АРХИВА Син ми почина, му „пресудија“ неколку лекари

Битолчанката Нада Чапкуноска обвинува дека пред една година нејзиниот син Михаило Радивојевиќ починал на скопската Клиника за хематологија поради несовесно лекување од страна на дел од лекарите. Таа, во потресно писмо поткрепено со куп документи, ја објаснува здравствената голгота низ која поминало 29-годишното момче, најпрвин во Битолската болница, а подоцна на клиника, без да не знаел од што боледува! Тој пет месеци бил шетан од клиника на клиника, без точна дијагноза и соодветна терапија. За овој трагичен случај алармирани се сите надлежни институции, а претставки се испратени и до премиерот Никола Груевски и до шефот на државата Ѓорге Иванов.

Текстот е објавен на 29 август, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 986

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Човечки е да се греши“ беше насловот на извештајот на престижниот Институт за медицина од САД, објавен во 1999 година, кој на сеопфатен начин ги адресираше проблемите на пациентите, жртви на лекарски грешки во системот на здравствена заштита. Оттогаш поминаа 15 години.

Според американските медиуми, денес дури 12 милиони луѓе во САД добиваат погрешни дијагнози, а половината од нив завршуваат со фатални последици.

Од ваквите случаи на лекарски грешки не е поштедена ниту Македонија. Нивниот број секојдневно се зголемува. Но, тука, за разлика од другите држави, проблемот се јавува кога грешката се прикрива од страна на надлежните институции и никој не презема одговорност за изгубениот живот, за настанатата компликација при лекувањето, за оштетениот вид….

Сепак, зачудува и фактот што само мал дел од случаите завршуваат на суд. Причините за ваквата одлука се различни. Дел од луѓето немаат сили со години да се влечат по судските лавиринти, што уште повеќе ќе ги потсетува на трагедијата што ја доживеале, други немаат доволно пари, додека трети не веруваат во македонското судство.

Но, сепак, постојат и такви, кои болката ги натерала правдата да ја истераат докрај. Веќе години наназад низ судските архиви се провлекуваат разни случаи на тужени лекари поради лекарски грешки. Таков е случајот со осумгодишната Марија Ѓорѓиевска, која наводно почина од сезонски грип на скопската Клиника за инфективни болести. Нејзиното семејство три години се бореше на суд, да докаже дека несовесното лекување на дел од лекарите ја предизвикало  прераната смрт на нивното девојче. Но, судот пресуди во корист на лекарите.

Исто така, тука беа и неколку случаи на починати родилки. Нивните семејства остареа чекајќи ги пресудите, при што изгубија и нерви и пари, а за болката и да не зборуваме. На разочарувањата им нема крај. Сето тоа, како што велат тие, предизвикува гнев, револт и недоверба во судскиот систем. Досега постојат само неколку случаи,  каде што некој судски процес завршил во корист на пациентите.

Оттука доаѓаме до почетокот на нашата приказна, која во целост го покажува „реформираниот“ здравствен систем во земјава. Болката на една мајка по изгубениот син и нејзините сомневања за лекарска грешка се доволна причина да се отвори приказната, да се изнесат деталите на виделина и, како што вели таа, правдата да се истера докрај, иако е свесна дека тоа нема да ѝ го врати изгубеното чедо.

 СИН МИ ВИКАШЕ: „ЈАС ОТТУКА ЖИВ НЕМА ДА ИЗЛЕЗАМ“

Грешките на докторите за смртта на пациентите ги покрива земјата“. Со овие зборови, својата трагична приказна ја почнува битолчанката Нада Чапкуноска, која пред една година го изгубила својот 29-годишен син Михаило Радивојевиќ на скопската Клиника за хематологија. Таа вели дека уште 1.000 страници да напише, нема да бидат доволни да ја опишат голготата што таа и нејзиниот син ја поминале во „реформираното“ јавно здравство.

