АРХИВА Портрет Никола ГРУЕВСКИ: Св. Никола ја чека бомбата

by Fokus

Текстот е објавен на 19 декември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1002

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

Денес, на денот на еден од најголемите светци во православието, кога градот Штип ќе му го додели орденот „Св. Никола“ на премиерот Груевски, небаре прогласува нов светец, граѓаните сѐ помалку си го поставуваат прашањето – што направи Никола за Штип и за Македонија за да го заслужи орденот?! Рака на срце, штипјани може да наредат повеќе причини – конечно, по осум години власт, почна изградба на експресен пат Велес – Штип, а се гради и автопат преку Св. Николе, во градот ќе има и музеј со восочни фигури на историските водачи на ВМРО – Ванчо Михајлов и Тодор Александров, има музеј-куќа на Јордан Мијалков, Штип е повторно македонски Манчестер и увезува од другите градови текстилни работници, иако работат за ситни пари, но најбизарната причина за орденот општинарите ја сместија во соопштението за настанот – во Штип е родена мајката на премиерот. Мајката на синот на нацијата!

КОМПЛЕКС НА ЖРТВА

А кога е Никола во прашање, мајка му е секогаш на прво место. Ако некој имал влијание врз него, велат упатените, тоа е токму неговата мајка Надежда Груевска. Никола летово ја поведе мајка си заедно со сопругата и двете ќерки десет дена на одмор во Турција, на покана на неговиот турски политички близнак Ердоган, од кого црпи драгоцени искуства за авторитарното владеење и со тоа ја покажа својата силна фамилијарна приврзаност карактеристична за патријархалните ТВ сапуници од Босфорот, што така милно за ушите катавечер ни ги читаат Јелена Жугиќ и актерската дружина. Но, таа симболика на приврзаност кон мајката, која инаку е за почит и восхит и одраз на добро воспитание кога станува збор за обичниот живот, може да биде товар за политиката и особено за кариерата на еден син единец, каков што е Никола.

Медицинската сестра или здравствен работник не само што е фактор во животот на младиот Никола, туку таа ги храни и неговите политички амбиции, а за време на неговата политичка кариера и особено во текот на премиерскиот мандат, дури и активно води политика, да речеме во Фондот за здравство, а не ретко остварува улога и на кадровик, чии консултации Никола особено ги цени. Но, и многу повеќе од тоа. Таа е тука да подметне грб, кога треба да се јави како сопственик на станови со заштедата од медицинскиот гурбет во Либија, кога го напаѓаат, да го брани жестоко, па и да се расправа на улица со неговите политички опоненти. Впрочем, политиката е многу валкан занает за мајките со чисто срце и нежна љубов за своите синови да имаат посебна улога во неа. Мајките се главно посесивни кон своите синови единци, нагласено емотивни и тешко може да сочуваат студена глава. Секој напад, а во политиката такви фрчат, тие го доживуваат драматично, а ако згора на тоа имаат и поголеми амбиции, тогаш тоа може да предизвика сериозни ломови.

Иако живеат одвоено, Никола гради односи и со татко му Тало, кој докторирал на Белградскиот универзитет и предава на Шумарскиот факултет во Скопје. Татковските корени од егејска Македонија, од с. Крушоради, Леринско, и егејската приказна ќе одиграат сериозна улога во развојот на тврдокорноста на Никола, кога станува збор за спорот со Грција. Но, родното место на татко му ќе добие особено на значење со изградбата на спомениците, кога здружение што го носи името на ова славно село, ќе се појави како донатор на пет споменици во Скопје!

Сепак, особено влијание врз формирањето на младиот Никола има братот на Надежда – Јордан Мијалков. Вујкото Јордан, велат нему блиските, посебно го гледал својот внук, особено откако родителите му се разделиле, па дури и повеќе од своите синови Сашо и Влатко.

Бидејќи Никола бил навикнат на кавги, а не ретко бил сведок и на физички грубости, со време изградил карактер на жртва. Отсекогаш за себе сметал дека има несовршен надворешен изглед, невообичаено широк од, неправилен нос, иако денес во зрели години за многумина изгледа допадливо. Тие што го посматрале одблизу велат дека поради сето ова изградил комплекс на инфериорност. Тој себеси се смета за неуспешен, но истовремено и за маченик. Него наводно секој се обидува да го искористи и да го жртвува, а тие што го жртвуваат, се разбира, се лоши луѓе.

