АРХИВА И семоќниот Ален Зеќиров мораше да заврши како Урко: Мијалков го откачи човекот што некогаш и беше газда на Гордана Јанкулоска

by Fokus

Текстот е објавен на 21 септември 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 899

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

„Тоа е подземје. Очигледно сѐ уште не си свесна како функционира тоа подземје и што сѐ се случува во тие кругови„, ми рекоа вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, кога се обидовме да ги дознаеме деталите за тоа, како Ален Зекиров, телохранителот на Сашо Мијалков, доби отказ на работното место и повеќе не е во тимот на личното обезбедување на директорот. Повеќе од јасно е дека нешто се „дрма” во владејачките структури пред почетокот на локалните избори и најавите за предвремени избори, но, и во делот на безбедносните служби, кои зад себе кријат многу други работи, а кои се сѐ, освен дел од безбедноста. Она што особено боде очи, се штурите соопштенија кои ги испраќа МВР кога нешто внатре се „крчка”. Прво, решението за отказ два дена патуваше до министерката Гордана Јанкулоска, за потоа да кажат дека доброто момче Зекиров е разрешен поради кршење на професионалните стандарди на полицијата!?

КОИ СЕ СТАНДАРДИТЕ?

Неразделниот чувар на директорот на УБК, според нашите информации, деновиве живее на друго место, не во својот стан. Кога се губи функцијата, а има бајаги работи што се знаат, стравот оправдано расте. Зекиров не можеме да го видиме низ скопските кафулиња, особено не во „Кала” на Ленинова. Активен е единствено на социјалната мрежа Фејсбук, каде деновите, кога се обелодени крајот на приказната меѓу него и Мијалков, осамна неговиот статус: „Овде во градов нема невработени, сите работат еден против друг!”. За тоа, пак, кој и како работи против него, и против кого сега работи Зекиров, се множат се повеќе шпекулации!

Токму и преку социјалната мрежа се обидовме да стапиме во контакт со Зекиров, но тој не ни одговори на нашите пораки, со кои баравме објаснување за заднината на неговото пријателство со шефот на УБК, Сашо Мијалков. Но, доволно е само да се разгледаат основните факти, кои полека се обелоденуваа во јавноста.

Прво, веста дека Зекиров не е веќе дел од обезбедувањето на Мијалков осамна на провладиниот интернет портал „Курир”, што значи дека веднаш се знаеше во чија корист треба да оди веста.

„Според информациите кои доаѓаат од колегите на Зекиров, во текот на вчерашниот ден во УБК дошло до инцидент по кој следувал отказ за овој член на обезбедувањето на директорот на оваа Управа при МВР.

Заменик министерот во МВР, Иво Котевски, во телефонски разговор за порталот ’Кирилица’ изјави дека кај министерката сѐ уште нема пристигнато на потпис решение со кое би престанал работниот однос на Зекиров”, напиша Курир.

МВР редовно како да ја прави истата грешка. Кога Котевски нешто одолговлекува, па вели дека нешто министерката не добила, па дека нема стигнато некоја пријава… небаре МВР е распространето на два континенти, тогаш веќе почнуваат и сомнежите дека нешто се случува. И потоа следуваше штурото соопштение, дека смената на Зекиров е поради кршење на професионалните стандарди на полицијата!

Хм, а не беше ли кршење на професионални стандарди кога Зекиров во 2009 година беше обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, откако со мотоцикл го прегази 73-годишниот Симо Серафимовски, кој со велосипед ја преминуваше улицата кај Трговскиот центар „Буњаковец”? Не беше ли кршење на професионални стандарди во судството, кога Зекиров не се појавуваше на судските рочишта, или судијата ги одложуваше затоа што „бил пребукиран”? Не, туку токму сега било констатирано дека Зекиров ги кршел професионалните стандарди!?

Очигледно, зад тие стандарди се кријат нестандарди, бидејќи ако гледаме од тој агол, Зекиров одамна ќе беше тргнат од функцијата. Прашањето е – зошто токму сега? И, како Зекиров ги прекршил сега стандардите, односно што сторил спротивно на професионалните стандарди?!