– Мора да се обелодени криминалот што се прави во здравството во оваа држава и конечно јавноста да дознае за тоа. Некој мора да одговара за катастрофалните грешки, за кои нема цена што може да се плати, ниту да ни ги врати изгубените животи. Крајно време е вистината да излезе на виделина, а со тоа да се спречи да изгорат и други мајки како мене. Барем нивните деца да се спасат. Ние имаме право на тоа – истакна Чапкуноска, правник по професија, вработена како управител во битолскиот „Водовод и канализација“.

„Фокус“ располага со сите писма, медицински документи и отпусни листи за целиот овој случај. Според нив, само пет месеци траела битката на младото момче, кое до последниот здив, на 8 август лани, не ја знаело точната дијагноза – од што всушност боледува? А, уште помалку знаело дека тоа може да биде кобно за неговиот живот.

Нашата редакција одлучи да го скрие идентитетот на лекарите што го лекувале 29-годишниот Радивојевиќ за сите овие пет месеци. Сепак, тука обвинувањата на мајката се насочени кон неколку лекари, и од битолската болница, и од Клиниката за хематологија.

Дали постои лекарска грешка? Ќе одговара ли некој? Зошто толку време младиот битолчанец бил шетан од клиника на клиника, а во меѓувреме бил лекуван од разни болести? Многу прашања − малку одговори.

Но, да почнеме по ред. Според писмото испратено во нашата редакција, сѐ почнува во април лани, кога кај младото момче се појавило чешање по целото тело, особено на стапалата и на дланките. Во тој период, тој најпрвин се обратил до кожното одделение во битолската болница, каде што не била утврдена конкретна дијагноза, туку лекарите претпоставиле дека станува збор за пролетна алергија.

Оттука почнува трнливиот пат по здравствените лавиринти. Бидејќи чешањето не престанувало, тие продолжиле точната дијагноза да ја бараат по сите одделенија, на Пулмологија, во Брза помош, во Ургентното одделение, на Инфективно, Трудова медицина, лаборатории… Дури два и пол месеца, до 13 јуни истата година, тие лутале од едно до друго место без точна дијагноза и без соодветна терапија. Младото момче било лекувано од повеќе болести.

− Неговата здравствена состојба сѐ повеќе се влошуваше од примањето разни лекови за сите можни болести, како уртикарија, хепатит Б, Ц, алергија, шуга, сида, борелија, астма и што уште не. Од разната терапија што ја примаше, нагло му ослабна имунитетот, ослабна 6-7 килограми, а чешањето стана толку силно, што од истото целиот се разрани и постојано крвавеше по целото тело. Од сите лекари што го прегледуваа, никој не сакаше да ни даде упат за клиника – тврди Чапкуноска.

Таа додава дека преку врски едвај успеала да издејствува да им се даде упат за Скопје, па така на 14 јуни лани 29-годишното момче со болничко возило било транспортирано на скопската Клиника за хематологија. За овие два месеца, колку што периодично престојувал на клиниката, го лекувале неколку лекари…

Останува нејасно зошто не му давале упат за скопските клиники и дали во битолската болница биле направени првите грешки во лекувањето, со поставувањето на погрешни дијагнози?

Подоцна, според кажувањата на мајката, се претпоставило дека станува збор за болеста (но-хочкин), или некој вид рак на лимфните јазли, но до смртта на нејзиниот син, никој од лекарите тоа директно не ѝ го кажал.

Оваа болница е вистински хорор. За условите и да не зборувам, под секое ниво на човечкото достоинство, без чаршафи, навлаки, без топла вода. Син ми со денови лежеше во крв. Сѐ што беше до мене, јас правев. Купував што можев за да му обезбедам барем минимална хигиена. Тој ова одделение го нарекуваше „Зона на самракот“, при што постојано ми зборуваше „каде ме донесе мајче кај овие, јас оттука жив нема да излезам, мене овде никој не ме лекува, никој за ништо не ме информира“, што на крајот се потврди – раскажува за „Фокус“, револтираната мајка.

