АРХИВА Фокус открива: Каква бомба ќе активира Заев?

Текстот е објавен на 10 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 992

Пишувал Зоран ДИМИТРОВСКИ

Препораката од Европската унија со серијата задачи што Македонија треба да ги заврши ако сака да напредува на патот кон Брисел, е само календарски увод во разрешницата на политичките мистерии што изминативе неколку седмици се множат во јавноста и се закануваат да ја скројат иднината на Македонија.

Лидерот на СДСМ спектакуларно најави дека премиерот Груевски посрамен, во рок од три дена ќе си поднесе оставка, штом ќе тој го соочи со доказите што ги има, но, сепак, стравува дека тоа нема да биде добро за државата. Букефалистите, односно истурените антички пера на власта, сериозно го предупредија Груевски да не си игра со оган, откако обнародија оти пастирот наскоро би можел да подлегне на притисокот однадвор и да се обиде да протурка решение на спорот за името наводно по волја на Атина!?

Што се крие зад овие тајни на СДСМ и ДПМНЕ и каква иднина ја очекува Македонија во нивната светлина – разрешница на политичката криза, враќање на СДСМ во парламентот, делумни избори за пратеници, нови предвремени парламентарни избори или можеби нова политичка и/или меѓуетничка криза? Навистина, драматичните најави за идните случувања навестуваат неизвесна, бурна политичка есен-зима, чиј крај е непредвидлив. Но, да тргнеме со ред.

„ШПИОН 2“ ЗА ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА

Веќе подолго време режимот на Груевски се обидува да упати јасни сигнали во јавноста оти обвинувањата за предавство, одработување за грчките интереси и слично, кои власта редовно му ги упатува на лидерот на СДСМ и политичката дружина околу него, наводно не се без поткрепа. Доказите за тоа, според ДПМНЕ, лежат во фактот што тој често и сомнително патувал во Грција, арно ама тајната служба на државата – помно го следи! Така, во „Дневник“ летово осамнаа „шокантни“ докази – фотографии од кои може да се види оти Заев грчката граница ја преминувал пеш. Само малоумните можеа да поверуваат оти тие „откритија“ се резултат на некакво новинарско истражување. Напротив, тајната служба на братучедите преку овој текст сакаше да и упати директна порака на јавноста дека Заев е под присмотра зашто наводно е шпион! Згора на тоа, „Канал 5“ обнароди и оти снимката за случајот „Македонска банка“, разговорот меѓу Ден Дончев, пастирот и газда Нини за кешот, всушност била монтирана во грчките разузнавачки лаборатории.!? Сето ова требаше да сугерира оти „предавникот Заев“ бил шпион на атињаните, кој патувал тајно во Грција за да го земе наводно фабрикуваното цеде, со кое ќе се обиде да изврши политички атентат меѓу два изборни круга, против легално и легитимно избраниот македонски премиер. А сето тоа се разбира заради промена на името.

Целата таа медиумска харанга, која го придружи скандалозниот судски процес за клевета против Заев, своите рогови си ги покажа дури минатата недела. Лидерот на СДСМ во ТВ интервју јавно сугерираше оти има докази дека за време на изборите бил следен и прислушуван од безбедносните служби, како што рече, како брат Љубе, сакајќи да каже оти тоа власта не го правела тајно, туку официјално отворила предмет со основано сомнение за кривично дело од најтежок вид за што очигледно постоел и судски налог. Со оглед на тоа дека е малку веројатно оти Заев бил осомничен за шверцување дрога, оружје, бели робје или мигранти, јасно е, ако има судски налог, оти државата подготвувала процес „Шпион 2“ против лидерот на опозицијата, за некаков заговор против државата, велепредавство и слично!? Единствено што не е јасно во овој миг е дали случајот против Заев, ДПМНЕ и нејзините партиска полиција, суд и обвинителство, имале намера да го процесуираат веднаш по изборите, а потоа се откажале или, пак, сѐ е одложено за погоден миг, односно можеби допрва имаат намера да го пикнат лидерот на опозицијата зад решетки!? Како и да е, таквиот политички процес е без преседан во Европа, примерен само на режимите на Лукашенко и Ердоган. Дури ниту Путин не се дрзнува да отвора процеси за заговор против државата против опозициските лидери, па им измислува „финансиски криминал“ за да ги прогонува и затвора.

