АРХИВА Каде пукна тиквата меѓу телохранителот Митревски и неговиот шеф Груевски: Втор жолт картон за Урко од фамилијата!

by Fokus

Текстот е објавен на 12 септември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 988

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Кога на некој ќе му ја дадете сета моќ, прашање на време е кога тој ќе почне да аздисува и да бара повеќе и повеќе. Тоа го гледаме каде и да се свртиме, барем тоа не е тешко во нашава Македонија. Најдобар показател за тоа се верните соработници на премиерот Никола Груевски. Дејан Митровски – Урко, човекот кој 15 години верно го следеше и штитеше премиерот, сега е суспендиран. Причините за тоа можеме само да ги погодуваме, но тргнувајќи од она што се влече во последниве неколку години, почнувајќи од случајот Мартин Нешкоски, па сѐ до битката за превласт меѓу агенциите за обезбедување, може да се изгради и досие Урко, кое е малку подлабоко од она што го гледаме низ медиумите, а тоа е дека тој е само еден мачомен по кого наводно копнеат сите жени во Македонија.

ВЕРНАТА СЕНКА ИЛИ МОЌНИОТ БРАТУЧЕД?

Според оние што ги познаваат релациите меѓу Груевски, Урко и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, долго време тлееше тензијата меѓу овие лица. Од една страна, Груевски го имаше својот верен и лојален соработник, а од друга страна неговиот братучед Мијалков, за кој се тврдеше дека не е во најдобри односи со верниот човек на премиерот. Груевски, очигледно, мораше да најде некаква средина за да ги задржи добрите релации со двајцата. Но, златната средина не издржа долго. Па, така, суспензијата на Урко во моментов се гледа како една последна порака до него „да не чепка таму каде што не му е местото“. Барем така велат тие што добро ги познаваат состојбите. До кога ќе трае суспензијата останува нејасно, но јасно е дека Груевски тешко ќе најде толку лојален соработник, па така сега му се дава мала пауза за работите да си дојдат на свое место, пред да ескалира ситуацијата.

Колку за потсетување, Дејан Митровски – Урко му е телохранител на Груевски од првиот ден кога седна во фотелјата министер за финансии. Со него остана и додека беше во опозиција. Со доаѓањето на Груевски на функцијата премиер неговиот прв телохранител стана алфа и омега и во полицијата, но и во многу бизниси во државата. Во сите овие години заедничка дружба, дури и двајцата магистрираа! Груевски стана магистер за економија, а Урко магистер за дипломатија. Неговата магистерска теза беше „Менаџирање во современата дипломатија на Република Македонија“.

Како и да е, факт е дека лојалноста се наплатува, па така и Урко не остана само на тоа да го чува Груевски од внатрешните и надворешните непријатели. Во полн ек му работеше агенцијата за обезбедување „Лупус“, а и фитнес-центарот „Магнус“. Кои други придружни бизниси ги имал, може само да се шпекулира, но упатените велат дека имало повеќе дополнителни бизниси со кои братучедот на Груевски не се согласувал и не ги одобрувал. Па, така Груевски се најде во теснец, да избира меѓу верната сенка или моќниот братучед.

 ОДАМНА СЕ НАЅИРАШЕ СУСПЕНЗИЈАТА НА УРКО

 Уште пред неколку години, „Фокус“ пишуваше дека агенцијата за обезбедување „Лупус“ на Дејан Митровски – Урко се повлекува од пазарот, веднаш откако агенцијата СГС (Секјурити Груп Сервисис) која се смета за блиска до владејачките структури почна масовно да го освојува пазарот. Откако агенцијата СГС со брзина на светлината ги добиваше тендерите, Урко ја почна постапката за повлекување од агенцијата за обезбедување „Лупус“. Сопственичкиот дел (кој гласеше на името на неговата сопруга) го препушти на неговиот дотогашен партнер и кум Влатко Стефановски – Рамче, чија, пак, сопруга беше исто така еден од основачите на агенцијата.

