АРХИВА: Кирии, реклами, тендери – што се крие зад децениската љубов меѓу Ѕинго и Груевски?

by Фокус

Текстот е објавен на 19.07.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1032

Социјалистите и десната конзервативна и националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви идеолошки допирни точки, но очигледно и во политиката спротивностите се привлекуваат, со оглед дека овие две партии успешно соработуваат десетина години, особено во ресорот земјоделство, каде што политиките ги крои ДПМНЕ, а ги спроведува СПМ. Во време на длабока политичка криза, кога другите „помали“ партнери на ДПМНЕ се дистанцираат од поголемиот брат, Ѕинговите социјалисти не калкулираат и отворено стојат зад премиерот Груевски. Зошто – дали ваквиот став е принципиелен отпор кон, нели, мрачните сили, или е базиран на партиски, политички или на некој друг интерес?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако никаде не се реткост таканаречени опортуни коалиции, кои немаат идеолошка врска, туку се темелат на една крупна и висока државна цел, или, пак, на гол лукративен интерес, сепак, долгогодишната соработка меѓу социјалистите на Љубисав Иванов – Ѕинго и десничарската конзервативна и националистичка ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски служи за карикирање и за илустрирање на апсурдноста врз која почива македонската политика и политичките односи.

Во време на длабока политичка криза, кога сите „помали“ коалициски партнери на Груевски отворено се дистанцираат од него или, пак, се повлекоа во длабока политичка сенка, чекајќи го епилогот од политичката разврска, единственото ГРОМ на Стевчо Јакимовски и Ѕинговите социјалисти безрезервно го поддржуваат поголемиот брат, со што покажуваат дека премиерот може целосно и до крај да смета на нив во оваа политичка војна.

Која е тајната за децениската речиси идилична љубов меѓу социјалистите и вмровците, двете политички опции со различна идеологија? Дали е тоа политичкиот и партискиот интерес на социјалистите, кои во рамките на оваа коалиција добиваат пратенички, министерски и директорски места? Или, пак, станува збор за штитење и остварување некои други интереси?

Како што е познато, газда Ѕинго и неговото семејство во политиката главно дејствуваат преку телевизијата Сител, која отворено ја поддржува актуелната влада, а таа, пак, ѝ „возвраќа“ со тоа што се рекламира, меѓу другите, и на овој ТВ канал. Исто така, кратовското семејство Иванови го контролира и управувачкиот пакет во моќниот Рударско-геолошки комбинат АД Силекс, гигант уште од времето на Југославија, кој и денес успешно и профитабилно функционера, соработувајќи и со државата.

НАСЛЕДНИЦИ НА АТРАКТИВЕН ИМОТ

Социјалистичката партија на Македонија, како што е дефинирано во нејзиниот партиски статут, е политичка партија со демократска социјалистичка ориентација, која ги продолжува револуционернополитичките традиции на напредната социјалистичка мисла на Македонија и вредностите на социјалистичкото работничко движење. Патем, таа официјално се прогласува за наследник на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија. Па, како правен наследник на оваа најмасовна општествено-политичка организација во некогашна Југославија, македонските социјалисти автоматски го наследија имотот на ССРНМ.

Притоа, дефинитивно најатрактивна е деловната зграда во строгиот центар на Скопје, каде што всушност е сместено седиштето на партијата. Според Катастарот на недвижности, станува збор за објект од 1.550 квадратни метри сместен на улицата 11 Октомври, веднаш спроти Градската болница. Објектите, ако се има предвид официјалната намена, главно ги користат државни институции. Како што порано пишуваше „Фокус“, а катастарот и денес ги потврдува истите информации, СПМ поседува земјиште од над 500 квадратни метри на улицата Орце Николов, во близина на Соборниот храм, каде што се наоѓа деловна зграда од 210 квадратни метри, како и објект од над 500 квадратни метри во населбата Тафталиџе.

Колку за потсетување, Законот за финансирање политички партии дозволува партиите да поседуваат имот и простории, но не смеат да вршат комерцијална дејност и да остваруваат профит, туку само да го користат за свои партиски потреби или, пак, за издавање под закуп. Така, финансискиот извештај на Социјалистичката партија покажува дека во 2014 година остварила 73.000 евра приход од закуп, што е пораст во споредба со претходната 2013 година, кога во партијата влегле речиси 62.000 евра. Ако се имаат предвид податоците дека во 2012 година за кирија социјалистите наплатиле 49.000 , а во 2011 година 39.000 евра, тоа значи дека подолго време постои нагорен тренд во приливот на средства во партиската каса од кирии и закупнини.

