АРХИВА: Напаѓачот не пукал во Заев зашто немал чиста мета!

by fokus

Текстот е објавен на 15.02.2018 година во неделникот „Фокус“, во број 1167

Пишува: Валентина ВУРМО

Малку фалеше пратеникот Зијадин Села да биде убиен во Собранието, кога на 27 април 2017 година, толпа насилници влегоа во законодавниот дом. Додека со останатите пратеници од СДСМ беа притиснати во десниот агол на салата, Села во еден момент бил погоден во глава со статив од знаме. По ударот му се слошило, односно почнал неконтролирано да се движи, по што се струполил на подот. Околу него се собрале дваесетина луѓе, па додека со лицето лежел свртен кон подот, дваесетина нозе го удирале по главата, по телото, односно каде што ќе стигнеле. Не запреле со насилството иако целиот бил во крв, а додека го тепале извикувале: убиј го кучето, убиј го шиптарот!

Во моментот кога помислиле дека е мртов, неколкумина го изнеле од салата. Или, како што вели обвинителот Дарко Јакимовски, она што го спасило Села од смрт не е колебањето на тепачите, туку фактот дека не давал знаци на живот, односно мислеле дека е мртов.

Дека малку фалело да биде убиен сведочи и вештачењето на лекарите за повредите кои мУ биле нанесени на главата, од кои најмалку две биле животно загозувачки.

Но планот, според сценариото за Крвавиот четврток, не бил да се убие Села. Неговото претепување дошло спонтано, бидејќи насилниците биле понесени од „атмосферата“. Оној кој не требало да извлече жива глава од Собранието бил тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев.

ЗАГОВОРНИКОТ ГО ИСКАРАЛ НЕСУДЕНИОТ УБИЕЦ

„Фокус“ од доброупатени извори во истрагата дознава дека постои снимка од телефонски разговор, од чија што содржина се открива првичното сценарио за упадот во Собранието. Како што тврди нашиот извор, неколку месеци по инцидентот, истражните органи обезбедиле телефонски разговор воден меѓу двајца од учесниците во насилството. Наводно, едниот го кара другиот и го прашува зошто не го убил Заев, кога тоа било договорот? На ова соговорникот се правдал дека се обидувал, но немал чиста мета.

Дали навистина сценариото било да се ликвидира тогашниот лидер на опозицијата, ќе покаже истрагата која се уште е во тек. Она што веќе е утврдено со истрагата е дека нападот во Собранието бил однапред испланиран, односно не се случил „спонтано“.

Во таа насока одеше и објаснувањето на тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Мухиу, дадено во интервју за Алсат-М. Тој истакна дека нападот се одвивал по претходни скроени планови и евентуални сценарија, чија цел наводно била да се спроведе државен удар, дури и по цена да бидат убиени неколку пратеници. Нухиу посочи и дека МВР и Оперативниот штаб претходно изготвиле три евентуални планови за протестите, но тие пропаднале поради политичките убедувања внатре во полициските структури.

Постоеше сценарио да се удри по Собранието. Има и гласини што не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот Ѓорге Иванов да ја извади армијата и да прогласи воена состојба, рече Нухиу.

Ова сценарио неколку дена пред Крвавиот четврток во Собранието го најави и „Фокус“, објавувајќи ексклузивна информација дека Иванов има намера да го активира оперативниот центар „Јасен“, кој всушност претставува скривница и канцеларија од каде што ќе можел да командува политичкиот и воениот врв во случај на воена опасност.

По седум месеци предистражна постапка, обвинителството уапси триесетина осомничени, меѓу кои и Митко Чавков, тогашниот директор на БЈБ, уште неколкумина вработени во МВР, шестмина пратеници и службеници од Собранието, како и десетина обични граѓани, кои беа дел од толпата.

Според сомнежите на обвинителството, вработените во МВР, на чело со Чавков, не реагирале навреме и дозволиле толпата непречено да влезе во законодавниот дом, дел од пратениците пак ги отворија двете собраниски врати, а дел ги насочуваа насилниците во која насока да се движат, а овие третите, пак, имале цел да ги нападнат опозициските пратеници. На учесниците и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, пак, кои исто така се осомничени во овој случај, за грев им се зема дека биле водачи на толпата која упадна во Собранието.

ПОРАКИТЕ МЕЃУ НАСИЛНИЦИТЕ ЌЕ ГО ОТКРИЈАТ СЦЕНАРИОТО ЗА 27 АПРИЛ?

Од Обвинителството побаравме одговор за тоа во која фаза е истрагата за овој случај и дали наскоро ќе биде поднесен обвинителен акт. Оттаму ни одговорија дека во моментот се сослушуваат сведоци и осомничени.

Надлежен јавен обвинител што постапува по предметот секојдневно сослушува лица во својство на сведоци и во својство на осомничени. Со оглед на тоа дека се работи за предмет во кој се опфатени поголем број на осомничени лица, за донесување на соодветна јавнообвинителска одлука е потребно време, ни одговорија од Обвинителството, од каде што додаваат дека во моментов не се во можност да споделат детали од истрагата за да не го нарушат нејзиниот тек.