ОБРАЗОВНИ ФРУСТРАЦИИ

За да не биде жртва, маченик, рано во својот живот решава да успее, да стане славен, да прави пари, да добие сила и она што му недостасува – моќ! Бидејќи Јордан и синовите живеат извесно време во Прага, стариот Мијалков таму е претставник на „Макотекс“, Никола добива желба да студира режија на Прашката школа. Тој младешки занес го инспирира да статира во култ претставата „Чија си“ од Сашко Насев, на крајот од 1980-тите во Драмски театар во Скопје. Желбата за успех и чувството на физичка немоќ го качува дури и во боксерскиот ринг. Но, Никола не успева ниту во театарот, ниту во боксот.

Кога Македонија се одделува од СФРЈ, Никола ја следи политиката одблизу, зашто во експертската влада е неговиот вујко – министер за внатрешни работи, но и штипската колонија тазе политичари – премиерот Никола Кљусев и министерот за правда Ѓорѓи Наумов, познати или блиски до неговото семејство! Поради поврзаноста со вујко му, силно го погодува сообраќајната трагедија во која загина Јордан, додека Никола е студент на Економскиот факултет во Прилеп. Сведоци тврдат дека Никола до денешен ден не прифаќа оти загинувањето на Мијалков било чиста сообраќајка, а во тоа време гробот на својот вујко го посетува многу почесто дури и од неговите синови.

Можниот неуспех го притиска многу силно студентот Никола, во 1994 година да дипломира на Економскиот факултет во Прилеп, во тоа време високообразовна институција со пониски стандарди, какви што Груевски премиерот, денес особено пизми. Познавачите велат дека токму тие негови рани прилепски фрустрации и несовршено образование го поттикнале неговото чувство да сонува недофатливи образовни височини. Никола е фасциниран од Кембриџ, Оксфорд, Харвард, Јејл и учениот свет, оттаму и усвоените програми од Кембриџ во македонското основно образование, а недовербата во луѓето што ја изградил поради чувството – објект на измама и жртва, кај него очигледно создава рефлекс на постојано испитување, тестирање.

Никола не верува во луѓето, дури ниту во најблиските пријатели. Секогаш ги става на тест. Тој мисли оти и братучедите може некогаш да го предадат. Околу него сите се измамници, против кои тој треба да се бори. Универзитетите штанцаат дипломи за пари, студентите не сакаат да учат, професорите не сакаат да го унапредуваат своето знаење и се фатиле цврсто за катедрите и за привилегиите. Ќе ѝ покаже тој што е образование на таа багра! А моќта што ја има, му дозволува тој овојпат да се служи со насилство, макар и со политичко.

Дипломата за Никола е само вовед во патот до успехот. Гребе со нокти да добие работа која може да го вивне во височините – економски, финансиски, пред сѐ. Станува брокер во експозитурата на бугарската Балканска банка, а неговата трансакција на Македонската берза за хартии од вредност е забележана како прва. Тој, всушност, има порив, токму поради чувството на несовршеност, секогаш да биде прв!

КАДРОВСКИ АДУТ НА ДВЕТЕ ДАМИ

Кога влегува во политиката, Никола е комплетен анонимус. Неговата кариера почнува во 1996 година, кога од високи кругови на штипското крило на ВМРО-ДПМНЕ му е сугерирано да влезе на кандидатската листа за општински советник во Центар. Тоа се поклопува со формирањето на Советот на интелектуалците на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од 1995 година. Експремиерот Никола Кљусев станува претседател на Советот, и тоа како непартиска личност. Токму Кљусев е тој што го носи Никола во ДПМНЕ. Има разни шпекулации дали веднаш станал партиски член или, пак, бил само советник во Центар, кои не може да се потврдат, како впрочем и гласините во јавноста дека претходно наводно бил близок и до други партии од т.н. Сојуз за Македонија.

Кога станува член на советот на Општина Центар, Никола почнува да се запознава со структурите на партијата. Според вмровски инсајдери, советникот немал забележливи настапи на седниците, ниту, пак, бил забележан од водачите на партијата. Упатените велат дека главниот кадровик на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска, но и лидерот Љубчо Георгиевски лично не го познавале Никола сѐ до 1998 година!

