АРХИВА Ставрески ќе беше херој, ако со телефонот го треснеше Груевски по глава

by Fokus

Текстот е објавен на 11 септември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1040

Разговарал Младен ЧАДИКОВСКИ

ФОКУС: Имам чувство дека бизнисмените полека, полека, со сѐ покритички тон зборуваат за владините економски политики, иако со години му аплаудираа на премиерот. Зошто наеднаш ги снема розовите очила, дали тоа го диктира економската ситуација или политичката?

ГЛИГОРОВ: Секако ова не се случува одеднаш. Да бидеме реални, периодот од 2006 до 2008 година се направија работи кои до тогаш беа мислена именка за претходните владејачки гарнитури. Дополнително, владејачката партија не беше сама на власт, и другите партии даваа мотив главната партија да се покажува и докажува. Се чини, клучна е 2008 година, кога граѓаните ја дадоа поддршката во поголем број на В-Д (намерно ја користам оваа кратенка за ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека името ВМРО не смее да се користи во политички цели), а другите партии се дистанцираа и влегоа во длабока опозиција. Наместо да работат со граѓаните и со бизнисите, овие опозициски партии почнаа да го вреѓаат народот, а на бизнисмените да им се закануваат. Замислете каква грешка. Во такви услови, В-Д само си ги прибра фирмите под свое, а на граѓаните почна да им дели удопства со парите од истите тие граѓани.

ФОКУС: Но, кризата прогресираше…

ГЛИГОРОВ: Се чини дека првите зачетоци на реални критики почнаа од 2010 година наваму. Откако кризата се продлабочи, а се рашири во трошење непотребни работи, владата не си ги сервисираше своите обврски навремено, се појавија бројни и агресивни инспекции, а благодарение на протестите на младите, и секако на „бомбите“, се охрабрија многу луѓе јавно да ги кажуваат работите.

Инаку, во последните неколку години, бизнис-заедницата и нивните претставници предочуваат на проблемите на работните средби со државното водство. Кога се увиде дека работите не се подобруваат, почна процесот на засилено јавно искажување на мислењата.

ФОКУС: Мета на Вашите критики изминатиов период се економските политики на власта, сметате ли дека економијата не се движи во посакуван правец?

ГЛИГОРОВ: Не би рекол дека имам критики. Секогаш сум фокусиран да дадам предлози на решенија. За да имаш подобри решенија, треба да имаш добра анализа и да поставиш добра теза. Таквата анализа всушност се доживува како критика. Кога се обидувам да најдам решение и за мене или фирмата, тргнувам реално од работите и гледам кај се грешело. Значи, се критикувам прво себеси.

Инаку, да, економијата не се движи во правец на шесте основни цели кои важат за која било економија во светот. Секоја здрава економија се стреми кон генерално шест цели. Само ќе повторам како е кај нас во поглед на овие цели: нема еднаквост на сите пред законот (правдата не важи за секого исто), системот е неефикасен (премногу непродуктивни трошења, премногу чекања по шалтери и семафори, слаба патна и друга инфраструктура…). Во Македонија има слаба слобода на дејствување и изразување на секое поле, а сите се чувствуваме небезбедно со оглед на нередите во Куманово, тепањето новинари и неистомисленици, дивеењето на навивачки групи, насилни упади во општина…

Згора на сѐ слушаме од „бомбите“ како премиер разработува сценарија на удирање шлаканици на политички противници, и потоа на дело го гледаме неговиот заменик со демонстрација на завидни боксерски вештини. Потоа немаме потребна стабилност за здрава економија – политичките лидери имаат толкав антагонизам и немање сенс за државата, што дозволуваат да дојдат во ситуација потоа да ги тегнат за уши претставници од меѓународната заедница и во ситни утрински часови да менуваат клучни работи за државата.

Значи отсуствува предвидливост на законите и регулативата, нешто што го забележува и ММФ. На крајот, го немаме потребниот економски раст, а структурата на нискиот раст е неповолна за поголемиот број граѓани и реални бизниси. Како што гледате, не треба премногу да се анализира за да се заклучи дали правецот е добар или не е.