Сето тоа се случуваше многу суптилно. Најпрво, ако се обидувавте да ја отворите веб-страницата на „Лупус“, со големи букви стоеше единствено „Forbidden“ (Забрането). Уште пред неколку години „Фокус“ го поставуваше прашањето дали тоа „Лупус“ е забранета, на сметка на новата агенција СГС.

Во тоа време се ширеа и шпекулациите дека Урко се повлекува од профитабилнитe бизниси поради заострените односи меѓу него и полицискиот врв. Дали е тоа вистина, никогаш не се дозна бидејќи, очекувано, никој не сакаше да зборува официјално. Исто како што никој не сака да зборува ниту сега, по објавените информации дека Дејан Митровски е суспендиран од работната позиција.

Единствените информации што можеа да се добијат во јавноста е изјавата на портпаролот на МВР Иво Котески, кој единствено изјави дека Дејан Митровски – Урко е привремено суспендиран од работната позиција. За оваа, како што Котески ја нарече, „интерна постапка“, тој упати на Владата.

Поради интерната постапка, пак, од МВР само изјавија дека за нов телохранител на Груевски повторно ќе биде поставено лице од Шестата управа на МВР, но одбија да го соопштат неговото име поради заштита на приватноста.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, пак, одби да даде повеќе детали за причините, наведувајќи дека нема што да додаде на изјавата од портпаролот на МВР, Котески.

Тоа што зачудува по интензивната „дружба“ на Урко и на Груевски, е како беше можно таа да заврши со само една штура изјава од портпаролот на МВР, без конкретно да се наведат гревовите на првиот обезбедувач?!

ИСТОРИЈАТА Е ДОЛГА И СЕ ПОВТОРУВА

Но, дали Груевски се откажува од него или не, се уште останува неизвесно. Наводно треба да заврши постапката за дисциплинска одговорност, односно интерната истрага пред да се знае конечниот епилог.

Познатиот кик боксер Дејан Митровски Урко беше недостапен за изјава за „Фокус“. Се обидовме да го добиеме и на неговиот мобилен телефон и писмено му се обративме, но одговор не добивме. Како и да е, ако подобро се изанализираат работите, дури и за опозицијата пред неколку години беше јасно дека нешто едноставно не штима во односот премиер-телохранител-братучед и дека проблемот настанал поради бизнис тензии.

Она што тогаш почна да се шири како информација е дека Груевски лично ги повикал Мијалков и Урко во неговиот кабинет, за да ги смирува тензиите.

Понатаму, името на Урко почна да се провлекува по убиството на младиот Мартин Нешкоски на плоштадот Македонија, во јуни 2011 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата. Социјалните мрежи и блогови вриеја од коментари од типот:

Спасов брутално го претепува и го треска од метална клупа, по што, поради излив на крв во мозокот, младиот Мартин Нешковски го губи животот. Подоцна разбравме дека тој всушност, да ти бил полицаец и тоа не обичен, туку специјален и припадник на една од појаките полициски единици во Македонија. Тој истовремено да ти бил и дел од поширокото обезбедување на премиерот под команда на прочуениот Урко. Обезбедувањето на премиерот го координира МВР. Тоа што истовремено, лицата од тој тип се и газди на агенции за обезбедување, тоа нема врска. Формално правно, обезбедувањето е под надлежност на МВР и сите тие лица задолжени за тоа, се под МВР.“

Потоа, се случи акцијата „Детонатор“, за која останаа да тлеат сомнежи дали станува збор за битка против криминалот или внатрепартиска пресметка за тоа кој да го земе приматот во профитабилниот бизнис на обезбедувањето.

