АРХИВА Локални избори: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати или СДСМ ќе ја зацврсти власта?

by Fokus

Текстот е објавен на 14 јули, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1136

Пишувал Никола СПАСОВ

Од резултатите на локалните избори, кои се веќе закажани за 15 октомври, во голема мера ќе зависи стабилноста на сегашната влада и коалиција и ќе го одреди текот на политичките случувања во периодот потоа.

На нив ВМРО-ДПМНЕ гледа како на шанса да докаже дека „власта го изгубила легитимитетот“ и можност за барање нови парламентарни избори. Освен тоа, со добар резултат Груевски има можност да ги запре притисоците за внатрешни реформи и промена на лидерот, кои се сѐ посилни. СДСМ, пак, ќе цели да ја потврди изборната победа од декември и по подолг период, да ја преземе власта на локално ниво, кое со години беше резервирано за ВМРО-ДПМНЕ.

Локалната власт и градоначалниците веќе располагаат со сериозна политичка и финансиска моќ. Позитивниот исход за партиите ќе значи голема предност и во кампања на евентуални нови предвремени парламентарни избори.

 ОД КОЈА ПОЗИЦИЈА СТАРТУВААТ ПАРТИИТЕ?

Политичката атмосфера и контекстот ќе бидат многу важен фактор за исходот на изборите. Поголемите национални политики ќе имаат одредено влијание, но најважно ќе биде од која политичка позиција и моќ тргнуваат партиите.

ВМРО-ДПМНЕ се соочува со големи проблеми внатре во партијата. Сѐ посилните „реформатори“ може да влијаат врз исходот, во услови на тесни избори какви што очекувам. Тие може да решат да формираат паралелни листи или, пак, да истакнат свои кандидати доколку нивните барања за реформи не ги уважи актуелното раководство. Секако дека ќе ја искористат можноста да го зголемат своето влијание пред и за време на изборите, време кога Груевски ќе мора да тактизира во однос на нив. Евентуален независен настап на оваа група би бил силен удар за партијата и уште еден противник кој ќе одзема енергија и време.

Расцепувањето на десничарскиот глас е сигурен пат до пораз.

Покрај оваа опасност, тука е настапот на ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција, како и обвинувањата и судските процеси од СЈО, кои ќе имаат силно влијание врз изборите. Она што е позитивно за нив, е фактот што во најголем број општини тие се на власт и за актуелните градоначалници, кои бараат реизбор тоа може да биде предност. Освен што тие што имале успешен мандат може да се надеваат на поддршка, локалната политичка моќ и силните позиции, кои ги граделе со години ќе бидат нивна предност.

За првпат по 2005 година, СДСМ настапува од позиција на власт и ќе ги организира изборите. Ова е голема предност, но останува да се заврши процесот на промени на директорските места и другите важни позиции во сите ешалони на власта. Овој процес треба да се забрза за на изборите партијата да настапи со целосен капацитет и контрола на институциите.

Второ, СДСМ го контролира наративот и одредува владини политики кои ќе придонесат за зголемување на поддршката. Без разлика дали е тоа покачувањето на минималната плата, гасификацијата или други мерки од програмата, секој потег ќе влијае врз конечниот исход. Можностите за носење вакви политики целосно ги контролира партијата на власт и очекувам максимално да ги искористи во своја полза.

Негативно за СДСМ е што во моментов најголем дел од кадрите се ангажирани на владини позиции. СДСМ по 11 години во опозиција за многу краток рок треба да понуди добри кадри и во владините и во локалните институции. Тоа ќе биде голем предизвик, особено ако се знае колку се важни личностите при гласањето за градоначалници.

АЛБАНСКИТЕ ГЛАСОВИ И НАТАМУ РАСЦЕПКАНИ?

Албанскиот политички блок е во голем хаос. По историските избори на кои се случија суштински промени во гласањето на Албанците, локалните избори за нив се многу неизвесни. Расцепкувањето на гласовите се покажа како голема грешка и очекувам за овие избори да се обидат да се групираат. Од друга страна, СДСМ и натаму ја има поддршката од солиден процент Албанци и секако ќе се замеша во нивните математики. Сега СДСМ има одлична преговарачка моќ за коалицирање на локално ниво, но и за вториот круг при гласањето за градоначалници.

БЕСА за првпат ќе учествува на локални избори и според резултатите од парламентарните, има можност да освои некое градоначалничко место. Сепак, нивните позиции не се баш најдобри. Проблем е што преговорите ќе се одвиваат помеѓу СДСМ и ДУИ како партнери во власта и БЕСА по некоја логика би требало да преговара со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е малку веројатно да се случи и ризично за двете партии, што ја прави ситуацијата крајно компликувана.

