АРХИВА: Самоил Малчески: Истите луѓе што се колнеа во Љубчо, а потоа го блатеа, за неколку месеци ќе зборуваат се најлошо и за Груевски

by Fokus

Текстот е објавен на 9 октомври, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1044

Има членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ од 1993, но стана познат во 2007 година како студентски лидер. Три години подоцна се вработува на универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, ама и по три години ќе добие отказ. Судската битка на Самоил Малчески со ректорот сѐ уште трае. Откако во „Фокус“ призна дека не бил донатор на ДПМНЕ иако така стои во партискиот извештај, обвинителството отвори предмет, но без епилог.

Со Малчески, кој сега е дел од Форумот на слободоумни патриоти, разговаравме како ДПМНЕ се претвори во партија на горди послушници, потребата за одржување нов легитимен конгрес, за системот на манипулации, за лицемерството на врхушката, за лажниот раскол во „Панорама“, за бомбите на Заев… Како што вели, не би го изненадило ако се покаже дека и синтагмата „Бранко е крив“ е една голема измама, „дека во заднина многу успешно се спроведувале некои дилови“.

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Уште пред две години, во интервјуто за „Фокус“ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја нема веќе идеологијата како движечка сила за членството, но ти и натаму остануваш член на ВМРО-ДПМНЕ. Не си исклучен како Јове Кекеновски. Кој е твојот мотив да бидеш во оваа партија без идеологија?

МАЛЧЕСКИ: Па, токму тоа, прашањето на самата идеологија, т.е враќањето на идеологијата во ВМРО-ДПМНЕ и враќање на ВМРО-ДПМНЕ на основите за кои е формирана.

ФОКУС: Како ќе ја вратите идеологијата кога ништо не допира до раководството на таа партија?

МАЛЧЕСКИ: Врхушката на една партија е променлива, таа доаѓа и си оди, битно е членството. Во изминатиот период, со една група луѓе го формиравме Форумот на слободоумни патриоти, со кој преку контакт со членството ќе се обидеме да допреме до нив во насока на нивно будење и застанување рамо до рамо со нас во битката за подобро ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Колку успеавте во изминативе месеци да ги разбудите членовите?

МАЛЧЕСКИ: Ние сме прилично задоволни од одѕивот што го имаме до сега, пред сѐ, од страна на старите вмровци, од иницијаторите за основањето на ВМРО-ДПМНЕ и оние кои во годините потоа ѝ се приклучија на партијата и до ден денес се нејзини членови.

ПАРТИЈА НА БЕЗРБЕТНИЦИ И НА ГОРДИ ПОСЛУШНИЦИ

 ФОКУС: Дали раководството на ДПМНЕ не ве смета толку опасен, па не ве исклучува како што тоа го направија со Кекеновски?

МАЛЧЕСКИ: Видете, тие се толку нахални што не се плашат од ништо. Зошто не ме исклучуваат од партијата, треба тие да кажат. Но, што и да направат, како прво, немаат кредибилитет да ме исклучат, од мнозинството од нив имам многу повеќе придонесено за партијата. Како второ, јас не го кршам Статутот на партијата, како што тие тоа го прават. Незамисливо е најголемата политичка партија во државава да нема потпретседател веќе подолг временски период. Статутарната комисија не функционира и не знаеме дали воопшто ја има. Истото е и со надзорна комисија за финансиско-материјално работење на партијата, практично не се знае дали постои и кој членува во неа, како и сите оние секторски комисии кои треба да бидат столб на партиските политики и да обезбедат нивна конзистентност. Исто така, Унијата на ветерани беше распуштена и вонстатутарно беше формиран некаков совет на ветерани.

ФОКУС: Тоа што Мартин Протогер е претседател на комисијата за стратешки прашања кажува дека тој е главниот стратег?

МАЛЧЕСКИ: Не можам со сигурност да тврдам, но ако тој е главниот стратег, тогаш комплетно погрешно ја води стратегијата со која ВМРО-ДПМНЕ го поминува овој тежок период, почнувајќи од бомбите на Заев, па наваму.

ФОКУС: Но, која им е алтернативата?

МАЛЧЕСКИ: Мислам дека веќе немаат алтернатива, секој ден прават сѐ повеќе и повеќе грешки, а со самото тоа си го скратуваат и просторот за политичко дејствување.