Иако тогаш „од авион“ се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со Демократска алтернатива ќе оствари победа, Никола не е активен учесник во кампањата. Поранешниот претседател Борис Трајковски, кој во тоа време ги води партиските надворешни работи, подоцна ќе изјави дека пред изборите 1998-та наводно го контактирал Никола и го замолил како економист да се вклучи посериозно во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот одговор бил дека би сакал, но не може зашто поради тоа би можел да ја изгуби работата во банката.

Како и да е, Груевски успева да се наметне како кандидат за министер во владата на Георгиевски. Неговата прва средба со мандатарот ја договараат две дами од опкружувањето на лидерот. Во еден познат скопски ресторан, каде што војводата е заедно со сопругата, двете дами кои се спротивставуваат на кадровската политика на Димовска, за Никола пред лидерот зборуваат во суперлативи. Не треба притоа да се одбегне фактот дека една од дамите имала и искра на привлечност и симпатија кон Никола, за чиј развој може само да се шпекулира.

Упатените велат дека причината Георгиевски да му понуди на Никола да стане министер за трговија, е книгата дијалози меѓу Груевски и Сем Вакнин, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја прочитал и се заинтересирал за него. Во промоцијата на Никола во министер за трговија наводно учествувал и еден од нашите најпознати бизнисмени Светозар Јаневски, кој финансиски го помогна издавањето на книгата. Но, железната лејди на ВМРО-ДПМНЕ, уште на стартот се спротивставува на ова сѐ уште недозреано кадровско решение.

ЖЕЛЕЗНАТА ЛЕЈДИ ПРОТИВ НИКОЛА

Кога го презема Министерството за трговија, Никола си носи свои другари од детството и од средното економско училиште, меѓу кои денес еден од најголемите бизнисмени во пи-арот и во адвертајзингот во Македонија. Моментот кога Димовска го егзекутира Борис Стојменов од местото министер за финансии, поради аферата со продажбата на Стопанска банка, е миг за молскавична политичка кариера на Никола Груевски. Иако Димовска е против Груевски да биде министер за финансии, Георгиевски ја презема одговорноста. Набргу се случува конфликт меѓу Доста и Никола околу фамозниот кредит од една позната американска банка од 12,5 милиони долари за купување полициски возила „крајслери“ за потребите на Министерството за внатрешни работи со кое раководи Димовска. Груевски жестоко се спротивставува на набавката, иако таа на крајот се реализира преку роднина на претседателот Борис Трајковски, но веднаш потоа меѓусебните односи на сите овие личности стануваат непријателски. Покрај Димовска, на Никола му се спротивставуваат и министерот за образование Ненад Новковски, а подоцна и Љубе Бошкоски како министер за внатрешни работи. На Новковски особено му пречи што на седници на владата кога се одлучува за сериозни финансиски прашања, Никола излегува и им се јавува на телефон на професорите од Економскиот факултет Михаил Петковски и Живко Атанасовски, чии совети, како млад и неискусен министер, ревносно ги слуша. Тоа создава гнев кај министрите зашто преовладува чувството оти владата не ги води суверено своите финансии.

Бошкоски е министер за внатрешни работи во воената 2001 година, кога ММФ ѝ одобрува средства на Македонија да ја преброди воената криза (пари за бранителите). Но, министерот за финансии жестоко се спротивставува на предлогот и се жали кај Георгиевски. На една од владините седници, Бошкоски во свој стил му вели – „Дечко, има и други министри во владата, освен тебе!“ Во својата книга „Тоа сум јас“ Георгиевски потврдува дека Никола бил во непријателски односи со многу министри.

По поразот на ВМРО-ДПМНЕ во 2002 година, Никола станува советник во владата на Србија кај вицепремиерот Божидар Ѓелиќ. Проектите „Купувајте македонски производи“, успешната фискализација и медиумскиот пи-ар за т.н. пица-буџет го прават популарен реформатор и дарлинг на опозициските медиуми, за што своја заслуга секако имаат и идеите на неговиот економски советник, Сем Вакнин.

