АРХИВА Интервју со Зијадин Села: Скандалот со прислушувањето треба да заврши со оставки и затворања!

by Фокус

Интервјуто е објавено на 27.02.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1012

Села е вклучен во самото основање на ДПА во почетокот на деведесеттите години, кога впрочем беше урнат монополот на ПДП во албанскиот политички блок. Десетина години подоцна, тој стаса во врвот на партиската хиерархија, беше избран за пратеник во парламентот, каде се афирмираше доволно успешно за на локалните избори во 2013 година да победи во градоначалничката битка практично против сите партии – ДУИ, ВМРО и СДСМ. По парламентарните избори минатата година, тој беше последната алка од новото парламентарно мнозинство заедно со ДУИ и СДСМ, против кои се бори на овие локални избори во Струга и во другите општини. Што говореше Села во интервју за Фокус пред 2 години, кога беше актуелна аферата со прислушувањето?

Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Кога, како и зошто кулминира конфликтот меѓу Вас и Мендух Тачи?

СЕЛА За тоа треба да одговори Тачи, бидејќи јас ниту планирав да се случи тоа што се случи, ниту имав некоја причина. А, крајно време беше ако ДПА загуби на изборите, како што и се случи, одговорноста да се побара таму каде што треба, а тоа значи оставка на Тачи. Во случај на изгубени избори, јас ќе го барав тоа јавно и во централното собрание на ДПА како највисок орган на партијата помеѓу два конгреси. Исто мислеше и голем дел од централното претседателство, пратениците, тоа беше тема на дебата меѓу високото членство на ДПА за излез од ваквата ситуација и кај тие што уште се дел од екипата на Тачи. Тоа што тој го направи пред изборите беше со едниствена цел да опстане како претседател на ДПА, додека за победа на изборите од страна на ДПА не верувам дека било кога водел сметка.

ФОКУС Што ви рекоа луѓето што сметале дека Тачи треба да замине од чело на ДПА, бидејќи од она што досега е познато – ниту еден од поистакнатите функционери на ДПА не се приклучи кон движењето што го покренавте за реформи во партијата?

СЕЛА Тоа не е вистина. Голем дел од централното претседателство на ДПА се приклучи кон ова движење, екс пратеници и министри на ДПА, претседатели на ограноци… Не се приклучија сегашните пратеници на ДПА. Можеби се плашат, можеби се уценети, можеби поважна им е пратеничката плата отколку судбината и иднината на народот и членството на ДПА. Едно е сигурно – или правеа лице тогаш кога заедно зборувавме за судбината на ДПА и членството или сега му прават лице на Тачи дека наводно го поддржуват.

ТАЧИ Е ЦАР МЕЃУ ГУБИТНИЦИ

ФОКУС Ако разбирам добро, дали сакате да кажете дека Тачи се обидел да го пресретне вашиот обид да побарате негова оставка по изборен неуспех со ваша политичка елиминација.

СЕЛА Нема друго објаснување. Тачи беше многу свесен дека во шестата изборна единица, чиј носител на пратеничка листа беше тој, ќе ги изгуби изборите, а дека јас во „петката“ ќе ги добијам. Е, сега, ќе се повтореше ситуацијата од локалните избори, кога Тачи загуби во Тетово, а јас победив во Струга. Тој почна да работи на две димензии. Прво, мене политички да ме елиминира од ДПА ако не прифатев принудена листа од негова страна. Второ, ако ја прифатев неговата листа за пратеници со таков носител на листата, за кого Тачи беше свесен дека нема поддршка од членството, а камо ли од пошироката јавност во Струга, дека ние и во оваа изборна единица ќе ги изгубевме изборите. Имајќи предвид дека и победата и поразот на овие избори во „петката“ ќе ми се препишеа мене, Тачи работеше преку еден никаков кандидат за втората варијанта. И на ваков начин сите ќе бевме рамноправни губитници со никакво право да побараме одговорност од најголемиот губитник – Мендух Тачи. Впрочем, тоа и е неговиот однос со сегашните пратеници на ДПА. Тој царува во претседателството на губитници и им дава до знаење дека тие се тука заради негова милост.

