АРХИВА Груевски платил милиони на фирма од Израел за да измисли жолто комбе

by Fokus

Текстот е објавен на 22 декември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1159

Валентина ВУРМО

Летото, јули 2015 година, тогашниот премиер Никола Груевски, заедно со своето семејство помина неколкудневен одмор во Израел. Откако медиумите објавија фотографија на која се гледаше како Груевски се сонча, со ултра скапи очила, од владата потврдија дека тој е на одмор во оваа блискоисточна земја.

Истата година во декември, Груевски повторно го посети Израел, каде што потпиша декларација за пријателство.

Оваа земја беше честа дестинација на Груевски, кој освен приватно, во повеќе прилики додека беше премиер, ја посети и службено.

Во 2010 година имаше средба со политичкиот врв во Тел Авив, од каде што ја почна кампањата за промоција на земјата како атрактивна дестинација за инвестиции.

Неколку години подоцна се покажа дека лобирањето на Груевски било успешно, бидејќи според познавачите, голем дел од набавките за МВР и за Армијата, се купувале од израелски компании.

Но, тоа не е сѐ. Постои сомнеж дека соработката до толку пораснала, што тамошна компанија и вршела и незаконски услуги на македонската влада, поради што, пак, тие се оддолжиле со милионски тендер.

Нивниот „дил ориентед“ однос го откри Специјалното јавно обвинителство. Поточно, фирмата, која според извори на „Фокус“ е од Израел, му помогнала на Груевски да ја измисли приказната дека незаконското прислушување го правеле странски служби, а за возврат, за да им ја платат услугата, добиле тендер од МВР.

ЛАЖНИОТ ДОКУМЕНТ СО КОЈ ШЕТАЛ ГРУЕВСКИ БИЛ И КЛАСИФИЦИРАН

СЈО ја информираше јавноста дека отвориле истрага „Странски служби“, во која засега се осомничени две лица, од кои едниот ја имал улогата на поттикнувач, а другиот бил директен извршител. Според доказите што ги прибрале, во октомври и во ноември 2014 година, по барање на еден од осомничените, кој во тој период бил началник на Одделот за оперативна техника при УБК, странска компанија изготвила извештај, во кој е наведено дека на подрачјето на Град Скопје, користејќи своја опрема, детектирала нелегална активност со клонирани (дупли) базни станици. Според обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, овој извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби, теза што упорно ја пропагираше претходната влада.

Зоран Заев, во септември 2014 година, објави дека поседува докази за нелегално прислушување, што упатува дека тогашната власт веднаш барала начин да ја покрие аферата, и експресно, веќе наредниот месец, го нарачала лажниот извештај. По изработениот извештај, кој Груевски го добил, но го презентирал само во затворен круг на неговите соработници, сценариото за странските служби доби и продолжение. Па, така, на 31 јануари 2015 година, на прес-конференција Груевски истакна дека врз државниот врв е направен обид за пуч и тоа преку странски служби, правејќи обид да ги деактивира „бомбите“, кои Заев се подготвуваше да ги објави.

Таквото сценарио, со конспирациски мотиви за уривање на државата однадвор со помош на „домашни предавници“, Груевски го спомена само уште еднаш на крајот на февруари, а потоа странските служби исчезнаа од неговите говори.

Дури по две години се дозна дека Груевски нарачаниот лажен извештај го искористил за да ги убеди коалициските партнери и блиските соработници дека прислушувањето го направила странска служба.

Груевски со извештај во рацете, напишан на англиски јазик, и потпишан од странска компанија, не убедуваше дека прислушувањето не го вршело УБК, туку странска служба. Голем дел од неговите соработници поверуваа, бидејќи извештајот беше изготвен од стручна служба, ни изјави Павле Трајанов, кој додава дека уште тогаш му дал до знаење на Груевски дека тој не верува во понудената приказна, бидејќи знаел дека прислушувањето го вршело УБК, а човек од внатре му ги дал материјалите на тогашниот лидер на опозицијата, Заев.

Трајанов истакнува дека тогаш Груевски им појаснувал и дека жолто комбе шетало и прислушувало низ градот, дека базни станици биле поставувани на дрвја…

На прашањето дали Трајанов го има овој извештај кај себе, ни одговори дека го нема, бидејќи станувало збор за класифициран документ, кој им бил покажан од Груевски, но не добиле копија.

