АРХИВА Фокус открива: Како е договарана кумановската војна?

by Fokus

Текстот е објавен на 15 мај, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1023

Пишува Љубиша Арсиќ

Кумановската улица Перо Илиевски е сотрена од малата војна, која фуриозно се одигра низ тесниот простор од десетина куќи. Мирисот на барутот нема никогаш да исчезне за жителите кои утрото ги пречека со пукотници и паника. Нема да биде доволна ниту една сума пари да им го надомести стравот, стресот и непознаницата дали ќе останат живи. Во потрага по сигурно ќоше од налетот на муницијата, на стотината жители кои останаа живи од улицата тесна пет до шест метри, животот им е скратен.

Преживеале невиден и незамислив налет на полициските сили под изговор дека низ нивните куќи и дворови се криеле терористи. Станарите немале поим што се случува кобното утро, не знаеле ниту кој пука, ниту против кого, ниту, пак, кој се скрил во нивните домови. Нелогично и чудно. Неброен арсенал бил испукан од двете страни, а тие во чии дворови се случувал масакрот немале поим од кого се нападнати, а кој ги штити. Едноставно, 12 часа жителите слушале војна, но освен полицајците кои подоцна ги извлекувале, не забележале никого од терористичката група.

„Диво насеље“ во Куманово е градска населба, лоцирана во самиот град над зелениот пазар. Брои седум до осум илјади жители. Фреквенцијата на луѓе е голема, па лесно може некој да прави криминални дела, а никој да не го забележи. Но, дали може толку лесно некој да складира огромно количество оружје низ куќите со денови или со месеци, а сите да биле слепи? Дали е можно толкава голема група да подготвува терористички напади, а ниту еден од жителите на улицата да не му стане сомнително?

И уште редица други прашања кои ги отвора кумановската акција, а чии одговори одат кон сомнежот дека акцијата е можно да е договорена и наместена. Токму таквата можност деновиве ја анализираат многумина. Дали терористите се практично платеници, кој и колку ги платил? Зошто се појавуваат информации дека вооружените лица комуницирале со тајните македонски служби? За колку состаноци на вооружените со претставници на власта има докази? И на крајот, што кријат снимките на Заев – дали уште пред година и пол до две имало контакти на одредени политичари со некои од групата? Планот на францускиот експерт предвидувал и такви контакти, но нашите извори не знаат кој бил задолжен за комуникација со платениците.

ДАЛИ АКЦИЈАТА НА МВР Е ПР ПРОЕКТ?

Во потрага по информации дали полициската акција е местенка и дали тоа е начин да се дефокусира јавноста, но и дали вооружените лица биле под контрола на политиката и дали навистина некој искеширал за тие да глумат дестабилизатори, откривме дека во февруари, познат ПР агент од Франција (идентитетот му е познат на редакцијата) имал таен состанок со високи претставници на власта во Скопје. Нашите извори, и од дипломатските кругови и од безбедносните служби пренесуваат детали дека тогаш наводно е договорена мала, но контролирана војна, каква што и практично се случи, која ќе има за цел да создаде паника и страв, а преку успешна полициска акција да се врати некаква доверба во институциите и во државата.

Добро упатените, чии информации уверуваат дека се веродостојни, пренесуваат дека состанокот се одржал на Водно, во некоја вила. Според зборовите на маркетинг-агентот, вилата била бело- златна. Состанокот се одвивал на 17 февруари во вечерните часови, на него присуствувале тројца високи државни претставници. Францускиот експерт за ПР сакал да ангажира и неколкумина спин-доктори на кои им го претставил сценариото заведено под името „Мало војниче“. Пред нив, за време на убедувањето дека е неопходно да му се приклучат во тимот тврдел дека таквото сценарио ќе значи само еднодневна контролирана војна, иако претставниците на власта наводно сакале тоа да биде судир од поголеми размери, а не како што тоа го замислувал итриот и перфиден гостин. Некои од контактираните, пренесуваат дипломатските и безбедносните извори за „Фокус“, откажале учество, но некои други останале доследни да советуваат како да се изведе целото сценарио.

