мали затворски казни за адвокатите, но апелација, и покрај очигледната фактичка состојба, предметот го враќа на ново судење. Потоа, при вториот процес судот одново изрекува казни, но условни за сите тројца, што, сепак, е потврда дека искористиле фалсификувани документи и направиле незаконска заверка на спогодбата. Но, тука не е крајот, зашто на патот на правдата се испречува Врховниот суд. Тој го враќа предметот на почеток, откако претходно апелација ги потврдува казните. Следува третото судење и повторно казните одат надолу. Сега нотарката е ослободена, а за адвокатите има условни казни, но апелација наложува ново судење – четврто по ред. Во тој процес, судијата во Кривичниот суд не сака да суди и се иззема од предметот, а сега новиот судија за септември закажа старт на судењето, по петти пат, откако не му успеа да го почне пред неколку дена затоа што еден од обвинетите адвокати немал личен документ за идентификација, иако согласно неговата практика знаел дека тоа е неопходно.

БИЗНИС-ИНТЕРЕСИ НА МОЌНИЦИ

Но, има нешто, што е важно за судот, а притоа не сака да го регистрира, со што само се потврдува дека случајот со складиштето на „Македонија дрво“ не е ослободен од влијанија врз судството. Иако Кривичниот, како првостепен суд, се обидува да донесе какви-такви пресуди кои во иднина ќе му помогнат на Гацов да ја докаже сопственоста, сепак повисоките судови не дозволуваат никако драмата да заврши. Таму, според сомнежите на Гацов, вплеткани се нечии интереси, а не исклучува да се вртат и пари. Во текот на судењата, некои факти не може да се игнорираат, а упатуваат на вистината. Претставникот на катастарот ја има клучната изјава – дека на денот на солемнизација на спогодбата имотот гласел на тројцата сопственици, а не на „Македонија дрво“, со што само се потврдува дека нотарката не можела да направи заверка, а адвокатите да имаат легални документи.

Понатаму, увидот во архивата на катастарот утврдил дека поседовниот лист што адвокатите го предале кај нотарката и врз чија содржина е направена заверката е на приватно лице, неважно за сторијата. Проверката на бројот под кој е заведен поседовниот лист покажала дека е искористен бројот на приватник, а во содржината на документот е искористен стар лист на кој стои името на „Македонија дрво“. Но, и тоа не е доволно за повисоките судови да ги потврдат казните за нотарката и адвокатите. А зошто е тоа така?

Прво, ако во кривичниот процес што е во тек со години се докаже дека тројцата незаконски постапувале, тогаш ќе мора да се отвори одново процесот во граѓанскиот суд каде што е поништен купопродажниот договор меѓу „Македонија дрво“ и тројцата сопственици Гацов, Пејковска и Србиновски. Осудата на адвокатите и нотарката ќе биде црно петно за нивната кариера, но и ќе потврди дека се користеле фалсификувани документи. Тоа, пак, ќе значи дека ќе мора да се признае договорот со кој складиштето е легално продадено на тројца сопственици, дека позајмицата на Саити е исплатена и дека тој не е вистинскиот сопственик.

Но, евентуалната осуда на Пулејкова, Смичковски и Моцан ќе повлече и одговорност кај други инволвирани во незаконието. И уште поопасно за нив – ако во целиот случај се појавиле пари, договори, корупција, фалсификати – тогаш е јасно дека ќе пропадне целата пирамида што ја граделе неколкумина во судството, политиката и бизнисот. Без да посочуваме конкретно, иако жртвите ги откриваат со име и презиме, ова судско патешествие покажува дека нема никаква заштита за странските инвеститори, уште помалку кога за противници ги имате власта, моќните нотари и адвокати, корумпираните судии и обвинители. Колку и да е вистината на ваша страна, правдата останува слепа.

Рамка

АДВОКАТОТ СМИЧКОВСКИ ПРЕТХОДНО БИЛ ВО ЗАТВОР

Лани во јануари медиумите известија дека адвокатот Кирил Смичковски е приведен од полицијата затоа што морал да издржува казна затвор од две години за измама. Адвокатот се прослави во досието „Раштански лозја“ како бранител на Бобан Утковски. Иако неговата казна била две години, а бил приведен пред година и половина, тогаш оправдани се прашањата и коментарите како тој цела 2015-та се појавува во јавноста?