Очекувам дека партиите ќе пристапат кон поединечно коалицирање во секоја општина и дека многу тешко ќе се направи генерален партиски договор на ниво на целата држава. Оттаму, исходот на изборите во мешаните општини е тежок за прогнозирање во овој момент.

 СЕКОЈА ПАРТИЈА РАЗЛИЧНО ЌЕ ГИ ТОЛКУВА РЕЗУЛТАТИТЕ

Неодамна, Илија Димовски изјави дека ако победат на локалните избори тоа ќе значи дека СДСМ нема легитимитет. Но, што вистински значи победа на локални избори? Локалните избори оставаат простор да бидат различно толкувани, освен ако победата не е толку убедлива, како онаа на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година. Бидејќи такво нешто нема да се случи сега, ќе биде многу тешко да се одреди кој победил или изгубил, а партиите ќе се повикуваат на оние резултати кои им одговараат.

Дали победа ќе значи освоен глас повеќе на листите, или, пак, повеќе градоначалници? Дали победа ќе значи освојување на најважните и најголемите општини или, пак, на Градот Скопје? На крајот, она што ќе биде важно е да се процени за колку е зголемена односно намалена политичката и финансиската моќ според освоените општини на партиите. Ова нема да се прави со просто пребројување.

На изборите во 2013 година, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во многу општини, но изгуби во Општина Центар. Многумина сметаа дека тоа е пирова победа и подоцна се покажа дека ваквите тврдења не биле далеку од вистината. Поради поразот во Центар, Груевски беше „принуден“ да нарачува шамари, да прави скандали и напади и да го разоткрива својот авторитарен карактер.

Дополнително, новото раководство направи ревизија на проектот „Скопје 2014“ каде што откри криминални тендери и нелегални активности. Сето ова генерираше многу негативен публицитет и несомнено влијаеше врз поширока промена во поддршката за Груевски и партијата.

 НА ШТО УПАТУВААТ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПОСЛЕДНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ?

Анализата на изборните резултати по општини, и споредбата на добиените гласови на изборите во 2013 и 2016 година упатува на следново сознание:

ВМРО-ДПМНЕ има стабилно гласачко тело. Споредбата на гласовите што ги добила таа партија во 2013 и 2016 по општини покажува дека партијата речиси и да нема изгубено гласачи. Процентот варира од 5 отсто до најмногу 10 отсто изгубени гласачи и тоа, пред сѐ, поради заминувањето на коалициските ДОМ и Демократскиот сојуз. Во одредени општини има и пораст.

Табела 1

Број на гласачи во некои општини на изборите во 2013 и 2016 година

 

  ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
2016 2013 2016 2013
Аеродром 21320 22795 23220 14642
Карпош 14960 12936 21592 12331
Центар 10135 11549 18710 12866
Бутел 8947 8861 7845 4462
Ѓорче Петров 12381 10150 12121 8389
Куманово 20677 18792 22216 17507

 

СДСМ има голем пораст во гласачкото тело и тоа не е резултат само на албанските гласови како што во јавноста се наметнува. Напротив, голем пораст има и во општините со доминантно македонско население, како што може да се види во табелата погоре. Голем предизвик ќе биде да се мобилизира повторно овој протестен глас, кој на последните избори ја направи разликата. Голема закана може да биде фактот што локалните избори статистички се со пониска излезност што во оваа политичка констелација не му одговара на СДСМ.

Како што се гледа од табелата, дали изборите се локални или парламентарни, тоа малку влијае врз гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, на ова треба да се додаде најсилниот фактор, факторот на победник и настапувањето од позиција на власт. Веднаш по формирањето на владата, значителен процент гласови се префрлаат на контото на партијата која формирала влада, што се виде од последните објавени анкети. Оттаму, ќе биде интересно да се види колку ќе издржи цврстото гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ во нови услови и нова дистрибуција на моќта.

Врз основа на променетото изборно расположение на последните избори, СДСМ на локалните избори има големи шанси за победа во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, но и во градот Скопје. Коалицијата на СДСМ на последните избори освои над 5.000 гласови повеќе во однос на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, голема шанса за победа СДСМ има и во општините: Битола, Струмица, Куманово, Струга, Берово, Богданци, Крушево, Маврово, Чучер Сандево, Студеничани и Арачиново

Општини во кои врз основа на резултатите од последните парламентарни избори шансите на СДСМ за победа се еднакви или речиси еднакви како оние на ВМРО-ДПМНЕ се: Бутел, Гевгелија, Дојран, Делчево, Кавадарци, Кочани, Крива Паланка, Прилеп, Радовиш, Старо Нагоричане, Чашка и Штип.

ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во предност во општините каде што традиционално победува, во Гази Баба и во Кисела Вода, како и во повеќето мали општини од источна Македонија, во изборните единици 3 и 4.

 ОД ШТО ЌЕ ЗАВИСИ ПОБЕДАТА?