Оттука, партијата ја зајакнала наплатата од закупците, ја зголемила висината на кириите или, пак, третата опција подразбира дека социјалистите дополнително го зголемиле партискиот имот. Ако се види билансот на состојба на партијата, во вкупната актива или вкупните средства, во ставката градежни објекти во 2013 година наведена е сума од нецели 975.000 евра, додека во следната 2014 година стои сума од речиси 2 милиони евра, што е двојно повеќе од претходната година. Како што ни изјавија од партијата, имотот не е зголемен, туку зголемени се кириите согласно пазарните услови.

Инаку, вреди да се напомене дека оваа партија можеби не остварува поголеми вкупни приходи од четирите најголеми партии, кои генерираат големи приливи на средства по основ на членарини и донации, како партии со бројно членство и многу спонзори. Но, дефинитивно може да се каже дека социјалистите им конкурираат според учеството на приходите од кирии и закупнини во структурата на вкупните приходи. Доколку вкупните приходи на партијата изнесувале 127.000 евра, тогаш простата математика говори оти повеќе од половина се од закупнини, кои, во секој случај, се пресудни партијата да постигне позитивно салдо (во претходната календарска година позитивата е 58.000 евра).

ПАТОТ ОД СДСМ ДО ВМРО

Многумина сигурно го перцепираат Ѕинго како вечен лидер на социјалистите, меѓутоа тој ја презема претседателката функција дури во 1995 година, на вториот партиски конгрес, по смртта на првиот претседател Киро Поповски. Впрочем, тоа е една година откако социјалистите, по самостојниот настап на првите избори во 1991 година, на парламентарните избори во 1994 година настапија во коалиција со СДСМ и со Либералната партија. Овие избори ги бојкотираше тогашната опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската партија, по што цел мандат имаше парламент без опозиција.

Всушност, социјалистите беа сојузници со СДСМ на чело со Бранко Црвенковски, во време кога социјалдемократите беа цел на напади за криминално владеење, неправедна приватизација, непотизам и протекционизам. Сепак, треба да се признае дека се работи за период во кој земјата се соочуваше и со големи предизвици, кога државата требаше меѓународно да се етаблира, додека паралелно со соочуваше со ембарго од Грција и кога мораше да ја почитува блокадата на меѓународната заедница кон Србија. Подоцна се испостави дека ембаргото кон север го прекршувале многу наши бизнисмени, кои беа блиски до тогашната власт, но во меѓувреме се префрлија на другата страна, која имаше интерес да издејствува редистрибуција на капиталот.

Нејсе, по неколкугодишно сојузништво со, барем декларативно, идеолошки сродните социјалдемократи, социјалистите на парламентарните избори во 2002 година, настапија самостојно освојувајќи само еден пратеник, што беше силен сигнал дека оваа политичка партија е на политичкиот залез, ако се знае дека претходно освои 6 пратеници. Набргу по изборите во 2002 година, социјалистите формираа коалиција на таканаречениот „Трет пат“, заедно со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски и со Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Оваа коалиција се растура во пресрет на локалните избори во 2005 година, бидејќи Тупурковски застанува зад кандидатурата на Трифун Костовски за прв човек на Скопје, додека Иванов и Трајанов инклинираа кон ВМРО-ДПМНЕ, која тактизираше со поддршката за Костовски.

Како и да е, целата тогашна опозиција застана зад Костовски, а на парламентарните избори веќе следната 2006 година, Социјалистичката партија и Демократскиот сојуз настапија во предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Оттогаш, цели 10 години овие партии го негуваат сојузништвото со ДПМНЕ, кое не го преиспитуваат ниту по објавувањето на „бомбите“, и покрај тоа што тие покажаа дека не функционира уставното начело за поделба на власта, што е основен демократски постулат и индицираа можни изборни криминали и повеќе кривични дела. Ако Трајанов барем јавно почна да го критикува водечкиот партнер во коалицијата, иако не се осмели да ја напушти по примерот на Лиле Поповска од ДОМ, тогаш социјалистите застанаа целосно зад ДПМНЕ со ставот дека опозицијата на чело со Зоран Заев е дел од сценариото за дестабилизација на Македонија.

