АРХИВА Разговор со македонски лекари кои живеат и работат во Канада: Месечните плати во странство колку еден автомобил

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во 2013 година

Повикот на првиот човек во здравството, сите лекари од европските земји, Америка и Канада да се вратат на работа во македонските болници е вистинска манипулација со граѓаните, оценуваат дел од специјалистите што веќе си заминале од земјава. Според нив, лесно е да фрлиш ракавица, но треба да кажеш што нудиш.

Дел од лекарите, кои одамна го напуштиле родното огниште, веќе имаат свои животи и започнати проекти на службен и приватен план надвор од земјава. Па, се прашуваат зошто би ги прекинале − за да се покажат дека се големи патриоти? Тие коментираат дека изјавата на Министерот е дадена само за да се подгрее духот на обичниот граѓанин, импулсивно популистички и без никаков план Б.

– Во моментот кога секојдневно некој си оди од македонското јавно здравство и кога толку незадоволни лекари се наоколу, Министерот дава повик кој јас не можам да го сфатам сериозно. Условите за работа во болниците во Канада се неспоредливи. Платата не треба да се спомнува воопшто. Месечните примања на специјалистите се десетина пати повисоки од она што го нуди министерот. За илустрација со една месечна плата некои специјалности можат да си купат автомобил од средна класа – објаснува доктор Владко Пеливанов, анестезиолог во градот Саскатон, Канада, каде што работи околу седум години.

Според него, едно е да бидеш патриот, ама друго е да си патриот со полн џеб и среќно семејство. Тој го прашува министерот дали може тоа да му го понуди?

–  Секако дека не можете да ми го понудите, министре. Токму затоа и сметам дека она што го изјавивте нема некоја тежина. Домот на човекот е таму каде што е среќен. Јас ова овде го сметам за свој дом и немам намера да се враќам – тврди доктор Пеливанов.

Повеќето од лекарите, кои веќе изградиле кариери надвор од земјава, го сметаат повикот на министерот Тодоров како шега, во најмала рака, „камбек“ на хумористичната емисија на Цацко, Миле Паника и Тошо Малерот. Тие, како што велат, кои успеале да извлечат „жива глава“ од Македонија, тешко дека ќе се вратат назад.

Доктор Марија Марческа, анестезиолог во Торонто, Канада, во најкратки црти го објасни убавиот и мирен живот таму, добрите услови за работа и високите плати.

– Секој од нас „непатриотите“, како што милуваат да потенцираат сограѓаните од Македонија, си има една или повеќе причини зошто ја напушта родната земја, роднините, пријателите, кариерата и се одлучува да почне да го гради својот живот од нула во друга земја. Кога одвај чекаш да се раздени за да одиш на работното место каде што се чувствуваш најпријатно. Кога имам проблематичен пациент, околу мене веднаш ќе се најдат уште најмалку пет анестезиолози спремни да помогнат – вели доктор Марческа.

Таа додава дека во Канада нејзините деца ќе можат да студираат на еден од најдобрите 20 универзитети, без за тоа да фаќаат врски, како што е случајот во нејзината родна земја.

– Кога со две плати можеш да подигнеш кредит со ниска камата на 30 години за да купиш куќа? Потоа, без вложен денар да купиш кола на 72 месеци без камата? Да не ти е грижа како се вика премиерот и неговото семејство, а вести да слушаш само за да се информираш какво ќе биде времето утре! Да се радуваш на викендите и да планираш каде, како и со кого ќе ги поминеш! Кога во мојата Македонија ќе се овозможат овие услови, тогаш сигурно веднаш се враќам назад – тврди доктор Марческа.

И покрај сите специјалисти, кои досега го напуштија јавното здравство, се шпекулира дека нова тура лекари од скопските клиники за онкологија, гинекологија, абдоменална хирургија, од КАРИЛ и од Инфективната клиника, се спремаат да заминат и да ја побараат својата среќа надвор од границите на државата. Најчести земји во кои одат се Германија, Шведска, Дубаи, Кувајт и Канада. Таму платите се движат од 5.000 до 15.000 евра на месечно ниво.

Покрај овие зашеметувачки цифри, интересно е што министерот Тодоров ќе им понуди на лекарите од кои бара да бидат патриоти и да се вратат на работа назад во родната земја? Дали ќе им понуди нормални услови за работа и високи плати? Лекарите едвај чекаат да фатат џаде одовде, но прашање е дали за тоа е свесен првиот човек во здравството? Или само така се прави!

 

 

 

Поврзани новости