Францускиот гостин не пристигнал сам во Македонија. Наводно имал уште шестмина придружници кои биле супериорни во професијата и кои оставиле впечаток дека не им е првпат да креираат опасни сценарија. Токму тоа што се зборувало на состанокот наликува на тоа што се случуваше низ кумановската улица. Од она што ни го пренесоа, јасно е дека ПР експертите во детали го смислиле сценариото, но секако дека не предвиделе оти ќе има толку жртви, особено не на страната на полицијата. Иако се предвидувало контрола над ситуацијата, сепак нешто се изместило. Нашите извори не можат да тврдат дали вооружената група била независно активна на терен или, пак, се активирала според некаков договор.

Ако се следат анализите на политичките експерти во Македонија, тогаш ништо не е исклучено. Аналитичарот Сашо Орданоски во своите телевизиски гостувања пренесе дека постојат најмалку четири средби на претставници на македонските безбедносни служби со дел од вооружената група. Таквите разговори биле наводно документирани од странски служби и наскоро ќе биле објавени. Ако навистина постојат, тогаш ќе стане целосно јасно кој и зошто креирал криза во Куманово со толку жртви? Но, не само тоа, туку и кој ја стационирал групата во куќите, колку им платил, кој им дал толку софистицирано оружје и како незабележително го складирале во магацин?

Инаку, договарањето на сценариото коинцидира со посетата на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој имаше средби со Груевски и со Заев. Иако пристигна со надеж дека ќе ја реши политичката криза и дека ќе ја натера опозицијата да седне во парламентот, сепак замина со неуспешно лобирање. Неколку дена потоа, пак, Груевски на прес-конференција на која раскажуваше како Заев, Верушевски и нивните соработници контактирале со странски служби, спомена дека опозицијата е таа што креира црно сценарио и која е во филм да направи дестабилизација.

Ако се точни тврдењата на Џезаир Шаќири, командант Хоџа дека има цврсти докази оти имало средби на вооружените со претставници на безбедносните служби и дека еден од нивните состаноци е целосно снимен, ако се точни сознанијата на аналитичарите дека странски служби имаат материјални докази за такви контакти и преговори, тогаш наводите кои дипломатски и безбедносни извори ги изнесоа за „Фокус“ не се далеку од вистината.

Но, ова секако дека отвора многу прашања. Прво, кој е одговорен за смртта на полицајците? Кој директно договарал сценарио за мала контролирана војна? Кој ги договорил вооружените да застанат против полицијата и да ги ризикуваат животите? Дали и колку им било платено? Што им било ветено? Како сега ќе се постапува со преживеаните ако имало договор? Очекувано е дека за ваквата сомнителна средба и пишувањето на хорор-сценариото не може да се обезбедат податоци и информации од владата и полицијата, но затоа, пак, изворите на „Фокус“ тврдат дека има многу сведоци.

ЗОШТО ЕДИНИЦА НА СПЕЦИЈАЛЦИТЕ ЗАМИНАЛА ВО ОТЉА?

Во контекст на сомнежите за режирано сценарио оди и сведочењето на еден припадник на специјалната единица на МВР, кое „Фокус“ го пренесува во целост. Секако, со избришани имиња и презимиња што се споменуваат. Полицајците примиле наредба дека ќе се организира акција против нарко-криминална група. Сите до еден се подготвиле со целосна опрема.