Во секој случај, од сите предизборни партнери на ВМРО-ДПМНЕ, кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“, социјалистите имаат најголема политичка корист. Доколку сите други имаат по еден пратеник и еден заменик-министер, тогаш социјалистите имаат: троја пратеници (Владанка Авировиќ, Стојан Миланов, Љупчо Димовски), министер за земјоделство (Михаил Цветков), заменик-министер за здравство (Јовица Андонов), градоначалник на Кратово (Мите Андоновски), а партијата го контролира и силното Јавно претпријатие ХС Злетовица.

МЕЃУ ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ И ПРОФИТОТ

Во ситуација кога не може да се пофали со поголема политичка сила и поразгранета партиска инфраструктура од другите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш, разбирливо, влогот што им обезбедува поголема политичка добивка на социјалистите e телевизијата Сител, која отворено ги поддржува ВМРО-ДПМНЕ и Груевски уште како опозиција непрекинато до денешен ден.

Тековната состојба од Централниот регистар покажува дека ова радиодифузно друштво, основано во далечната 1997 година со непаричен влог од пет и пол милиони евра, е во сопственост на компанијата за увоз-извоз „Монтеко“, каде што единствен сопственик е синот на Ѕинго – Горан Ивановски, кој воедно се јавува и како управител на телевизијата.

Од Здружението на новинарите на Македонија сметаат дека владата преку владини кампањи, со јавни пари, ги корумпира медиумите, единствено со цел да влијае врз нивната уредувачката политика, бидејќи голем дел од кампањите не се ниту од јавен интерес. ЗНМ неодамна објави анализа за трошењето на јавните пари во медиумите, врз основа на издвоените минути во телевизиите, односно заземената површина во весниците, во корелација со официјалните ценовници за чинење на рекламирање, имајќи предвид дека владата е нетранспарентна околу тоа колку точно пари троши годишно за реклами и по кој критериум одлучува во кој медиум ќе се рекламира. Од таму заклучиле дека владата за само 3 месеци потрошила 6 милиони евра за рекламирање во електронските и во печатените медиуми.

Од оваа сума, телевизијата Сител, според новинарското здружение, инкасирала нешто над еден милион евра за последните три месеци од 2014 година по основ на рекламирање на владата, владините тела и агенции, регулаторни тела и претпријатија во државна сопственост… Поточно, телевизијата требало да ја инкасира оваа сума, под претпоставка дека ѝ наплатила на владата според официјалниот ценовник, а не ѝ дала попуст. Реакција на оваа анализа на ЗНМ дојде од Медиумската асоцијација, каде што членуваат националните телевизии, меѓу кои и Сител, од каде што посочија дека наводите од анализата на ЗНМ се далеку од точни, од причина што сумите исплатени за телевизиите за емитување на јавни кампањи од општествен интерес се многукратно пониски од наведените. Но, не наведоа колкави се точните суми.

Финансискиот извештај на Сител за 2014 година покажува дека телевизијата остварила вкупни приходи од околу 8.750.000 евра. Колку од тие пари доаѓаат од владата и од владините институции за рекламирање останува непознато, но слободно може да се претпостави дека тие средства влијаат врз рентабилноста на друштвото. Расходите за истата година изнесуваат 7.450.000 евра, па оттука се доаѓа до чиста добивка од 1.300.000 евра што ја остварила телевизијата во изминатата година.

Покрај тоа, дел од приходите на телевизијата доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, особено во изборните години, кога владејачката партија масовно се рекламира на оваа телевизија. Ако во извештајот на ДПМНЕ до Државниот завод за ревизија за кампањата за парламентарните и претседателските избори во истата 2014 година не може да се најде Сител, како еден од низата донатори на партијата меѓу медиумите, тогаш извештајот за локалните избори во 2013 година покажува дека телевизијата е еден од најголемите донатори на владејачката партија со донација од 160.000 евра.

ПРИСТАП ДО ЈАВНИТЕ ДОБРА

На почетокот сопственик на Сител беше Ѕинго, но сопственоста му ја отстапи на својот син и по долги години и притисоци од јавноста почна да го применува Законот за судир на интереси, со кој се забранува вршители на јавни функции да поседуваат медиуми. И, овој потег, исто така, беше спорен од аспект на тоа дека телевизијата останува под контрола на семејството, но Законот за семејство им овозможи на функционерите да најдат излез без да мораат да ги продаваат телевизиите на трети лица – за семејство се сметаат само оние лица кои живеат заедно во исто домаќинство, на исто живеалиште.