Ова значи дека, освен тоа што извештајот бил лажиран, тој бил жигосан со строго доверливо или државна тајна, а со претпоставка да не се дознае ујдурмата.

А, претходно истата лага Груевски им ја сервираше и на граѓаните, кога и првпат јавно го спомена извештајот.

Откако Зоран Заев започна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди, дека повремено на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител вршел нелегално прислушување и снимање на телефонски разговори, користејќи мобилна опрема, чија локација постојано се менува, а која функционира по принципот на клонирање на т.н. базни станици. Се правела промена на местоположбата, а во радиус од околу 2 километри од институциите, главно во Центар, од каде што се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции, и таа опрема ја прикачувале во одреден дел од денот, најчесто помеѓу 12 и 18 часот, изјави Груевски, во обидот да ја убеди и јавноста дека прислушувањето го правеле странски служби.

ИЗРАЕЛСКАТА КОМПАНИЈА ЌАРИЛА ТЕНДЕР ОД МВР

Сепак, пласирајќи ја тезата за странските служби, Груевски „заборави“ да им појасни на граѓаните дека компанијата што ја извршила проверката, по еден месец добила тендер од МВР.

Поточно, за сѐ да биде „според Устав и закон“, по еден месец од изготвениот извештај, компанијата добила тендер за набавка на опрема во МВР, со што најверојатно си ја наплатила и услугата за извештајот.

Оваа компанија, надвор од процедурите во Законот за јавни набавки, со веројатно најбрзата постапка за јавна набавка на опрема, преку дејствија на двајца осомничени со фаворизирање од нивна страна, го добила тендерот за набавка на опрема за потребите на МВР, појасни обвинителката Фетаи.

Постапката за оваа јавна набавка ја иницирал осомничениот началник во Одделот за оперативна техника при УБК, кој на 16 декември 2014 година побарал да се спроведе постапката. Првоосомничениот, за кого од СЈО не откриваат на која функција бил во УБК, донел одлука за набавка, формирал комисија и самоиницијативно доставил три покани за прибирање понуди до три странски компании.

Експресно, за пет дена, била средена целокупната работа, односно наводно претставниците на странските компании ги примиле поканите и веднаш ги доставиле понудите. Од СЈО се сомневаат дека поканите реално не стигнале во рацете на странските компании, туку ги пополнило едно исто лице.

Како и целата процедура, и реализацијата била спроведена експресно, бидејќи на петтиот ден, на 24 декември, била донесена одлуката за избор на најповолна понуда и уште истиот ден бил склучен договорот со претставник на странската компанија. Сосема „случајно“, пак, претставникот на компанијата баш тој ден бил присутен во земјава.

Опремата по овој договор, за кој постои основано сомнение дека е склучен со незаконити дејствија на двајцата осомничени, е испорачана во мај 2015 и е инсталирана, истакнува обвинителката Фетаи.

Од СЈО и од МВР побаравме одговор на неколку прашања, односно за каква опрема станува збор и која била нејзината вредност, односно колку „тежела“ набавката.

Од СЈО ни посочија дека станува збор за класифицирани информации поради што не можат да споделат повеќе информации со јавноста, а од МВР, до затворањето на овој број од неделникот, не добивме одговор на поставените прашања.

УШТЕ ЕДНА ИЗРАЕЛСКА КОМПАНИЈА ОДЕКНА ВО „БОМБИТЕ“

Израелска фирма од која МВР набавила опрема во 2011 година, се споменуваше и во една од објавените бомби од страна на опозицијата, но како што дознава „Фокус“, тоа не е истата компанија која го изготвила извештајот, кој според СЈО е лажен.

Во аудиоразговорите што ги презентираше СДСМ, наводно станува збор за бизнис-договори што Мијалков ги договарал со негова соработничка и нејзини разговори за провизии со претставници од израелската фирма, која требало да ја набави опремата за прислушување од 14 милиони евра.

Директорот на УБК, Сашо Мијалков зел провизија од половина милион евра само за да почне да преговара за набавка на опрема за прислушување од израелска фирма, обвини Заев, презентирајќи ја 15-та по ред политичка бомба.