ФОКУС: Добро, а што со ВМРО ДПМНЕ?

МАЛЧЕСКИ:На ВМРО-ДПМНЕ во овој момент му е неопходна промена на самиот начин на функционирање на партијата. Ние не можеме да зборуваме за демократско општество и за демократија, а владејачката политичка партија во самиот свој Статут да има пропишано и да практикува недемократски методи на раководење. Потребно е итно одржување легитимен конгрес и запазување на процедурите за одржување на истиот согласно Статутот на партијата. Нова програма и нова платформа за политичко дејствување, како и враќање на партијата на членството, на оние за кои е формирана.

ФОКУС: Како го објаснувате фактот дека една група луѓе околу Груевски, меѓу кои Јанкулоска, Ставрески, Јанакиески, Канчевска, Мијалков, кои немаа допирни точки со она ВМРО-ДПМНЕ, кој членувал во ДА, кој бил близок до СДСМ, одеднаш тие луѓе станаа главен фактор. Што е тоа кај членството или кај старите вмровци што ги фасцинираше или ги вознесе во послушноста кон врхушката?

МАЛЧЕСКИ: Тоа што го злоупотребуваат името ВМРО и играат на карта на емоција кај вистинските вмровци. Систематски целиот изминат период ги елиминираа интелектуалците од партијата, или она интелектуално крило од вмровска провениенција. Паралелно со тоа се одвиваше процес на маргинализирање и деградирање на вистинските вмровци, за на крај да успеат во своите намери и од ВМРО-ДПМНЕ да направат партија на безрбетници и на горди послушници.

ОВИЕ НЕМААТ ДОСТОИНСТВО

ФОКУС: Свесно и плански или едноставно послушноста ја ценеа?

МАЛЧЕСКИ: Јас мислам свесно и плански. Тие луѓе им должеа на вистинските вмровци кои во еден одреден момент, во името на четирите свети букви застанаа позади нив. Штом ја добија власта, во 2006 година, интелектуалците и вистинските вмровци веќе не им беа потребни. Она што им беше потребно, беа горди послушници, со сомнителна идеологија, какви што впрочем се и самите.

ФОКУС: Ако ги земете и новинарите, кои се најверните поддржувачи на груевизмот, исто така ретко можете да најдете некој од оние новинари кои клонеле кон десницата или кон ВМРО-ДПМНЕ.

МАЛЧЕСКИ: Па, најлесно кон себе можете да придобиете луѓе што немаат никакви вредности во себе, луѓе без идеологија. Тие се водат од лична корист и од личен интерес и притоа се подготвени да направат сѐ само за да уживаат одредени бенефити кои ги добиваат одработувајќи нечесно.

ФОКУС: Вие сте член уште од 1993 година на ВМРО-ДПМНЕ. Објаснете ми го феноменот на оние млади луѓе од типот на Влатко Ѓорчев, Илија Димовски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, тоа се тие што протестираа во 1997 година против Педагошката академија на албански јазик. Тие се најверните поддржувачи на сето она што произлегува од лабораторијата на Груевски.

МАЛЧЕСКИ: Тоа не е феномен, тоа пак се лични мотиви и лични интереси. Не треба многу длабоко да се оди, видете што тие луѓе беа пред 2006, а што се сега и ќе ви стане јасно сѐ.

ФОКУС: Сите го збогатија и станбениот фонд, објаснувајќи дека им е од наследство или се од таткото на жената и слично.

МАЛЧЕСКИ: Па, да, многу од нив до 2006 година доаѓаа во партија пеш или со автобус, а сега не можат да пребројат што имот имаат позади себе. Силно некое наследство и тоа стекнато по 2006 година.

ФОКУС: Очекувавте од таа една генерација вакво однесување? Јас мислам дека тие најдобри би биле во времето на Тито и Лазо, би биле исто така втора постава.

МАЛЧЕСКИ: Не сум убеден дека во тоа време би биле и трета гарнитура. Но, видете, тие се повикуваат на идеологијата на историското ВМРО, чии членови главно на времето биле чесни и достоинствени луѓе. За жал, овие немаат достоинство, па затоа се спремни секому да служат. Ако гледате малку историски, тие се оние истите луѓе, дел од кои до пред некоја година се колнеа во Љубчо Георгиевски, а сега го блатат, но дел и се колнеа во Бранко Црвенковски, па и него го плукаат со години. Мое мнение е дека истите тие луѓе ќе бидат првите кои за неколку месеци ќе се оградат од Никола Груевски и ќе зборуваат сѐ најлошо за него.