За да биде приказната уште пострашна, младиот Радивојевиќ бил шетан од клиника на клиника за разни испитувања. Според документите, тој бил испратен на скопската Кожна клиника, каде што бил однесен со помош на болничар, бидејќи не бил способен да се движи сам. Оттаму бил вратен со образложение дека има крвавење и не смеат да му прават испитувања.

Според неговата мајка, била донесена одлука младото момче да прима хемотерапија, па побарале од нив да потпишат изјави дека тие го бараат тоа и, уште, дека сами ќе обезбеделе крв и крвни деривати. Според документите, првата хемотерапија ја примил на 20 јуни лани, при што на неа имал негативни реакции. По една недела, на 2 јули, тој бил пуштен на домашно лекување за, само неколку дена подоцна, повторно да се врати на клиниката и да ја прими втората хемотерапија на 11 јули истата година.

Неговата мајка, исто така, тврди дека здравствената состојба на нејзиниот син сѐ повеќе се влошувала поради несовесното лекување од страна на неколку лекари.

ДОБИВ СМРТНА ПРЕСУДА − СИН ВИ НЕМА ДА ПРЕЖИВЕЕ

Последните неколку недели од животот, 29-годишниот Михаило Радивојевиќ продолжува да ја води битката за  живот. Во документите со кои располага „Фокус“,  битолчанецот од Клиниката за хематологија добил отпусно писмо на 18 јули лани, а по третпат на хемотерапија требало да се јави за две-три недели, на 5 август.

Во меѓувреме, неговата здравствена состојба се влошила, при што на 26 јули со болничко возило младото момче било пренесено на скопските клиники.

Целата потресена, прашував што се случува со моето дете. А, докторката ми рече дека треба да се спремам за најлошото. Со тоа ми соопшти смртна пресуда. Јас два месеца трчам по нив и прашувам што е со моето дете, за на крај да ми кажат дека состојбата е лоша и нема да преживее. Дали е некој свесен што значи тоа за една мајка? Како може да не се знае точната дијагноза до крај, а да се знае кога пациентот ќе почине? Тоа е нехумано – тврди Чапкуноска.

Таа обвинува дека вечерта, пред нејзиниот син-единец да почине, постојано му давале некакви инфузии, со што му се наполниле белите дробови со вода, а утрото го дочекал со отежнато дишење, крвавење од устата и носот, и со болки во стомакот и во градите.

Наредниот ден син ми почина благодарение на точната дијагноза на лекарите. Така заврши еден млад човечки живот. Тука завршија неговите страдања – истакна неговата мајка.

Таа, една година по неговата смрт, останува со милион неодговорени прашања – од што починал нејзиниот син, која била причината, односно точната дијагноза, зошто веднаш не му кажале дека е во лоша здравствена состојба?

Во нејзиното трогателно писмо таа бара одговори на околу 30 прашања, за кои, како што вели, ќе ја мачат, сѐ додека е жива.

Според натамошните информации во писмото, несреќната мајка се двоуми дали да ги тужи лекарите или клиниката бидејќи смета дека судските процеси се маратонски и траат повеќе од 10 години. Таа е свесна дека на тој начин нема да си го врати синот, но, како што вели, можеби ќе придонесе други деца да бидат спасени и да не бидат шетани од клиника на клиника со месеци, без точна дијагноза.

Бидејќи Чапкуноска ја посочи Клиниката за хематологија и дел од лекарите дека несовесно го лекувале нејзиниот син, при што тој починал, „Фокус“ упати неколку прашања на адреса на клиниката. Од таму добивме краток одговор:

По однос на поднесената претставка до сите надлежни институции од лицето Нада Чапкуноска, а во врска со лекувањето на нејзиниот син Михајло Радивојевиќ, ви одговараме следно: „сите институции до каде беше упатена претставката заклучиле дека нема стручна грешка во лекувањето на пациентот. За тоа писмено е известено лицето Нада Чапкуноска“ – се наведува во одговорот од клиниката.

