Архива: Македонските болници како хорор-филм

by Fokus

Текстот е објавен на 21 август, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1037

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред парламентарните избори на 5 јули, 2006 година, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со изборна програма, која беше добитна за партијата. Во програмата наречена „Преродба во 100 чекори“, меѓу многубројните проекти испишани на црвена подлога со жолти букви, значајни симпатии кај граѓаните освоија ветувањата за унапредување на здравствениот систем, реконструкција и изградба на нови болници, зголемување на платите на лекарите и воопшто – подоброто и поквалитетно јавно здравство за пациентите.

Оттогаш поминаа девет години, а владејачката партија постојано се фали дека не само што ги исполнила сите ветувања, туку направила и повеќе од тоа. Сепак, и покрај сите реформи и вложувања, експертите, аналитичарите и пациентите се едногласни дека здравството хронично ни боледува.

Со само една прошетка во болниците низ земјава можат да се забележат лошите услови во кои се наоѓаат јавните здравствени установи. Тие веќе неколку години се во финансиски колапс, со огромни долгови. Недостигот од медицински кадар – сестри и лекари е хроничен, нема основни материјали и апарати за работа, а партиските вработувања станаа неиздржлив товар. Пациентите, пак, заради кои се прават сите здравствени реформи, кога ќе влезат во болница, единствено ги води мотото – кој преживее, ќе раскажува!

За волја на вистината, пред секои избори, владејачката партија излегува со десетици страници отчет колку пари потрошила за да ги подобри работите во здравството и што сѐ има намера да сработи и да изгради во иднина. Но, дел од крупните проекти се повторуваат во повеќе изборни програми, најави и говори на премиерот и министрите, а нивната реализација никако да почне. Таков е веќе неколкупати најавената изградба (реконструкција) на Штипската клиничка болница, која ќе чини околу 30 милиони евра:

– Изборна програма 2006 – изградба на нова Клиничка болница.

– Предвремени парламентарни избори 2008 и 2011 – во програмата постојано се провлекува истото ветување.

– Во март, 2013 година, министерот за здравство Никола Тодоров најави дека реализацијата на проектот ќе почне кон крајот на годината.

– Во мај истата година од општината беше најавено дека е направен планот за изградба на штипскиот Клинички центар.

– На 17 ноември, по третпат истата година Тодоров и премиерот Никола Груевски најавија дека во февруари, 2014 година ќе почне изградбата на штипската клиничка болница.

– Година и пол подоцна, на 7 август 2015 година во просториите на Порта Македонија, министерот Тодоров повторно промовираше изградба на нов Клинички центар во Штип, чиј камен-темелник е планиран за октомври истата година, а доколку сѐ тече според плановите, изградбата треба да заврши во август 2017 година.

ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ВО ДЛАБОКА КОМА

Штипскиот клинички центар е единствена болница од таков вид во источниот регион, во која се лекуваат 150 илјади пациенти годишно. Само во последните неколку години, во оваа јавна здравствена установа се пресекоа куп црвени ленти, се промовираа медицински апарати кои никогаш не проработеа, а министерот Тодоров имаше и еднонеделна турнеја на ловење лебарки и стаорци, фаќање лекари и медицински сестри како пушат во ординациите, затворање одделенија, сликање и промовирање.

Но, кога ќе се исклучи светлото на камерите и фотоапаратите, на површина излегува страшната слика во која се наоѓа болницата. Според лекарите, за сите овие години пациентите се лекуваат во мизерни и крајно недостоинствени услови, почнувајќи од недостигот од основни средства за хигиена, материјали и лекови, па сѐ до преполните болнички соби со по 10-12 кревети, лошите хигиенски услови, просториите полни со мувла и различни видови инсекти, кои секојдневно им прават друштво на пациентите.

Министерот во заминување Тодоров да прекине да манипулира со јавноста во обид да ја избегне сопствената одговорност. Во штипската болница подолг период недостасува основен оперативен материјал, хируршки конци и ракавици, недостасуваат лекови, а пациентите сами ги купуваат. Исто така, во континуитет недостасуваат реагенси во болничката лабораторија, а недостасуваат и основните лекови за бубрежно болните пациенти. Додека болницата е во финансиски колапс и гаснат млади животи, власта троши стотици милиони евра за споменици, фонтани, бронза и мермер – тврди д-р Владимир Милошев, максилофацијален хирург.