За тоа како функционира овој бизнис многупати сме пишувале. Рекетот, уцените и заканите се главната алка, особено што зад секоја агенција за обезбедување, ајде што стои партија, туку стои висок функционер во МВР. Пардон, негова сопруга. Да не зборуваме за тоа дека Урко во одреден период, по ребрендирањето на Лупус, буквално го снема. Неговиот лик не „ѕиркаше“ на ниту една фотографија додека министерката Гордана Јанкулоска, тогашниот директор на Бирото за јавната безбедност Љупчо Тодоровски – Радникот и Мијалков гордо се сликаа пред полициските станици и автоматите за коцкање. Па така, се случија „Детонатор“ без Урко, а потоа и неговото повлекување од агенцијата „Лупус“, агенција која во меѓувреме се ребрендираше.

Сега, се случува и неговата суспензија. Познавачите, кои ни под разно не сакаат јавно да коментираат, велат дека зад сето ова нема еден виновник. Виновници се повеќе лица, па дури и самиот Урко кој веќе имал добиено еден жолт картон, а ова бил вториот.

СЕКОГАШ ПОБЕДУВА НАЈМОЌНИОТ

Да се вратиме на почетокот. Она што го велат познавачите е дека оној што ќе добие преголема моќ, често знае да ја злоупотреби. А сите знаеме како се злоупотребува моќта. Легално, сигурно не. Оттаму, останува да видиме што ќе преовладее. Дали личното пријателство меѓу премиерот и неговиот прв обезбедувач или пак интерната истрага ќе покаже дека „вака веќе едноставно не се може“. Што и да преовлада, досието на Урко и целата негова историја со Груевски и тоа уште како се дебели. Носат историја од времето на Љубчо Георгиевски кога Груевски беше министер за финансии, потоа во опозиција, а потоа и власт. За сето тоа време, се случија многу работи, за кои малку се знае, а уште помалку се зборува. Особено кога станува збор за шестата управа, обезбедувањето, агенциите за обезбедување, УБК и што уште не.

Тоа се деловите од општеството каде што преовладуваат бизнис интересите, а секогаш победува најмоќниот.

РАМКА 1

Што и да се случи, Магнус останува

Фитнес центарот „Магнус“ се поврзува со сега суспендираниот телохранител на Груевски, Дејан Митровски – Урко. Според податоците од Централниот регистар, овој фитнес центар се води на името на сопругата на Урко, Ирена Митровска. Таа е и директор и управител на фитнес центарот Магнус, но фотографијата на Урко стои во делот за информации.

Сопственикот на Магнус фитнес центарот е дипломиран професор по физичко воспитување, кој што поседува огромен број на признанија и сертификати од областа на бодибилдингот и кик-боксот. Доколку имате потреба за било какво прашање или ви треба помош за полесно и поефикасно да ги совладате вежбите, на располагање ви стојат нашите врвни лиценцирани инструктори со големо искуство. За МАГНУС фитнес -центарот да биде комплетно опремен се потрудивме да обезбедиме и освежителни пијалаци, туш кабини и соблекувални со магнетни клучеви“, пишува на веб-страната на Магнус.

РАМКА 2

Мачотипот, кој е сон за секоја жена…

Непосредно пред да се објави веста за суспендирањето на Урко, медиумите беа преплавени со фотографии од телохранителот на Груевски и текст за „мачотипот кој е сон на секоја жена“.

„Првиот човек кој што го чува премиерот Груевски уште од периодот кога беше министер за финансии, Дејан Митровски-Урко, на фоткиве може да се забележи дека е во континуирана форма и дека одлично изгледа на плажа. Неговото убаво вајано тело, не можете, а да не го забележите, посебно кога е разголен на плажа. На овие фотки кои тој ги постираше летово, Урко изгледа милион долари. Кик-боксерот редовно е во теретана  и вежба повеќе од 20 години. Мачотипот е сон на секоја жена, а ние ве оставаме да уживате со Урко и со неговата фотогалерија“, пишуваа дел од медиумите поставувајќи фотографии од телохранителот на премиерот.

Профилот на Фејсбук каде што беа постирани тие фотографии, сега е затворен.

Поврзани новости