АРХИВА Софија Куновска: Градоначалникот Коце Трајановски е елементарна непогода за Скопје, еднаква земјотресот во 1963 година

by Fokus

Текстот е објавен на 3 февруари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 866

 Разговарала Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Има уште една година до локалните избори. Дали сметате дека Скопје 2014 ќе биде адутот за уште еден мандат на вмровците во Скопје?
КУНОВСКА Пред да го коментираме „Скопје 2014” како проект, поважно е да го препознаеме милјето во кое се раководи градот Скопје. Треба да се потсетиме дека начинот на кој се спроведува „Скопје 2014” беше предвесник, а и сега е огледало на вкупното владеење на оваа власт. Зошто? Затоа што манифестациите на апсолутизам, таа приказна, која што ја живееме денес, најпрвин се почувствува во Советот на Град Скопје. Замислете, целиот проект „Скопје 2014” помина, а Советот воопшто не доби шанса за квалитетна расправа!?

ФОКУС Можеби вие не бевте доволно упорни?
КУНОВСКА Баравме „Скопје 2014” да се стави на дневен ред, а градоначалникот упорно наоѓаше начини, како да ни објасни дека тој не е надлежен. По десетина обиди, го стави на дневен ред, затоа што сфати дека е контрапродуктивно по него доколку и натаму избегнува. Но, замислете, го стави на расправа со образложение дека тој не учествува во проектот. Ставките преку кои финансиски учествува Градот во „Скопје 2014” биле минорни, со вредност од 5 милиони евра, и од типот – илуминација на мостови, замена на огради на мостови, промена на неколку фасади на плоштадот на Скопје и преместување на канализацијата на плоштадот заради потенцијалната црква. Но, суштински, тој се прогласи за ненадлежен за „Скопје 2014”!

 ФОКУС Можеби бил само искрен, дека ДРУГ е творец на проектот?
КУНОВСКА Јас би прашала: Дали е нормално на градоначалникот Блумберг да му се случи менување на лицето на неговиот град, на Њујорк, а тој да проба да изјави дека не е надлежен за тоа?! Дали е можно, фасадата на зградата на ОН да се претвори во барокна и за таа приказна Блумберг да се прогласи за ненадлежен, а Советот на Град Њујорк да изгласа дека не го интересира што се случува со зградата и со градот?

ОВАА ВЛАСТ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ОКУПАТОР

ФОКУС Значи, Коце Трајановски не може да се пофали дека тоа е негов проект, мислам како градоначалник?
КУНОВСКА Па, самиот се дистанцира од него на секаков можен начин. Како што не може да се пофали ни дека автобусите се негов проект. Тој се согласи Владата да се прогласи за донатор на автобусите купени од парите на граѓаните, не само на Скопје, туку на цела Македонија. Комично, но, Коце Трајановски излезе да ѝ се заблагодари на Владата на РМ за донацијата. Изгледа му е нејасно дека донација може да биде кога господата министри ќе се брцнат во сопствениот џеб, а не во касата која ја полнат граѓаните.

ФОКУС Ако земеме по ставките, кој го финансира, а добар дел од оние згради и споменици одат на контото на Министерството за култура, дали власта го третира „Скопје 2014” како некаков културен проект?
КУНОВСКА Оваа власт се однесува како што се однесувале окупаторите на Скопје. Српскиот окупатор, кога доаѓа во Македонија, решава да постави пет пункта, преку кои ќе ја демонстрира својата доминација. Економската моќ преку банката што ја гради, Собранието – симбол на политичката моќ, Офицерскиот дом – симбол за воената доминација, театарот – симбол за културната доминација и железничката станица, која симболизира контрола врз транспортот и врските. Оваа власт буквално се однесува како окупатор, јас не знам како поинаку да разберете, дека двете клучни згради кои се симбол на политичкиот живот во Македонија, Собранието и зградата на Владата, прашање на ден е кога ќе добијат нов лик. А тука мислам дека многу посериозно е прашањето: Дали некој ги ретушира нашите идентитет и историја? Дали некој сака да ја бележи територијата на своето владеење? Дали сака временски да го детерминира постоењето на Република Македонија до нивното и од нивното доаѓање?