„Фокус“ контактираше и други лекари, кои, за разлика од Милошев, сакаа да останат анонимни, плашејќи се да не останат без работа и без единствените приходи за преживување. Според нив, штипскиот Клинички центар е во длабока кома, а здравствените политики на власта само уште подлабоко го закопуваат. Пред неколку години, пациент починал затоа што компјутерската томографија не работела, а како што објавивме, на 32-годишен штипјанец со пукнат чир, животот му висел на конец затоа што во болницата немале носно-стомачна сонда, која чинела само 15 денари и антикоагулантна терапија, која по шприц чини само 159 денари.

Но, тука не завршуваат проблемите во болницата. Пред една година, здравствените власти поставија камен-темелник за изградба на бункер во кој ќе биде сместен нов акцелератор за зрачење на болните од рак, инвестиција вредна 860.000 евра. Овој проект воопшто не е почнат бидејќи веќе неколку месеци постојат проблеми околу тендерот. Во јавноста се шпекулира дека целата постапка е стопирана бидејќи владата ѝ должела 150 илјади евра на фирмата, па таа се откажала од изградбата. А муабетите одат до таму, дека повторно се подготвува нов тендер за истиот акцелератор и нови милионски суми што ќе бидат потрошени.

Дополнителни проблеми во болницата се појавија и при изборот на одговорни медицински сестри на сите одделенија и главна сестра на болницата. „Фокус“ објави дека пред една година односите меѓу вработените се влошиле бидејќи на местото главна сестра била избрана братучетка на премиерот Груевски во избор од седум кандидатки. Таквиот потег уште повеќе ги нарушил меѓучовечките односи, а повеќето од пријавените кандидати сметаа дека за такво работно место важно е искуството, а не партиската припадност и роднинските врски.

Во бранот вработувања во здравството, пред три години не изостана и Штипскиот клинички центар. Таму се случуваа најголемите скандали – кој, како и што ќе работи во болницата? Опозицискиот СДСМ во Штип, во тој период обвинуваше дека сите примени лекари се „вмровци“. Од партијата јавно излегоа со имињата на сите нови лекари – сопруги, браќа и ќерки на локални моќници од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите тврдеа дека за 18 лекарски места биле пријавени 118 кандидати, од кои речиси сите се со партиска книшка.

ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА БЕЗ ЛЕКАРИ И СО БЛОКИРАНА СМЕТКА

Но, штипската болница не е единствената што ја нагрдува владината „розова“ слика за македонското здравство. Години наназад, прилепската општа болница „Борка Талески“ ги полнеше насловните страници на медиумите и беше ударна вест на телевизиите, но не поради нова медицинска опрема, вработување лекари или, пак, воведување нова метода, туку поради зголемената смртност на родилките и новороденчињата, огромните долгови, блокираните сметки, катастрофалните услови за работа, инфекциите…

Повеќе од две години, сметката на болницата е блокирана за 2 милиони евра, а се шпекулира дека веќе неколку одделенија (гинекологија, кожно и очно одделение) се затворени за работа и пациентите се препраќаат на лекување во Битолската клиничка болница. Според лекарите, условите за работа се катастрофални, немаат основни материјали, хируршки конци, гази, инфузии…

Речиси две години е блокирана сметката, а долгот изнесува два милиони евра. Половината од долгот што го имаат е врз основа на затезни камати. На пример, ако болницата должела еден милион евра, сега должи уште еден милион само од камати. За тоа некој треба да сноси одговорност, а тоа е Министерството за здравство. Сметката се одблокира само еднаш во текот на неколку месеци, за да се земе плата – вели доктор Гоце Чакаровски, гинеколог.

Тој додава дека во целата приказна најголем проблем претставува недостигот од лекари во болницата. Според него, не се потребни само убави згради, туку на болниците им се потребни доктори што ќе ги лекуваат пациентите.