МИЈАЛКОВ ГО ОДБРА КИЧЕЕЦОТ

Според информациите што почнаа да се шират низ медиумите, а сѐ почесто и од колегите на Зекиров, на виделина осамнуваат сѐ повеќе информации за она што се случува зад вратите на УБК. Па, така, според информациите на „Фокус”, она што ја прелило чашата биле, всушност, односите меѓу Зоран Милески, познат како Кичеец, и Ален Зекиров, поради одредени бизнис зделки, чии детали сеуште не можеме да ги објавиме во целост, поради нивната сензитивност, односно, одредени сомнежи за наводна нелегалност околу тоа што и кој се крие зад тие бизниси. И, ај што нивните односи се заостриле околу тоа, кој ќе го земе приматот во бизнисот, туку завршиле и со меѓусебна физичка пресметка во едно од скопските кафулиња. Е, тука настанува најголемиот проблем. Од една страна, според неофицијалните информации, братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, и Кичеец ги врзува кумска врска. Од друга страна, пак, Ален Зекиров е верниот чувар на директорот на УБК. Па така, семејството Мијалкови се нашло пред свршен чин – кој од своите верни пријатели  да го избере? Подебелиот крај го извлече Зекиров, кој го загуби работното место, а со тоа и многу други привилегии кои беа скриени зад вратите на УБК.

И, сето ова наеднаш осамнува во провладиниот „Курир”, кој веста ја пренесе со доза на воодушевување.  Во превод – „лошото момче Зекиров тргнато од функцијата поради лошо постапување”. Прашање е, дали за сето ова била запознаена министерката Јанкулоска со оглед на тоа што на Иво Котевски му требаа два дена за да провери дали навистина Зекиров сѐ уште работи како телохранител на Мијалков!

ТЕЛОХРАНИТЕЛСКА СУДБИНА

На овој начин, Зекиров е оставен на милост и немилост по скопските улици. Ако досега можеше да помине три години неказнет за прегазување човек, сега сме во очекување судот експресно да го реши случајот. Пожртвуваноста некогаш носи привилегии, ама кога другата страна ќе го сврти грбот, тогаш на грб паѓаат сите товари. Во случајов, Зекиров и Мијалков меѓусебно се штитеа, кога дојде времето да пукне тиквата меѓу Дејан Митревски – Урко и директорот на УБК, Зекиров ја одбра страната на Мијалков… Според нашите информации, Урко и Ален, со месеци се непријатели од прв степен. Така, станува јасно, зошто Зекиров во последниов период не живее во својот дом и не го гледаме како една од главните фаци на Ленинова, што не е случај со Кичеец, кого Скопје го знае како еден од косопствениците на ресторанот „Арабеска”, заедно со Мите Николов – Брилијант.

Работата е повеќе од јасна. Телохранителите ја добиваат моќта преку оние што ги обезбедуваат. Но, не секогаш. Очигледно кај нас, телохранителите ја добиваат моќта единствено преку првиот човек на УБК, Мијалков. Тогаш им се прогледува низ прсти и кога ќе усмртат човек на улица, кога предизвикуваат тепачки, кога се пресметуваат на улица… Сепак, работите видно се менуваат, особено во последниов период. Имено, според легендите, наводно токму Мијалков му го сотре бизнисот на Урко со обезбедувањето и фирмата „Лупус”. Урко го снема од јавноста, агенцијата за обезбедување „Лупус” замина во историјата, а првиот човек зад премиерот остана само негово лично обезбедување. Агенцијата за обезбедување „СГС”, која уште на нераспишан тендер си ја обезбедуваше Триумфалната порта и ги чуваше граѓаните за време на прославата за 8-ми септември, наголемо си работи!

За Ален, бездруго, допрва ќе се види дали ќе има последици, и, ако ги има, какви ќе бидат тие. Во секој случај, ѕвездите на тајните служби престануваат да бидат толку големи, кога тајните почнуваат да се откриваат. Нечепнат, како по правило, останува само еден човек.

И, на крајот на краиштата, колку судбината на телохранителите кажува за нашите политичари? Дали, всушност, зад нивните инциденти и бизниси само се оддава токму она што го прават оние на кои им треба обезбедување?

РАМКА

ТАКА ЗАВРШУВААТ ЛОШИТЕ МОМЦИ?!