Рамка

СУДИИТЕ ШТО ИМААТ ИНТЕРЕС ВО СЛУЧАЈОТ ЌЕ ГО ЗАСТАРАТ ПРЕДМЕТОТ?

Случајот со „Македонија дрво“ е стар 15-тина години, што значи дека за пет години ќе има апсолутна застареност, а тоа значи дека ќе престанат сите судски процеси, а состојбата ќе остане таква каква што е сега. Ако се пресмета дека во изминатите години поминале само три судски процеси, затоа што четвртиот е само со изземање на судијата, а петтиот на самиот старт, тогаш во просек за еден процес биле неопходни и по пет години. Тоа ја отвора опасноста дека новиот процес што ќе почне во септември, со сите рокови за жалби може да го однесе случајот во архива и никогаш да не се докаже вистината. Токму затоа многумина вклучени во процесот претпоставуваат дека тоа е и обидот на повисоките судски инстанци – да интервенираат со одлуки и да ги оспоруваат првостепените пресуди за никогаш да не се стигне до конечна и правосилна пресуда.

Рамка

„СВЕМЕК“ Е МОДЕРНА ФАБРИКА СО ОГРОМНО ПРОИЗВОДСТВО

„Свемек“ на Лазар Гоцев, и покрај судските пречки и неможноста да ја докаже сопственоста врз имотот на „Македонија дрво“, сепак не се откажала од обидот да стане лидер во производството на машински делови. Откако заглавиле во судските лавиринти, тие откупиле еден од погоните на МЗТ во Скопје и го адаптирале во мини-фабрика. Инвестицијата е милионска, а цела деценија произведуваат делови за пневматика и хидраулика за светски брендови. Во компанијата има 30-тина вработени, а сместена е на шест илјади квадратни метри. Машините за производство се современи, а интересен е податокот што целиот погон користи соларна енергија. Вградениот соларен систем дури произведува повеќе енергија од што ѝ е потребно на фирмата.

Рамка

НОТАРКАТА ПУЛЕЈКОВА: ДОКУМЕНТИТЕ МИ БЕА ПОДМЕТНАТИ

Кај мене нема никаква вина и не можам да сфатам како судот 15 години не може да го финишира процесот. Последната пресуда за мене беше ослободителна, а адвокатите беа прогласени за виновни. Тоа само потврди дека тие ми подметнале документи на кои јас сум поверувала и сум ги заверила без да знам дека некому ќе нанесам штета – изјави нотарката Зорица Пулејкова за „Фокус“. Таа очекува дека и при петтото судење ќе биде ослободена оти оштетените мора да ги бараат виновниците на друго место.

– Во 2000-та ние немавме можност електронски да провериме кој бил сопственик на имотот конкретниот ден и затоа ѝ верувавме на документацијата која ми беше приложена од адвокатите. Дополнително, јас не заверував купопродажен договор, туку спогодба за која ми беа покажани сите неопходни документи, иако потоа се откри дека бил искористен бројот на поседовниот лист на некое приватно лице. Но, тоа не е моја вина, туку на тие што ми ги дале документите, во случајов адвокатите, од кои едниот е долгогодишен правен застапник на фирмите на Фатмир Саити. Како и да е, таа спогодба не влијаела толку штетно врз сопствениците, колку што имотот им е одземен врз основа на судската пресуда со која се раскинува купопродажниот договор – заклучува Пулејкова.

Рамка

ФАТМИР САИТИ: ДОКУМЕНТИТЕ СЕ НА МОЈА СТРАНА

Очекувано, Фатмир Саити јавно ја презентира спротивната верзија за случајот со која тврди дека вистината и правдата се на негова страна.

– Јас ја имам целата документација. Точно е дека тие ми ги вратија парите и јас ги зедов, но, сепак, стовариштето е мое. Спогодбата меѓу мене и „Македонија дрво“ не е со лажни печати како што тврдат. Во време на спогодбата уште управуваше стариот управен одбор. Јас купував акции паралелно со моите противници. На крајот, како може поседовен лист да биде фалсификат. Да беше така, во затвор ќе беше некој – вели за „Фокус“ Саити.  Во моментов во складот тој ја има сместено својата фирма „Фатмир дооел“, која се занимава со продажба на прозорци и врати.

 

Поврзани новости