ФОКУС Дали Тачи работел за кандидатот на ДУИ во Струга на локалните избори во 2013 година за да ве девалвира откако ќе претрпите пораз, како што има информации дека работел за кандидатот на ДУИ во Гостивар само за да загуби Руфи Османи, иако и двајцата се прокламирана опозиција?

СЕЛА Во Гостивар работел директно и јавно против Руфи Османи, а во Струга не е вистина дека работел за кандидатот на ДУИ, бидејќи немаше потреба за тоа, со оглед дека сите показатели покажуваа дека мојот противкандидат ќе победи, па моето девалвирање ќе беше неизбежно, иако, за волја на вистината, мора да се каже дека тој не беше присутен во вториот круг на изборите кога требаше да се соочам со заедничкиот кандидат на ВМРО-СДСМ. Коалицијата меѓу ДУИ, ПЕИ и Нова Демократија, имајќи ги предвид резултатите од парламентарните избори во 2011 година, сите заедно имаа 14.000 наспроти 5.000 гласови кои јас тогаш ги имав. Ама, ете, излезе дека народот…

ФОКУС Како се случи тогаш да прифатите градоначалничка кандидатура во вакви услови?

СЕЛА Јас ги знаев овие работи, не бев политички наивен. Не дека сакав да се кандидирам за градоначалник на Струга, ама во животот не бегам од одговорност. Тачи инсистираше цело време. Можеби неговата цел беше да се развие и прошири еден политички фронт од Тетово до Струга. Тоа беше и една од причините зошто прифатив да се кандидирам. Но, најодлучувачки не беше инсистирањето на Тачи, туку надежта на членството на ДПА дека преку мене може да се добијат локалните избори во Струга.

ГО РАЗБИВ ЕТНИЧКИОТ БЛОК И ВОВЕДОВ ЗАКОНИЕ ВО СТРУГА

ФОКУС Пред изборите обвинувавте дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористила Управата за јавни приходи, полицијата и другите полуги на власта во корист на македонскиот кандидат, но после изборите коалициравте со оваа партија на локално ниво. Зошто?

СЕЛА После изборите поминаа неколку месеци пред да се направи коалицијата. Тогаш имаше иницијативи за коалицирање и со други фактори, бев отворен кон сите кои се дел од советот. Сфатете го тој политички потег како обид за лекување од опасниот синдром кој ја зафати Струга за време на локалните избори и мислам дека успеавме до некаде да ја залечиме. Локалните избори во Струга ги продлабочија меѓуетничките поделби за што придонес даде македонскиот политички фактор со тоа што излезе со единствен кандидат, и покрај заострените односи меѓу ВМРО и СДСМ на државно ниво, особено после збиднувањата на 24 декември во собранието. И второ, цела една машинерија на власта беше упатена против Албанците на вториот круг на изборите. Со коалицијата што ја направив после неколку месеци од изборите успеавме да спречиме Струга да биде поделена на две големи етнички бллокови, бидејќи таквата поделба ќе доведеше до продолжување на меѓуетничките тензии и немири.

ФОКУС Како една коалиција на локално ниво може да влијае врз меѓуетничките односи во целина?

СЕЛА Не треба да се заборава дека локалната власт е техничка и не може да ги реши меѓуетничките проблеми во државата, а може да биде опасно тло тие да се продлабочат. Има и еден друг практичен момент за ваквата коалиција. За жал, процесот на децентрализација на локалната власт предвиден во Охридскиот рамковен договор не успеа и централизацијата е поголема од било кога, па невозможно е да се функционира без соработка со централната власт. Всушност, тоа беше заклучок и на советниците од македонската опозиција во време кога се правеа напори за коалицирање. Притоа, Струга се наоѓа и во тешка финансиска ситуација имајќи предвид дека ние плаќаме кредит кој е земен за општина Охрид.

ФОКУС На ваша адреса стасаа многу обвинувања за корупција и непотизам во Струга откако ја преземавте власта. Колку има вистина во тоа дека поголем дел од вашата потесна и поширока фамилија сте ја вработиле во општината?