МАЧО-ТАКТИКА

Но, Заев и СДСМ очигледно се решиле мачоистички да одговорат на овој сомнабулен полициски терор од режимот. Од тие причини, лидерот на опозицијата и неговите политички соработници во изминативе неколку месеци сѐ почесто јавно ѝ упатуваат пораки на власта оти ќе ја изрезилат со документи за нови афери кои ќе ги обнародат, дека располагаат со докази за криминал со кои ќе го разобличат режимот и фамилијата, ќе го документираат политичкиот прогон на опозицијата итн.

Сепак, можеби токму поради грешките во чекори при пласирањето на аферата „Македонска банка“ и нереалните очекувања за политичкиот ефект на фамозната снимка врз изборите, Заев сега реши малку да „дува на јогурт“ и очигледно калкулира и со тајмингот и со начинот на активирање и дозирање на информативната „бомба“. Притоа, на сличен начин како што тоа го прави власта, со демонстрација на моќ и политички дисквалификации на противникот, и тој и луѓето околу него го креваат адреналинот во јавноста, говорејќи со јазикот и аргументите на силата, додека не се осигураат дека ќе можат да постигнат успех со силата на аргументите. Токму така, самоуверено и заканувачки звучат фразите „имаме начин да го натераме Груевски да се согласи на формирање техничка влада и предвремени парламентарни избори“, „Посрамен, Груевски за три дена ќе си поднесе оставка…“ и слични наводи според кои водството на опозицијата сака да ја увери јавноста оти многу скоро, за некој месец, де, Груевски веќе нема да биде премиер на Македонија!

Информациите за природата на „бомбата“ веќе кружат во подземните политички кругови, особено во новинарските и во дипломатските кулаори, но сѐ додека не видиме црно на бело, останува да рационализираме што навистина можеме да очекуваме од Заев и на каков одговор можеме да се надеваме од власта.

Притоа, да потсетиме дека уште за време на парламентарните избори, кои опозицијата ги прогласи за нерегуларни, недемократски и нефер, Заев и дружината најавија цврсти докази за изборниот фалсификат, факти за тоа како е договарано местењето на изборите. Опозицијата постојано повторуваше – ќе го докажеме и ќе го документираме изборниот криминал на Груевски! Иако јавноста виде дел од доказите на СДСМ, факт е оти медиумската машинерија на власта ги забошоти и ги релативизираше, така што вистината за тоа очигледно допрва подетално и потемелно ќе се разоткрива.

ШТО МОЖЕ ДА ГО ЗАСРАМИ ПАСТИРОТ?

Арно ама, Заев со својата храброст и врева сега дополнително ги подгрева очекувањата, па јавноста од СДСМ очекува афера за криминал во врвовите на власта многу потазе и многу поачик од оној во „Македонска банка“ и барем исто онолку драматичен колку и „Големото уво“ што своевремено го откри Бранко Црвенковски. Значи, нема да биде доволно откритието оти режимот го следел и прислушувал Зоран Заев за време на изборите, иако и тоа само по себе е скандал пар екселанс. Навистина, власта има моќ и располага со механизми да релативизира дури и афера со димензии на „Големото уво“ и да ја доведе во прашање нејзината веродостојност, како и снимката за случајот „Македонска банка“. Впрочем, на сличен начин ДПМНЕ во времето на Георгиевски го обвини СДСМ дека партијата прислушувала со паралелен систем и техника! Затоа овојпат ќе биде важна содржината на откритијата, а не, на пример, кој, кого и во која пригода следел или прислушувал. Ќе бидат важни доказите, аудио, видеоснимките, документите, сведоштвата за договарање изборни местенки, за криминални зделки, за корупција на владиниот и партискиот врв… И ќе биде уште поважно тие да бидат јасни, недвосмислени и неотповикливи!

Но, Заев ја крена летвичката многу повисоко, па сега сите се прашуваат што е тоа што навистина може да го засрами Груевски за да поднесе оставка во рок од три дена? И зошто обелоденувањето на таква вистина може да ѝ нанесе штета на нацијата и на државата? Снимка од тајно договарање на власта за компромис за името, наспроти патриотската непопустливост на Груевски и ДПМНЕ? Тоа навистина би можело да го засрами премиерот, но зошто би ѝ нанело штета на нацијата? Опозицијата не мора да прифати штетен компромис за името! Не верувајќи во капацитетот на Груевски да се засрами од каков било доказ за учество на луѓе од ДПМНЕ во нелегални зделки, криминал, корупција, изборна манипулација и слично, шегобијците почнаа „срамот“ да го бараат во евентуалното обелоденување факти од интимниот живот кои можат да ги компромитираат вмровските челници. Иако ова се забавни сеирџиски шпекулации на политичкото подземје, факт е оти таква вистина би можела да ја здрма фотелјата на Груевски. Но, повторно, зошто тоа би ѝ нанело штета на нацијата и на државата, како што вели Заев? Доволно ќе биде доказот да му го презентира на Груевски, не мора да го обелодени во јавноста! Особено ако во таквиот чин нема кривично дело.

