Архива: Кои се луѓето што земаа по неколку плати вo Управни одбори и комисии

by Fokus

Текстот е објавен на 12 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1127

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во историјата на независна Македонија, владата под раководство на Никола Груевски ќе остане позната како единствената влада досега, на која повеќе од 3.000 советници и „солат“ памет од областа на меѓународната политика, економијата, образованието, здравството… Се разбира дека за сето тоа се и добро платени. Иако нивниот број секоја година се зголемуваше, сепак, колку се вкупно, колкави плати земаат, колку пари се одлеале од буџетот за оваа намена и кои се нивните надлежности, остана државна тајна.

Иако владата е во заминување, зад затворени врати до денешен ден се кријат имињата на државните советници, кои во јавноста останаа под превезот анонимно, иако би требало да имаат најголем удел во кроењето на владината политика, односно тие ја советуваат власта за најважните државни прашања. Кулминацијата на функции ескалираше во последните десетина години, а можноста да заработат повеќе хонорари им одеше во прилог на партиските војници, кои од петни жили ги бранеа политиките на ДПМНЕ.

Веќе години наназад, јавна тајна е дека за да станеш советник, државен секретар или шеф на кабинет, мора да имаш партиска книшка, да гласаш и плус да убедиш уште 15 неопределени гласачи, кои би го сториле истото.

Последната деценија, во време на владеењето на „вмровците“ ја одбележаа млади луѓе, кои честопати беа опишани како алчни и желни за моќ, а кои се избираат далеку од очите на јавноста, работат во сенка и се далеку од секаква контрола. Нивниот имот не оди на проверка во Агенцијата за спречување на корупцијата, иако некогаш пресудно влијаат врз одлуките.

Според нашите информации, повеќето од нив се поставени на добри работни позиции и се вработени во Владата и во министерствата, а во меѓувреме извршуваат уште по неколку функции во управните и надзорните одбори, разни комисии од каде што добиваат дополнителни хонорари.

ЕМ ВО ВЛАДА, ЕМ ВО УПРАВНИ ОДБОРИ

Во 2007 година, само една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, скопскиот Клинички центар се трансформира во 32 клиники, по повеќе од 50-годишно постоење. Во моментот, скопските клиники функционираат со по двајца директори, еден стручен од областа на здравството и еден економски директор, преку „врзан потпис“. Секоја клиника има Управен одбор, кој го сочинуваат двајца внатрешни и тројца надворешни членови кои ги именува Владата, а чиј мандат трае четири години.

Никој не знае според кои критериуми се избрани надворешните членови, со оглед на тоа што повеќето од нив немаат никаква допирна точка со здравството и имаат завршено факултети како земјоделски, машински, економски… Единствено, нивните имиња може да се прочитаат во Службен весник, откако владата ќе одлучи кои од нив ќе седнат во столчињата на Управниот одбор на скопските клиники, кој ги носи најзначајните одлуки поврзани со работата и менаџирањето.

Ние не знаеме на кој начин и како владата ги избира надворешните членови. Нас никој не нѐ консултира, само ни се јавуваат телефонски и нѐ известуваат кои луѓе ќе бидат во Управниот одбор. Така што, немаме никакви информации како се избрани баш тие луѓе – тврди за „Фокус“ директорка на клиника, која сакаше да остане анонимна.

Нашите извори тврдат дека членовите на Управниот одбор се состануваат еднаш месечно, а нивните хонорари се движат од 6.000 до 9.000 денари. Според нашите информации, дел од нив се противеле дека тоа се малку пари и побарале покачување од 12.000 до 15.000 денари, но директорите уште во старт ја отфрлиле ваквата можност, сметајќи дека на сите трошоци и долгови што ги имаат, тоа ќе биде дополнително оптоварување на буџетот на клиниките. Ако направиме проста математика, на скопските клиники има повеќе од 200 членови на управни одбори и за нив на годишно ниво се трошат повеќе од 200 илјади евра.

Тие се обврзани да поднесат анкетни листови до Комисијата за спречување на корупцијата, но од тоа што може да се види на нивната веб страница, дел од нив имаат поднесено, додека дел не фигурираат никаде.

Една од нив е Сања Савовска, која веќе неколку години работи во Генералниот секретаријат на Владата, а истовремено е и член на Управниот одбор на скопската Клиника за детски болести. Савовска во Комисијата за спречување на корупцијата веќе има пријавено анкетен лист, а од тоа што може да се забележи, таа поседува стан од 66  квадратни метри како имот на брачен другар, кој чини 39 илјади евра. Исто така, во анкетниот лист има пријавено моторни возила и два кредити како долгови.

Се обидовме да стапиме во контакт со Савовска, но до затворањето на овој број од весникот од неа не добивме одговор.

Освен неа, на скопската Детска клиника има уште двајца надворешни членови на Управниот одбор, а тоа се Ајат Османовски и Влатко Петков, кој според нашите информации исто така работи во Владата.

За разлика од нив, со мошне богат анкетен лист може да се пофали Димче Лазаревски, кој, исто така, е член на Управен одбор, но на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија. Тој се води како надворешен член, а истовремено работи и во Генералниот секретаријат на владата.