ОДБИ АМБАСАДОРСКО МЕСТО ВО ЛОНДОН

Најавата за повлекување на Георгиевски од лидерското место на ДПМНЕ е извонредна шанса популарниот министер, кој успева без големи лузни да се извлече од воената 2001 година, да биде пред самиот праг на успехот и моќта. Неколку месеци пред партискиот конгрес во Охрид, кој се одржа во мај 2003 година, Груевски почнува да размислува да стане лидер. Го има предвид одлучувањето во ВМРО-ДПМНЕ како класична султан-партија и знае оти за победа на конгресот на му е потребна поддршка од членството, туку од лидерот Георгиевски. Димовска и Трајковски, кој тогаш е во претседателскиот кабинет на државата, прават последен обид да го спречат можното доаѓање на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Борис го повикува во својот кабинет и му нуди амбасадорско место во Лондон. Никола одбива! Доста и Борис знаат оти од ВМРО со Никола на чело ќе остане само ДПМНЕ.

На конгресот во Охрид, расположението на над 70 отсто од делегатите е неговиот противкандидат Марјан Ѓорчев да стане нов партиски претседател. Не оти Ѓорчев е вистинска замена за Георгиевски, но во споредба со Груевски, тој е меѓу основачите на партијата, а згора на сѐ е рафиниран и компромисен политичар, кој ја познава историската ВМРО и партијата, а подоцна и државата, може да ја поведе во мирни води. Но, по наредба на Георгиевски, расположението на делегатите се менува преку ноќ. Груевски е на партискиот трон!
Веднаш по конгресот во ДПМНЕ почнува да се шири незадоволство. Почесниот претседател Георгиевски сака и натаму да владее, Груевски не отстапува да биде единствен лидер. Никола носи свои луѓе во партијата и го зацврстува водството. Кулминација на конфликтот е фамозната седница на Централниот комитет на партијата во хотелот „Панорама“, на почетокот од 2004 година, кога буквално за влакно е избегнат жесток физички судир меѓу припадниците на Георгиевски и Груевски. На седницата треба да се гласа доверба на раководството. Двете армади, приврзаниците на Љубчо и на Никола се вооружени до заби. Пред седницата, Никола е уплашен од крвава разврска. Како човек кој се плаши од моќта, на своите најблиски соработници им вели дека е спремен да поднесе оставка и да си замине од местото лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Го убедуваат да не се повлекува!

Високи полициски и разузнавачки структури од надвор, по наредба на премиерот Бранко Црвенковски му даваат логистичка поддршка на Груевски. Во тоа свои прсти наводно имал и тогашниот шеф на ДБК Силјан Аврамовски, инаку главен за врски со американската ЦИА, кој долги години потоа во времето на Груевски останува заменик шеф на контраразузнавањето. Според познавачите на приликите, и американскиот амбасадор Лоренс Батлер лично му дава поддршка на Груевски.

Никола остварува тесна, но историска победа – 69 наспроти 67 гласови. Двата гласа од делегатите на ЦК кои му даваат предност се од Илија Китановски и Силвана Бонева, дотогаш цврсти приврзаници на т.н. бугарофилско крило предводено од Георгиевски. Којзнае како ќе изгледаше Македонија денес тогаш да загубеше Груевски?!

Но, предмет за поширока дебата е зошто од толку високи полициски и разузнавачки структури на владата на Црвенковски и од речиси сите негови медиумски инсталации тогаш беше поддржан Груевски.

НОЖ ВО ГРБОТ

По трагичната смрт на Трајковски во февруари 2004 година и вонредните претседателски избори, со учеството на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски во вториот круг на претседателските избори, кога се знаеше дека кандидатот Сашко Кедев нема елементарни изгледи за победа, Груевски го легитимира изборот на Црвенковски за претседател. Се верува оти тоа е вратка за поддршката на Груевски од лидерот на СДСМ за критичните настани во „Панорама“.

Подоцна Груевски ќе изјави дека чувствувал оти тие денови за време на претседателските избори одел со нож во грбот, кој наводно му го забил Георгиевски, зашто агитирал за апстиненција од претседателските избори, откако Љубчо прво застана зад кандидатурата на Љубе Бошкоски, која ДИК не ја прифати.

Ножот в грб е класична интерпретација на еден карактер кој себеси се смета за жртва, велат познавачите на психолошкиот портрет на премиерот.