ДАЛИ СИ ПИЈАН ОД ДВЕ ИЛИ ОД ТРИ ЧАШКИ РАКИЈА?

ФОКУС: Проектот Скопје 2014, според многумина, е „мајка на македонските растечки задолжувања“. Има ли државата реална економија што може да ги издржи овие задолжувања?

ГЛИГОРОВ: Нема и не може да има за ваков тип трошења во толку кус период. Мислам, ни многу појака економија не може да си го дозволи тоа. Секој домаќин знае дека ако почне да троши на луксузни и непотребни работи само за да можат  комшиите да се воодушевуваат на неговиот двор, тераса, внатрешно уредување на собите и слично, а притоа парите што ги троши му се од позајмување, а не се заработени – тоа е неодржливо.

Објаснувањето на владата е дека ќе се заштеди на кириите што се плаќале и дека ќе се привлекуваат туристи. Зошто тогаш не дадат анализи и предвидувања колкав е периодот во години за повратот на инвестициите? Како и за колку време зградата на „Водовод“, која иницијално чини 8 милиони евра, ќе заштеди на кирии и колку туристи ќе привлече? Како што стојат работите, парите за постоечките кирии нема да бидат доволни за одржување на сите тие згради, а камоли да се отплатува нивната градба. Значи, кириите ќе се преточат во одржување на зградите, а сите ние ќе треба да ги враќаме парите што се позајмени за изградба на овие објекти.

Да се вратиме пак кај домаќинот. Кога се нема пари, евентуално може да се зајмат пари за да се финансираат активности кои би донеле дополнителни пари, а скромно да се подобруваат условите на живеење. Но, не да се истурат толку пари во услови на слаба економија.

ФОКУС: Аргумент на власта е дека Македонија и натаму е ниско накај средно задолжена земја? Клучно ли е тоа во мерењето на задолженоста?

ГЛИГОРОВ: Дали може да бидеш пијан од две или три чашки ракија? Тоа секако зависи дали ќе продолжиш или ќе престанеш да пиеш. Значи битен е трендот и „раширениот“ стомак. За време на оваа влада, јавните долгови се удвоени и нема на повидок дека задолжувањето и неликвидноста ќе сопрат. Како што кажав, ќе почнат и трошоци за одржување, некаде веќе почнаа трошоци за одржување. Се купија прскалки за палмите, за фонтаната во центарот дополнителни трошоци за подобрувања… Кога ќе го навикнете стомакот на обилни, тешки и нездрави јадења, тогаш е многу тешко да се сопре тој тренд. И настапува болест или има аномалии со здравјето, а ако се продолжи со тоа темпо, неретко се случува и – смрт.

ФОКУС: Доколку се остварат најавите дека надворешното задолжување може да подзапре, пред сѐ, од политички причини (се чини дека ММФ и СБ нема да сакаат предизборно да истурат пари во буџетот), ќе остане внатрешното задолжување како база за финансирање на трошењата. Како ова извлекување пари од домашната економија ќе се одрази внатре?

ГЛИГОРОВ: Ќе испоумреме сите. Да не помислуваме сега на тоа, туку да се потрудиме да го спречиме.

ПРЕМИЕРОТ ФРЛА ПРАШИНА ВО НАШИТЕ ОЧИ

ФОКУС: Многу актуелна е темата за субвенционирање на странските компании, откако Ван Хоол објави дека добиле 17 милиони евра од Владата. Каде е тука домашниот бизнис? Премиерот рече дека ако побара некој домашен бизнисмен и ако вети вработувања, ќе има субвенции и за домашните.

ГЛИГОРОВ: Тоа што го кажува премиерот е фрлање прашина в очи на сите домашни бизнисмени. Кажува дека домашниот треба да има проект со 1.000 вработувања, а во технолошките зони поволности користат и фирми со помалку од 100 вработени. Доделувањето големи милионски износи во евра на субвенции создава сомнеж на коруптивно и непазарно дејствување, а разочараност кај домашната бизнис-заедница. На која земја оваа влада е влада, се прашуваме?

