АРХИВА Груевски ни ѕиркаше во спалната соба, а сега ни се пикна и во фрижидерот

Текстот е објавен на 26 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 994

Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Ако до неодамна владата ни беше во спалната соба, бидејќи нели не советуваше колку деца да имаме и нѐ предупредуваше дека не смееме ниту да помислиме на абортус, сега се пресели во кујната и буквално ни влезе во фрижидерот. Го отвораш, и таму, покрај вчерашната сарма и домашниот ајвар, се појавува премиерот, Никола Груевски, кој ти вели дека треба да го наполниш фрижидерот со свежи зеленчук и овошје, како и со морска риба и со свежо пилешко месо, кое никако не смее да се камуфлира со сомнителните замрзнати американски копани.

Ова значи дека најпрвин уредот треба да се исчисти од мразот што го совладал, бидејќи и досега бил полупразен, па убаво да се наполни со здрави и хранливи продукти.

Ама, она што не ни го појасни премиерот е како да се дојде до нив? Покрај сите совети и несоборливи факти, кои во изминативе денови ги слушнавме лично од него, презентирајќи ја најновата кампања „Здравјето е избор“, и покрај сите презентирани рецепти, тој не одговори на прашањето со кои пари граѓаните да ја исполнат неговата заповед? Дали тој месец, кога ќе се гостат со вргањ, лосос, ананас, маслиново масло, интегрално брашно, да не ја платат струјата, водата и парното…

Да биде иронијата поголема, кампањата тешка половина милион евра, иако нарачана уште од поодамна, пред јавноста беше презентирана на 17 октомври, или точно на Светскиот ден на сиромаштијата. А, Македонија на тој ден има и што да „слави“, бидејќи над 30 проценти од населението е сиромашно, а десетици илјади гладуваат, зашто немаат за леб, а не, пак, за бадеми и за лешници.

СЗО: ЗДРАВАТА ХРАНА Е СКАПА

 Но, според проценката на премиерот Груевски, „Здравјето е избор“ е досега најзначајната владина кампања.

Владата во континуитет нѐ советуваше како да бидеме добри домаќини, да станеме академски граѓани, да се откажеме од пороците, да бидеме толерантни и да градиме соживот, па откако го научивме сето ова, на ред дојдоа и советите за тоа како да се храниме.

„Наша обврска е од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот да ги доближиме до секој обичен граѓанин. Секој да може да го разбере тоа затоа што не секој граѓанин може да прочита што некој кажал на Јејл, на Харвард или што препорачува СЗО“, истакна Груевски, во обидот да ја доближи новата кампања до народот.

Тој додаде и дека на овој начин државата ќе заштедела, односно со кампањата ќе се превенираат и ќе се спречат многу болести за кои  трошела многу пари за лечење. Значи, ќе се олесни само буџетот на граѓаните, ама за возврат, пак, ќе пукаат од здравје.

Сепак, од владата признаа дека оваа генијална кампања не е нивна идеја, туку ја измислиле Финците. Ваков концепт за подигање на свеста кај граѓаните за водење здрав живот веќе 30 години се спроведувал во Финска, каде што смртноста била намалена за дури 70 проценти. Овој податок навистина звучи неверојатно, но она што македонската влада заборави да го сподели со својот народ е податокот дека просечната плата во Финска е 2.100 евра, или за седумпати повисока од македонската.

Исто така, премиерот се повика и на податоци од Светската здравствена организација, но заборави да го спомене нивниот податок дека здравата храна е скапа! Ова не е претпоставка или паушално тврдење, туку став на СЗО, од каде што минатата година излегоа со точна пресметка за тоа колку чини здравиот оброк. Па, така, од СЗО пресметале дека секој човек дневно треба да издвои дополнително 1,1 евро за здрава храна, што на годишно ниво е повеќе од 400 евра, или 1.600 евра за едно просечно четиричлено семејство. Од СЗО пресметале дека оброкот од зеленчук, риба и ореви е многу поскап од чинија индустриски месни преработки и други додатоци. Тие наведоа дека за дневно консумирање на 400 грама овошје или зеленчук треба да се издвојат дополнителни 1,17 евра и тоа само за едно лице. За брачна двојка со две деца тоа месечно се дополнителни 131 евро.

Како поткрепа на овие пресметки одат и последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои, 1.146.400 граѓани во Македонија не можат да си овозможат да платат јадење со месо, риба или соодветно вегетаријанско јадење секој втор ден.

Според податоците на Евростат, Македонија, пак, е трета најсиромашна земја во Европа. И Светска банка укажува дека повеќе од 30 проценти од луѓето во Македонија живеат со помалку од еден долар на ден, а две третини од населението со помалку од два долари на ден.

По овие статистики, слободно можеме да заклучиме дека Македонците досега не се хранеле здраво, не дека не сакале или не знаеле, туку бидејќи немале пари.

Н:СПОРЕД ГРУЕВСКИ, НЕ БИЛО СÉ ДО ПАРИТЕ, ТУКУ ДО СВЕСТА?!