ФОКУС За вас „Скопје 2014” е окупаторски проект?
КУНОВСКА „Скопје 2014” е не само ужасен проект по својата естетика, не само недомаќински и сомнителен во однос на потрошените пари, туку е и опасен за идентитетот на современа Македонија. Тој им ја одзема силата и вредноста на најважните дела и творци од младата Македонија по 1945 година и ги загрозува обединувачките процеси со остатокот од развиениот свет. Ништо до сега олку силно не го нарушило меѓународниот углед на денешна независна Македонија, како владеењето на оваа власт, најсилно демонстрирајќи ја својата авторитарност и тоталитаризам преку проектот „Скопје 2014” и неговите потпоглавја. Швајцарија и Холандија се натпреваруваат во чоколади, часовници и лалиња. Дури и Косово се претставува себе си на рекламите на Си-Ен-Ен, како „КОСОВО ТХЕ ЅОУНГ ЕУРОПЕАНС”. Ние сме за жалење, со копјата во рака, нурнати во 323 година пр.н.е.
Затоа, мој личен став е дека секој сериозен и одговорен наследник на оваа гарнитура на власт има обврска да организира експертска ревизија на овие кардинални грешки и да интервенира со радикални чекори. Веројатно, таа ревизија ќе покаже дека дел од „Скопје 2014” треба да се преобликува, дел да се дислоцира, а ако е неопходно, дел и да се отстрани, и во физичка и во идеолошка смисла.

ВИЕ ГИ КРИТИКУВАТЕ, А ТИЕ ВИ МОНТИРААТ АФЕРА!

ФОКУС Барокот е своевидна филозофија на владеење на оваа власт?КУНОВСКА Да. А, сепак, никој до сега не излезе да објасни кој е идеолошкиот, филозофскиот, естетскиот, симболичкиот, семантичкиот контекст што лежи под овој избор. За жал, демократските алатки за корекција и контрола, на ниту едно ниво во државата практично во реалноста не функционираат. Не постои ниту еден инструмент кој што во дизајнирањето на системот, држава, ви е ставен на располагање како опозиција, за кој што ние можеме да се пофалиме дека сме го употребиле за да можеме да ја дисциплинираме оваа власт.

ФОКУС Очигледно е дека оваа гарнитура не трпи поинакво мислење?КУНОВСКА Сакате да кажам што се случува кога жестоко ќе ги критикувате  нивните проекти? Се случува да добиете монтирани телевизиски прилози на нивните телевизии и да завршите објаснувајќи се со нив на суд, при што забораваат дека ако навистина тие прилози кои што ги монтираат околу наводните криминали се вистинити, местото за промоција не е партиската говорница. Сите институции во оваа држава се во нивна власт. Тие не се платени да држат пресови, тие се платени да работат.

ФОКУС Имате лично искуство? И Вие ли станавте криминалец?
КУНОВСКА Така некако. По моето обзнанување дека Ирена Мишева има конфликт на интереси, бидејќи беше член и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и е претседател на Советот на Градот, и напомената дека е и вработена во Телеком и член на борд на Телеком, наместо надлежните институции да се позанимаваат со конфликтот на интереси, епилогот е „убијте го гласникот”. Се обидоа да ме замолчат, со тоа што ме обвинија за наводен финансиски криминал, за уште понаводен бизнис. Нешто што за 5 минути се проверува во влошка во Централен регистар и се констатира дека не е вистина!
Втората ситуација е кога откриваме дека сопругот на претседателката на Советот, Ирена Мишева, се вработува во „Градски паркинг”, во делот на Пајак службата. Тоа го изнесовме во јавност и добивме контраудар од спротивната страна. Внимавајте, ние како Совет на Град Скопје, каде таа е претседател, сме основач на ова ЈП, а тој се вработува во истото. Што мислите, како се произнесе Антикорупциска?