ФОКУС: А како поинаку да се привлечат странците, ако нема поволности. Има и други земји, повеќето даваат бенефиции?

ГЛИГОРОВ: Не се бенефициите во пари клучни за инвестициите. За повеќето од инвеститорите не се пресудни ни ниските плати на вработените. Имав можност во два различни периоди лично да разговарам со двајца бивши премиери на Ирска во различни декади. Независно каква е состојбата сега, Ирска, како што знаеме, е најдобриот пример за привлекување странски инвестиции.

Имено, Ирска покренува неколку битни активности кои се протегаат најчесто и во рамките на една декада. На пример, официјализирање на англискиот јазик наместо нивниот мајчин јазик (галик) за да може подобро да се разберат со странците, односно да комуницираат течно со целиот свет. Потоа, преадаптирање на формалното и неформалното образование за потребите на тогашните индустриски трендови. Десетици илјади млади луѓе учат и студираат на струки кои се бараат од странските инвеститори, претежно од САД. Па, создавање квалитетна сообраќајна и друга инфраструктура. Ирска ги привлече инвеститорите и луѓето се вработија таму со повисоки плати од просечните плати во Ирска. Значи потребно е да се прават посуштински активности за да можете од дното на Европа да стигнете во средината, нешто што ѝ успеа на Ирска.

ФОКУС: Потребни се суштински промени кај нас?

ГЛИГОРОВ: Тука владата нѐ рекламира дека сме евтини, дека сме блиску до Европа, а реално не сме, со оглед на инфраструктурата и дека очајно ќе даваме субвенции. Тоа што во непосредна близина на зоната Бунарџик имаше „војна“ во мај оваа година, само ја обезвреднува ионака ниската вредност на тие инвестиции. Тоа што цела година државата е преокупирана со бројни афери, кампувања со блокирани сообраќајници, нецелосно и нефункционално-еднопартиско собрание – сето тоа влијае врз нашата цена на светскиот пазар. На нашите плати.

Одговорноста за ваквата состојба секако е, пред сѐ, на власта. И тогаш, нормално е да имаме пониска цена. Ако доматот на пазар е делумно скапан, пазарџиите го продаваат под цената и плус ти даваат дополнителни производи. Тоа се случува во реалноста во Македонија.

За примери, владата не треба да оди подалеку. Бугарија направи бизнис-паркови и ги „прибра“ сите познати светски и европски фирми кои опслужуваат пазари во речиси цела Европа. На пример, во Hewlett-Packard во Бугарија, според мои сознанија, работеа неколку илјади вработени. За споредба, во Македонија работат не повеќе од 10. Пред десетина години, HP канцеларијата во Бугарија имаше десетина вработени. Ова е далеку несразмерно од односот на населението. За платите да не збориме – тие во Бугарија во таквите странски фирми се европски. Зошто е тоа така? Така е поради погрешниот пристап кај нас.

ОПОЗИЦИЈА ГО ТУРКА ГРАЃАНСТВОТО ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА ВЛАСТА

ФОКУС: Во една колумна напишавте дека економската политика се базира на неколку популистички столба, илјадниците проекти, Скопје 2014, таргетирањето големи групи, како земјоделците… Но, реалноста на теренот не покажува големо придвижување, БДП-то расте со недоволни стапки, младите се иселуваат, сиромаштијата е голема, зошто?

ГЛИГОРОВ: Јавно никаде не сум споменал израз „популизам“ или „популистичка“ бидејќи мислам дека тука лежи една од главните причини за неуспехот на опозицијата. Тоа е една од клучните грешки на опозицијата. Обичните гласачи или поточно најголемиот број гласачи, популизмот го смета за нешто добро. И така им се сервира: попули е еднакво со народ. Демек, власта е со народот.