Значи ќе им кажеш: Додека не ги добиеме последните пари, тоа се пола милион, да не пуштаат. Следното пуштање нека биде одеднашка, како што рековме, така?, ѝ вели Мијалков на неговата соработничка во еден од објавените разговори.

Да, на три пати рекоа, и Вие рековте така….“, одговара таа.

Три пати, по колку беше?“, прашува Мијалков.

Три пати по 900 и нешто“, вели Светлана Костова.

Вака, според Заев, се одвивале преговорите за тоа како да се префрла провизијата за опремата за прислушување што ја набавувало МВР.

Како потврда на ова, Заев пушти аудиоснимка меѓу Костовска и Хаим Хакејни, во кој таа му вели „рековме штом ќе го добиеме остатокот од парите, Вие ќе почнете со следната исплата“.

Понатаму, тие договараат во која банка да бидат исплатени парите. Израелецот ја известува дека „ја промениле банката, на друго место, во Будимпешта“.

Директорот ни даде детали од друга банкарска сметка, на која ќе ги уплатиме парите. Во понеделник компанијата конечно ќе го плати остатокот од парите за авансот“, Хакејни ја известува Костова.

МВР и Мијалков демантираа дека за зделката се потрошени буџетски пари, наводно опремата била обезбедена со странска донација, негираа дека некој зел поткуп и објаснија оти станува збор за опрема наменета за специјалните единици на полицијата, а не за прислушување, како што тврдеше Заев.

Мијалков во брзиот демант на бомбата на Заев објасни дека помошта е од „пријателски служби“, без да прецизира ниту институција ниту пак, ја спомна државата Израел. Тоа го направи МВР, кое пак, со првото соопштение директно му се извини на израелското Министерство за одбрана. Меѓутоа, без оглед на адресата на извинувањето, никогаш децидно не беше кажано која израелска институција решила да одвои 5,5 милиони евра за помош на македонските специјални единици.

Невообичаено е и тоа што договорот за донацијата оди преку тогаш вработените во УБК, Сашо Мијалков и Светлана Костовска, бидејќи управата нема директна надлежност врз специјалните единици, тоа е задача на Бирото за јавна безбедност, кое одговара директно на првиот човек на полицијата.

Полицијата објасни дека сите 5,5 милиони евра донација, на која се однесуваат снимените разговори, биле префрлени на компанијата – набавувач на опремата, за потоа 4,4 милиони да бидат исплатени на производителот и 1,14 милиони да одат во буџетот на Македонија на име на царина и на ДДВ. Во компанијата не останало ниту евро од донацијата.

Сите други детали беа сокриени под превезот на државна тајна, односно од МВР убедуваа дека документот е класифициран, поради што се очекува и оваа израелска донација да ја декласифицира СЈО.

Последната службена посета на Израел, Груевски ја направи на крајот на 2015 година. Провладините медиуми тогаш објавија дека, за разлика од Заев, Груевски во оваа земја бил пречекан со висока почит и во стил на голем пријател. Тамошниот премиер Бенјамин Нетанјаху му се обраќал со Никола, со што според одредени македонски новинари се изразувала блискоста и довербата што еден со друг ја имаат.

По оваа утврдена блискост, сега на ред е СЈО да ја утврди блискоста на поранешните владини функционери со израелските компании. Да докажат дали покрај тоа што се викале на име, изработувале и лажни извештаи, кои подоцна биле дебело наплатени!

Рамка

ГРАЃАНИТЕ НИКОГАШ НЕ ПОВЕРУВАА ВО СТРАНСКАТА СЛУЖБА НА ГРУЕВСКИ

За разлика од големиот број соработници на тогашниот премиер, кои поверувале во лагата, сепак поголемиот дел од јавноста никогаш не го проголта сценариото со странските служби.

Во јуни 2015 година, или четири месеци откако Заев почна да ги објавува бомбите, во анкетното истражување „Еврометар 2015“, чиј автор беше Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), се покажа дека само 20 проценти од граѓаните веруваат дека прислушуваните разговори со кои располага опозицијата се направени од странски служби.

 

Поврзани новости