АРХИВА Интервју со Петар Богојески: Груевски ги користеше МВР, УЈП и насилници за дисциплинирање на непослушните вмровци!

by Фокус

Текстот е објавен на 26 јули 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1138

Богојески беше еден од предводниците на иницијативата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ, која бара измена на партискиот статус, со цел членството на партијата да го има главниот збор при составувањето на партиските органи и носењето на партиските одлуки. По лидерската смена во партијата, оваа група почна разговори за промена на статутот со новото партиско раководство и постепено да се и интегрира во партиските органи. Во интервју за „Фокус“ во периодот меѓу парламентарни и локалните избори, Богојески говореше за заканите и притисоците со кои се соочувале членовите, активистите и функционерите што изразиле незадоволство од одредени политики на веќе поранешното партиско водство на чело со Никола Груевски.

Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Како еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, со какви информации располагате околу факторизацијата на Вашата иницијатива за реформи на терен?
БОГОЈЕСКИ
Освен во неколку помали градови, каде се уште дејствуваат поединци кои ја поддржуваат идејата за демократизација на партијата, во сите други општини имаме силно организирани структури од членови, кои несебично се вложија во делото кое го започнавме јавно пред одреден период. Бидејќи станува збор за „специјална борба“, ние се организиравме на стариот традиционален начин на дејствување, својствен за историското ВМРО, а тоа е структура од мали групи во исти општини, кои меѓусебно не се познаваат или не знаат дека се дел од мрежата. Се случува во еден град да дејствуваат и по неколку десетици групи.

ФОКУС Со какви предизвици се соочувате на терен?
БОГОЈЕСКИ
На тој начин успешно се спротивставуваме на досега невидените притисоци и акции за разбивање на сите групи и заплашување на секој поединец, од страна на дел од раководството на партијата. Од друга страна, многу сме внимателни да не формираме паралелни партиски тела, бидејќи ние сме дел од нашата партија како иницијатива, а не како посебна фракција. Воедно, сакам да потенцирам дека одамна голем број членови на нашата партија се свесни за низата недостатоци во нејзиното функционирање, меѓутоа надежта дека работите ќе се променат на подобро ги држеше на страна. Раководството, после секој изборен циклус, истото го ветуваше, но работите се влошуваа наместо да се подобрат.

ФОКУС Кој конкретно ви се заканувал?
БОГОЈЕСКИ
Нормално е тоа да го лоцираме кај луѓето на кои не им одговара суштинска реформа на партијата, туку некакво „освежување“. Сакам да најавам дека доколку не престанат таквите закани и непринципиелното дејствување на неколку партиски функционери, ќе започнеме со јавно објавување на нивните имиња и ќе направиме ѕид на срамот во нашата партија.

ГРУЕВСКИ НЕ Е ИЗБРАН НА ЛЕГАЛЕН КОНГРЕС

ФОКУС Во јавноста долги години се создаваше перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ е монолитна партија која едногласно и сложно одлучува и владее, па дали секогаш било баш така? Или и порано имало изливи и демонстрации на незадоволство?
БОГОЈЕСКИ
Невозможно е организација со толку бројно членство да биде целосно монолитна и едногласна. Така и во ВМРО ДПМНЕ, секогаш имало и ќе има групи активисти со слични ставови, кои се борат да ги наметнат како конечни. Во таа насока, не гледам проблем. Проблематично е тоа што единствен предуслов за успех на некоја алтернативна идеја или мислење да станат прифатливи, е тоа да го одобри лидерот, сам и по своја волја, без разлика дали има расположение во ИК или ЦК. Сите се насочија кон задоволување на хировите на еден човек, доколку сакаат да помислат на успех во кариерата во партијата. Сите оние кои не се потчинивме на тој начин на функционирање, тивко и промислено, бевме елиминирани од партиските тела.