Арно ама, на крајот Ѕинго мораше да избира – дали да ја продаде телевизијата, макар и фиктивно на близок човек, со кој не е во роднинска поврзаност или да се повлече од јавната служба. По многу години во парламентот, тој одлучи да се повлече од пратеничката функција, која дотогаш ја извршуваше како најстар пратеник во претходниот пратенички состав.

Но, иако се повлече од медиумската и јавната сфера, тој остана лидер на Социјалистичката партија и сѐ уште е претседател на Управниот одбор на АД Силекс, друштво од кое всушност извира неговата моќ во стопанскиот, политичкиот и во медиумскиот живот. Тој половина век е генерален директор на овој комбинат, односно од 1962 до 2004 година, а по приватизацијата на компанијата успева да дојде до мнозински пакет од акциите.

Моментално, тој има 54 отсто од акциите во друштвото, чија основна дејност е вадењето камен, но преку компании што ги основало АД Силекс се занимава и со производство, градежништво, земјоделство, сточарство, транспорт, обезбедување… Неговиот син, пак, сопственикот и управител на Сител, поседува 9,4 отсто од акциите и воедно е генерален директор на АД Силекс, додека останатите акции се расцепкани кај многу луѓе, така што ниту еден нема барем 5 отсто од акциите, и со тоа да располага со право на одлучување.

Според податоците од друштвото објавени од Македонската берза, Силекс во 2012 година работел со загуба, но веќе во 2013 и во 2014 година ја надминува кризата и работи во позитива. Од загуба од половина милион евра пред три години, Силекс минатата календарска година оди во чиста добивка од нецели 5 милиони евра. Барем дел од обртот на средствата се должи на пристапот до јавни пари и државно земјиште, со оглед дека фирмата добивала на концесија државно земјиште и склучувала договори за јавни набавки со државни институции.

Регистрите за концесионери објавени од Министерството за економија, кое е надлежно за доделување концесии, откриваат дека тоа склучило два договори со РИК Силекс за експлоатација на минерални суровини на два локалитети – Црн Врв во Пробиштип и Свиларе во скопски Сарај. На договорот за експлоатација мора да му претходи фаза на детални геолошки истражувања на локалитетите, за да се испита дали и во колкаво количество постои суровината што подоцна би се експлоатирала. Силекс склучил вакви договори за истражувања на бакар и злато во локалитетот Плавица и Црн Врв во Пробиштип и во Кратово.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, пак, друштвото на рударство и градежништво Силекс Неметали, едно од многуте компании основани од АД Силекс, во 2013 и во 2014 година склучило неколку договори за јавни набавки со Министерството за земјоделие и со Општина Кратово. Станува збор за четири посебни договори со Министерството за земјоделие за чистење на каналите за одводнување и наводнување, вредни вкупно половина милион евра. Истата компанија склучила договори со Општина Кратово за изградба на локален пат вредни вкупно 670.000 евра.

Ова е интересно од аспект што двете државни институции се раководени од кадри на Социјалистичката партија, кои биле или сѐ уште се дел од АД Силекс, каде што мнозинскиот управувачки пакет го има лидерот на социјалистите Иванов – Ѕинго. Имено, министерот Цветков е член на Управниот одбор на АД Силекс, додека градоначалникот Андоновски бил комерцијален директор на друштвото пред да стане градоначалник во 2005 година. До затворањето на овој број на весникот, од Министерството и од општината не одговорија на нашето прашање дали овде постои судир на интереси, а и од Антикорупциската комисија не одговорија дали ги испитале или треба да ги испитаат овие случаи.

СУБВЕНЦИИ ЗА РАЗВОЈ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ИЛИ ПОТКУП НА ГЛАСАЧИ?

Кога ВМРО-ДПМНЕ за првпат ја освои власта во 2006 година, социјалистите го посакуваа и го добија Министерството за земјоделие, бидејќи, како што навеле и во својата политичка програма, токму во земјоделството гледаат „голем потенцијал за излез од сегашната економска криза“. И покрај тоа што за овој ресор имаше голем интерес и од затворениот екс сопственик на А1 телевизија, Велија Рамковски, кој го меркаше ова министерство, на крајот тој ја згасна партијата, неговата земјоделска програма не стана дел од владината програма (иако де факто Владата презеде голем дел од неговите идеи), а Министерството за земјоделство до ден денес го раководат социјалистите.