Она, пак, што го дознавме неофицијално, од извори во обвинителството, е дека се очекува до крајот на неделата да завршат сослушувањата и да се оди кон финиширање на истрагата. Дознаваме и дека истрагата не одела подмачкано бидејќи имало проблем околу вештачењата на мобилните телефони на осомничените. Проблемот настанал околку нивното декодирање, бидејќи поновите модели на мобилни телефони се побезбедни, односно тешко може да се пробие нивниот пин. Сепак, дел од телефоните се веќе пробиени и сега се анализираат смс пораките. Со вештачењето на мобилните ќе се има и евиденција кој со кого разговарал на 27 април, но и деновите пред и потоа, се разбира, без да се знае содржината на рзговорите, бидејќи до неа се стигнува само преку прислушување на разговорите.

На овој начин обвинителството се обидува да ги врзе во мрежа осомничените, односно оние кои дента меѓусебе имале по неколку телефонски разговори. Исто така и од содржината на пораките може да се дознаат клучни детали. Иако е очекувано осомничените, доколку имале смс пораки кои ги поврзуваат со некакво нивно организирање на нападот, веднаш да ги избришале, сепак постои техничка можност за нивно враќање.

Покрај телефоните на осомничените, мобилните им беа одземени и на пратениците Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Весел Мемеди од Националната демократска преродба, која беше дел од коалицијата „Алијанса на Албанците“.

Вељаноски по настанот тврдеше дека тој за време на упадот бил во својот кабинет и не видел ништо што се случувало.

УНИШТУВАЊЕТО НА ТРАГИТЕ ЗАВРШИЛО НЕУСПЕШНО

Отежителна околност за истрагата, како што не брифираат од обвинителството,  е и тоа што увидот во Собранието не бил направен веднаш по кривичниот настан, туку со задоцнување. Во тој период на чело на обвинителството сѐ уште беше Марко Зврлевски, кој беше разрешен на средината на август.

Најпрвин истрагата за овој случај ја водеше Скопското јавно обвинителство, а дури по еден месец, на 31 мај, ја презеде Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се препишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторителите, информираа тогаш од Обвинителството.

Или, речено со други зборови, штом во истрагата се вклучува обвинителството за организиран криминал и корупција постојат докази дека дел од осомничените дејствувале како организирана група и освен кривичното тело „учество во толпа“ или „насилство“ ќе се гонат и за други потешки дела, како и што се случи, односно на товар им се стави кривичното дело „тероризам“.

Во октомври лани, пак, обвинители под палката на обвинителката Вилма Рускоска влегоа во Собранието. На лице место извршија реконструкција на настанот, односно се движеа по патеката која ја минале и осомничените. Самите се увериле дека трите собраниски врати не е возможно да се отворат од надвор, туку само одвнатре, бидејќи на двете кои беа отворени од пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски има безбедносни метални шипки.

Но насилниците не влегувале само преку овие две врати. Според извори од истрагата, дел од напаѓачите координирано влегле преку гаражата на Собранието, влез кој е дозволен само за службени возила.

Претпоставка е дека обвинителите го потврдиле и сомнежот дека толпата била насочувана од дел од осомничените, односно им било покажано по кој пат да се движат, бидејќи воопшто не е едноставно да се стигне во прес- салата, каде што се случи нападот на пратениците.

За да се сокријат доказите, односно да се прикријат оние кои им помогнаа на насилниците да влезат во Собранието, беше направен и обид да се избришат снимките од видео надзорот поставен во Собранието.

Двајца вработени добиле наредба од висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земат хард-дисковите, по што ги зеле, но, за среќа, имале резервни хард-дискови и ние сепак успеавме да ги земеме снимките, потврди тогашниот министер Нухиу.

Задолжение за бришење на трагите на насилството, наводно имале и неколкумина вработени во законодавниот дом, а нивниот обид бил регистриран од камерите.

90-ТИНА ПОЛИЦАЈЦИ БИЛЕ ОКОЛУ И ВО СОБРАНИЕТО, А ТРЕБАЛО ДА СЕ 300

И покрај снимките од безбедносните камери и од оние кои ги регистрираа медиумите, се чини дека докажувањето на наводна вина на вработените во МВР, кои тој ден биле во Собранието ќе оди потешко, бидејќи веќе три години не функционирал тетра-системот, односно системот за регистрација на командите. Уште од 2014 година два сервера не биле вклучени во апаратот за снимање.

Како еден од главните виновници за слабата реакција на полицијата, бидејќи цели два часа пратениците од опозицијата беа оставени сами да се бранат од насилниците, е посочен Чавков, кој во тој период беше директор на Бирото за јавна безбедност и шеф на оперативниот штаб во МВР. Веднаш по крвавиот настан, министерот Нухиу појасни дека тој му сугерирал на Чавков дека ситуацијата во Собранието може да излезе од контрола, но тој му вратил дека се е под контрола. Па така, пред Собранието, каде што протестирале околу 5.000 граѓани, требало да има поставено 300 полицајци, но нивниот број бил далеку помал, односно околу 90, вклучувајќи ги и оние кои биле внатре во собраниската зграда.