СЕЛА Ако зборувате за обвинувањата на луѓето од Тачи кои малку ги има во Струга, се знае зошто го прави тоа против мене и во Гостивар против Османи. Господинот, кој има една нејасна желба да се бори да биде вечен лидер на опозицијата, заврши работа во Гостивар со тоа што на многу неморален политички начин поддржа кандидат на ДУИ за локалните избори. Ако слушаш од кого се тие обвинувања ќе ви биде јасно дека нема никаква вистина во таквите тврдења. Јавна тајна е дека Тачи од политиката стана милионер. Овие обвинувања доаѓаат од претседтелот на огранокот на партијата на Тачи во Струга, Менди Хасани, екс градоначалник на тогашната општина Делогожди, кој е осуден со правосилно решение на струшкиот основен суд за злоупотреба на службената должност во времето кога беше градоначалник. Тој доби условна казна затвор и мораше да врати одредена сума пари на општина Струга. За неговите обвинувања за непотизам тој е обвинет за клевета. За овие две години во Струга немало политички реваншизам како што е случај во други општини.

НАШИОТ КОНГРЕС Е ЛЕГАЛНИОТ РЕДОВЕН КОНГРЕС НА ДПА

ФОКУС Како се развива вашата идеја за реформи на ДПА?

СЕЛА Сега сме во фаза кога треба да заврши зачленувањето во партијата и почнуваме со оддржување собранија на подограноците, кои ќе избираат претседателства и претседатели на подограноците и ќе делегираат делегати за собранието на огранокот, како и предлози за делегати на конгресот. После истото треба да се случи и со ограноците, кои дополнително ќе дадат предлози за централното претседателство. И на 21 март ќе се оддржи конгресот за избор на претседател.

ФОКУС Дали ова е создавање на паралелна структура во ДПА, која веќе оддржа конгрес на кој беше реизбран Тачи за претседател?

СЕЛА Јас велам дека ова е вистинската ДПА која прави редовен конгрес. Последниот конгрес на ДПА беше оддржан на 21 март во 2011 година и затоа држиме редовен конгрес после 4 години. Конгресот што го одржа Мендух Тачи е параконгрес. Во нашата иницијатива е повеќе од 80 отсто од членството на ДПА. Притоа, има и други луѓе кои никогаш не биле партиски членови, а има и членови од ДУИ и други политички.

ФОКУС Што е спорно во предвремено одржаниот конгрес на кој за лидер на ДПА беше реизбран Тачи?

СЕЛА Претседателот на комисијата за организирање на конгресот на Тачи, Орхан Ибраими, најави дека очекуваат одредени збиднувања и ќе го оддржат конгресот пред време. Ако конгресот е вонреден, тогаш зошто јас не сум поканет на него, заедно со 90 отсто од делегатите избрани во 2011? Ако е вонреден, правото на прогласување вонредна состојба го има централното собрание на ДПА, а не Ибрахими преку прес-конференција. Таква одлука нема и тоа е во спротивност со статутот на партијата, кој му дава легитимитет на еден конгрес. Ако бил редовен конгрес, тогаш зошто немаше евидентирање на членството и не се организираа собранија на подограноците туку директно се отиде со собранија на ограноците? Во статутот стои точно кој делегира делегати за во собрание на огранок и на конгрес, тоа се подограноците. Сега сме сведоци дека Тачи направи конгрес и сега е во фаза на формирање на подограноци, што е доказ на она што ние го тврдиме дека не се оддржани собранија на подограноците. Прашањето е кој го делегирал Тачли за да биде делегат во конгресот и да се стекне со право за да се кандидира за претседател?

ФОКУС Кога ќе поведете правна битка за ДПА, ако цврсто верувате дека е прекршен статутот?

СЕЛА Не мора да одиме по судови. Тоа зависи од текот на конгресот. Статутот му гарантира на секој член да избира и да биде избран, што значи дека секој има право да се кандидира и за претседател на партијата. Не знаеме дали и Тачи е зачленет во партијата и дали неговиот подогранок ќе го делегира за делегат на конгресот, со што би добил право за да се кандидира за претседател. Ако победи, мислам дека нема да има потреба од судски спор. Ако загуби или не се појави, новиот претседател ќе треба до него писмено да се обрати за да ги врати печатите во определен рок. Ако тоа не го стори, ќе има судски спор.