Колку повеќе опозицијата споменува дека владата е популистичка, толку повеќе ги „турка“ граѓаните во „прегратките“ на постоечката власт. Природно е таа маса граѓани да ја поистоветува тогаш опозицијата со елитистичка. Елитисти се секако во далеку помал број.

Ова е „Пустецот“ на опозицијата, ова се стотиците илјади гласови вишок на контото на власта и секако дека тоа е несразмерно повеќе од стотина-двесте гласови од Пустец или неколку илјади лични карти плус. Стратегиски се греши. Втората клучна стратегиска грешка е формулацијата: ќе видите вие кога ќе се вратиме на власт. Тоа цело време лебди. И луѓето го чувствуваат. Се пристапува премногу агресивно за вкусовите на просечните македонски граѓани. И затоа не гласаат помасовно за опозицијата во прв ред. Потоа, секако, доаѓа тоа што се немало економска програма, се нема фокус на потребите на граѓаните и не се покажува дека се има капацитет за изведба на таа програма. Да не ја споменувам вечната тема и дилема за тоа дали и кој е вистинскиот лидер кај најголемата опозициска партија.

ФОКУС: Но, Македонија назадува…

ГЛИГОРОВ: Според сите теории и практики во светот, државната стратегија што ќе носи резултати за сите не може да биде успешна ако ставите 2.000 и повеќе проекти во својата програма за работа.Таквиот документ може да биде само добра листа на активности, но не и стратегија што ќе носи резултати (ќар) за сите.

Ако во таквата програма ставите дека проекти се стандардните активности на државата, нешто што нормално треба да се прави, тогаш ние ќе си тапкаме во место како држава. Тапкањето во место, во денешни услови значи уназадување бидејќи другите напредуваат.

ФОКУС: Мислите ли дека по девет години на власт, технократите на ВМРО-ДПМНЕ, кои во меѓу време прогресираа кон „националната преродба“, го изгубија допирот со реалноста?

ГЛИГОРОВ: Со преродбата, наместо да се преродиме, ние се одродивме. По сите основи сме поделени. Со преродбата „увезовме“ неколку министри и директори, претежно од САД, а „извезовме“ десетици илјади млади и надарени кадри насекаде во светот – некои спомнуваат бројки од неколку стотици илјади млади луѓе. Уште десетици илјади се на листа на чекање за одење во еден правец. Со ова е кажано сѐ.

ФОКУС: Има ли во опозицијата сила за здружување што ќе ги помести овие состојби. Објавувањето на „бомбите“ одигра одредена улога, но се чини дека е потребно теренско „освојување“ на гласачите?

ГЛИГОРОВ: Опозицијата како израз се одомаќини, и тоа прави добро само на еден дел од политичките партии. Некако се навикнавме терминот власт да биде поистоветена со една или со пакет од едни партии, а опозиција да се поистоветува со сето останато. Ако на некого постојано му велите дека е сиромав, тој со текот на времето ќе си се поистовети со тој термин, средината ќе го мисли дека е сиромав, и тој никогаш нема да биде богат, или барем многу потешко може да стане побогат. Ќе му биде врежано во потсвеста дека е сиромав. Моќна е таа алатка. Ако на некој човек повеќе луѓе му кажат дека е болен или болно изгледа, и тоа го направат во одреден временски период, и да е здрав, човекот може да оболи. И тоа тешко да оболи.

ФОКУС: Сакате да кажете дека е потребен поширок граѓански консензус?

ГЛИГОРОВ: Значи силата не е во опозицијата или во нивното здружување. Силата е во граѓаните и во нивните секојдневни потреби и проблеми. Силата е во родителите што ги губат своите чеда надвор. Во граѓаните што тешко составуваат крај со крај, а се образовани и нормални луѓе. Во чесните стопанственици кои не можат да си ги платат сметките и вработените, а работат напорно и со голема љубов во креирањето производи и услуги. Силата е во младите луѓе и во студентите, кои не гледаат перспектива во Македонија. Кои се едуцираат во супстандардни услови. Ако сите тие луѓе се мотивираат преку визуализирање на посветла иднина, ќе се ослободи една невидена енергија, која ќе ги промени работите на подобро. Едноставно, ќе ја урне оваа власт. Тоа за мене се вистинските „бомби“.

