АРХИВА Повеќе од 1.000 лекари во последните години ја напуштиле државата, ќе нема кој да ги лекува пациентите

by Fokus

Текстот е објавен на 10 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 992

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Со плата од 3.000 евра и неделни дежурства од 800 евра, лекарите во Словенија се меѓу најплатените на Балканот. За разлика од нив,  лекарите во Хрватска добиваат 1.100 евра месечно, додека „белите мантили“ во Романија, Србија и во Црна Гора заработуваат од 500 до 700 евра. Така барем покажуваат регионалните статистики.

Токму од тие причини, веќе неколку години тресе балканскиот синдром на миграција на лекарите, незадоволни од својот статус и од платите. Бројката станува алармантна. Повеќе од 650 лекари лани ја напуштиле  Србија, додека околу 300 лекари годишно од Хрватска заминуваат на работа во западноевропските земји.

Вакви се статистиките во соседните земји. Но, ништо поразлична не е ниту состојбата во Македонија. Со плати од 400 евра за општ лекар и околу 700 евра за лекар-специјалист веќе со години се гради здравствениот систем во државата. Токму затоа лекарската фела во земјава ја зафати треска за работа во странство, а миграцијата се сведува само на билет во еден правец.

Здравствените власти зад затворени врати, со години ја кројат судбината на лекарите, како со проектот плаќање по успешност, така и со најновата здравствена „реформа“, казни од 10 до 20 отсто од платата во наредните шест месеци. Според Никола Тодоров, секој според заслугата.

Тој на секој можен начин се труди да ја скрие реалната слика – колку лекари досега ги напуштиле македонските болници? Наместо да го загрижи алармантната бројка, министерот секојдневно излегува со нови идеи, како да ги пополни испразнетите лекарски столчиња.

Додека тој „креира“ здравствени реформи, лекарите масовно продолжуваат да го фаќаат првиот авион за Германија!

ТОДОРОВ ДА АНГАЖИРА ЛЕКАРИ И ОД АЛБАНИЈА И ОД БУГАРИЈА!

Пред повеќе од еден месец, Министерството за здравство објави оглас во српскиот весник „Политика“ за ангажирање лекари-специјалисти за македонските клиники и болници. Според огласот, лекарите треба да бидат ангажирани во болниците во Скопје, Охрид, Штип, Велес, Струмица… Во тој период, низ српските медиуми со денови се вртеше насловот „Македонија вработува наши лекари“.

Лекарите што ќе бидат ангажирани, потребно е да бидат специјалисти од која било специјалност во медицината, со најмалку 10-годишно работно искуство во својата област. Но, тоа не е сѐ. За нив ќе биде обезбедено сместување, ќе им биде исплатен соодветен надомест утврден со договорот на ресорното Министерство за текот на ангажманот, како и надомест за патни трошоци.

Лекарската фела на нож го дочека огласот за ангажирање српски лекари. Според нив, ова не е решение за натрупаните проблеми во здравството, ниските плати, партизацијата, лошите услови за работа… Тие тврдат дека треба да се најде трајно решение, за да се спречи масовниот одлив на лекари од земјава.

Ситуацијата во јавното здравство е страшна. Како лекарите да не бараат да си заминат, кога се соочени со постојани притисоци, закани и казни. Министерот постојано се заканува, а партизацијата го тресе здравството како никогаш досега. Партиската книшка е единствениот услов во денешно време да станеш лекар и нормално да останеш на работа. Не мора дури и факултет да учиш – тврди абдоменалниот хирург Милчо Пановски.

Тој додава дека со ваков начин на тортура и малтретирање на лекарите, уште многу од нив планираат да си ги спакуваат куферите и да си заминат.

– Кај нас има добри специјализанти, но тие ќе си одат затоа што никој не ги предложил од месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, за да останат на работа. Морам да нагласам дека идејата со ангажирање српски специјалисти на министерот му е многу фина. Сега треба да почне да бара лекари и од Албанија и од Бугарија, за да имаме од сите говорни подрачја – српско говорно подрачје, албанско говорно подрачје и бугарско говорно подрачје – истакна професор Пановски.

Се обидовме да стапиме во контакт со српската Лекарска комора, од каде што побаравме одговори на неколку прашања – дали има заинтересирани лекари за работа во Македонија, колкави плати им се нудат и зошто земјава има потреба од српски лекари? До затворањето на весникот од таму не добивме одговор.

Но, пред неколку дена, одговор на едно од нашите прашања даде првиот човек во здравството. Тој се пофали дека дури 24 српски специјалисти се пријавиле на огласот на Министерството.

Сепак, мораме да нагласиме, дека ова не е првпат Тодоров да најави „увоз“ на странски лекари во државата. Пред две години, тој промовираше проект со кој во земјава требаше да пристигнат лекари од странство што ќе вршат обуки од различни области и ќе земаат идентична плата каква што добивале во својата матична земја.