ОВАА ИНИЦИЈАТИВА ГИ ЗБЛИЖИ КОНКУРЕНТИТЕ

ФОКУС Колку верувате во независноста на судството?

СЕЛА Сум бил скептичен и не сум верувал, а сега повеќе од јасно е дека тој поим го нема во Македонија. Јасно ми е дека Тачи е близок со владеачките партии, ВМРО или ДУИ, истите тие кои го држат под целосна контрола судството. Да веруваш во правда и во судство се две различни нешта. Јас верувам во правда. Чудно е што после мојата иницијатива се зачестија средбите на Тачи и Ахмети. Тоа е добра вест.

ФОКУС Нели се легитимни средбите меѓу политичките лидери, без разлика дали едниот во власта, а другиот во опозиција?

СЕЛА За која опозиција зборувате? Тачи не е во опозиција, тоа е ваш впечаток или поточно кажано – впечатокот кој Тачи сака да го создаде во општеството. А, фактите покажуваат нешто сосема друго!

ФОКУС Кои факти?

СЕЛА Гласаше ли Тачи за кандидатот на ВМРО за претседател на државата? Успеа ли во советот за безбедност да вметне негов член? Гласаше ли за Трајко Вељаноски за претседател на собранието? Го легитимираше ли буџетот за 2013 година кога ги натера пратениците на ДПА да гласаат против буџетот, и покрај тоа што целата опозиција имаше став да го бојкотира гласањето на тој буџет? ДПА уште во 2012 година имаше став за неприсуство на гласање буџет кој ги краде парите на Албанците. Јас излегов на прес како тогашен пратеник и го соопштив овој став. На 24 декември 2012 мене ми наместија некоја си дебата во Штуловиот универзитет за евроинтеграции за после Тачи да им нареди на другите пратеници да гласаат против буџетот со што го легитимираше, правејќи им услуга на ВМРО и ДУИ.

На кои протести сте го виделе Тачи да ги предводи граѓаните кога тие се незадоволни. Каде беше Тачи кога се протестираше против „Монструм“?

ФОКУС Доколку ја загубите битката за брендот ДПА, тогаш ви останува да формирате нов субјект, како што тоа се случи со ВМРО-Народна кај десницата и со НСДП кај левицата, по одвојувањето од ВМРО-ДПМНЕ, односно СДСМ? Ниту една од нив не успеја да ја надмине матицата…

СЕЛА Не е ДПА еден партиски печат. ДПА е партија која е формирана од луѓе кои дале илјадници години затвор за правото на Албанецот и во екс Југославија, па и сега. ДПА е решение за положбата на Албанците во државата, ДПА е членот на ДПА, ДПА е политичката платформа на ДПА, ДПА е новиот политички договор од кој Тачи се одрече за време на предвремените парламентарни избори 2014 година. ДПА сме ние кои го браниме тој договор. Конечно, ДПА е идеја главно зацртана од Арбен Џафери, но и од низа други политичари – и дејци кај Албанците во Македонија. Затоа, матицата е таму каде што е идеологијата, а тоа е кај нас.

ФОКУС Значи, вашата политичка платформа ќе биде новиот договор за уредување на односите во општеството промовиран кога уште жив беше првиот претседател на ДПА Џафери!?

СЕЛА Македонија не може да функционира добро ниту за Македонците, ако нема целосна контрола над институциите и од страна на Албанците. А тоа може да се постигне преку новиот политички договор на ДПА.

Џафери е идеен креатор на ДПА и на политичката платформа. Тој важеше за политичар кој придонесе многу за албанскиот народ, беше голем политичар со идеи. Ќе се водиме според неговите идеи, но денешницата има и нови предизвици кои ние треба да ги решиме.

ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР ОД НЕШТО ОПИПЛИВО СЕ ПРЕТВОРИ ВО ДУХ

ФОКУС Како ја замислувате да биде уредена таа држава, бидејќи барањето за дводомен парламент не е вообичаена карактеристика на унитарните туку на федеративните држави?