Настрана што никој нема дилема дека земјоделската политика суверено ја крои единствено Груевски, кој се потпира на земјоделците како еден од трите главни столбови кои му обезбедуваат стабилност, заедно со административците и пензионерите, сепак, и социјалистите носат главна одговорност за состојбите во кои се наоѓа оваа сфера како субјект кој десетина години ги спроведува земјоделските политики, раководејќи со надлежниот ресор.

Владата постојано се фали дека милионските субвенции што ги одделува во земјоделството овозможуваат развој на овој сектор, но опозицијата и дел од стручната јавност критикуваат дека субвенциите се доделуваат по партиски клуч, со цел корумпирање на земјоделците за да гласаат на избори. Што велат официјалните податоци?

До 2009 година исплатата на субвенциите се одвиваше согласно предвидениот терк, но во периодот од 2010 до 2014 година има потфрлување во проекциите, бидејќи планирано било да се потрошат 600 милиони евра, додека реализацијата досега била 60-70 отсто. Разликата меѓу планираните и доделените средства за оваа намена ја потврди и минатата година, кога во Програмата за земјоделство и рурален развој биле планирани 102 милиони евра за субвенции, но на 2 јуни 2015, крајниот рок за исплаќање, цели 66 милиони евра не се исплаќаат и се префрлаат како долг во 2015 година.

Од платежната Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој велат дека од ветените 140 милиони евра за 2014 година, до крајниот законски рок се исплатени 95 отсто од субвенциите, а 5 отсто биле со непотполна документација. Арно ама, бројот на апликанти опаднал од 93.000 на 70.000, што, според опозицискиот СДСМ, се должи на загубената доверба во исплатата на овие средства и опаѓањето на бројот на земјоделци поради масовното иселување на младите од државата.

Како и да е, наспроти големите пари потрошени за субвенционирање на земјоделците, обработливите површини се намалени за околу 30 отсто, или за околу 200.000 хектари, додека наводнуваните површини се намалени за 36 отсто. Огромни површини државна земјоделска земја со години не се обработува, па бројката од 200.000 хектари напуштена земјоделска земја секоја година се зголемува. Според некои проценки, една третина од земјата не е обработена.

Наспроти тоа, само пченица сега се сее на 30.000 хектари помалку во споредба со 2006 година, а, освен во овоштарството, има намалување на речиси сите култури, па така се садат над 5.000 хектари помалку лозови насади, а шеќерната репа од 6.000 хектари сега е сведена на нула. Од друга страна, во изминатиот период увозот на храна е повеќе од двојно поголем од извозот, а државната статистика посочува оти увозот на храна е зголемен за 30-40 отсто во последните 5 години. Показ на апсурдноста во овој сектор е тоа што од околу 700 милиони увоз, само 100 милиони се за земјоделски производи кои не се произведуваат кај нас, како јужно овошје, кафе, морски плодови, додека останатите се за месо и млеко, масло за јадење, шеќер…

Сето тоа оди во поткрепа на констатацијата дека субвенциите се трошат ненаменски, па и им даваат димензија на уверливост на обвинувањата дека се делат во партиска линија исклучиво за поткуп на гласачи. Веќе пишувавме дека многу од земјоделците што добиле субвенции, се јавуваат како донатири на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

Фокус“ разговараше со производител на прехранбени производи од Куманово, кој тврди дека неколку години не добил субвенции, иако неговото барање е одобрено, само затоа што важи за поддржувач на спротивната политичка страна. И други земјоделци се жалат дека не добиваат субвенции од политички причини, а има и такви кои велат дека не можат да располагаат со земјоделското земјиште за кое уредно плаќаат закуп, но никој не се осмелува јавно да проговори.

ЗЛОУПОТРЕБИ СО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ

А, доделувањето на субвенциите, кое оди преку независна агенција, зависи токму од поседот на земјоделското земјиште, кое под концесија го издава Министерството за земјоделство, долги години раководено од социјалистите. За доделувањето на ова земјиште, постојат многу обвинувања за злоупотреби. Според некои познавачи, луѓе блиски на власта добиваат земја под концесија, ги пријавуваат површините за субвенции, парите ги земаат, а земјата потоа ја враќаат под изговор дека не им се исплати производството.

Потоа, уште еден начин на злоупотреба на субвенциите е заработка на концесионерите преку издавањето под кирија на трети лица кое е забрането со закон, но, секако, се толерира – родот оди во рацете на земјоделците, а субвенциите му остануваат чисти на концесионерот. Упатените посочуваат оти ваквата појава е најчеста кај тутунопроизводителите, еден од најсиромашните слоеви граѓани, кои немаат земја и се принудени да земат под кирија.