Дали тепачката или нешто друго ја прелило чашата, за Зекиров веќе да не биде едно од миленичињата на власта сѐ уште останува нејасно. Она што се знае како факт е дека тој беше тежок камен околу вратот за партијата пред изборите. Требаше да се тргне Зекиров, за кога тој ќе седне на обвинителна клупа, од ВМРО-ДПМНЕ да кажат: Ете, гледате, ние ги санкционираме нашите момчиња, кои не се однесуваат според демохристијанските начела на партијата. Ги разрешуваме, ги осудуваме. Или, пак, требаше да се носи товарот и сите инциденти што ги предизвика тој, да стојат како товар врз партијата, која сепак е далеку помоќна од она што Ален може сам да го носи!

Рамки

ВО ИГРА Е И АФЕРАТА „МАЏАР ТЕЛЕКОМ”?

Веќе екс-бодигардот на шефот на УБК Мијалков, Ален Зекиров, во опозициските денови на ВМРО-ДПМНЕ се појавува како основач и сопственик на фирмата за маркетинг услуги  и дистрибуција на СИМ – картички „Аналитико АИ”. Со оглед на тоа што во оваа партиска фирма биле вработени Гордана Јанкуловска, Мартин Протоѓер, Александар Бичиклиски, Елизабета Канчевска Милевска и Миле Јанакиевски, а директор бил Оливер Шамбевски, излегува, барем формално-правно нели, дека Зекиров ги вдомил во својата фирма сите сегашни битни фаци на преродбата.

Сепак, за опозицијата, „Аналитико” е партиска фирма со сомнителни мотиви за основање. СДСМ во неколку наврати го прозиваше Груевски на оваа тема, барајќи објаснување за што биле земени и каде отишле 120.000 евра што во пресрет на парламентарните избори во мај 2006 година, „Телеком” со договор ги префрла на „Аналитко АИ”.

„Какви услуги за премиерот Груевски одработувал „дрим тимот” на преродбата и дали „Аналитико АИ” е дел од аферата за перење пари за која е водена европска и американска истрага поради што е обвинет поранешниот директор на „Телеком”, прашуваа од СДСМ, потсетувајќи дека Телекомот е приватизиран со потпис на Груевски како министер за финансии.

Инаку, Аналитико АИ е ликвидирана дури во декември 2007 година, но позицијата на Ален Зекиров во неа, како основач, доволно говори дека располага со солиден материјал за овој „случај”. Веројатно тоа беше доволна причина да се подгреат шпекулациите дека, наводно, Зекиров се нудел на неколку странски адреси за неговите шанси да стане сведок-соработник во корупцискиот скандал за „Телеком”, стравувајќи дека отказот од МВР е само првиот чекор за неговото дисциплинирање!

Рамка 3

КОЈ Е ВСУШНОСТ ЗОРАН КИЧЕЕЦ?

Зоран Кичеец се појавува како една од главните фаци во Скопје околу 2006 година. Станува менаџер на кафеаната „Ден и ноќ” во времето кога беа хит забавите со Жаре Бербер во присуство на скопскиот џет сет. Во тоа време се зближува и со Урко, кога му организираат и борба со кик-бокс шампион, каде Кичеец, неизвесно е како, ама сепак победува!

Според нашите сознанија, некаде околу 2008/2009 година, Кичеец станува близок со Влатко Мијалков и од тогаш се гради и довербата меѓу нив. Како се гради таа доверба, така Кичеец се оддалечува од Урко, а постојат и сомневања за меѓусебни провокации во едно од нивните омилени кафулиња на Ленинова, но никогаш не дошло до посериозен инцидент меѓу нив.

Истовремено, Кичеец влегува во ривалство со Ален Зекиров, за кое се смета дека било добро контролирано од браќата Мијалкови. На крајот, браќата го бираат оној „пофиниот”, па го тргаат Ален на страна, наводно, по еден одржан состанок во МВР.

Се шпекулира дека освен од страната на Зекиров, до Кичеец стигнувале и закани од трети страни, па имало период кога низ градот тој се шетал со четворица телохранители. Но, сега за сега, тој е на сигурно, затоа што на негова страна ги има Мијалкови!

 

 

 

Поврзани новости