СЕЛА Врз унитарниот карактер на државата цели овие 14 години после потпишувањето на Охридскиот рамковен договор удираа самите тие кои сакаа да ја зачуваат, а тоа се македонските политички партии. Ако сакавте унитарен карактер, тогаш требаше албанскиот јазик да биде службен во целата држава, а не како што е регулиран со законот од 2008 година, кој создава две категории на граѓани и кај Македонците и кај Албанците во однос на јазикот. Албанец од Струга има право на локално ниво да го употреби јазикот, а Албанец од Охрид го нема ова право, иако се оддалечени 15 километри еден од друг без никаква граница. Од друга страна, пак, Македонец од Штип има еден службен јазик, а Македонец од Тетово има два службени јазици. Унитарен карактер на државата значи и рамноправни граѓани пред законите во целата територија на државата. Минимум што треба да прифатат македонските политички партии за да го зачуваат унитарниот карактер е албанскиот јазик да биде во службена употреба во целата држава. За споредба, Србите во Косово со само 4 отсто од вкупното население го имаат тоа право. И друго е правично и процентуално делење на буџетот. Зошто тогаш буџетот се дели само за места кои се населени со мнозинство Македонци и ништо не се инвестира кај албанските средини?

ФОКУС Бадентеровиот механизам и концептот за децентрализација не ли се доволни, па мора да се утврдат дополнителни инструменти за заштита од мајоризација?

СЕЛА Бадентерот не е доволен. Бадентерот би функционирал ако претходно има консензус да се променат сите закони. Теоретски, Бадентеровиот принцип спречува мајоризација во новите закони кои се носат, а ако не се носат, државата повторно функционира со старите закони. Истите закони кои се носени во време кога Албанците и другите помали етнички заедници се мајоризирале пред 2001 година, нели? А најголема мајоризација се прави со буџетот, кој не се гласа со двојно мнозиство. Фактот што за 14 години не се успеа да се смени ниедно име на улица во градовите каде мнозинство се Албанците, како Струга, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар итн. Има и една јасна злоупотреба на овој принцип. Македонците кои се сметаат себеси како мнозинство што ги има сите права, се однесуваат како малцинство во локалната власт за да го имаат правото на двојно мнозинство. Не можеш истовремено да бидеш мнозинство и да ги уживаш сите права, а во исто време да ја имаш контролата што треба да ја има малцинството. За децентрализација да не зборуваме, такво нешто не постои и нема да постои се додека од ДДВ-то на општините им се враќа само 3 отсто, и тоа по волја на министерот за финансии. Ова е кражба и експлоатација, не децентрализација.

ФОКУС Вие сметаме дека Рамковниот договор е надминат, треба да се замени со друг договор бидејќи не е спроведен, или, пак, дека е тотално промашен концепт?

СЕЛА Промашени концепти се сите концепти кои не се спроведуваат во пракса. Охридскиот рамковен договор стана промашен концепт кога нешто конкретно и опипливо за граѓаните стана дух. Сите тие што зборувале и зборуваат за духот на Договорот направија од тој договор промашен концепт. Значи, не се спроведе кога требаше, а сега тоа го прави промашен концепт.

ФОКУС Зголемувањето на националните барања веднаш може да предизвика страв кај Македонците од радикализација.

СЕЛА Време е да почнеме да размислуваме и за стравовите на другите етнички заедници во Македонија. Повеќе од 20 години Албанците живеат со тој страв. Македонците треба да сфатат дека никој не бара од нив нешто да одзема, туку секој сака да го добие она што му припаѓа. Македонците треба да решат дали сакаат заеднички да владеат со Албанците или не.

И ДА ПОБЕДИМЕ НА ИЗБОРИ, НЕ МОРА ДА БИДЕМЕ ВЛАСТ ПО СЕКОЈА ЦЕНА

ФОКУС Покрај дводомниот парламент, унапредувањето на албанскиот јазик и правично делење на буџетот, кои ќе бидат вашите други заложби?