МУХАМЕД АЛИ И „УЛТИМЕЈТ ФАЈТ“

Единствената причина за оправданоста на она што го говори Заев, велат нему блиските, може да се докази што би им наштетиле на меѓуетничките односи. Дали Заев има нешто компромитирачко за Али Ахмети и Никола Груевски? За вториот наспроти првиот или обратно? За односот на владејачката ДПМНЕ кон Албанците? Ќе открие ли некаков таен план за Илирида, или подготовка на владејачката партија за „второ полувреме“ од 2001-та?

Јавноста знае оти односот на ДПМНЕ кон партиите на Албанците е дволичен, каков што е и односот на ДУИ кон државата и демократијата. Заедно ги делат привилегиите од власта, а всушност шират меѓуетничка омраза. Се разбира, афера од таков маштап има капацитет да ѝ нанесе штета на нацијата и на државата, но какво било откритие за челниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не мора да ја доведе во прашање иднината на Македонија, ако опозицијата има искрен однос. Слободарска Македонија, со помош на Запад, НАТО и ЕУ собра сили да ја запре војната од 2001-ва, па зошто не би можела да се справи со нова меѓуетничка криза? Особено затоа што на Балканот нема опкружување и атмосфера за нови војни.

Како и да е, сериозно разлутен од грубото, тоталитарно однесување на власта, од скандалозниот прогон на опозицијата, независните интелектуалци, новинарите и медиумите, со своите најави за скорешен политички пресврт, Заев почнува да личи на легендарниот Мухамед Али пред мечевите со Џо Фрејзер – кога пред почетокот в лице му се закануваше дека со него ќе го избрише патосот. Не знам дали и колку Заев има сила и моќ во своите политички мускули, претпоставувам дека не блефира зашто тоа може да го закопа, но никако не би требало да го потцени својот противник. Зашто, се покажа оти „боксерот“ Груевски во рингот мава и со нозе и со раце, како во „ултимејт фајт“, а згора на тоа користи и недозволени помагала.

За жал, и судиите во рингот се на негова страна и публиката е купена да вреска и силно да навива за пастирот, а ТВ камерите се слепи за недозволените удари во мечот и ги прикажуваат само нокдауните на Заев. Во такви услови, само кристално чиста афера со цврсти несоборливи докази, со меѓународна дипломатска и медиумска поддршка евентуално може да го принуди Груевски на елементарни политички отстапки за враќање на опозицијата во Собранието.

АНТИЧКА ФОРМУЛА

Најсилните два лоста што го крепат режимот на владејачката ДПМНЕ се коалициската поддршка од ДУИ, како и мнозинство Македонци кои веруваат во мантрата за патриотизмот на Груевски наспроти божемното предавство на опозицијата за спорот за името.

Токму тоа е втората тајна, која од редовите на власта драматично во јавноста ја пласираше најистуреното букефалистичко перо. Значи, разбравме оти Владата наводно имала намера, или така ја притискале однадвор, а таа демек подлегнува на притисоците да прифати компромисно решение – име со географска одредница за меѓународната заедница, а уставното име – Република Македонија да остане „само“ за домашна употреба. Тоа, наводно, била грчката „двојна формула“, која нас ќе нѐ обезличела. Немам причини да се сомневам во информираноста на античките пера. Особено затоа што и владината ДУИ, оценувајќи ги првите 100 дена Влада, наспроти ВМРО-ДПМНЕ соопшти оти сме биле блиску до решение на спорот за името. Наспроти тоа, изминативе неколку недели ДПМНЕ „искина опинци“ преку интервјуа и изјави на министерот за надворешни работи Никола Попоски да ја убеди јавноста оти причината зошто нема напредок во решението на спорот за името е тоа што Атина нема никаков интерес да се посвети на ова прашање, кое не било нејзин приоритет.