НАВИКНАВМЕ НА НИВНОТО ЛИЦЕМЕРИЕ

ФОКУС: Имаше доблест да признаеш во 2008 година, дека во изборите во 2006 година, лично ти, сестра ти, мајка ти, не сте донатори во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Кога пред две години го повторивме тоа во неделникот, Обвинителството покрена предмет и што се случи?

МАЛЧЕСКИ: Бев повикан на разговор во Основното јавно обвинителство во Скопје и  уште еднаш го повторив она што во јавноста го кажав претходно. Дека ниту јас, ниту мојата мајка и сестра немаат донирано во таа кампања. Разговорот траеше отприлика 40 минути, а потоа што се случи, треба да прашате во Основното јавно обвинителство.

ФОКУС: Има поминато повеќе години, може ли да застари делото?

МАЛЧЕСКИ: Од она што мене ми е познато, а тоа е прочитана изјава од пред некој ден, е дека отворен предмет пред Обвинителство не застарува.

ФОКУС:Фокус“ често ја анализирал таа тема дека секретарки, чувари, куварки се донатори на ДПМНЕ, со некакви суми. Тие што добиваат земјоделска субвенција, потоа донираат поголема сума за партијата. Верно ли ви е тоа?

МАЛЧЕСКИ: По тоа мое интервју во „Фокус“, јас добив повици од повеќе луѓе кои ми кажаа дека биле пишани како донатори на ВМРО-ДПМНЕ без никој да ги праша.

ФОКУС: Да потсетам, во 2011 година, Љубе Бошкоски е уапсен, притворен и осуден за незаконско финансирање на партијата. Зар не е тоа лицемерно од една партија, во чии извештаи ќе најдете 300 сомнителни моменти да го прави тоа кон друг?

МАЛЧЕСКИ: Тоа не е единственото лицемерно нешто што тие го прават. Ние се навикнавме во целиот овој изминат период на едно големо лицемерие од нивна страна. Како за пример, ќе ја земам лустрацијата. Лицемерно е да го лустрираат Панта Марина, а неговиот внук, незаконски, и покрај сите констатации и записници од страна на Државниот просветен инспекторат сѐ уште го држат за ректор на Универзитетот во Охрид.

ФОКУС: Кога сме веќе кај тоа, до каде си со спорот со Универзитетот во Охрид?

МАЛЧЕСКИ: Сѐ уште трае. Добив отказ на 29 ноември 2013 година, неколку недели по мојата свадба, со бремена сопруга, но тоа е  помалку битно. Битен е начинот на кој го добив отказот, во една нетранспарентна и незаконска постапка, за која Државниот просветен инспекторат по 250 дена се одважи да појде и да направи инспекциски надзор, при што беа констатирани моите наводи. И едноставно тука застанаа работите. Судската постапка трае, но се развлекува со одолжување на рочиштата. Самиот факт што нивен адвокат, под сомнителни околности, стана Никола Додевски, доволно говори за поддршката што ја имаат од врхушката во целиот процес.

ФОКУС: Да не имате некој судија од „тефтерчето на Горде“ бидејќи се развлекува процесот?

МАЛЧЕСКИ: Па, ми кажаа дека била во тефтерчето. Е сега колку е тоа точно, оставаме новата јавна обвинителка да испита.

НИВНИОТ СИСТЕМ НА ЛАГИ ПОЛЕКА СЕ РАСПАЃА

ФОКУС: Во твоите анализи на статистичките податоци наоѓаш многу нелогичности. Дали сметаш дека со статистиката се манипулира за создавање некаква розова слика за состојбите или е само нестручност?

МАЛЧЕСКИ: Не станува збор за нестручност, станува збор за вешта измама со бројките што ѝ ги презентираат на јавноста. Одат на принципот десетпати повторена лага пропратена со поддршка од страна на владините мегафони станува вистина и кај народот се создава перцепцијата дека тоа е така. Еве конкретно еден пример. Пред три години зборуваа за околу 120.000 вработувања во државата и тоа благодарение на странските инвестиции, на добрите економски политики итн. Она што во Агенцијата за вработување е реалност е дека таа бројка е околу 80.000 нови работни места, од кои околу 70 проценти беа во администрација. Од фамозните странски инвестиции беа само околу 3.000 вработувања во дадениот момент, што е сосема незначителна бројка.