СЕЛА На Конгресот ќе се надгради новиот политички договор на ДПА со подетални одредби со конкретни предлози, но чувајќи ја суштината на новиот политички договор. На пример, полицискиот сектор во Охрид не може да ги покрие Струга, Кичево, Дебар со вкупно албанско мнозинство, а раководителот на секторот да биде Македонец. Не може Управата за јавни приходи да биде во Битола, а кога ќе треба да се повикаме на правичната застапеност да се повикаме на бројот на Албанците во Битола. Тој регион исто така има мнозинство или е пола – пола. Дел од политичкиот договор што постои е правичното делење на буџетот на државата. Ако не може да се направи по етничка линија, тоа може да се направи по граѓанска линија. Наместо 3 отсто од ДДВ-то што владата им го враќа на општините, да им враќа 50 отсто.

ФОКУС Зошто една власт би се согласила со јавните пари да располага според клуч, кога ги користи како средство за спроведување на зацртаните политики?

СЕЛА Како тоа секогаш се појавува потреба за инвестирање во Струмица или Штип, а никогаш во Тетово? А кој е клучот што доделува за Охридско лето секоја година по 2 милиони евра, а за Струга нула денари дотации за култура? Според кој клуч, од 2008 година се напишани проекти за изградба на индустриска зона во Тетово, библиотека, театар, и тие само останаа на хартија, без да се реализираат. За 7 години Албанците добиле 3 отсто од буџетот на хартија и дури сега нешто почнува да се реализира, а не верувам дека ќе завршат.

ФОКУС Како тогаш сите буџети години наназад ги гласа и најголемата албанска партија, во случајов ДУИ?

СЕЛА За жал, вистина е тоа што вие го тврдите, тоа е причината зошто во албанскиот поитички кампус треба темелно да се променат работите. Веќе треба да заминат во историја ваквите начини на владеење. Затоа јас реков дека Македонците треба да одлучат дали сакаат заеднички да владеат со Албанците. Движењето на ДПА нема да дозволи, откако ќе го добие легитимитетот со негова политичка платформа, после да стане дел од имплементација на политичката платформа на ВМРО или СДСМ, како што прави ДУИ. Во случај ние да победиме на изборите, нема да бидеме дел од власта се додека не се исполнат нашите услови.

НА ГРУЕВСКИ МУ Е ПОЛЕСНО ДА СЕ ДОГОВОРИ СО ДВАЈЦА

ФОКУС По конгресот во март, кој ќе биде вашиот главен противник против кого ќе подготвувате стратегија за дејствување?

СЕЛА Нашата цел не е да се натпреваруваме кој ќе биде наредниот губитник и да се бориме за лидер на опозицијата, тоа ќе му го оставаме на Тачи, туку нашата цел е да го добиеме легитимитетот кај албанското гласачко тело. Да ги победиме ДУИ и Али Ахмети. За таа цел, ние веднаш после конгресот ќе ја обединиме целата албанска опозиција почнувајќи од обичниот граѓанин, па се до политичките субјекти.

ФОКУС Имате ли со соработка со партии од македонскиот блок, со македонската опозиција?

СЕЛА Ќе бидеме подготвени за соработка со сите тие кои ќе ги прифатат нашите заложби, преточени во политичката платформа која ќе биде усвоена во конгресот.

ФОКУС Како ја коментирате изјавата на Ахмети дека Албанците немаат потреба од трета политичка партија бидејќи така паѓала вредноста на гласот на Албанците?

СЕЛА Полесно му е на Груевски или на некој иден премиер од СДСМ да се договори со двајца отколку со повеќе. Еве во 2011 година, кога имаше повеќе албански партии, имаше помалку албански пратеници. Сега имаме повеќе од тогаш и што суштински добиваме повеќе? Имаме повеќе прислушување, понесигурни се чувствуваме, сите обвинитени во „Монструм“ се осудени со доживотна казна затвор… Иако имаме повеќе пратеници, бараме да ни помогнат од странство. Неговата изјава би имала логика ако Албанците со само две политички партии успејат да добијат мнозинство од 50 до 55 пратеници и формираат влада. Во ваква варијанта, и една нека има. Арно ама, и така не може да добијат повеќе од 30 пратеници. Затоа, кога не може да се добие мнозинство, не е важно дали има 2, 3, 4 партии, здраво е ако има повеќе, со тоа да се знае дека има власт и опозиција.