ФОКУС Кога точно и на каков начин се случи тоа?
БОГОЈЕСКИ
Можам да истакнам неколку периоди, во практикувањето на тие методи на тивка елиминација, но суштинските промени настанаа за време на 14-от Битолски конгрес на ВМРО ДПМНЕ во 2011 година. Од тој момент, маските почнаа да паѓаат, кога лидерот започна да ги засилува тие методи и да ги заменува со насилни и заканувачки, често злоупотребувајќи ги државните институции и моќта на државата во таа насока. До тој момент, се правеа обиди за компромис во функционирањето на различните сфери на интерес во партијата, но после тој конгрес, едноставно беа исклучени од партиските тела стотици познати и признати, пред се заслужни партиски функционери за победите на повеќето претходни избори. Партијата отворено престана да биде политичка партија и го промовира концептот на движење, кој беше проследен со промовирање кадровски решенија кои немаа никаква врска со ВМРО, туку доаѓаа по разни приватни и бизнис канали и се инсталираа на најважните државни и партиски позиции. Она што е битно, од тој момент, ние активистите во ВМРО -ПМНЕ веќе не можевме да си ја препознаеме сопствената партија.

ФОКУС Може ли да наведете за кои луѓе станува збор – кои вмровци биле тргнати од партијата, а кои биле донесени иако немале партиски беграунд?
БОГОЈЕСКИ
Може да забележите нов состав на ИК или ЦК после тој период. Не би сакал да зборувам во нечие друго име. Но, работите се влошуваа од ден на ден. Ако, пак, зборуваме за т.н. „приватен конгрес“ во 2015 година во Куманово, можам да потврдам дека ги закопаа сите надежи дека ВМРО-ДПМНЕ може да се раководи од вредностите и принципите за кои се залагавме. Едноставно, се промовираше концептот на т.н. „приватни партии“. Претседателот на партијата беше избран на нелегитимен начин со јавно гласање и под будното око на бодигардите и информаторите, од страна на нелегитимни делегати, кои тој самиот си ги делегираше, а единствениот глас против беше прогласен за воздржан.

ФОКУС Како мислите под будното око на бодигардите и информаторите?
БОГОЈЕСКИ
На лицата кои стојат до вас, додека вие се обидувате да гласате, јавно на маса, без тараби. Спротивно на одредбите од Статутот, лидерот не е избран на тајно гласање.

„ПРИЈАТЕЛСКО“ УКАЖУВАЊЕ, ПА ДРАКОНСКА КАЗНА

ФОКУС Колку време поточно, вие лично и членовите на иницијативата за промени во ВМРО-ДПМНЕ, изразувате незадоволство од политиките на партијата? Сте се обиделе ли да ги промените нештата, со оглед дека досега не осамна информација дека некој нешто побарал или се спротивставил на некој конгрес, на седница на ЦК, или, пак, дека имало големи превирања во самата база?
БОГОЈЕСКИ
Јас и многу како мене, членови на партијата, често знаевме отворено и на официјални состаноци да изразиме одредени критики во насока на погрешните политики кои ги води дел од раководството. Многу често и на социјалните мрежи искажувавме незадоволство и промовиравме алтернативни решенија, што беше силно осудувано и бевме под силен притисок и закани. Морам да истакнам дека внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ имаше две соопштенија и пред изборите, но тие поминаа скоро незабележани од медиумите, а многу сериозно одекнаа внатре во партијата. Со отпочнување на кампањата за последните парламентарни избори, ние се пасивизиравме и се вклучивме во активностите на изборните штабови. Пировата победа и изгубената битка на зелена маса, беа нов импулс за активирање на иницијативата за демократизација на партијата.

ФОКУС Со какви форми на закани и притисоци сте се соочиле вие и вашите истомисленици?
БОГОЈЕСКИ
На почеток се започнува со пријателско укажување од партиски другари и соработници, потоа добиваш порака или средба од еден или повеќе партиски функционери кои ти укажуваат дека ризикуваш премногу и си играш со оган, па доколку не престанеш да дејствуваш во насока која раководството ја смета за неприфатлива, се вклучуваа државните институции, како МВР, УЈП, други инспекциски и финансиски служби, разни насилници, се со цел да ти укажат на грешката. Дел од тие укажувања завршуваа со среќен крај, како плаќање некоја казна или губење на работна позиција, но еден дел завршија и со притвори, кои траеја и по неколку години. Сето тоа, да се влее страв во коски на нашите членови и активисти, никој да не помисли да го следи примерот на некој дисидент и да стојат мадро да не носат и они модро. Но, најнеприфатливо за нас е тоа што огромен дел од членовите беа присилувани, под закана на списоци и губење на работно место, да учествуваат во низа активности, кои не ги подржуваа и никогаш не би учествувале, доколку беа оставени сами да се произнесат.