ФОКУС Претпоставувам, како и во сите други ситуации каде тема е власта. Но, што стана со конфликтот на интереси на Мишева?
КУНОВСКА Ирена Мишева се откажа од позицијата член во Управниот одбор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но и натаму жената си е претседател на Совет, си е вработена во Телеком и е член на бордот на Телеком. И понатаму мажот ѝ си работи во Градски паркинг.

ФОКУС Значи, ниту притисокот на јавноста не може да го измени партискиот став, а тој гласи дека нивните истакнати партиски луѓе можат да бидат на неколку места и функции?
КУНОВСКА Кога вие го изнесувате тоа на виделина, тие ви монтираат нов телевизиски прилог, во кој објаснуваат дека сте насилен, вулгарен, невоспитан, дека сте предизвикале инциденти и слично. Просто не постои начин да објасните дека тоа е измислено. А од нашиот независен правен систем, и самата веројатно знаете колку е можно да добиете брз и објективен судски епилог.

ЦЕНТАРОТ ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЛИСТИ ЗА ОТСТРЕЛ

ФОКУС Се јавувате ли во тие телевизии, за да демантирате? Ви бара ли некој воопшто изјава?
КУНОВСКА Не ми побарале изјава. Воопшто не сакаат да разговараат. Ми останува единствено да одржам прес-конференција, на која што ќе ја изнесам вистината и да се обидам со безуспешно терање на правдата на суд.

ФОКУС Ве обвинија за некаков криминал во МРТВ преку ваша фирма?КУНОВСКА Тоа беше за наводно некоја моја фирма, која воопшто ја немам. Дека сум потпишала некаков договор за некое време за реклами во вредност од 350.000 евра. И дека сум ги искористила секундите, а парите не сум ги платила, во времето на некоја претходна гарнитура, во 2002 година. Навистина не можам ниту јас да ви објаснам што сакаше „авторот” да каже.

ФОКУС Чија е таа фирма, што излезе на крајот?
КУНОВСКА Јас отидов во Централен регистар и за мене се сосем непознати имињата и презимињата на сопствениците на споменатата фирма. Се разбира, во историјата на фирмата не постои моето име. Водам судски спор против Мишева и Бичиклиски за клевета.

ФОКУС Но, оние што се надлежни, тоа не го истражуваат?
КУНОВСКА Ниту надлежните, ниту оние кои ги објавуваат прилозите. Две години ниту Бичиклиски, кој тоа го соопшти на прес-конференција, не се појавува на суд. И никој жив не може да го донесе на суд. Да беше во право, ќе гореше од желба тоа да го докаже.

ФОКУС Зарем судските курири не можат да влезат во Советот?
КУНОВСКА Еднаш влегоа и се направи голема драма, поради што сега имаме уште еден спор. Имено, тој судски доставувач се обиде на госпоѓа Ирена Мишева и на Бичиклиски да им достави судска покана, а тие произведоа нова ситуација. Го одбија курирот.

ФОКУС Со кое образложение?
КУНОВСКА Бичиклиски рече: Јас не сум Александар Бичиклиски , не ве познавам кој сте, и се тргна и си замина. Око не му трепна, а госпоѓа Мишева рече дека нема што тука неа да ѝ ги носат поканите, има домашна адреса.

ФОКУС Тоа го гледаме и во процесот што го води ГЕМ против Зоран Ставревски. И тој одбива на работа да ја прими поканата?
КУНОВСКА А дома никогаш не можат да ги најдат. Нели, работат 24/7. Видете, тие имаат едно место, што се вика Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, кое е професионална организација, каде што се прават списоци на луѓе за отстрел. Дали е тоа Ерван Фуере, Јелко Кацин, политички конкуренти, непослушни новинари, дали се студенти кои протестираат, интелектуалци… против било кој што може да им попречи, тие организираат акција. Констатираат дека, на пример, јас станувам прилично неподносливо критична кон градоначалникот или кон Мишева, и се фаќаат за работа, да ме „смират”.