ФОКУС: До кога, според онаа позната мисла – може да лажете еден човек некое време, можете да лажете некои луѓе некое време, но не можете сите луѓе, цело време да ги лажете.

МАЛЧЕСКИ: Па, не долго. Вистината е како шило. Еве на пример, викаа дека државата не е задолжена повеќе од 40 проценти од БДП, па пред некој ден Народна банка излезе со процент на задолженост од 71 процент од БДП. Што значи дека нивниот систем на лаги и измами полека се распаѓа.

ФОКУС: Што е со земјоделските субвенции. Значи, главната мантра на ова ДПМНЕ е дека претходната власт не давала земјоделски субвенции, а тие даваат во милиони евра. Кои се ефектите од тоа?

МАЛЧЕСКИ: За волја на вистината, доколку се анализираат податоците што ги публикува Државниот завод за статистика, со исклучок на 2014 година, бидејќи сериозно се сомневам дека некој интервенирал во публикуваните бројки, можеме да заклучиме дека до 2007 година има благ позитивен пораст во земјоделското производство. Од 2007 година наваму, ние имаме вртоглав пад на истото.

ФОКУС: При толку милиони дадени за земјоделски субвенции?

МАЛЧЕСКИ: Земјоделските субвенции и начинот на нивна распределба треба да бидат предмет на посебна истрага за да се види што навистина се случувало. Практично невозможно е при толку многу субвенции да се има негативен тренд во речиси секој сегмент од земјоделието.

ЧИСТЕЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ОД ГЛУПОСТИТЕ НА ВРХУШКАТА

ФОКУС: Веруваш ли во сето она што го слушаш од бомбите или мислиш дека се сечени, лепени и монтирани?

МАЛЧЕСКИ: Она во што повеќе сакам да верувам е во кажувањата на експертите. Господинот Милчо Манчевски, веќе јавно кажа дека не може до толку да се сечат, лепат и монтираат и тоа така совршено да изгледа. Потоа излезе германски експерт за Ал џазира, кој рече дека снимките се веродостојни. Ако навистина тие материјали беа сечени, лепени и монтирани, при ваква контрола на општеството, при ваква контрола на институциите, барем една институција ќе излезеше со анализа со која ќе ги потврдеше нивните кажувања.

ФОКУС: Дали резултатите во 2011 година беа „монтирани“ бидејќи тоа го слушавме од бомбите?

МАЛЧЕСКИ: Ако може да им се верува на бомбите, а никој досега не ги демантираше, ние гледаме дека таа кампања се одвивала под чудни околности.

ФОКУС: Експратеникот Изет Зекири направи анализа во која излезноста е ненормална во источна Македонија. Во мешовитите и во албанските средини тие беа и под 50 проценти. Значи излезноста беше невообичаено голема, барем 10 проценти од вообиченото. Дали сето тоа е некој димен сигнал за некакви манипулации?

МАЛЧЕСКИ: Тоа е добра индиција и ги потврдува моите кажувања за чудните околности. Во овој момент ние имаме специјално јавно обвинителство, кое треба да ги истражи сите тие индиции. Јас верувам дека во една транспарентна постапка, сите тие работи ќе излезат на виделина, пред сѐ, поради чистење на името на ВМРО-ДПМНЕ и оградување на вистинските вмровци и вистинското членство на ВМРО-ДПМНЕ од глупостите што тогаш ги правела врхушката на партијата.

ФОКУС: Вашата мајка имаше последици од екстерното, вашиот татко даде стручна анализа, зошто екстерното е фалично. Чувствувате и натаму последици? Вие сите сте во образованието и сите сте на некој начин анатемизирани, со последици, со откази, со казни…

МАЛЧЕСКИ: Во овој период се смирија, ајде ако можеме така да кажеме, нѐ имаат оставено на мир, со оглед на тоа што нивните експонати сѐ уште му прават проблеми на татко ми, иако работи на приватен универзитет. Но, тоа не значи дека нема пак да се осудат да посегнат, пред сѐ, по мајка ми. Не можат по кого друг да посегнат, јас сум невработен, двете сестри благовремено се евакуирани од Македонија, татко ми е реизбран редовен професор, па може пак да пробаат преку нивните мегафони да ја девалвираат неговата научна работа, но на крајот на денот сето тоа е смешно, бидејќи на јавноста многу добро ѝ е познато името на Ристо Малчески и неговото работење, како научно, така и стручно, во Сојузот на математичарите на Македонија.