Има одделенија каде што воопшто нема лекари. И кој ќе работи таму и кој ќе ги лекува пациентите? Целата работа е измешана. Анестезиолози одат од болницата во Прилеп на работа во Битолската клиничка болница, а, пак, тие од таму одат во болницата во Охрид. На што личи тоа? Од седум неонатолози останаа само два. Здравството не го прават само установите, туку и лекарите. Џабе е убава зграда, ако нема кој да работи во неа. Може да има шатор, но ако има лекари во него, сите пациенти ќе отидат таму, а може да направат барокна зграда од неколку милиони евра, но ако нема лекари, ниту еден пациент нема да отиде – тврди Чакаровски.

Прилепската болница најмногу на удар беше во 2010 година, кога починаа неколку родилки и бебиња за една недела и беше ставен клуч на Гинеколошкото одделение сѐ додека не се испитаат околностите под кои починале. Оттогаш досега никој од надлежните институции не излезе со официјални бројки – колку вкупно новороденчиња и родилки починале во болницата? Во тој период, инспектори ја чешлаа болницата, при што таа била затекната во лоша состојба, со стара и дотраена опрема, со минимален кадар за работа, а санитарните јазли биле во распаѓање. Вработените признаваа дека самите си купуваат обични сапуни за миење раце, кои не се медицински и не дезинфицираат.

За сите овие години, во болницата која опслужува 70.000 граѓани годишно, не се промени ништо на подобро, освен што се продлабочија проблемите.

Се обидовме да стапиме во контакт со првиот човек на болницата, Илија Богатиноски за да ни ги објасни проблемите со кои се соочуваат, зошто им е блокирана сметката и зошто не вработуваат лекари, кога очигледно имаат недостиг од кадар, но до затворањето на весникот не добивме одговор.

Од друга страна, од Министерството за здравство тврдат дека сите одделенија во болницата функционираат според вообичаената динамика, односно нема затворени одделенија. И, како и секогаш, најавуваат реконструкција.

За оваа болница е предвидена комплетна реконструкција во вредност околу 40 милиони денари, за која веќе во завршна фаза е изработката на основен проект. Реконструкцијата ќе опфати комплетна реконструкција на операционите сали и сите тоалети, како и промена на подови, и истата се очекува да заврши до септември идната година – се наведува во соопштението од ресорното Министерство.

ХИРУРГ, ПО ПОТРЕБА УРОЛОГ

Колку критериумите за вработување во болниците низ земјава се изместени покажува и случајот со Велешката болница, каде што на раководното место во Уролошкото одделение, наместо уролог, наводно ќе седне ортопед. Дел од лекарите што јавно ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат и мобингот што го трпат, велат дека недостигот од медицински кадар е најголем проблем, но дека лекарите таму по потреба стануваат уролози, кардиохирурзи… Сепак, мораме да нагласиме дека партиската припадност го има пресудниот збор.

Нема доволно лекари, особено во хируршките гранки. Сега ќе примаат колега кој приватно специјализираше ортопедија. На хирургија има тројца хирурзи, од кои едниот, кој е на 50 години, сакаат да го испратат да специјализира урологија. Колегата пред 15 години почна специјализација анестезиологија, па се префрли на хирургија. Но, како врвен хирург, што би рекол директорот, може да стане и врвен уролог – вели доктор Димитар Стровјановски, уролог во Велешката болница, кој пред неколку години беше сменет од раководното место поради несогласувања со директорот на болницата.

Тој пред неколку недели испрати јавно писмо до министерот за здравство Никола Тодоров, испровоциран од неговите фалби во јавноста – колку било вложено во одделението за Урологија во велешката болница. Еве што напиша лекарот до министерот:

Дали мене ќе ме промовирате во „англиска кралица“ по 23 години специјалистичко искуство и 30 години лекарски стаж? Вашата изјава на пресот ако ја љубевте вистината ќе беше сосема друга по содржина и форма… Катастрофална е состојбата министре, катастрофална, но не само кај нас… Вашето „пожарникарство“ по „пироманството“ навистина е врв на неодговорноста, лицемерноста, пред сѐ, кон двете незадоволни страни во здравството – пациентите и лекарите – се наведува во неговото писмо.