ФОКУС Дали јавно истапивте со вашите барања по промената на власта поради тоа што, меѓу другото, раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги загуби инструментите со кои може да им се заканува и да ги дисцилинира непослушните вмровци?
БОГОЈЕСКИ
Се разбира дека голем фактор за донесување на одлуката беше и од таа причина. Ние не се правиме херои, и ние сме обични смртници, и ние имаме семејства, малолетни деца, и ние заработуваме и егзистираме во оваа држава. Се разбира дека, ако истапевме со оваа иницијатива пред 2014 година, а за тоа зборувавме уште од 2011 година, ќе бевме казнети за нашето различно мислење. Веројатно казните ќе беа драконски, иако и сега не заостануваат заканите и најавите за казни во иднина. Колку е тоа болно и за неверување, наместо да седнеме во партијата и да разговараме како понатаму, ние секој ден добиваме пораки за казната која ќе ни следува во иднина. Дури на моменти, колку трагично, толку станува и саркастично.

НАПАД СО ПОРАКА – СТОИ НАСТРАНА ЗА ДА НЕ ТЕ СНАЈДЕ И ТЕБЕ ИСТОТО

ФОКУС Медиумите деновиве објавија дека вашата сопруга била нападната од возило во движење? Што точно се случило?
БОГОЈЕСКИ
Од секогаш имало непишано правило, семејствата да останат настрана од политичките борби и интриги. За жал, политичката култура е до толку опадната, што и тоа основно правило веќе не се почитува. Тој чин е со намера да внесе немир во моето семејство, мене да ме заплашат и поколебаат, но најважно, да ги заплашат приврзаниците на иницијативата, во стариот стил – стои настрана да не ти се случи и на тебе истото. Второ, тоа е во насока да се смени фокусот на дискусијата, и наместо денес вие да ме прашувате дали Никола Груевски има легитимитет и легалитет и понатаму да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, да ме прашувате за вакви настани. Сакам само да истакнам, ниту некого заплашија, ниту ќе ме поколебаат да продолжам со делото, напротив, дотурија гориво во моторот.

ФОКУС Навистина ли сте му се заканувале на екс министерот за внатрешни работи Оливер Андонов, обвинувајќи го дека го организирал нападот?
БОГОЈЕСКИ
Дел од партиското обезбедување ми посочи дека тој е во групата која кумувала на таков настан. Јас во неверување побарав краток разговор, на кој укажав дека не е коректно семејствата да се користат во вакви настани и дека очекувам објаснување доколку укажувањата се вистинити.

ФОКУС Дали мислите дека крајниот извршител и инспиратор на овој чин е раководството на вашата партија, од каде веќе ве прогласија за предавници и реализатори на надворешно сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ?
БОГОЈЕСКИ Не би сакал понатаму да шпекулирам, но, сепак, Оливер беше многу неубедлив во одговорот. Во врска со тоа предавници, платеници и сл., повеќепати потенцираме дека е многу тажно и неприфатливо, лидерот на партијата јавно да клевети млади членови на својата партија. Со тоа, на некој начин индиректно повикува на насилство кон нас, зашто, нели, тоа го заслужуваат предавниците на својата партија и татковина. Крајно неприфатливо и срамно, а од наша страна никогаш нема да биде одговорено на тоа ниво. Напротив, ние му искажуваме братска љубов на нашиот лидер и на останатите околу него, кои несебично не клеветат.

СИТЕ ПРАТЕНИЦИ, ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И СОВЕТНИЦИ ПОТПИШАЛЕ МЕНИЦА ЗА ЛОЈАЛНОСТ

ФОКУС Кога се појавивте во јавноста, изјавивте дека имате поддршка од пратеници и други високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, па за колку и за кои станува збор?