КОНТРАПЛЕНУМЦИ СО ШУПЛИВИ БИОГРАФИИ

 ФОКУС: Вашиот татко уште на почетокот беше во советот на интелектуалци на ДПМНЕ, остана уште некој од тој тим на интелектуалци активен?

МАЛЧЕСКИ: Не, сите тие се маргинализирани и на нивно место се донесени горди послушници. Проблемот настана во моментот кога актуелната врхушка почна систематски да го елиминира интелектуалното крило во партијата и истото да го заменува со луѓе, т.н. експерти, кои кога ќе ги проверите на интернет, ќе видите дека нивните биографии се шупливи. Класичен пример за тоа е оној квазипрофесорски контрапленум и неговите предводници.

ФОКУС: Но, власта не застанува, дури се фали и со поддршка на луѓето од науката!

МАЛЧЕСКИ: Видете, да не е трагично би било комично. Во целиот овој период, за наука зборуваат луѓе кои во животот немаат прочитано научен труд, а камоли да напишат. Во животот час немаат одржано, оценка немаат напишано, а се прават експерти за оценување. За квалитет зборуваат луѓе кои кога се стекнаа со високи државни функции, под сомнителни околности, наеднаш дипломираа, магистрираа, некои од нив во изминатиот период и докторираа, иако претходно беа во категоријата на вечни студенти или сѐ уште се тоа.

ФОКУС: Што очекувате со сите овие законски проекти што ги носат во областа на образованието. Студентскиот пленум ја разбуди надежта и ослободи една граѓанска енергија. Што очекувате сега, бидејќи власта направи некои отстапки, во одреден дел?

МАЛЧЕСКИ: Во целиот процес настојуваат со ад хок законски решенија да се интервенира во високото образование, при тоа колку што мене ми е познато не постојат релевантни истражувања за состојбите во истото. Па, оттука како последица имаме уредување на систем, во кој значително место има науката со помош на тотални ненаучни методи. Ако навистина имаа вистинска намера да променат нешто на подобро, прво требаше да спроведат релевантни истражувања за состојбите во високото образование, да се проектира развојот на истото, па потоа со соодветни законски решенија да се овозможи функционирање и развој на овој сегмент од образованието. И тоа е токму тоа што го бара студентскиот пленум, а јас ги охрабрувам да продолжат да го прават истото.

РАСКОЛОТ ВО ПАНОРАМА БИЛ ГОЛЕМО ШОУ

ФОКУС: Абдулаќим Адеми е министер за образование, но нема разлика дали некој е министер од ДПМНЕ или од ДУИ. Кој е феноменот што Груевски успеал од ДУИ да создаде една ваква послушна структура?

МАЛЧЕСКИ: Очигледна е сервилноста на ДУИ кон врхушката на ДПМНЕ. Некои тоа го нарекуваат тендер-коалиција, а ние од бомбите гледаме дека тоа во суштина и било така.

ФОКУС: Може ли ДУИ да заврши како ПДП од соработката со СДСМ. Затоа што сега гледаме Гзим Острени формира нов субјект?

МАЛЧЕСКИ: Јас мислам дека ДУИ е на сериозен пат да стане ПДП по завршувањето на нивната коалиција со врхушката на ДПМНЕ, пред сѐ, бидејќи столбот на ДУИ, Гзим Острени, веќе не е во ДУИ и прави сосема нов политички субјект, за кој јас верувам дека ќе добие поддршка од сите оние искрени членови на ДУИ, кои не сакаа да се извалкаат со тоа што ДУИ го правеше во изминатиот период. Тука првенствено мислам на Ермира Мехмети и на Теута Арифи, кои веќе извесен период покажуваат незадоволство од функционирањето на ДУИ. Не би ме изненадило дури и ако Бујар Османи премине во таа опција и низа други интелектуалци кои гледаме дека на успешен начин ДУИ ги елиминираше од своите редови.

ФОКУС: Каде е спојот на Љубчо Георгиевски со Груевски, зашто гледаме дека ВМРО-Народна реагира единствено на некои теми, НАТО, ЕУ, Грција, Србија, Бугарија, антиквизација. Корупција – тешко.