ФОКУС: Активно се вклучивте во политичкиот живот, мислите ли дека од позиција во Либералната партија може да влијаете врз подобрување на состојбите или очекувате посилно опозициско здружување?

ГЛИГОРОВ: Отсекогаш сум бил општествено активен иако не сум бил член на ниедна партија. Изворот на економските програми на дел од партиите во предизборните активности се мои дела. Да не споменувам дека во 2006 година сум индиректно креатор на економската програма на В-Д. Документот што го составив како тогашен претседател на Сојузот на стопанските комори, а врз база на интервјуа и трибини со стопанственици низ Македонија, го споделивме со сите поголеми политички партии. В-Д си го искористи во својата програма. Мојот мандат како претседател на ССК заврши крајот на 2008 година.

Размислував подолго време како да ја најдам формата на моето дополнително дејствување бидејќи ми се создаваше премногу немир во душата од состојбите во Македонија. Се вклучив во Либералната партија наредниот ден, веднаш по нередите во Куманово. Значи член сум на партијата некои стотина денови. Прво вакво искуство ми е да дејствувам од позиција на политичка партија.

ФОКУС: Ве оптоварува ли помислата дека без учество во власта не можете да стасате до целите што ви се зацртани?

ГЛИГОРОВ: Верувам дека прво треба подетално да ги согледаме потребите на граѓаните и бизнисите бидејќи секако не е сѐ црно, а и власта знае и може дури и црните работи да ги спакува како добри. Потоа заедно со претставници од нив да ја составиме програмата и истата да ја промовираме. Ако има партии, граѓански здруженија и реални невладини организации кои ќе имаат допирни точки со ваквата платформа, секако дека ќе соработуваме. Со некои дури и во фазата на креирање на програмата.

Битно е јасно да истакнам дека освојувањето на власта не е основниот двигател на нашето партиско дејствување, барем не е на моето лично дејствување. Подобриот живот на луѓето околу нас, просперитетните бизниси кои креираат благодат на општеството, богатите луѓе со дух и добра – тоа е целта зошто постоиме како партија. Секако дека од позиција на власт може да се направат овие работи побргу и подобро. Но, не сме оптоварени со тоа. Имам многу успеси за доброто на сите, а никогаш не сум бил во власта. Си мислам, а тек да бидам, небото е лимит.

Рамка 1

СТАВРЕСКИ МОЖЕШЕ ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛЕН ХЕРОЈ

ФОКУС: Се чини дека не сте осамен во размислувањата, барем судејќи според „бомбите“ на опозицијата. Имено и министерот Ставрески тврдеше дека „немаме за леб, а трошиме за чоколадо“. Дали оваа реченица пластично ја опишува состојбата во македонската економија?

ГЛИГОРОВ: Подобро не можеше да се објасни оваа состојба. Секоја чест на министерот за добрата дефиниција. Уште да можеше да ја спроведе замислата за треснувањето со телефонот – по главата на главниот? Ќе беше национален херој.

Рамка 2

ЗАТВОР ЗА ДРЖАВНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ

ФОКУС: Државните долгови кон компаниите и натаму се на високо ниво, на што бизнис-заедницата веќе алармираше, можеби во континуитет, но очигледно кондицијата на буџетот е таква каква што е, има ли излез од оваа ситуација?

ГЛИГОРОВ: Има. Да се казнуваат функционерите што не плаќаат. Во повеќе земји има закони во кои ако некој функционер или управител на јавно претпријатие распише тендер, а нема обезбедено буџет или доцни со исплатувањето на обврските, му се заканува затворска казна. Ако ова го примениме во Македонија, функционерите нема така лесно да набавуваат разни добра или да префрлаат пари само со дојава од некој што е погоре во хиерархијата. Тие ќе се борат да нема такви нешта затоа што во спротивно ќе лежат затвор.

Поврзани новости