АРХИВА Професионалците во МВР и во АРМ нема да дозволат да ги злоупотребат Груевски и Иванов

by Fokus

Текстот е објавен на 13 април, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1123

разговарал Зоран ДИМИТРОВСКИ

ФОКУС: По инцидентот што се случи во кафеаната „Палас“ во Куманово и вашата пријава дека сте биле нападнати од група насилници, од МВР ве обвинија дека Вие сте го предизвикале настанот. Што точно се случуваше вечерта?

ДИМИТРИЕВСКИ: Својствено е оваа власт жртвите да ги претвора во злосторници а нивните партиски насилници да ги амнестира и наградува по заслуга. МВРО со кое владеат дванаесетта година со државата е задолжено за тоа, го употребуваат за пресметка со неистомислениците и народот.

За време на моја семејна веселба бевме нападнати од насилници, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, ги предводеше алкохолизиран вооружен полицаец во цивилка, пријавивме напад а партиските структури во МВР се уште монтираат и не можат наводно да го расчистат нападот врз мене?! По диригираното нарушување на јавниот ред и мир по првичниот полициски извештај се монтира и нарачана кривична пријава, која има за цел лично да ме дискредитира, иако физичкиот напад врз мене и сопругата беше брутален и насилен пред очите на многу присутни гости. Без да бидам сослушан јас и останатите присутни, се обидоа да ме прикажат како виновен во очите на јавноста, во што заедно со центарот за манипулации-информации на ВМРО-ДПМНЕ здушно учествуваа и провладините медиуми и нивните скрибомани.

 КАКО Е МОЖНО ЖРТВАТА ДА БИДЕ НАПАЃАЧ?

 ФОКУС: Но, и ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во јавноста за настанот, а сведочеше и 28-годишното момче. Ве обвинија дека Вие сте биле насилникот и тоа поради македонска песна!

ДИМИТРИЕВСКИ: Ова е лага и манипулација со јавноста. Кога сте нападнат, како е можно да бидете напаѓач?

ФОКУС: Во јавноста беше објавено и видео од настанот, а вие потоа коментиравте дека шнајдерите во МВР не го прикажале инцидентот каков што навистина се случил. Објаснивте дека од видеото може да се види како таткото насилник и синот насрнуваат на вас во обид да ве линчуваат. Што точно направија?

ДИМИТРИЕВСКИ: Точно е, напаѓачите и се познати на полицијата, наместо да ги штити потребно е да ги оневозможи да го повторат делото. Насилниците направија хаос, се закануваа, удираа и туркаа, по сите дури и по своите, беа срамно вулгарни. Има сведоци кои го потврдуваат тоа. Интервентната полициска група на крајот со свесни пропусти ги ослободи насилниците и се обиде да го затскрие делото.

ФОКУС: На Фејсбук напишавте дека СВР Куманово работи пристрасно и ви монтира случај, а не ги зема предвид вашите пријави. На што се точно вашите забелешки на истрагата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Соопштението на МВР е наменско, неосновано и тенденциозно. Целиот случај е конструкција. Фактичката состојба не е утврдена и свесно е дозволено да се уништат дел од материјалните докази а други се прикриени од несовесни полицајци, кои потврдуваат дека насилниците се токму алкохолизираните лица кои не нападнаа и ни ја уништија семејната веселба. Не е направен алкотест ниту пак е фото-документирано местото на настанот, пријавата на 192 е избришана од евиденција но за среќа пораките на мобилните телефони стојат. Ова е пријавено од моја страна и во внатрешната контрола при МВР и истрагата е во тек. Верувам во чесните професионалци кои ги има во системот, очекувам да постапат по закон и да го расчистат случајот и да ги утврдат пропустите и одговорноста на пристрасните полицајци од истрагата и полицаецот сторител. Ова никогаш повеќе не би сакал да му се повтори на ниту еден граѓанин. Наводната пријава против мене е измислена, непостоечка и наменска, се работи за монтиран процес.

ФОКУС: Пред неколку недели објавивте дека пред вашиот дом биле испишувани графити со навредлива содржина. „Максо албански слуга“, „Максо предавник“. Го пријавивте ли тогаш настанот, имаше ли некаква истрага за тоа и дали тој настан има врска со она што се случи вечерта во кафеаната?

ДИМИТРИЕВСКИ: Графитите, ова насилство како и претходните телефонски закани, физичките следења и повиците за јавен линч се инструмент на оваа власт во заминување за заплашување на неистомислениците но тие немаат ефект кај мене и не можат да ме поколебаат во одлучноста да го промениме овој режим и да си ја повратиме државата. Сите случаи се пријавени уредно во полиција, се уште стојат неразрешени во полициските фиоки и обвинителството. Раководната номенклатура на режимот ја сочинуваат криптобирократи на чело со Груевски, кои безидејно се кријат зад народот барајќи спас во амнестија поттикнувајќи омраза и конфликти помеѓу граѓаните притоа прикривајќи ја сопствената клептократија. Заканите и монтажите се својствени за нив, но со тоа не можат да ја спречат промената на власта.

МАКЕДОНЦИТЕ НИКОГАШ НЕ БИЛЕ ШОВИНИСТИ

ФОКУС: Како пратеник во Собранието и претседател на Комисијата за одбрана во СДСМ, како ги доживувате заканите на организациите од типот на прилепската „Тодор Александров“ дека со сите средства ќе ја штитат државата од „клетите шпиони“?