МАЛЧЕСКИ: Има сериозни индиции дека оној раскол во партијата кој наводно се случи и оној настан на „Панорама“ е едно големо шоу. Ако гледате, никогаш еден со друг во јавноста не се нападнаа, дури и политичко дејствување на едниот никогаш не беше на штета на другиот. Дури и во време на избори, наместо да зборуваме за реални економски проблеми, се зборуваше за антички и словенски Македонци и за тотално ирелевантни работи за македонскиот народ.

ФОКУС: Значи се сомневате за некаков дил меѓу нив? Љубчо ги презеде сите оние што беа осудувани и обвинувани за корупција…

МАЛЧЕСКИ: Па, има индиции, многу од оние кои преминаа со него во ВМРО- Народна, во овој момент се на високи државни позиции. Мене дури не би ме изненадило, по некое извесно време да излезе дека и синтагмата „Бранко е крив“ е една голема измама, дека во заднина многу успешно се спроведувале некои дилови.

 Рамка 1

АКО СЕ СЛИКААТ СО ПОПОВИ, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА СЕ ДЕМОХРИСТИЈАНИ

ФОКУС: Вие бевте студентски лидер, деновиве ве има со изјави околу студентскиот парламент. Навистина е фрапантно, студенти чии потписи се фалсификувани поднеле кривични, и веќе 10 месеци нема ефект. Истечен е мандатот на претседателот на студентскиот парламент, а тој, вообичаено за ДПМНЕ, не одговара на повици, не дава изјава. До кое дереџе дојдовме? Вицепремиер може да удира шлаканици на новинар и никому ништо. Зар не е тоа страшно, а велиме дека живееме со една демохристијанска партија на власт.

МАЛЧЕСКИ: Јас мислам дека го допреа дното и дека крајот е сѐ повеќе извесен. Колку се демохристијани, тоа е прашање само по себе, дури и се сомневам дека некои од нив изворно знаат што значи демохристијанството како начин на политичко дејствување. Тоа што се сликаат со поповите по црквите, не значи дека се демохристијани.

Рамка 2

ЧЛЕНОВИ НА ИК БИЛЕ НА ПЛАТЕН СПИСОК НА АНАЛИТИКО

ФОКУС: Преку случајот Телеком видовме дека сите досегашни власти наоѓале начин како да „заработат“ нешто од зделките. Ме интересира, знаевте ли за фирмата Аналитико АИ, во која беа дел од оваа врхушка на ДПМНЕ, во тој опозициски период?

МАЛЧЕСКИ: Во периодот 2004-2006 година, која јас интензивно работев во ВМРО-ДПМНЕ, во делот на Унијата на млади сили постоеја кажувања дека сите членови на тогашниот Извршен комитет на партијата, кои немаа финансиски средства, беа на списокот на Аналитико АИ. И тоа е една чудна и сомнителна ситуација и една анатема која е надвисната над ВМРО- ДПМНЕ. Јас апелирам, пред сѐ до специјалната јавна обвинителка, да ги расчисти сите тие работи кои остануваат недокажани или за кои се сомнева јавноста.

Рамка 3

СТРАВОТ НА ТЕНДЕР-КОАЛИЦИЈАТА ОД БОМБИТЕ

ФОКУС: Како го коментирате законот за забрана за објавување на бомбите, особено фактот што оваа „света задача“ ја презеде и ДУИ на свој грб!?

МАЛЧЕСКИ: Се повикуваат на тоа дека мандатот го добиле од народот, а на истиот тој народ му сервираат Закон со кој го ограничуваат правото на говор и правото да се биде од повеќе аспекти информиран за нивното работење и политичко дејствување, што е уставногарантирано право. Што се однесува до ДУИ, ваквата улога не е ни малку случајна. Ваквиот потег може да значи само голем страв од она што сѐ уште има во бомбите за раководството на ДУИ и какви сѐ договори се правени со врхушката на ДПМНЕ, се разбира на директна штета на граѓаните на Македонија. За жал, само можам да констатирам дека ова е уште еден обид да се одолжи и да се продлабочи кризата, а сѐ со цел да се прикријат зделките на оваа тендер-коалиција, како и обид да се омаловажат извештаите на меѓународните организации за состојбите во Македонија.

Поврзани новости