Покрај случаите каде свесно или како резултат на административна грешка, за една земја се склучени договори за концесија со двајца земјоделци истовремено, треба да се спомене и тоа што земјоделци не можат да обработуваат уредно добиено земјиште, поради локални моќници што го узурпирале. Дознаваме дека во судовите низ Македонија се водат низа судски процеси за узурпација на земјоделско земјиште, кои дури доколку завршат во корист на тужителот, неговата штета е нанадоместлива.

Очигледно, состојбите во земјоделството се такви како што се, бидејќи вложените пари не даваат соодветни и сразмерни ефекти, но затоа на социјалистите, на Сител и на Силекс одлично им оди, без разлика дали тоа е од кириите од државни институции, владините реклами, или јавните пари и земјиштето. Можеби тоа не го создава најголемиот дел од нивните приходи, но којзнае – можеби ја прави разликата од минус до плус.

 

Љупчо Димовски, генерален секретар на социјалистите и пратеник
НЕ СМЕ ГО ЗГОЛЕМИЛЕ ИМОТОТ, ТУКУ КИРИИТЕ

Љупчо Димовски, генерален секретар на Социјалистичката партија и републички пратеник, вели дека партијата уредно си ги пријавува приходите од закупнините и си плаќа данок за издавање на просториите што ги поседуваат.

Не сме го зголемиле имотот, ги поседуваме истите објекти во Скопје кои ги имавме досега. Приходот од закупнини е зголемен бидејќи кириите се зголемени согласно пазарните услови – посочува Димовски.

Димовски, кој пред да стане пратеник по минатогодишните парламентарни избори ја извршуваше функцијата министер за земјоделство, вели дека земјоделското земјиште, врз основа на кое се издаваат и субвенции, се давало под закуп согласно законот.

Се објавува јавен оглас на кој може да се пријави секој, при што земјиштето ќе го добие тој што ќе достави најповолна понуда и програма. Надлежниот инспекторат за земјоделство врши контроли дали закупецот се придржува до програмата, како и низа други евентуални нерегуларности – вели тој.

Актуелниот пратеник посочува оти додека бил министер не потпишал договор за јавна набавка со Силекс.

 

Татјана Прентовиќ, универзитетска професорка и претседателка на комисијата за земјоделство на СДСМ
НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ НАД 200 МИЛИОНИ ОД ВЕТЕНИТЕ СУБВЕНЦИИ

Универзитетската професорка Татјана Прентовиќ, која воедно е претседателка на Комисијата за земјоделство во СДСМ, вели дека завршните сметки од буџетот покажуваат оти висината на исплатените субвенции не ги следи ветувањата на владата, односно дека исплатени се само 70 отсто од ветените субвенции, а остатокот постојано се префрлува како долг во следната година.

За последните 5 години субвенциите не се во целост исплаќани во просек од 30 отсто. Јавноста треба да знае дека од 2008 година се прескокнати над 200 милиони евра, пари што се обврска на секоја влада кон земјоделците, а не кон нивните гласови за избори – истакнува Прентовиќ.

Таа додава дека субвенциите се најголема карта во лицитацијата за изборна победа, што, за жал, го уништи македонскиот аграр.

 

Ленче Николовска, поранешна претседателка на парламентарната комисија за земјоделство
ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ДОБИВААТ ФУНКЦИОНЕРИ И ЛОКАЛНИ МОЌНИЦИ

Распределбата на државната земјоделска земја можам слободно да констатирам дека е исклучиво по партиска линија, односно земја добиваат луѓе блиски на власта и тоа советници, претседатели на месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници од редовите на владејачките партии и локални моќници кои ги создаде власта во служба на агитирање и притисок врз земјоделците за избори, вели Ленче Николовска, поранешна претседателка на парламентарната Комисија за земјоделство.

Разработената шема е – луѓе блиски на власта добиваат земја под концесија, ги пријавуваат површините за субвенции, парите ги земаат, а земјата потоа ја враќаат под изговор дека не им се исплати производството. Ни концесија плаќаат, ни ја обработуваат земјата, а субвенциите им остануваат в џеб – објаснува Николовска.

Според неа, уште еден начин на злоупотреба на субвенциите и дополнителна заработка на концесионерите е преку издавањето под кирија на земјиштето на трети лица, додека има голем број случаи кога иста државна земјоделска земја е дадена на двајца концесионери.

Поврзани новости