 Премиерот, пак, без да ги земе предвид овие загрижувачки статистички податоци, понесен од идејата од Македонците да направи здрава и силна нација, извика дека не било сѐ до парите, туку до свеста. Па, за да ја зголеми свеста на населението истакна дека од голема важност е секојдневно да се внесуваат овошје и зеленчук, со исклучок на компирот, додавајќи дека целозрнестите житарки, како што се пченката и пченицата, придонесуваат за подолг и поквалитетен живот. Од протеините, пак, ги издвои рибата и пилешкото месо.

Хм, и тука веднаш имаме проблем. Во старт ни е забранет компирот, кој речиси на сите македонски граѓани им претставува неизбежен дел од главниот оброк. Не само затоа што е вкусен, туку, пред сѐ, затоа што е евтин. Рибата, пак, се јаде најчесто за време на постите, и тоа онаа најевтината. А, со убава и квалитетна риба се изненадува стомакот  еднаш годишно, за Св. Никола. Морската риба, пак, и за овој празник останува нешто непознато.

Дека не е сѐ до свеста, туку до парите, покажуваат навиките на граѓаните, кои се хранат со овошје и зеленчук, но само во периодите кога цената на овие производи е достапна за нивниот џеб.

Не треба да сте експерт-нутриционист за да знаете дека здравата храна е многу подобра за вашето здравје, но не треба ниту да сте економски експерт за да знаете дека таа е многу поскапа. Затоа, наместо да се гледа производителот, на прво место секогаш е цената.

Така, на сите им е јасно дека маслиновото масло е покорисно, но доколку со него треба да го заменат сончогледовото, ќе треба да платат најмалку трипати поскапо. Ценовен шок ќе ги дочека и доколку наместо обичните сокови на растворање, си купат природни овошни сокови. Од јаткастите плодови, кои во зависност од видот чинат над 500 денари за килограм, можат да си го дозволат оревот, и тоа ако го имаат во сопствениот двор.

НИ ДАВААТ ЗАГАДЕНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, А НÉ УЧАТ ДА СЕ ХРАНИМЕ ЗДРАВО

Комуниколозите што ги контактиравме, истакнуваат дека се затекнати од најновата кампања, односно од улогата која во неа ја зазеде премиерот Груевски. Тој речиси половина час објаснуваше што е здраво да се јаде, а што е штетно, а на моменти беше доведен во ситуација кога со тешкотии изговараше одредени поими, што е и очекувано, бидејќи зборуваше за сфера, која професионално не му е воопшто блиска.

„Кај нас, по сѐ изгледа, се почнува и завршува со премиерот. Излегува дека ако тој не ни каже нешто, ние нема да послушаме, па затоа мора да се појави. Нормално е државата да прави или да финансира кампањи кои се во интерес на граѓаните, но за мене е неприфатливо нив да ги промовира премиерот. Еве, Германија имаше една кампања за штедење на водата, која пренесуваше практични совети за граѓаните, а се реализираше без Меркел да се појави во медиумите. Или, во Англија имаше кампања за здравата исхрана, но неа ја реализираше кулинарот Оливер, кој буквално упаѓаше во кујните на рестораните и ги учеше готвачите како да ја приготвуваат храната, вели комуникологот Весна Шопар.

Таа забележува дека кај нас работите се вршат наопаку, по обратен редослед.

„Додека тече кампањата за здрава храна, истовремено до нас стигнуваат и информации дека водата во Гевгелија има арсен, или дека нивите во близина на затворот во Куманово се загадени со фекалии, или дека почвата е загадена и во Велес, во Тетово… Па, како сега нѐ учат да готвиме здрава храна, а истата мораме да ја зготвиме во вода со арсен. Или од каде да бидеме сигурни дека купуваме органски производи, кога постојано слушаме за се поголем број загадени земјишта. Со кампањата ни велат дека „Здравјето е избор“, но ова всушност покажува дека ние немаме избор“, поентира Шопар, заклучувајќи дека приоритетите се измешани.

Според Марина Тунава, предавач во Високата школа за новинарство и односи со јавноста, кога станува збор за кампањи за подигнување на јавната свест и за промена на навиките на граѓаните, најдобро би било да се слушне гласот на стручните лица и гласот на обичните луѓе.

„Ако станува збор за кампања за здрава исхрана, тогаш тука има простор да се слушне гласот на нутриционистите, лекарите, професорите од факултетот за земјоделски науки и храна, граѓанскиот сектор… Во одредена фаза од кампањата може да се слушне и гласот на министерот за здравство, иако би требало да се има предвид дека и зачестеното појавување во јавноста и медиумите може да предизвика чувство на презаситеност кај публиката. Не е вообичаена пракса во светот или, пак, гарант за успех при водење кампањи од ваков тип да се појави премиерот на државата“, вели Тунева. 

Таа додава, дека за да успее кампањата, чија цел е од интерес и за поединецот и за државата, треба да се води сметка и за начинот на настапување, односно дали ќе се оди со “офанзивно наметнување на идејата“ или со користење на повнимателен пристап и пораки, водејќи сметка и за социјалниот момент и стандардот на оние на кои им е наменета – граѓаните.