Според Законот за здравствена заштита, моќта во свои раце за грешките на белите мантили ја имаат министерот за здравство Никола Тодоров и Лекарската комора, кои формираат стручна Комисија и според нејзините информации ја носат конечната одлука.

 СИТЕ НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ ЗАПОЗНАЕНИ СО СЛУЧАЈОТ

Трагичната судбина и болката не ја натерале упорната мајка да крене раце од овој случај. Таа во последната година ги алармирала сите надлежни институции, а нејзиното потресно писмо, претставки, поднесоци и барања на одговори стигнале и до рацете на премиерот Никола Груевски и до шефот на државата Ѓорге Иванов.

Од првиот човек на владата до ден-денес нема одговор, додека претседателот Иванов се прогласува за ненадлежен за овој случај.

Претседателот на Македонија, во согласност со уставните и законските надлежности, нема ингеренции за решавање на вашиот проблем. Видно од наводите во претставката, со право сте се обратиле до надлежните институции, од каде ќе добиете и соодветен одговор – напишале од кабинетот на Иванов.

Според документите со кои располагаме, дел од институциите се прогласиле за ненадлежни, дел топката ја префрлаат едни на други, а трети донеле заклучок дека пациентот бил соодветно лекуван.

Во документите се наведува дека мајката на 21 септември лани најпрвин поднела претставка до Клиниката за хематологија, од каде што побарала увид во медицинското досие на синот, а и да ѝ се дадат точни податоци за докторите што го лекувале (име и презиме, адреса на живеење, степен на образование и какви специјализации имаат завршено). Од таму го добива следниот одговор:

Кај пациентот е спроведена редовна дијагностичка процедура, поставена дијагноза од малигно хематолошко заболување (анапластична варијанта на дифузен крупноклеточен малигнен лимфом) во напреднат 4-ти стадиум. Исто така, дадена е стандардна хемотерапија за таа дијагноза, како и супортивна терапија која, за жал, не покажа задоволителен ефект. Поради прогресија на основното заболување настапи смртен исход – се наведува во заклучокот од клиниката на 30 октомври лани.

Но, Чапкуноска не се откажува. Таа испраќа допис и до Министерството за здравство и до првиот човек во здравството, Тодоров, од каде што добива одговор дека предметот е испратен во Лекарската комора, каде што треба да се формира комисија за стручен надзор. Според документите испратени во нашата редакција, за овој случај се алармирани и Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Народниот правобранител. Сите надлежни институции се повикуваат на стручниот надзор што го извршила Лекарската комора:

По извршениот стручен надзор, Комисијата едногласно констатира дека кај пациентот е спроведена редовна дијагностичка процедура − се наведува, исто така, во заклучокот од ЛК донесен на 5 февруари оваа година.

Ваквите потресни приказни отвораат дилеми за многу неодговорени прашања, забошотени случаи, лекарски грешки – што се случува во македонското јавно здравство? Дали за овој случај вината е и во битолската болница или во Клиниката за хематологија − не знаеме. Сепак, по којзнае кој пат ќе нагласиме − надлежните институции мора да ги истражат до крај сите случаи на оштетени и починати пациенти, а лекарите мора да ја почитуваат Хипократовата заклетва на која се заколнале кога почнале да работат.

Рамка 1:

Нада ЧАПКУНОСКА

ЗОШТО САМИ ОДЛУЧИЈА ДА НЕ СЕ ПРАВИ ОБДУКЦИЈА НА ТЕЛОТО?

Нада Чапкуноска обвинува дека една од лекарките на своја рака одлучила да не се прави обдукција на телото на момчето, иако за тоа не бил прашан никој од семејството.

Кого прашаа дали да се направи обдукција на телото и зошто самата таа одлучи да нема обдукција, а во потврдата наведува дека по инсистирање на семејството се моли Институтот за судска медицина да не врши обдукција? – прашува зачудено разочараната мајка.