Откако ситуацијата ескалирала, Нухиу не можел да воспостави контакт со Чавков, се до неговото доаѓање во Оперативниот штаб во 20 часот и седум минути. Од друга страна, тој бил достапен за тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи самиот обзнани дека таа вечер двапати разговарал со Чавков и му рекол полицијата да постапува професионално.

Истрагата, пак, покажа дека Чавков за време на Крвавиот четврток бил на само 100 метри оддалеченост од Собранието. Неговиот мобилен телефон бил лоциран на три базни станици и тоа на ВМРО-ДПМНЕ, „Алмако“ и Италијанската амбасада, поточно во триаголникот во центарот на Скопје.

Јавноста допрва ќе има можност да ја слушне одбраната на Чавков, иако на неодамнешната јавна седница во Апелациониот суд, каде што се расправаше за неговиот притвор, тој навести дека во никој случај нема да признае вина. Истакна дека со докази ќе потврдел дека раководел со акцијата за смирување на состојбата во Собранието.

– Од материјалните докази ќе се види дека со раководењето на акцијата во едни специфични околности дадов клучен придонес за спасување на животите на пратениците и нивна дислокација на безбедно. Апсолутно не се чувствувам виновен, рече неодамна Чавков.

Но и покрај неговата одбрана, жалбата за укинување на притворот му беше одбиена, па веќе два ипол месеци е зад решетки во истражниот затвор Скопје. Според неговиот адвокат Петар Василев, притворот му е продолжен по сите три основи и тоа дека постои опасност од бегство, дека ќе ја попречува кривичната постапка со прикривање на трагите и влијание врз сведоците или сооучесниците и дека постои опасност од повторување на делото.

КОЛКУ ОД НАСИЛНИЦИТЕ СО СЕБЕ НОСЕЛЕ ПИШТОЛИ?

Истрагата на обвинителството треба да покаже и дали и колку насилници влегле во Собранието со оружје. Од снимките кои ги објавуваа медиумите можеше да се види како кон пратениците маваат со се што ќе им дојде при рака, како стативи за камери, сталаци за знамиња, столови, шишиња, но остана непознато колку од нив со себе имале пиштол или друго огнено оружје.

Досега обвинителството го сподели само податокот дека еден од осомничените, Игор Југ, кој дотогаш се гонеше за „учество во толпа“, се гони и за неовластено носење на оружје. На повеќе снимки се гледаше како Југ во прес салата одвреме навреме ја држи раката под маицата зад грб, по што се создаде сомнеж дека носел пиштол.

Потоа и српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ тврдеше дека Југ имал задача да го убие Заев, но кумановецот преку фејсбук тогаш ги отфрли овие обвинувања.

Во салата беа испукани и два куршуми во воздух, од страна на обезбедувањето на сегашниот министер Оливер Спасовски.

Осомничените за 27 април се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Доколу бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворска казна од најмалку 10 години.

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години, стои во членот 313 од Кривичниот законик.

Сепак, по изготвувањето на обвинителниот акт ќе биде познато дали обвинителката Рускоска сите 35-мина осомничени ќе ги гони само за ова кривично дело. Во зависност од доказите, покрај ова кривично дело може да бидат обвинети и за уште неколку дела, како на пример, „насилство“, „обид за убиство“, „учество во толпа“, „злосторничко здружување“ и друго, за што се предвидени дополнителни затворски казни, но максималната збирна казна која може да се изрече е дваесет години.

За тоа кој ќе биде правниот епилог ќе мора најпрвин да се почека обвинителниот акт, а потоа и пресудата. Во секој случај, не треба да се дозволи невини луѓе да бидат ставени зад решетки, но од друга страна и оние кои планирале нечие убиство и насилство со кое ќе го загрозат уставниот поредок, не смее да се шетаат на слобода.

35 ОСОМНИЧЕНИ, ОД КОИ ЧЕТВОРИЦА ВО БЕГСТВО

Во овој случај, според податоците кои ги добивме од обвинителството, осомничени се 35 лица од кои четворица се во бегство.

На едно лице му се изречени мерки на претпазливост, за седум лица е одредена мерка куќен перитвор, а за останатите 23 лица е изречена мерка притвор, велат од обвинителството.

Имено, зад решетки во истражниот затвор „Скопје“ сѐ уште е Чавков, како и пратениците Сашо Василевски, Крсто Муковски и Љубен Арнаудов, а во домашен притвор се Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, додека на пратеничката  Жаклина Пешевска и е одредена мерка на претпазливост. Во домашен притвор од неоадмна е и оперскиот пејач Игор Дурловски, а актерот Владо Јовановски и Бетмен Илиевски сѐ уште се во затворски притвор.

Поврзани новости