ВРБИТЕ СЕ УМЕТНИЧКО ДЕЛО

ФОКУС Веројатно центарот избира и која метода да ја користат?
КУНОВСКА Да, креативни се многу, ама, како што имаат сѐ повеќе клиенти, така губат на квалитет. Прилично се површни. При тоа, на рака им оди тоа што го контролираат правосудниот систем. Затоа ви кажувам дека можеби основната работа за која што ние треба да разговараме е тоа, дали институциите во Македонија, во кои одиме да ја побараме сопствената заштита, ги носат вистинските наслови, вистинските имиња. Дали судот е сѐ уште суд.

ФОКУС Дали како Совет на Град Скопје расправавте за палмите, плажите, врбите, што сепак, се пласирани како проект на Градот?
КУНОВСКА Не. Палмите нѐ изненадија, а врбите се проект на Министерството за култура. Не знам дали знаете дека врбите се уметничко дело – инсталација. Ако земете суштински да ги погледнете неговите главни гестови кон Градот, ќе видите дека Коце Трајановски е елементарна непогода за Скопје, еднаква со земјотресот од 1963 година. Мислам дека е навреда за граѓаните на Скопје.
Знаете како, човекот излегува и ни објаснува дека изградил пет булевари. Би сакала да ми ги каже петте имиња на булеварите што ги изградил. Ако го прашате така, тој ќе ви каже Илинденска, Теодосие Гологанов…

ФОКУС Но, факт е дека овие улици добија нов изглед?
КУНОВСКА Илинденска е изградена улица и е улица. Булевар е нешто друго. Таа улица е проширена за половина лента од двете страни. Значи, тоа не е изградена улица, туку постоечка улица, проширена за по половина лента од двете страни и комунално уредена со тротоар и пешачка патека, што е редовна активност на еден градоначалник. Тоа не е вонреден потфат, капитален, вреден за воодушевување. Точно е дека го посла центарот на Скопје со три сантиметри нов асфалт.
Но, по што одевме ние до вчера? По земјен пат? Тие улици беа асфалтирани, асфалтот беше оштетен, а Коце го обнови горниот слој на асфалт на постоечките улици.

ФОКУС Излегува, според Вас, дека Коце ништо не направил?
КУНОВСКА Од клучните маки на скопјани, ништо не е пипнато. Водоводната мрежа е стара и во поголем дел азбестна и има губиток на питка вода од над 62 отсто. Но, затоа, барокната зграда на „Водовод” ќе чини 10 милиони евра. Откако стана видливо дека квалитетот на воздухот е ужасен, наместо средства, мерки и активности за подобрување на квалитетот на воздухот, градската власт се погрижи да не работат мерните станици за квалитетот на воздухот, за да немаме претстава што дишеме.
Е сега, ако низ наведените примери е јасно дека Трајановски не се грижи ниту за водата, ниту за воздухот, ниту за достапност до поевтина енергија-гас, ниту за посовремен јавен превоз, останува нејасно – за што треба да му заблагодарат скопјани? За палмите, за плажите, за порибениот Вардар, за Панорамското тркало за кое само за проект се предвидени половина милион евра, за справите за вежбање на кејот, за новиот забавен парк за домашни миленичиња планиран за годинава, за кантите за ѓубре на кредит од 10 години?!

ПОЈАДОКОТ НА КАМЕН МОСТ Е „НАЈКАПИТАЛНИОТ ПРОЕКТ”

ФОКУС Оние канти што беа бомбастично промовирани?
КУНОВСКА Да, градоначалникот за свој врвен капитален проект, за кој поддршка обезбедуваше од Министерството за финансии, со Ставрески и Груевски се сликаа на телевизиите со зелените канти за ѓубре. За тој проект позајмија 800.000 евра, кој ќе ги исплаќаат граѓаните на Скопје до 2023 година. Кога го земаа беше 2011 година, грејс периодот е до 2013, а до 2023 година ние ќе ги отплаќаме кантите во вредност од 800.000 евра.
А наспроти тоа имате Панорамско тркало, за кое од буџетот галантно се трошат половина милион евра наши пари, наш кеш, внимавајте само за проект! Нема ли овој град посериозни проблеми од тркалото? Јас не велам дека жичницата е лош проект, ама не може нашите деца да немаат пристојни тоалети во училиштата, а да трошиме за тениски игралишта, жичница и забавен парк за домашни миленичиња. Тоа е некако надвор од умот.