ДИМИТРИЕВСКИ: Да се разбереме, режимската клептократија е спас за шпиунската демократија, на тоа мора да се стави крај, да се воведе нова пракса без поделба на ваши и наши, патриоти и предавници, Македонија на сите. Историјата да ја оставиме на историчарите, а одбраната и безбедноста на професионалната војска и полиција. Здруженија може да има но без да се злоупотребуваат за заплашување и вршење притисок врз граѓаните и политичарите. Македонецот никогаш не бил шовинист, режимов лукративно настојува да го втурне во тоа, сака да произведе конфликт за да се спаси од одговорност. Никола Груевски и неколкумина негови соработници, за криминални интереси, се обидуваат на различни начини да поттикнат поделби меѓу граѓаните и внесуваат вознемиреност. Поделбите нема да им успеат, граѓаните масовно го поддржаа концептот на заедништво. 700.000 граѓани, 67 пратеници во Собранието стојат зад концептот унитарна Македонија, едно општество за сите. Сите кои на каков било начин наштетиле или штетат на граѓаните ќе се соочат со одговорност.

ФОКУС: Имате ли информации дали ваквите организации се вооружени и каква е вашата проценка, дали тие може да предизвикаат покрупен инцидент?

ДИМИТРИЕВСКИ: Немам такви информации, одговорот е кај режимот, тој ги мотивира и организира. Ние сме сите исти Македонци кои политиката ги подели на подобни и неподобни, мораме заедно да го надминеме ова, манипулациите да престанат. Граѓаните се свесни, потребно е да продолжиме заедно да живееме со останатите заедници како што живееле и нашите предци со векови, не засегаат исти социо-економски проблеми, корупција и недостаток на правда. Очигледно е дека Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се многу нервозни, ги очекува соочување со правените криминали, од искуство видовме дека знаат да се однесуваат непресметливо и тие ќе се обидуваат на секакви сценарија за дестабилизација за сопствени интереси. Затоа важно е во оваа ситуација граѓаните да не подлегнуваат на нивните провокации на конфликт и суштинско, без одложување, брз избор на новата влада којашто соодветно ќе ги заштити државните интереси на граѓаните и на Република Македонија.

ФОКУС: Има ли Министерството за внатрешни работи, односно министерот, кој доаѓа од ДУИ, контрола врз специјалните единици во МВР односно дали тие ќе ги штитат легалните македонски институции во случај на каков било напад, или, пак, по налог на директорот за јавна безбедност Митко Чавков, на пример, ќе ја штитат Фамилијата? Има ли можност за судир на органите на редот со овие паравоени формации?

ДИМИТРИЕВСКИ: Целата јавност знае дека МВР е партиски узурпирано, но, исто така, знаеме дека во МВР има професионалци кои нема да дозволат да бидат злоупотребени. Секоја активност спротивна на мнозинската волја на граѓаните и на државните интереси е противуставна и противзаконска и повлекува најтежок вид одговорност и мислам дека тоа е јасно за сите. Мирните протести се легитимно средство, полицијата е наша заедничка, на сите граѓани и секаков судир со неа треба однапред да се осуди.

РЕЖИМОТ ЈА ДОНЕСЕ МАКЕДОНСКАТА ОДБРАНА НА ДНОТО

ФОКУС: По јасните пораки на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека народот треба да ја брани унитарна Македонија, во јавноста се појавија и информации дека претседателот Иванов би можел да ја злоупотреби и Армијата на Република Македонија за заштита на криминалот на Фамилијата, особено ако Груевски не може да ги контролира единиците во МВР. Постои ли опасност од таков развој на настаните и како би можел Иванов да ја злоупотреби армијата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Како и во полицијата и во Армијата постојат врвни професионалци кои не би дозволиле да ги жртвуваат интересите на граѓаните за мала група исплашени криминалци. Непресметливоста на политичарите како Иванов и Груевски никој не може да знае до каде може да оди. Веруваме во разумот на професионалците и на граѓаните кои ги гледаат сценаријата за провоцирање нестабилност од страна на Груевски. Уште еднаш би посочил дека каква било активност спротивна на државните интереси на Македонија е дело од најтежок вид, за што се понесува и сериозна одговорност. Токму овој режим ја доведе македонската одбрана на дното. Иванов наместо да го крши Уставот и да ја дестабилизира државата потребно е да ја праша армијата во каква состојба ја доведоа.

ФОКУС: Власта го запали фитиљот со т.н. Тиранска платформа. Згора на тоа, Груевски вели дека СДСМ ги губи поддржувачите Македонци кои сега откриле дека гласале за предавници. Каква е состојбата во Куманово? Бидејќи градот е специфична мултиетничка средина, Македонци, Албанци, Срби, Роми… Какви се вашите сознанија? Дали граѓаните на Куманово, пред се Македонците и Србите, навистина во поголем број, како што вели Груевски, и веруваат на оваа владина пропаганда?

ДИМИТРИЕВСКИ: Според досегашните мои согледувања „платформата“ е во функција на режимот. Македонија била и ќе биде унитарна но и просперитетна држава, без промена на пари, униформи, државни симболи и прекројување на историјата кои се неморална имагинација на режимот.

Куманово е пример како може граѓани од сите етнички заедници да живеат сложно и заедно. Прочитаниот конфликт од 9-ти мај во Куманово, покажа колку граѓаните се зрели, знаат да препознаат кога некој сака да ги злоупотреби и умеат да го спречат тоа. Концептот на едно општество е еден од темелите на предизборната програма на СДСМ, а влезе и во Програмата на новата реформска влада на унитарна Македонија. И тоа е единствениот валиден документ кој обезбедува реформи, правда, еднаквост, живот за сите граѓани во единствена Македонија. Времето на политичари како Никола Груевски кои поттикнуваат поделби, омраза, изолација на граѓаните и државата заврши. Република Македонија ќе ја добие новата реформска влада, ќе ги отвориме блокираните евро-атлантски перспективи на државата. Тие ќе донесат и економски напредок и ќе ја осигураат дополнително стабилноста и безбедноста на државата.

 

Поврзани новости