Локалните избори се специфични по неколку нешта кои може да бидат пресудни во услови на изедначена трка како што може да очекуваме. Прв и најважен фактор – кандидатите! Само на локални избори може да се случи да победи независен кандидат или да се гласа драстично различно за кандидат и листа. Ги паметиме победите на Стевчо Јакимовски и Руфи Османи, но и големите разлики меѓу освоените гласови на кандидатите и листите. Еве еден пример колку многу може да влијае кандидатот при изборот на гласачите.

Табела2

 Избори за Град Скопје – резултати во Општина Центар

(кандидатот освојува повеќе од партијата)

 

ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
Коце Трајановски 13434 8343 Јани Макрадули
Листа ВМРО 10150 8389 Листа СДСМ

 

Табела3

 Избори во општина Прилеп

(кандидатот на СДСМ освојува помалку од партијата)

 

ВМРО-ДПМНЕ СДСМ
Марјан Ристески 28632 18920 Хари Локвенец
Листа ВМРО-ДПМНЕ 26924 19178 Листа СДСМ

 

Кадровската понуда ќе биде од пресудно значење на овие избори, особено доколку тие се одржуваат самостојно. Неопределените или оние кои нередовно излегуваат на избори во истражувањата посочуваат дека кандидатот е најважен при изборот за кого ќе гласаат. За дури 80 отсто од неопределените ова е пресудно, а тие ќе го решаваат победникот на овие избори повеќе од кога било досега. Според анализите на Рејтинг, во просек 25 отсто од гласачкото тело може да гласа различно за листа и кандидат.

Секоја од партиите и коалициите мора да направат темелна анализа преку истражување, пред да донесат одлука дали ќе се кандидираат или кого ќе кандидираат, за да се максимизира гласот на неопределените. Анализата мора да се фокусира на степенот на прифатливост на кандидатот меѓу неопределените, оние кои нередовно гласаат (протестни гласачи) и малцинските гласачи во мешаните општини.

Втор фактор се локалните таргетирани стратегии и проекти. Локалните избори се 80 кампањи во една кампања. Кампањите мора целосно да се адаптирани на локалните проблеми и очекување од електоратот. Затоа потребно е да се изработат анализи, истражувања и програмски решенија специфични за секоја општина. Освен ова, на следните избори пораките и програмските решенија мора да се комуницираат таргетирано (по населби, по возрасни групи).

Секако, националните прашања и политики ќе играат важна улога, но без добра локална стратегија шансите за успех значително се намалуваат.

Трет фактор и многу важен за овие избори ќе биде коалицискиот потенцијал. Локалните коалиции со албанските партии и малите партии ќе бидат од извонредна важност за победа во што поголем број општини. Ова подеднакво важи и за листите и за градоначалниците во вториот круг.

Анализата покажува дека СДСМ во овој момент има далеку поголема поддршка од албанските гласачи, но и поголем потенцијал од гласот на малите партии кои не освоија мандати. Групирањето/коалицирањето ќе мора да се почне навремено и целта треба да има што помалку одлеани гласови по независни листи или мали партии.

 СДСМ СО ЗГОЛЕМЕНА ПОДДРШКА

 Според резултатите од испитувањата на јавното мислење во Македонија по формирањето на владата, поддршката за СДСМ и владата е во пораст. СДСМ има предност од околу 4 отсто во однос на ВМРО-ДПМНЕ а довербата во Зоран Заев и во владата се одржува на 60 отсто. Поддршката за премиерот Заев меѓу етничките Албанци останува исклучително висока. Доколку ваквата поддршка се задржи до локалните избори, може да се каже дека СДСМ ќе влезе во трката од подобра позиција.

Степенот на моменталната доверба во владата и задоволството од нејзиното работење во октомври ќе се одрази на локалните избори. Затоа, добро планирање на активностите и политиките на владата, како и нивното ефективно комуницирање со јавноста може да го трасира патот до победа на локалните избори.

 (Авторот е директор на Агенцијата „Рејтинг“)

 Рамка

ПАРТИИТЕ ДОЦНАТ СО КАМПАЊАТА

Се чини дека сѐ уште се тактизира и одлучува за кандидатите во сите партии. Доколку изборите се одржат на 15 октомври, како што е засега планот, може да се очекува започнување на кампањата некаде кон крајот на август, што е веќе прилично доцна.

Според активностите на некои од потенцијалните кандидати, може да очекуваме активно политичко лето, иако ефектот од нивните активности ќе биде далеку помал за време на одморите.

Во услови на доцен старт на кампањата најмногу трпат новите и непознатите кандидати кои немаат доволно време да се промовираат. Во вакви услови, етаблираните политичари, актуелните градоначалници и генерално кандидатите кои веќе и се познати на јавноста, имаат подобри шанси.

Поврзани новости