БОГОЈЕСКИ Ова е битка на моменти и личности. Ние на терен буквално се бориме за секој човек. Исто и за подршката кај дел од раководството. Никола Груевски знае за поддршката која ја уживаме кај дел од пратеничката група, дел од ИК, а особено кај огромен дел од членовите на ЦК. Но, сето тоа му е на база на шпекулација и нема точни информации за кои лица со сигурност станува збор. Со дел од нив, за кои се сомнева, веќе има разговарано и побарано објаснување. Нашите насоки се да останат затворени за информации и да останат внатре во органите на партијата. Доколку објавиме било кого, прво што би се случило, тоа е активирање на меницата за лојалност и обид преку закана од извршување на неговиот имот, да биде разубеден. Исто така, последниве две недели се користи метод на позитивен пристап, па на сите за кои знаат дека се подржувачи на иницијативата за реформи им нудат функции во партијата. И тоа не било какви, туку членови на новиот ИК и на ЦК. Се разбира, мнозинството тоа го одби, иако лично сметам дека треба да бидат прифатени тие понуди, да се засилат нашите позиции во раководството и со нови лица, и од тие позиции да се побара официјално донесување на Декларацијата за модернизација и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, како документ врз основа на кој ќе ги спроведеме идните суштински реформи во партијата.

ФОКУС Кога ги споменавте мениците, дали вакви аранжмани склучуваат само пратениците или сите избрани функционери од редовите на партијата и дали тие имаат правна сила?
БОГОЈЕСКИ
Такви договори имаат потпишано скоро 99 отсто од сите досега кандидирани, не само избрани, пратеници, градоначалници, советници… Мерката, пред се, се однесува на избрани функционери, зашто се ценеше дека именуваните може лесно да бидат променети. Овие договори се комплетно противзаконски и немаат правно дејство, но стравот од нив е голем.

ФОКУС Како гледате на фактот што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се организираа во 10 пратенички групи?
БОГОЈЕСКИ
На истиот начин како на одлуката за формирање, на пример, на СЈО. Кој орган во ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука, Никола Груевски да наложи создавање на 10 пратенички групи од нашата партија? Второ, на кого му се потребни такви поделби во ВМРО-ДПМНЕ? Зошто се доведени пратениците да се срамат да кажат која партија ја претставуваат и да бидат изложени на потсмев од страна на Талат Џафери или од целокупната јавност. Тоа за нас е целосно неприфатливо. Апелираме до сите наши пратеници да се охрабрат и да си формираат една достоинствена наша пратеничка група, од целокупната коалиција „За подобра Македонија“, која ќе биде пример за останатите во Собранието.

ИСТОРИОГРАФИЈАТА ЌЕ ИМА МНОГУ РАБОТА ЗА „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“

ФОКУС Што, според вас, се случи на 27 април во парламентот? Дали верувате дека некој од Вашата партија нарачал ликвидација на сегашниот премиер Зоран Заев, како што обвинија од СДСМ?
БОГОЈЕСКИ
27 декември 2017 година ќе остане запишан како еден од најсрамните денови во поновата историја на Република Македонија, како независна држава. Тој ден е пораз за сите политичари, доказ за нефункционалниот политички систем во земјата, но најмногу тој ден е пораз за институциите на државата. Недостатокот на професионален капацитет да се превенира, а подоцна да се спречи таков настан, зборува за потребата од итни реформи на сите институции во државата, особено на оние во секторот безбедност.

ФОКУС Груевски прво повикуваше на протести во одбрана на државата, но потоа се огради од тие што по неговиот повик упаднаа во парламентот.
БОГОЈЕСКИ Да ги повикаш на протести своите следбеници, да ги мотивираш да преземат такви чекори со страшна пропаганда на говор на омраза и со теорија за надворешни непријатели и домашни предавници, како онаа од времето на Тито, а на крај да ги оставиш сами на себе, да избегаш во странство и истите нив да ги наречеш насилници, па дури на состанокот на ЦК да ги обвиниш дека демонстрантите се виновни што тој морал да отстапи, за да се формира Влада на СДСМ, е повеќе од неприфатливо. Кој е сега тука предавникот? Некои работи, историјата дополнително ќе ги одговори и осуди.