ТРЕБА ДА СЕ ОБЈАВАТ И СНИМКИТЕ ЗА МОНТИРАНИТЕ ПРОЦЕСИ ПРОТИВ АЛБАНЦИТЕ

ФОКУС Каков е вашиот став за аферата со прислушувањето и кој е вашиот предлог за надминување на овој проблем?

СЕЛА Скандал кој покажа дека имаме политичари без морал во политиката. Овде се уште владее отоманскиот начин на владеење од 18 век. Во тоа време, кога завршија војните на империјата, требало да се држи власта. Јавните функции биле на јавно наддавање, па кој повеќе пари му носел на султанот, тој ќе бил паша. А, последиците ги сносувал народот. Сега истото се случува и кај нас. Не се памети кога последен пат во Македонија од морални причини некој политичар дал оставка. Недовербата кон институциите од страна на опозицијата, па и од страна на граѓаните, е на највисоко ниво, па не гледам која би била таа институција која може да дели правда. Собранието одамна го загуби кредибилитетот, Владата ја слушаме се што заговарала, судиите се гледа како се избрани, правобранителот исто така. Најважно е да се врати довербата, а таа доверба може да ја врати само специјален суд по примерот на ЕУЛЕКС во Косово. По овој скандал треба да следуват затворања, а тоа мора да го направи некое независно судско тело.

ФОКУС Дали тоа би значело ограничување на суверенитетот на Македонија?

СЕЛА Една држава има суверенитет толку колку што има суверени граѓани. Чуму суверена држава кога е нарушен суверенитетот на граѓанинот. Затоа, специјално судство од ЕУ би го вратил суверенитетот кај граѓаните и како последица и суверенитетот на државата.

ФОКУС Вам која ви е најблиска теорија околу тоа кој стои зад прислушувањето?

СЕЛА Сме слушнале секакви изјави од типот на онаа на Тито Петковски дека секоја партија има уреди за прислушување. Јас не можам да кажам, но проблемот е кој да го утврди тоа? Да не е идејата да најдеме некој непријател, кој не знаеме кој е.

ФОКУС ВМРО-ДПМНЕ го обвинува опозицискиот лидер Зоран Заев за пуч и шпиунажа, но не кажува која е странската служба со која соработувал. Дали е случајно тоа?

СЕЛА Не е ништо случајно, треба да се најде непријател. Такви феномени има секогаш кај тоталитарните држави. Сепак, да не се лажеме, поверодостојно е дека МВР, УБК цело време прислушуваат. Тоа е веќе јавна тајна. Сум кажал и пак ќе повторам – се треба да се објави! Аферата прислушување нема да има никаква логика ако не се објават разговорите што се однесува на монтираните политички процеси кај Албанците. Ако ништо од тоа не се објави, ќе ја сфатиме ова работа како обид за да се турне една власт и да дојде друга со ист режим кон Албанците. Не заборавајте дека без оглед која партија е на власт, монтираните политички процеси се насочени против Албанците.

ФОКУС Колкави се шансите, според Вас, излезот на крајот сепак може да се најде во предвремени парламентарни избори?

СЕЛА Предвремените парламентарни избори низ години доведувале до ваква ситуација. Никако не треба да се држат предвремени парламентарни избори пред да се задоволи правдата. На предвремени парламентарни избори треба да им претстои техничка влада која ќе ги исчисти списоците и ќе организира фер и прифатливи избори за сите. Колкави се шансите за тоа? Мислам не е чудно ВМРО да организира и предвремени парламентарни избори со Ахмети и Тачи како коалициски партнери. Иако тоа уште повеќе ќе ја отежне состојбата.

ФОКУС Доколку утре се одржат избори, ќе учествувате ли вие како партија или нова коалиција на изборите под овие правила на игра и во ваков амбиент?

СЕЛА Тешко е да се даде одговор на ова прашање, сум правел избори и во потежок амбиент, во вториот круг на локалните избори 2013 година.