На влезот од Куманово нашиот старешина нѐ извести дека ќе има големо примопредавање на дрога, дека точната локација не се знае и дека ќе ни ја соопштат дополнително. Во Куманово влегувавме во формација 4+1. Кога се приближувавме до посочениот објект забележавме дека сме упаднале во заседа. На педесетина метри од куќата почнаа рафали. Оган кон нас од двете страни. Тогаш како покосен падна првиот полицаец. Од сите страни почнаа да ни фрлаат шок-бомби, гранати, а ние секако дека одговоривме. Тогаш беше ранет уште еден колега. Нашиот водач преку радиоврска јави дека сме во вкрстен оган, а од другата страна се слушна дека мора да останеме тука и дека пристигнува засилување. Така почна сѐ – пренесува учесник во акцијата. Според ова тврдење, вооружените како да знаеле од каде и кога ќе пристигнат специјалците, што оди во прилог на тезите дека сѐ било договорено.

Иако мислеле дека ќе сузбиваат наркоканал, сепак, сликата што ја виделе, ги запрепастила. Противниците, или како што МВР ги нарекува – терористите, биле како нинџи. Обучени како вистински терминатори. Скокале преку огради од два метра, се префрлале од куќа во куќа низ претходно ископани дупки во ѕидовите, а било впечатливо и дека одлично ракуваат со оружје.

– На радиоврска слушам дека стигнало засилувањето. Но, што дека? Крв на сите страни, колеги ранети, а ние не знаеме дали да им помогнеме или да пукаме против вооружените? Тогаш успеавме да се повлечеме 50 метри поназад, но тие почнаа да стрелаат со снајпери. Тогаш покосија уште неколку полицајци – се присетува специјалецот.

Неговиот тим останал 24 часа на терен. По крвавиот пир претресувале куќи и продавници, сѐ додека не се увериле дека теренот е чист, а вооружените неутрализирани.

– Кога завршија пукотниците и кога ги приведовме непријателите седнав во возилото, а колегата ме праша: Добро, со кого објавивме војна, па овие подобри од нас како да беа? Му одговорив: Што и да беше, да не се повтори затоа што ние сме секогаш први за ова. Тогаш ни јавија колку колеги се мртви, а колку ранети. Почнав да плачам. Ни пристапи старешината и замислете, по таквата акција во која не знаевме колку оружје се потроши, нѐ извести дека владата ќе нѐ награди парично за успехот, но ништо да не кажуваме што точно се случило оти за тоа сме имале потпишано и може да завршиме на суд – револтиран е полицаецот соговорник на „Фокус“.

И тој, но и некои други негови колеги ѝ се налутени на министерката Јанкулоска, која поднесе оставка, затоа што повеќе ја интересирале опозициските аудиоснимки отколку безбедноста на државата. Наместо да се занимава со сузбивање на тероризам таа се занимавала со средношколските протести. Затоа, на крај налутените полицајци прашуваат:

– Зошто државниот врв не ја каже вистината за војната во Куманово? Зошто не откриете дека оружјето од Гошинце украдено од граничната полиција сега беше искористено против нас и зошто не нѐ известивте дека за сето ова знаевте однапред?

Специјалци на МВР за „Фокус“ пренесуваат дека гневот е голем, дека сега постојат несогласувања во нивните редови, оти тешко ја поднесуваат загубата. Не можат да си простат дека заминале во смрт и дека се стрелале низ нишанот со толку силна и бројна терористичка група. На крајот, веста за наградите која старешината ја сметал како смирувачка, се оствари. Кој пет илјади, кој 70 илјади евра. А животите, понижувањето и срамот имаат ли цена?

Дополнително, според сознанијата на „Фокус“, утрината пред пукотниците цела единица на МВР била испратена во Отља, село крај Куманово. Разузнавачи тврдат дека иако се знаело оти таму нема ништо, сепак единицата била ангажирана. За разлика од таму, во „Диво насеље“ биле пуштени два тима. Меѓу единица и тим има голема разлика во бројноста. По првите жртви, најверојатно таа единица била пуштена како засилување на тимовите.