Економските аналитичари и политиколози, пак, истакнуваат дека кампањата е излишна бидејќи македонските граѓани се хранат неквалитетно и нездраво, не зашто не знаат, туку затоа што немаат пари.

„Оваа кампања е спротивна на економската реалност во Македонија. Фактот што поголемиот дел од домашниот буџет граѓаните го трошат на храна, укажува на сиромаштија. И тоа постојано прават напори да ги намалат овие трошоци, поради што купуваат и неквалитетна, па дури и храна со изминат рок, бидејќи таа е поевтина, а сѐ со цел да им останат средства за другите давачки. Кога владата, при ваква реална ситуација, излегува со ваква кампања укажува на тоа дека тие изгубиле чувство за реалноста и дека си веруваат на сопствената пропаганда дека бележиме раст и развој“, вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

ПОТРОШЕНИ НАД 20 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КАМПАЊИ

Ако граѓаните немаат пари за храна, владата веќе со години покажува дека има пари за кампањи. Пресметките покажуваат дека, владејачката гарнитура од 2007 година, па сѐ до денес, потроши околу 20 милиони евра за над триесетина кампањи, или во просек секоја чинеше околу половина милион евра.

Првите кампањи се појавија во 2007 година, кои според финансискиот извештај на Државниот завод за ревизија чинеле неверојатни 7,7 милиони евра. Една од кампањите беше за да се привлечат странски инвеститори во Македонија, а другата беше за образование.

Веќе од наредната, 2008 година, цената на кампањите почна да се објавува и на Бирото за јавни набавки, но владата никогаш не откри колкав дел од колачот оди за изработка на кампањите, кои ја вршат неколку маркетинг-агенции, а колку за емитување на медиумите.

Освен во 2007 година, владата за кампањи најмногу пари потрошила во 2009 и во 2011 година, односно во месеците по одржувањето на парламентарните избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ се јавува како победник. Токму поради таквата коинциденција со изборите, тогаш од СДСМ истакнаа дека се сомневаат дека преку кампањите ВМРО-ДПМНЕ ги враќа долговите за предизборните партиски кампањи.

Податоците покажуваат дека во 2009 година се потрошени рекордни 5,6 милиони евра за десет кампањи. Интересно е тоа што договорите за осум од кампањите се потпишани на ист датум, поточно на фамозниот 17.3.2009 година. Ова лесно може да се провери во податоците на Бирото за јавни набавки, од кои се гледа дека Генералниот секретаријат на Владата, во ист ден потпишал договори со дури 28 маркетинг-агенции. Тогаш во етерот одеа кампањи кои требаше да влијаат врз граѓаните да ги остават алкохолот и цигарите, а се редеа и нови епизоди од „Истражи ја Македонија“. Истата година одеше и кампањата, според која, кога дома имате пожар, немојте ни да помислите да спасите жива глава, туку спасете ги книгите. Ако вие не успеете да се извлечете, ќе ги прочита некој друг. Потоа следуваа и оние кои ги едуцираа граѓаните како да ја одржуваат јавната чистота, а по нив следуваа часовите по етика и етичко однесување. Оваа година се појави и кампањата против абортусот, односно 2009 година е точниот период кога владата непоканета ни влезе во спалните соби.

Во изборната 2011 година, пак, биле потрошени 3,5 милиони евра за девет нови кампањи. Со толку пари нѐ учеа како да бидеме подобри домаќини, ни го развиваа претприемачкиот дух, па повторно ја истражувавме Македонија. Освен „едукативни“ кампањи се правеа и такви што служеа за рекламни цели, односно се рекламираше набавената медицинска опрема, како и реформите во јавната администрација и судството.

Меѓу последните кампањи, пак, кои деновиве ги бомбардираа националните телевизии, се оние за безбедноста во сообраќајот и се разбира, најновата, за здравата исхрана.

Иако владата веќе осма година по ред упорно осмислува и реализира нови кампањи, сепак, јавноста остана покуса за информацијата дали тие имале некаков ефект. Досега само кусо информираа дека тие правеле истражување за ефектите, но не се „осмелија“ резултатите да ги споделат со јавноста. Зошто? Дали можеби не ги оправдуваат потрошените пари, за кои и така постојат сомневања дека се трошат нетранспарентно?

На овие прашања нема кој да одговори бидејќи премиерот е зафатен со стручни совети, како на пример оној дека консумацијата на сол во текот на денот за возрасни луѓе не треба да биде повеќе од шест грама, а кај децата и помалку, бидејќи според анализите солта го покачувала крвниот притисок.

Кога сме веќе кај крвниот притисок, премиерот изостави да каже и дека секојдневниот стрес и нервоза предизвикани од беспарицата, исто така, доведуваат до негово покачување. Но, за жал, за оваа дијагноза не го даде лекот. Најверојатно ќе следува нова кампања, која без сомнение ќе тежи, веќе уиграни, половина милион евра.