Според анкетниот лист, кој опфаќа обемен недвижен имот, Лазаревски поседува стан во Скопје од 116 квадратни метри во вредност од речиси 170 илјади евра, а тука е уште еден стан во Велес, кој се води на име на неговата сопруга, кој чини 28.581 евра. Во анкетниот лист, исто така е ставен и недвижниот имот што го поседуваат неговите родители, кои според тоа што може да се забележи имаат стан во Скопје, две куќи и земјиште во селото Фурка, Дојран. Според податоците доставени до Антикорупциската комисија, тој е косопственик на фирма, а поседува и акции од кои повеќето се водат на име на неговата сопруга.

Како надворешен член на УО на оваа клиника фигурира и Михаил Кочубовски, кој се води и како претседател на Управниот одбор, а истовремено работи и како раководител на Секторот за здравствена екологија во Институтот за јавно здравје, при Министерството за здравство. Кочубовски и стана познат на јавноста пред една година, откако изби скандалот дека водата во Дојранско Езеро е загадена и дека се забранува за капење. Тој тогаш излезе во јавноста тврдејќи дека постои нов правилник, според кој водата воопшто не е загадена, туку има одличен квалитет и може слободно да се користи, со што се соочи со плејада напади дека ја брани владината политика и не го интересира здравјето на граѓаните.

АНОНИМНИ СОВЕТНИЦИ – КОЛЕКЦИОНЕРИ НА БЛАГОРОДНИ МЕТАЛИ И УМЕТНИЧКИ СЛИКИ

Кабинетот на министерот за здравство, Никола Тодоров „врие“ од државни советници, кои напредуваат со брзина на светлината и само во рок од една година имаат скок од по неколку функции. Нивната кариера вртоглаво расте, така што тие го имаат највисокото звање на државни службеници, а во меѓувреме се членови на повеќе управни одбори и комисии, од каде што земаат дополнителни хонорари. Сите овие функции на државните советници на првиот човек во здравството може да се најдат објавени на страниците на Службен весник.

Еден од нив е и Ангел Митевски, десна рака на министерот за здравство Тодоров, кој повеќе од десет години е негов шеф на кабинет и во Министерството за образование и во Здравство. „Фокус“ за него веќе објави дека е и член на Управниот одбор на Стоматолошкиот клинички центар, како и член на УО на Фондот за здравство. Во меѓувреме, пред четири години за својата лојалност кон министерот, Митевски во 2013 година беше награден и со титулата државен советник по здравствена политика, иако по професија е историчар, што предизвика лавина негативни реакции кај вработените во ресорното Министерство.

На функцијата државен советник е и Ангелчо Трајановски, кој истовремено е член на совет – Институт за стандардизација на Македонија. Тој во ресорното Министерство е одговорен и за Бирото за јавни набавки.

Уште една на листата на државни советници на Тодоров е и Татјана Васиќ. Таа во рок од неколку години вртоглаво напредува во кариерата, така што станува претседател на Управниот одбор на Медицинскиот симулациски центар и член на Управниот одбор на Центарот за традиционална кинеска медицина. За сите овие брзорастечки позиции, Васиќ зема дополнителни хонорари. Таа исто така е именувана и како член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лекот.

На истата листа може да се пронајде и името на Сања Саздова, која, исто така, е државен советник во кабинетот на првиот човек во здравството. Таа истовремено е член на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, а во нејзиниот анкетен лист може да се забележи дека поседува стан во Охрид од 46 квадратни метри во вредност од 29 илјади евра, потоа благородни метали и уметнички и колекционерски предмети.

Сепак, од сите државни советници во ресорното Министерство, единствена од областа на здравството е Јованка Костовска, која работи како раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита. Таа, исто така, фигурира и како надворешен член на Управниот одбор поставена од владата на скопската Клиника за гинекологија. Костовска редовно досега ги поддржува здравствените реформи спроведени од власта и редовно излегува во одбрана на тоа дека вакцините во Македонија се квалитетни и безбедни за користење.

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, многумина се скрасија на државни функции и ги наполнија џебовите со пари. Иако станува збор за анонимни ликови, кои ретко се појавуваат во јавност, сепак, тие во заднина ја кројат судбината на граѓаните во најчувствителните сектори во државата.

Рамка:

СИТЕ ВО ДРЖАВНИ ФОТЕЛЈИ

Јован Грповски е уште еден од најблиските соработници на министерот за здравство, Тодоров. И тој ја игра улогата на државен советник во кабинетот на министерот, а во меѓувреме е менаџер на проектната единица за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи. Грповски одредено време беше директор на Фондот за здравство, во периодот кога осумгодишната Тамара Димовска почина додека чекаше одобрение за лекување во странство. Тој на функцијата остана се додека на директорската фотелја не седна Сашо Стефановски.

На истата листа може да се најде и Елена Ристоска, која е член на Управниот одбор на Дигестивна хирургија и Саша Иванов, кој е раководител на сектор во ресорното Министерство, а истовремено и член на Управниот одбор на скопската Очна клиника.

Рамка:

„БОМБА“ ЗА ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА

Во една од „бомбите“, која пред две години ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, беа презентирани наводни разговори меѓу највисоките државни функционери, во кои се договараат вработувања во државните институции, на факултетите, во судовите…

Заев оцени дека државата е узурпирана од ВМРО-ДПМНЕ, а снимките ги потврдуваат извештаите на меѓународните организации, во кои се тврдеше дека не постои поделеност меѓу партијата и државата.

Поврзани новости