СТРАНЦИТЕ НЕ СЕ МЕШААТ, САМО НИ ПОМАГААТ

ФОКУС Што велат претставниците на меѓународната заедница во контактите кои ги имате со нив?

СЕЛА Тие се навистина загрижени за се ова што се случува во Македонија. Мислам дека единствен излез од ситуацијата пак се ЕУ и САД. Се покажа низ години дека тие се наши пријатели и ние треба да побараме нивна помош. Повеќе не слушаат кои се нашите предлози и идеи, ама мој впечаток е дека тие сакаат ние сами да си изнајдеме капацитети за да ја скроиме нашата иднина. Не се мешаат директно.

ФОКУС Се разбира дека не се мешаат, но минатото покажува дека меѓународната заедница се обидувала да менаџира одредени процеси и кризи, правеше притисок по изборите во 2006 година ДУИ да биде дел од власта, владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ да го решава спорот за името преку преговори и да не оди преку хашкиот суд, СДСМ да учествува на последните локални избори итн…

СЕЛА Јас немам впечаток дека меѓународната заедница прави притисок. Погрешната перцепција дека се прави притисок е само начин на замајување на јавноста кога нешто ние како политичари не успеваме да направиме или кога сме немоќни, како што е случајот со сегашнава афера и кога Ахмети од позиција на власт, исто така одговорна за прислушувањата, бара помош од меѓународната заедница.

АКО НЕ Е ПРАТЕНИК, ТАЧИ ЌЕ БИДЕ НЕВРАБОТЕН
ФОКУС Велите дека ако не успеете да ги остварите целите во политиката, ќе и се вратиме на професијата. Имаат ли другите од ДПА алтернатива што да прават доколку останат без функција?

СЕЛА Не знам, ама знам дека ако Тачи не е пратеник ќе биде невработен. Истото важи и за другите пратеници од ДПА кои стаж имаат или како министри или како пратеници.


МЕРКО СИ ИЗГРАДИЛ НЕЛЕГАЛЕН ОБЈЕКТ ЗА СВОЈОТ УНИВЕРЗИТЕТ
ФОКУС Испорачувате сериозни обвинувања за криминал кон вашиот претходник Мерко, па тогаш зошто тој не одговара пред законот, згора на тоа што и Антикорупциската комисија изрази сомнежи за незакоснко финансиско работење на општината во негово време?

СЕЛА За тоа треба да се обратите до јавното обвнителство. Се што е побарано како документација од страна на општината се е дадено, ама по се изгледа господинот е над законите. Кој го штити веќе станува се појасно со последните збиднувања во државата. Нема потреба од дополнителни коментари кога поранешниот градоначалник изградил нелегален објект каде што сега му е сместен приватниот универзитет. Замислете, првиот човек кој треба да забрани да се градат диви објекти сам изградил таков објект и згора на се направил легализација во негово лично име, оштетувајќи го буџетот на општината за над 50.000 евра, зашто комерцијален објект легализирал по 1 евро за квадратен метар како домување, а од друга страна законот ги легализира комерцијалните објекти 50 евра за квадратен метар.


НЕ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИВ ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ „МОНСТРУМ“!
ФОКУС Се обидовте ли Вие да ги злоупотребите протестите против судскиот протест „Монструм“, односно да искористите за сопствена промоција?

СЕЛА Не, се обидов да им покажам на моите колеги функционери од ДПА каде им е местото и од зборови да поминам на дела. Моите ставови во однос на процесот „Монструм“ уште како пратеник ги изнесов во правец дека целиот овој процес се монтира. Американскиот амбасадор изјави дека целиот процес не е веродостоен што му дава поткрепа на мојот став. Не можев да седам и да гледам како млади Албанци ги тепаат по улиците на Чаир и ги земаат од чајџилници, додека нема кој да спречи протестите да не излезат од контрола. Последиците беа максимални казни за Албанците. Ако не е присутна опозицијата, тоа дава простор за злоупотреба на граѓаните на истите тие кои монтираат политички процеси. Го искористив мојот углед за да не продолжи ловот на Албанците од страна на Владата.

Поврзани новости