Но, ова отвора болни прашања. Како здравствените власти имаат пари да ги плаќаат ангажираните лекари од странство, а немаат за лекарите во скопските клиники и болници? Зошто не најдат начин да ги стимулираат специјалистите и на тој начин да ги задржат најдобрите стручњаци во земјата?

Помпезно најавената здравствена реформа за кратко време пропадна. Единствениот лекар кој во тој период се одѕва на повикот, да ги обучува лекарите во битолската и во штипската клиничка болница е српскиот очен хирург Иван Стефановиќ, исто така директор на Очната клиника во Белград. Тој беше првиот и последен лекар од Србија што го ангажираше ресорното Министерство за обуки на лекари во болниците низ земјава.

Карактеристично за него е тоа што тој е очниот хирург кој пред три години го оперираше таткото на министерот Тодоров, Стојан. Според лекарите, по таа основа, падна и првата покана. Во лекарската фела се шпекулираше дека офталмологот добива голема сума пари за едукациите кои ги врши низ земјава, но од Министерството тогаш не сакаа да ја кажат точната сума.

СПАКУВАЈ КУФЕР ЗА ПЛАТА ОД 6.000 ЕВРА ВО ГЕРМАНИЈА

Додека првиот човек во здравството објавува огласи за ангажирање лекари во скопските клиники и болници, повеќето од македонските специјалисти со работно искуство повеќе од 20 години го фаќаат авионот за Германија, како една од најатрактивните дестинации за работа и доусовршување.

Според информациите, почетничка лекарска плата за 42 часа неделно во Германија е 4.000 илјади евра, без дежурства и прекувремени часови, а во највисоката платена група се лекарите што имаат над 12 години специјалистички стаж и добиваат околу 6.700 евра. Со дежурства, овој износ значително се зголемува, во зависност од платата на лекарите, па саботно дежурство таму е доста атрактивно, бидејќи за тоа се добиваат по 644 евра.

На таков чекор, да ја напушти својата родна земја и среќата да ја побара во Германија се одлучила 40-годишната К. Р. од Скопје, која веќе шест години живее и работи во германскиот град Минхен. Таа дипломирала во Македонија и само две години работела во јавното здравство. Нејзиното искуство, како што вели, е страшно. Платите тука се минимални, а казните се единствениот „мотив“ за работа.

Не дај боже да треба да бидеш лекар во македонска болница. Тоа е страшно и морничаво искуство. Работиш деноноќно, во катастрофални услови, со мали плати. И, на крајот, сфаќаш дека си учел за џабе – објаснува нашата соговорничка.

Таа во кратки црти ја објаснува живеачката во Германија. Вели дека живее во стан што ѝ го плаќа болницата каде што работи, а нејзината единствена должност било да научи германски јазик, бидејќи тоа е еден од основните услови за да почне со работа таму. Исто така, тврди дека е задоволна од платата што ја заработува и на крајот, само нагласува: „Никогаш повеќе нема да се вратам во Македонија, освен на гости“.

Дека германските болници ја отвораат вратата за лекарите што сакаат да продолжат да ја градат својата кариера таму и нормално, да заработат повеќе, покажуваат и податоците на германската Лекарска комора, која објавила отворен конкурс за нови 20.000 лекари од странство. Единствени критериуми за еден лекар да сака да се вработи во германска болница е да дипломирал на Медицински факултет, да го владее добро германскиот јазик и да учествува во тимска работа.

Доктор Лилјана Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека македонските лекари се едни од најквалитетните, но не се доволно финансиски мотивирани.

Докторскиот труд треба да се цени. Тука лекарите не се платени доволно. Затоа е потребно да се направат нови математики. Еден општ лекар треба да добива 40.000 денари месечно, а медицинскиот персонал околу 20.000, а не како сега. Платите се лоши, па затоа лекарите масовно си одат таму каде што ги плаќаат добро. Најмногу од македонските лекари заминаа во Германија – тврди доктор Чолакова – Дервишова.

Дека лекарите масовно го напуштаат родното огниште покажуваат и статистичките податоци на македонската Лекарска комора. За  последните три години, од таму потврда побарале 630 лекари, од кои само во првата половина на таков чекор се одлучиле 139 лекари, при што се очекува оваа година да го понесе рекордот на заминати специјалисти. За споредба, лани ваква потврда побарале 154 лекари, во 2012 година 138, а во 2011 на таков чекор се одлучиле 127 лекари, додека во 2010 година само 72 лекари.

Како по обичај, од Министерството за здравство ги игнорираат прашањата на „Фокус“. Неколку прашања испративме и на имејлот на шефот на кабинетот на министерот Ангел Митевски, но до затворањето на весникот тој не одговори.