Но, по Берлинската конференција на германската канцеларка Ангела Меркел со државите од Западен Балкан стана јасно оти одговорноста и менаџирањето на процесот на интеграција на Македонија во Европската унија, што претпоставува и решавање на спорот за името, врз своите плеќи ќе го преземе Германија, која игра клучна улога и во санирањето на економската криза во Грција, од каде што се слушаат оптимистички пораки за скорешна стабилизација. Според упатените аналитичари во Грција, постојат големи шанси двајцата најголеми политички играчи, премиерот Андонис Самарас, лидер на владејачката Нова демократија и Алексис Ципрас, шефот на опозициската Сириза, веднаш по изборите, за кои сѐ уште не е извесно кога точно ќе се одржат, кој од нив и да формира влада, да се посветат на решение на спорот за името. А ако тоа одеднаш стане „приоритет“ во Атина, се разбира, под притисок на Берлин, Брисел и Вашингтон, тогаш и Скопје ќе нема каде да бега и ќе мора „да се качи на бродот“.

Бидејќи не е воопшто за верување оти Запад и ЕУ ќе ја притиснат Македонија да попушти за идентитетот, како што сакаат да нѐ уверат античките перодршки на ДПМНЕ, ако Атина навистина попушти за „ерга омнес“ и ако се согласи за „Република Горна Македонија“ за надворешна употреба како замена за референцата БЈРМ – што значи дека нема потреба да го менуваме Уставот и уставното име, прашање е каков поинаков одговор може да даде македонската Влада, освен да се пазари за местото на географската одредница и за некои други помалку важни детали.

ВНИМАТЕЛНО СО БОМБАТА

Се разбира, не треба да се сомневаме оти на режимот може да му одговара јавен отпор за таков тип решение на спорот за името токму од неговите советници од Аминта Трети за да може пред светот да вреска оти сака, ама ете, не може да склучи компромис. Но, ако се стокми таков меѓународен аранжман, на пастирот ќе му остане многу мал простор за политички маневар. Се разбира, тој секогаш може да го активира сценариото „случување на народот“ во кое се чувствува како риба во вода, но распишувањето нови предвремени избори во таква ситуација нема да биде излез од ќор-сокакот, затоа што ДУИ ќе биде на другата страна од дипломатските и од политичките барикади.

Оттаму и на Груевски му е нужен политички кислород кој може да го добие само ако СДСМ се врати во Собранието, зашто делумни избори за вештачко пополнување на собраниската дупка што зјае, само ќе го зовријат политичкиот котел.

Како и да е, јасно е оти периодот што следува, Берлин и Брисел ќе сакаат да го искористат да ги поттурнат Скопје и Атина да се приближат до решение на спорот за името. Во таква ситуација, ако се наѕира договор и ако в година е можен дури и референдум, ниту за ДПМНЕ, ниту за СДСМ не е добро опозицијата да биде надвор од парламентот.

Ете токму затоа, оваа есен, по горчливата препорака од Европската комисија за членство на Македонија во ЕУ, Груевски и Заев ќе мора да покажат резултат од политичкиот дијалог. Пастирот долго време се опира на барањето техничка влада пред следните избори, а информациите говорат дека долго време одбива да потпише политички договор дури со побенигна формулација – дека власта гарантира и се обврзува следните избори да бидат фер и демократски, зашто тоа за него би значело оти минатите биле измама.

Но, Заев е сега на потег. Си презеде огромна одговорност со најавите за политички земјотрес, па јавноста очекува да ја активира бомбата со која просторот на власта за политичка ароганција и опирање ќе биде стеснет. Се разбира, тоа мора да го направи внимателно, да не загине како бомбаш-самоубиец.

РАМКА

ЗОШТО ДЕН ДОНЧЕВ НЕ СВЕДОЧЕШЕ ЈАВНО?

За бумеранг-ефектот од случајот „Македонска банка“, кој заврши со скандалозна пресуда за клевета на Заев и глоба од 50.000 евра и немаше речиси никакво политичко влијание врз изборите, своја вина има и „соговорникот“ Ден Дончев. Судот го одби барањето на адвокатите на Заев, тој да биде сослушан како сведок, но ако „информаторот“ навистина сакал да помогне во политичкото разобличување на режимот и за уривање на митот за чесност на Груевски, тогаш требаше јавно, на прес-конференција или преку Јутјуб од Сиднеј или од Хонг Конг, сеедно, да проговори за договарањето кеш, за примопредавањето на парите од газда Нини и за тоа во чиј партиски џеб завршиле милионите од случајот „Македонска банка“.