ФОКУС Добро,тоа се нивните приоритети…
КУНОВСКА Приоритети – да, меѓутоа, тие на крајот на краиштата треба да имаат некаква логика, затоа што ме интересира дали господинот Коце Трајановски, ако дома тоалетот му е во лоша состојба, прво ќе го направи него или ќе си изгради фонтана во дворот? Просто, домаќинско прашање.

ФОКУС Ни булеварите не му ги признавате како капитален проект?
КУНОВСКА Знаете што е нов булевар? Тоа е кога, на пример, помеѓу сервисната улица која тој ја прошири за по половина лента од двете страни, Иво Лола Рибар, и таа, исто така сервисна, што поминува покрај кулите во Капиштец, ќе се појави вистински булевар од 32 метри широчина, со по три ленти во двата правца, разделени со зеленило, налик на Партизанска, така како што предвидува Генералниот урбанистички план.
Од претходните градоначалници ќе останат капитални објекти, како клучката кај Континентал или Детелинката кај Бит-пазар, булевар Србија… Од Коце, пак, појадокот на Камениот мост, како огледало на стварноста кога се во прашање гладот и сиромаштијата. Панаѓурски играчки, козметика и разби-брига за народот.

ФОКУС Затоа „Водовод и канализација” ќе добие нова барокна зграда?КУНОВСКА Така е. Зградата чини 10 милиони евра, па вие сега поделете по бројот на квадрати колку ќе чини еден квадрат од таа зграда. Ние имавме иницијатива, наместо 10 милиони евра за зградата, да ги преполовиме средствата на 5, да се одбере некое поскромно решение, а другите 5 милиони евра да се инвестираат во промена на водоводната мрежа. Да не ви зборувам дека на периферијата на Скопје, луѓето сѐ уште имаат проблем со притисок на водата за пиење и дека дополнително се снабдуваат со вода од бунари.

ФОКУС Верувате ли дека Коце Трајановски ќе биде адутот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори?
КУНОВСКА Можеби тој ќе биде адутот на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, но повеќе од сигурна сум дека нема да биде адутот на скопјани за свој градоначалник. Мислам дека најголемата услуга што Коце Трајановски може да му ја направи на градот Скопје, за тој конечно да стане поубаво место за живеење, е час поскоро да си замине.

ЗА МАЛИ ПРОЕКТИ МУ ДАВААТ ЛЕГИТИМИТЕТ НА РЕЖИМОТ

ФОКУС Се подготвувате ли во СДСМ за локалните избори, бидејќи кога сакаат тие ќе ги распишат?
КУНОВСКА Согласно досегашното поведение на ДПМНЕ, не би било изненадување да смислуваат трикови и за овие локални избори, како и за сите избори во нивна организација до сега. Како и да ѝ изгледа СДСМ на јавноста, тој внатре е силно организациски поставен и може во кое било време да излезе на изборно соочување. Има анализи за секоја единица на локалната самоуправа и евалуација на досегашните градоначалници и членови на совети, како од редовите на СДСМ, така и од политичките конкуренти. СДСМ нема проблем со неговиот капацитет и изборна понуда.
СДСМ, но повеќе од СДСМ и граѓаните на Република Македонија, имаат проблем со минимум демократски амбиент за фер изборна трка кога тоа треба да го организира ВМРО-ДПМНЕ. Не го тврдиме тоа само ние. Сѐ повеќе претставници на мисии и дипломати се на чисто со овој заклучок. Таа битка не треба да ја води СДСМ сам. Тука мораме да бидеме во принципиелна коалиција со сите граѓани, со НВО секторот, со меѓународната заедница и со медиумите, ако имаат минимум шанса за независност.