По тој настан, иако има само 5 пратеници, а ВМРО-НП на Георгиевски – 18, со огромна помош на претседателот Црвенковски и неговите медиумски и полициски слуги кои го форсираат како структура која му одговора на профилот на СДСМ, Груевски е фаворит на изборите. Црвенковски денес треба да одговори на прашањето дали имало дил – јас тебе претседател, ти мене премиер! Зошто инаку вечниот лидер на СДСМ застана во разузнавачко-подземен линч на премиерот Владо Бучковски и речиси отворено го помогна доаѓањето на власт на ДПМНЕ, 2006-та! По изборите, Груевски немаше мнозинство сам да состави влада, но рака му подаде Тито Петковски, кој со НСДП успеа да одземе 7 пратеници по отцепувањето од СДСМ, и Георгиевски кој божем во коалиција со ДПА ѝ даде поддршка на владата. Црвенковски, Георгиевски и Петковски имаат особени заслуги за метеорската кариера на Никола. Сѐ друго е историја!

СРЕЌНИ ТИ РАНИ, ЈУНАЧЕ!

Всушност, сите овие години, новинарите, политичарите и аналитичарите се прекршија да објаснат како и зошто Груевски владее така како што владее, авторитарно, конспиративно, пропагандистички и популистички. Во оваа пригода се обидовме да одговориме и на прашањето како тој дојде на власт и кој го смести во лидерската фотелја на ДПМНЕ и во Владата, но работата, барем за тие што сакаат демократија, слобода и правда, е во тоа како неговиот режим да падне.

Значи, најгорливото прашање поврзано со Никола овие зимски денови кога ќе му редат ордени, не се причините за одликувањата, тие се помалку или повеќе познати, туку како овенчаниот водач ќе ги пречека бомбите на Заев, како ќе одговори на нив, дали ќе им подлегне на тие темпирани политички експлозивни направи за кои сѐ поизвесно е дека нема да одекнат пред да завршат новогодишните и божикните празници.

Нему блиските велат дека политиката за Никола е екстензија на неговата внатрешна борба против злото. Надворешниот свет за Груевски е зол. Тој не прави рационални калкулации. Секој обид да го победите со втерување страв, не успева. Заканите и уцените ги одбива мазно! За него луѓето ги води стравот и лакомоста. Со политиката што ја води се обидува да ги поткупи сите оние на кои не може да им верува, а помалку и да ги застраши. Никола е непоправлив фаталист. Верува во судбината, во среќата, без која мисли оти нема успех. Не верува во моќта да ги промени нештата. Според неговото мислење, големи сили раководат со процесите, а тој е нивна жртва и бездруго не може да ги победи, ако тие силно запнат. Но тоа не значи оти нема да се бори. Згора на тоа, мисли оти има и лоша среќа. Штом дојде на власт, во Европа почна економската криза. Поради таа лоша карма не може да ја прероди Македонија така како што сака. Зашто, судбината не е во неговите раце.

Бидејќи не знае кој и што се крие зад бомбите на Заев, да речеме дека станува збор за надворешни сили, си вели – па што ќе даде Господ!? Но нема да седи со скрстени раце. Ако бомбите, за кои се говори дека се полни со лични политички компромитации навистина го втераат до ѕид, ќе подготви историски говор во кој ќе открие домашен и странски заговор против Македонија. Домашните заговорници вообичаено ќе ги најде во редовите на СДСМ и кај соросоидите, странските во шпионските агенции од соседството, пред сѐ, од Грција. Подготвен е да ги употреби сите оружја за да се одбрани. Многу му значи што мислат луѓето за него и за членовите на неговото најблиско семејство и не би сакал да го засрамат. Затоа ќе пука од сите оружја.

Тие што одблизу го познаваат, велат дека се лажат сите аналитичари кои мислат оти Груевски само манипулира со тоталитарната матрица на прогласувањето предавници, шпиони, заговорници, за да се задржи на власт. Тој не лаже, велат, туку навистина мисли оти неговите политички противници се компромитирани, дека се предавници на државата, петта колона и дека работат за грчките и за другите странски интереси против Македонија. Во неговиот ум, тој е Македонија и тој ја брани. Затоа е многу опасен!