ФОКУС Имате ли информации дека дел од членовите на ЦК порачале дека требало да одат до крај во парламентот и што би значело тоа „до крај“?
БОГОЈЕСКИ
Историографијата ќе има доста работа во иднина, особено за случувањата на тој ден.

КОЈ ГО ОВЛАСТИ ГРУЕВСКИ ДА ПОТПИШЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ВАКВО СЈО?

ФОКУС Што мислите за обвиненијата од Специјалното јавно обвинителство против раководството на ВМРО-ДПМНЕ? И вие активно сте учествувале со изборни кампања и процеси на партијата, па како ги коментирате наводите на СЈО дека партиското раководство вршелило серија кривични дела поврзани со изборите?
БОГОЈЕСКИ
Вината што СЈО се перцепира како едностран политички, а не правен, орган паѓа на сметка на нивните претставници. СЈО е формиран орган со политички договор и нормално е да биде перцепиран како таков. Кај нас во партијата имаме поголем проблем, а тоа е кој го овласти лидерот, со чија одлука на кој орган да потпише формирање на СЈО во таков формат? За тоа мора да даде одговор Никола Груевски. Принципиелен наш став е дека нема потреба во РМ да функционираат ад-хок тела и државни органи, зашто Македонија не е држава од времен карактер. Ние сакаме стабилна и силна држава, па во таа насока сакаме постојани и силни органи на прогонот, кои специјално ќе бидат надлежни за политичките елити во земјата.

ФОКУС Неодамна изјавивте дека 8 луѓе од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се заштитени сведоци на СЈО во постапките против Груевски, па може ли да откриете или да лоцирате кои се тие?
БОГОЈЕСКИ
Вие повеќе од мене знаете дека тоа е кривично дело. Имаше таков случај со новинарот Кежаровски. Да оставиме судските институции и обвинителството да си ја работат својата работа, за која примаат плата. За мене е целосно неприфатлив стилот на преземање на надлежностите од судскиот систем во рацете на политичарите. Најважно е на крајот, правдата да победи.

ФОКУС Како ги оценувате состојбите во судството, медиумите, администрацијата и другите области адресирани од страна на Прибе? Има ли потреба од реформи?
БОГОЈЕСКИ
Императив за мене е, така го разбирам патриотизмот, изградба на силни државни институции, составени од личности со персонален интегритет. Апсолутна поддршка за реформите кои ќе ја приближат РМ кон ЕУ и НАТО.

КРИЗАТА ВО ВМРО-ДПМНЕ СЕ МУЛТИПЛИЦИРА ВО ПРЕСРЕТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

ФОКУС Неодамна излезе информација дека била спроведена анкета според која скоро 80 отсто од членовите на ВМРО-ДПМНЕ поддржуваат реформи, а околу 50 отсто ја поддржуваат вашата иницијатива. Дали им верувате на овие бројки?
БОГОЈЕСКИ
Да, во целост им верувам на делумно објавените резултати, со една назнака дека анкетата беше направена во период од само три недели наше дејствување. Мислам дека сега работите се драстично сменети, подршката расте од ден на ден.

ФОКУС Сепак, доколку Груевски остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, како вие ќе се поставите и однесувате на изборите?
БОГОЈЕСКИ
Го охрабруваме г-дин Талат Џафери да ги распише локалните избори, согласно постигнатиот политички договор.

ФОКУС Какво влијание за идните внатрепартиски разврски ќе имаат претстојните локални избори и каков исход очекувате?
БОГОЈЕСКИ
За жал, поради немањето слух за потребата за реформи на партијата, пред се кај лидерот и пет лица околу него, кризата во партијата се мултиплицира. Таа по вертикала се пренесува надолу, во сите органи на партијата, со самите месни комитети. Тоа значително ги ослабува позициите на нашата партија за подобар резултат на локалните избори. Во најава се некои „освежувања“ на Извршниот комитет со стари кадри, а кои немаат никаков интегритет и личен капацитет, што како постапка ќе предизвика дополнителни проблеми во функционалноста на структурата на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку продолжиме во таа насока, тоа ќе биде најдобар показател дека суштинските реформи се повеќе од потребни и тоа веднаш да се направат, се со цел да се подготвиме за настап на следните избори и да победиме.