Велешката општа болница во последниот период е многу актуелна поради проблемите со кои се соочува, особено со старата и амортизирана опрема со која се работи, за која, како што велат лекарите, толку е стара, што со неа не може да се одреди точна дијагноза. Друг голем проблем е недостигот од лекари кои секојдневно ја напуштаат болницата и заминуваат да работат во приватните болници или во странство. Во Велес се случува масовен одлив на медицински кадар во западноевропските земји – Германија, Австрија, а сега најновите податоци говорат и за нивно преселување во Данска. Само во последната година, на работа во некоја од овие земји заминале 16-17 лекари од овој град.

За ситуацијата да биде поапсурдна, „вмровските“ кадри кои секогаш ги фалат реформите во јавното здравство и се фалат со новата медицинска опрема, исто така почнаа да ги напуштат болниците каде што работат. Еден од нив е д-р Горан Јовиќ, уролог во Велешката болница, кој замина да работи во приватна болница во главниот град. Тој дури има и функција од редовите на владејачката партија. Доктор Јовиќ е заменик-градоначалник на Славчо Чадиев, градскиот татко на Велес и советник во општината.

Инаку, д-р Јовиќ, својата кариера ја почна токму во Велешката болница, а Министерството за здравство го прогласи за еден од најдобрите десетмина доктори во владиниот клуб „100 најдобри лекари“. Каде пукнала тиквата и зошто урологот го напуштил јавното здравство, сѐ уште нема информации.

За сите овие изнесени проблеми во јавноста, „Фокус“ упати неколку прашања и до Министерството за здравство. Од таму, како по традиција, веќе неколку години наназад се пофалија колку вложиле во јавното здравство и кога почнува реконструкцијата на болниците.

Клиничката болница во Штип почнува да се гради во втората половина на месец октомври, Клиничкиот центар во Скопје во втората половина на ноември, реконструкцијата на Клиничка болница Битола почнува во ноември, реконструкцијата на Општата болница во Прилеп во декември, а нов Ургентен центар за Општата болница во Куманово во јануари. Комплетна реконструкција на Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ ќе почне во септември – се наведува во одговорот од Министерството.

Но, доволен е само еден клик на интернет за да се најдат многубројните статии за тоа по колку пати досега е најавувана реконструкција на болниците. Дури, во секоја изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ може да се прочитаат истите ветувања. Но, сега-засега, тоа се само празни ветувања.

Рамка:

СГС ОБЕЗБЕДУВА И ДЕЛ ОД БОЛНИЦИТЕ

Агенцијата за обезбедување „Секјурити Груп Сервис“ (СГС), фирма наводно блиска до ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, во последните неколку години, според обвинувањата на опозицијата, склучила повеќе од 30 договори за обезбедување министерства, јавни претпријатија, училишта… Ваквата шема се повторува и во јавните здравствени установи, па според податоците објавени од Бирото за јавни набавки, Здравствениот дом во Крива Паланка и велешката Општа болница, повеќе од една година ги обезбедува фирмата „СГС“, која ја дала единствената понуда на тендерот.

Рамка:

Гоце Чакаровски:

ПРАЌАЊЕТО ЛЕКАРИ ВО СТРАНСТВО Е ПЕРАЛНИЦА НА ПАРИ

 Доктор Гоце Чакаровски од битолската Клиничка болница вели дека проектот на Министерството за здравство за праќање лекари на обука во странство е промашена инвестиција и пералница на пари.

Сите тие пари што ги дадоа за обуки во странство, од кои лекарите немаа никаква корист да ги вложеа тука во болниците, немаше да имаме колабирано здравство. Лекарите што одат таму, првиот ден ќе отидат да видат кај е болницата и потоа цел месец се на екскурзија. Никој од тие што биле таму, досега не претставил нова метода или, пак, нешто што научил таму – вели Чакаровски.

Рамка:

НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР САМО НА ХАРТИЈА

Новиот клинички центар „Мајка Тереза“, кој ќе биде изграден на местото на старата Гинекологија, треба да биде готов до 2017 година, а ќе чини околу 70 милиони евра. За првпат овој проект беше најавен во 2012 година, но оттогаш до денес не е почната неговата изградба. Останува нејасно како проект со површина од 61.500 квадратни метри ќе биде готов за само една година, иако за негова изградба се предвидени три години.

Поврзани новости