ФОКУС Колку како опозиција добивате простор на телевизиите со национална концесија?
КУНОВСКА  Јас шест години сум член на Советот на Град Скопје и до сега сум немала ниту еден повик од ниту еден новинар од МРТВ, за каква било размена на информации, а да не зборувам за изјава или за нешто слично. За волја на вистината, не се сеќавам дека сум го пречекорила прагот и во Сител и Канал 5. Таму сум присутна во монтираните прилози, кои служат за контра-пропаганда.

ФОКУС Сега сте во Советот за култура на СДСМ. Посветени сте на политиката, па, имате ли време за вашите други ангажмани?
КУНОВСКА Состојбите генерално, но и на полето на културата, како исклучително важен сегмент за мене, ме принудуваат да барам начин, да се борам. Советот за култура, формиран од СДСМ, каде членуваат истакнати индивидуалци, предизвикува силно. За своја цел има да ја помести Македонија на поинакво цивилизациско ниво. Ние како општество се наоѓаме во состојба на постојано пропаѓање, на морално, етичко, правно, економско, на онтолошко ниво и на многу други.
Сакам да им пружам отпор на состојбите, и како граѓанин и како уметник. Работам недоволно, не по моја волја. Минатата година снимив два краткометражни филма и имав мала улога во еден долгометражен филм.

ФОКУС Имам чувство дека успеаја да го најдат клучот до срцата на повеќето пејачи, актери, професори, спортисти. А секој што им влезе во проектите, потоа замолче!?
КУНОВСКА  Па, тоа е моето најголемо разочарување, што за мали проекти, за малку пари, многу луѓе во кои сум верувала, му даваат легитимитет на овој крајно недемократски, на моменти фашизоиден и ужасен режим. За жал, не сме многу славни по држењето до личниот интегритет!

Рамка 1

ТРАМВАЈОТ НАРЕЧЕН ЖЕЛБА „СКОПЈЕ 2314”

ФОКУС Зарем во сето она што се изгради до сега не гледате капитални проекти?
КУНОВСКА Градоначалникот во својот мандат не започна ниту еден капитален проект како гасификација на Скопје или трамвај. Постои претпријатие основано од Град Скопје АД „Енергетика”, создадено со идеја да спроведе гасификација. Три години има вработено директор и секретарка, Управен одбор и земаат плати и надоместоци, а нема едно метро гасна мрежа. Претходниот градоначалник, Трифун Костовски, му остави околу 5 милиони евра на Трајановски барем да го почне проектот „Трамвај” со изградба на депо за трамваите. Ги нема ниту парите, ниту депото. Трамвајот останува пуста желба за Скопје 2314 година!

Рамка 2

БАРОКОТ Е СИМБОЛ НА АПСОЛУТИЗМОТ

ФОКУС Очигледно дека оваа владејачка структура е обземена со барокот? Какви се скриените пораки од ваквата опсесија?
КУНОВСКА Барокот не предизвикува само визуелна рецепција. Барокот, покрај естетска, носи семантичка и симболичка димензија во себе. Тој е идеален одраз на една апсолутистичка и инквизиторска власт, која секојдневно на разни начини ни покажува дека сака да владее со страв, дека сака да покаже колку човекот е мал во ова општество, наспроти нејзината моќ!

Рамка 3

НА СКОПЈЕ МУ ТРЕБА СКОПЈЕИЗАЦИЈА

ФОКУС Дали се смени структурата на Скопје со Преродбата?
КУНОВСКА Еден од важните процеси што би требало час поскоро да почне да му се случува на Скопје, тоа е повторната скопјеизација на Скопје во културна, во граѓанска, во естетска смисла. Тоа е нешто што му претстои како задача на кој било добронамерник, кој ќе се најде во позиција да може тоа да го поправи!

Поврзани новости