НЕ Е ВАЖНО КОЈ ЌЕ ГО ЗАМЕНИ ГРУЕВСКИ, ТУКУ КАКО ЌЕ СЕ ИЗБИРА И СО КАКВИ ОВЛАСТУВАЊА
ФОКУС Какви се вашите проценки – до кога Груевски ќе биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ и кого гледате како негов наследник? Досега, се споменуваа Никола Тодоров, Никола Попоски, Антонијо Милошоски…
БОГОЈЕСКИ
Многупати до сега потенциравме дека е поважно статутарно да се регулираат начинот на избор и овластувањата на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, отколку кој ќе биде на таа позиција. Никако не смееме да ги повториме грешките од минатото. Околу личностите кои ги наведовте, лично сметам дека се квалитетни кандидати за таа позиција, но секако дека постојат и други личности кои би можеле соодветно да одговорат на предизвикот.

ПРЕДЛАГАМ АНЕКС-ДОГОВОР НА ВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ЗА ВЛЕЗ НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО
ФОКУС Можно ли е Македонија в година да стане членка на НАТО под привремената референца, како што се најавува во политички и дипломатски кругови?
БОГОЈЕСКИ Јас решението на проблемот го гледам во започнување на сеопфатна акција за решавање на наметнатиот проблем со името на Република Македонија, а како резултат на која ќе се постигне релаксирање на антагонизмите во нашите две општества кај нас и во соседна Грција. Таа акција треба да започне онаму каде што застана добрата волја, а тоа е моментот на потпишување на Привремената спогодба во 1995 година. Тоа значи интензивирање на преговорите за формулирање на правна рамка која нуди решение, а истовремено спроведување на силна кампања во двете земји, со која на граѓаните ќе им се објасни дека решението на проблемот не е прашање на живот или смрт за нас Македониците или за Грчките Македонци, како што тие се именуваат. Прво треба ние дома меѓусебно да расчистиме, постои или не проблем со името на нашата држава, во насока на тоа дека целосно се во право тие кои тврдат дека е тоа крајно некоректен и противправен акт од страна на Грција, тоа е наметнат спор кој досега не е забележан во меѓународните односи. Но, исто така, во право се оние кои тврдат дека без решение на тој спор, нема иднина за Република Македонија на патот по кој сме тргнале.

ФОКУС Што поточно предвидува вашиот предлог за решавање на спорот?
БОГОЈЕСКИ
Од тој аспект, предлагам прво јасно и гласно да констатираме дека имаме проблем со Грција и како одговорни граѓани со државотворен капацитет, бараме решение за тој проблем. Во овој момент, на Република Македонија и е потребно итно членство во НАТО, поради целосно безбедносно стабилизирање на земјата, затворање на меѓунационалните антагонизми и подготовка за соодветен одговор од евентуална ескалација на бегалската криза. Од друга страна, процесот за интегрирање кон ЕУ е подолгорочен и покомплексен. Тргнувајќи од таа анализа и од нашиот национален интерес, а со цел понудување на некој компромис помеѓу нас и соседот, предлагам „анекс на предметната спогодба“, во насока на итно повлекување на ветото на Грција за влез во НАТО под привремената референца ФИРОМ, а решението на проблемот да биде „облигаторен за нас“ во процесот на пореговори за членство во ЕУ. На тој начин, ние ќе ја постигнеме целта и ќе станеме полноправна членка на НАТО, трајно ќе си ја стабилизираме земјата и ќе отвориме трајна преспектива на нашата државност, а грчката влада тоа нема да го прикаже како отстапка во домашната јавност, туку како успех да наметнат „анекс на времената спогодба“, со кој они ги засилиле своите позиции во решавањето на тој спор.

Поврзани новости