И најексплозивните бомби на опозицијата, за изборна измама, за организиран криминал, за прислушување, за корупција, за нарачка на судски одлуки, па дури и за ликвидации, спремен е да ги жигоса и да ги отфрли. Неговото разбирање за корупцијата и за кршењата на законот од страна на власта, не е легалистичко и рационално. Бидејќи тој мисли оти неговите противници се служат со недозволени, подземни средства за да ја обезличат Македонија и да ја клекнат на колена и тој има право на измама, на криминал, на корупција, на контрола на судството, на партиски монопол и на подземни игри за да го порази непријателот.

Власта за него е одговорност. Товар му е, но чувствува историска должност да ја штити нацијата! Во една таква есхатолошка војна со предавниците, Никола смета оти сите средства се дозволени, а парите стекнати на недозволен начин се потребни да се добие војната. Лошите луѓе, злото, мора да се поразат и засекогаш да си заминат.

Но, Груевски не е сигурен оти ќе победи. Што ќе се случи, не знае никој. Тој единствено е сигурен во убедувањата дека никогаш нема да прифати уцени и закани. Тој е спремен за војна. Ја чека бомбата. Среќни ти рани, јуначе!

Рамка1

МАГИСТРАТУРА И ДОКТОРАТ

Иако ангажманот во политиката не дозволува многу време за други активности, Никола како премиер успеа и да магистрира. Магистерскиот труд насловен „Кон излезот“, беше промовиран во ноември 2007 година во МАНУ, во присуство на академици, министри и дипломати. Но, опозицијата на ова реагираше оти уште во 1998 година, во биографијата на министерот Груевски, која подоцна исчезнала, стоело оти во 1996 година тој завршил постдипломски студии по монетарна економија на Економскиот факултет во Скопје. Како и зошто Никола не успеал да магистрира додека бил во опозиција, иако имал време на претек, но тоа, сепак, му успеало како премиер, прашуваше опозицијата, но не доби одговор. Сега се говори дека на големо подготвува и докторат. Како само стигнува!? 24/7!

Рамка2

ЗОШТО ЉУБЧО НЕ И СЕ ИЗВИНИ НА НАЦИЈАТА ЗА НИКОЛА?

Многу подоцна, на прашањето зошто на партискиот конгрес во 2003 година застанал зад Груевски, а не зад Ѓорчев, Љубчо Георгиевски ќе изјави оти сметал дека Груевски ќе се занимава со економски реформи и не можел да претпостави дека ќе води политика на антиквизација, но, исто така, кажа оти, ако ништо друго, со Груевски на чело, ВМРО-ДПМНЕ ја поминала магичната граница од 300.000 гласови, која тој не можел да ја досегне.

Иако денес Георгиевски е силен идеолошки противник на Груевски, јавноста не забележа оти во меѓувреме се откажал од него, и покрај тоа што водеа војна за наследството на партијата. А да потсетиме оти Љубчо театрално се откажа од Борис Трајковски, кога во Собранието на РМ во октомври 2002 година ѝ се извини на нацијата што го кандидирал за претседател во 1999 година, зашто на тој начин, како што рече, ја девалвирале безбедноста на РМ и културно и цивилизациски ја девалвирале институцијата претседател. Љубчо го нарече Борис „полтрон на меѓународниот фактор“.

Рамка3

АРХИНЕПРИЈАТЕЛИТЕ ДОНЧЕВ И ГРУЕВСКИ

Конфликтот меѓу Ден Дончев (информатор за аферата „Македонска банка“) и Никола Груевски, денес вистински политички непријатели, датира од 1998 година, кога двајцата интензивно се дружат. Кога Дончев е втор човек на ревизиската компанија „Дилојт и Туш“ за Македонија (1997), го кани Никола на интервју за работа во една од петте најреномирани адвокатско-консултантски фирми во Лондон, „Вајт енд Кејс“. Шефот на одделот за Балканот на „Вајт енд Кејс“ по интервјуто му вели на Дончев оти Никола не го поминал тестот за хонорарно да биде ангажиран како финансиски консултант за „Дилојт и Туш“ на проектите на „Вајт енд Кејс“ во Македонија. Никола е лут и од овој момент натаму почнува да расте политичкото и лично архинепријателство меѓу Дончев и Груевски.

Поврзани новости