ЛЕКАР ВО КАНАДА ИМА ПЛАТА ЗА ЕДЕН АВТОМОБИЛ

Државата не се грижи за лекарите, понижени се, деградирани и соочени со многубројни казни“. Со овие зборови, неколку лекари кои ја напуштиле Македонија пред повеќе од пет години го опишаа функционирањето на здравствениот систем. Сепак, тие не тргнале по патот на повеќето нивни колеги, кариера и поголема заработувачка да бараат во Германија, туку се одлучиле за дестинации преку океанот.

„Фокус“ стапи во контакт со некои од тие лекари, да ни објаснат каде живеат и работат, колкави плати земаат и дали некогаш би се одлучиле на чекорот да се вратат назад во родниот крај и да работат во македонските болници.

Еден од нив е д-р Владко Пеливанов, анестезиолог во градот Саскатон, Канада, каде што работи веќе седум години. Тој вели дека неговата плата е десетина пати повисока од платите на неговите колеги во Македонија.

Мене ми е битно колку заработувам, а не да се покажам како голем патриот. Условите за работа во болниците во Канада се неспоредливи. Платата не треба да се спомнува воопшто. Месечните примања на специјалистите се десетина пати повисоки на месечно ниво, од она што го нуди министерот. За илустрација, со една месечна плата, некои специјалисти можат да си купат средна класа автомобил – објаснува доктор Пеливанов.

Според него, едно е да бидеш патриот, ама друго е да си патриот со полн џеб и со среќно семејство. Тој го прашува министерот дали може да му го понуди тоа.

Секако дека не можете да ми го понудите, министре. Домот на човекот е таму каде што е среќен. Јас ова овде го сметам за свој дом и немам намера да се враќам – тврди доктор Пеливанов.

Дел од специјалистите велат дека тие што успеале да извлечат „жива глава“ од Македонија, тешко да се вратат назад. Една од нив е доктор Марија Марческа, анестезиолог во Торонто, Канада. Таа во кратки црти го објаснува убавиот и мирен живот таму, добрите услови за работа и високите плати.

Секој од нас „непатриотите“, како што милуваат да потенцираат сограѓаните, си има причини зошто ја напушта родната земја, роднините, пријателите, кариерата и се решава да почне да го гради својот живот од нула во друга земја. Овде одвај чекаш да се раздени, за да одиш на работното место, каде што се чувствуваш најпријатно. Кога имам проблематичен пациент, околу мене веднаш ќе се најдат уште најмалку пет анестезиолози спремни да помогнат – вели доктор Марческа.

Таа додава дека во Канада нејзините деца ќе можат да студираат на еден од најдобрите 20 универзитети, без за тоа да фаќаат врски, како што е случајот во нејзината родна земја.

Со две плати можеш да подигнеш кредит со ниска камата на 30 години, за да купиш куќа. Потоа, без вложен денар можеш да купиш автомобил на 72 месечни рати без камата. И не ти е грижа како се вика премиерот и неговото семејство, а вести слушаш само за да се информираш какво ќе биде времето утре. Се радуваш на викендите и планираш, каде, како и со кого ќе ги поминеш. Кога во мојата Македонија ќе се овозможат овие услови, тогаш сигурно веднаш се враќам назад – тврди доктор Марческа.

Најатрактивни дестинации во кои одат на печалба лекарите се Германија, Шведска, Дубаи, Кувајт и Канада. Таму платите се движат од 5.000 до 15.000 евра месечно.

Сѐ тече, сѐ се менува, само Никола Тодоров останува во министерската фотелја. За него не постои нерешлив проблем во здравството, како што не постоеше ниту во образованието. Во една пригода, видно изнервиран, министерот рече: „Ако лекарите си одат, нека си одат, на нивно место ќе вработиме други. Што сме ние виновни, ако вмровските кадри се најдобри“? Мислам дека оваа реченица на првиот човек во здравството доволно кажува. Сепак, ако продолжи ваквиот тренд на миграција на лекарите, единствено што ни останува е само да се молиме да не се разболиме!

Рамка:

ТОДОРОВ ПОЧНА СО КАЗНИТЕ ЗА „МОЈ ТЕРМИН“

Министерот Тодоров пред една недела наредил да се казнат 11 лекари на Ортопедската клиника со 10 отсто од платата во наредните шест месеци, затоа што доцнеле на „Мој термин“, неофицијално дознава „Фокус“. Освен тоа, тој на директорот му наредил да формира дисциплинска комисија, која ќе продолжи понатаму да се занимава со прашањето – дали тие лекари треба да добијат отказ?

Рамка:

Хелтгрупер

И СТУДЕНТИТЕ НА МЕДИЦИНА САКААТ ДА СЕ ИСЕЛАТ

Според резултатите од истражувањето на меѓународниот проект „Хелтгрупер“ спроведено меѓу студенти од прва година на Медицинскиот факултет во Скопје, дури 60,6 отсто од нив „сакаат да се отселат од Македонија“ по завршување на студиите, а 54,5 отсто би сакале да работат во приватното здравство.

Поврзани новости