ТЕРОРИСТИТЕ КАКО НАМЕРНО ДА ИЗБРАЛЕ НЕПОГОДЕН ТЕРЕН

Српските разузнавачки служби официјално соопштија дека ги известиле македонските за постоење на вооружената група. Но, ако некој преговарал со неа, со цел да ја искористи во некаква налудничава режија, секако дека ќе молчи за нејзиното постоење. Интересен е фактот дека медиумите на албански јазик пренесоа многу изјави на семејствата на терористите, и на тие мртвите и на приведените. Без исклучок сите ја споменуваат временската дистанца од две седмици. Мајката на лидерот Мирсад Ндрецај, чија трага ја нема, не контактирала со синот толку време и не знае каде е. Братот на еден од терористите, кој е од Албанија, но и синот на еден учесник во групата од Косово, исто така. Нејасно како е можно, но нивните изјави се идентични. Не само за времето откога немаат контакт, туку никој не знае каде се, уште помалку дека биле дел од некаква група која се пресметувала со полицијата.

Сепак, други факти се поважни за нашата анализа. Тоа што е нејасно и се коси со секаква стратегиска логика е местото за криење и дејствување на групата. Ако тие биле подготвени со познавање на воени вештини, а биле, ако имале толку оружје, а имале, тогаш зошто се сместиле во средина во која немале никаква логистика и поддршка? Толку добро обучени и опремени терористи не смееле да направат таква грешка, освен ако сето тоа не е дел од некоја игра. Ако направиме споредба со паравоената ОНА од 2001-та, таа имаше свои приврзаници кај локалното население, дури и голем дел од локалните жители се приклучуваа во нејзините редови. Тука ниту еден жител не се приклучил. Дури никој како да не знаел дека постои групата!

Втор момент кој може да се стави во контекст дека се реализирало однапред договорено сценарио е фактот дека групата се сместила во тесно грло, во маало од кое нема каде и како да се извлечат. Куќите што ги користеле за дејствување се опколени со други куќи, а тие околни објекти со други од поширокото опкружување. Никаде нема ниту шума, ниту планина, кои се користат на терен за извлекување кога повеќе не може да се дава отпор. Колкумина и да биле, колку и оружје да имале, сепак тие знаеле дека не можат да дават отпор колку што полицијата може да нападне. Оти специјалците секако биле и побројни и поопремени.

Уште понелогично е однесувањето на вооружените ако се знае дека тие 15 години се во материјалите на безбедносните служби. Што значи, имаат искуство и развиени тактики каде да се кријат и како да се извлекуваат при жесток напад на полицијата. Но, овде е очигледно дека немале таква намера.

Загрижуваат и информациите до кои дојде „Фокус“, а кои можат да се стават во целиот овој контекст, а тоа е дека наводно постојат два кампа за обука на екстремни групи, едниот во Кичевско, а другиот во Штипско. Нашите извори пренесуваат дека таму за дневница од 800 денари се обучувале лица кои би имале задача да прават нереди на протестот на опозицијата на 17 мај. Но дали по акцијата во Куманово тоа е изводливо и реално е неизвесно? Исто како што е непознато колку тие кампови имаат врска со вооружената група.

Уште два сегмента кои се значајни за колапс на безбедносните служби во случај вооружените да не биле договорени со претставници на полицијата, оти и самото МВР соопшти дека некои од терористите контактирале со полицајци. Прво е процесот на лустрација со кој се разнебитија службите. Практично, со таквиот начин на лустрирање во Македонија, сметаат познавачите, се изземаат соработниците на тајните служби кои беа основна алатка при обезбедувањето информации, а не како сега, ако некој доброволно дојде и извести за нешто, што често е погрешно и нерелевантно. И второ, сомнителните вработувања во МВР и во УБК. Тоа се слуша и на аудиоснимките на опозицијата како главните договараат да се вработат стотици партиски кадри. Практично, последните години на местото на професионалците се вработени послушници со што се направи помор на службите. И тука е одговорноста на врвот на полицијата. Едноставно, полицијата и УБК се претворија во организации за спроведување и контрола врз изборните процеси.

ВООРУЖЕНИТЕ БИЛЕ НЕВИДЛИВИ

И на крајот, по информациите за ПР стратегија, по сомнежите за контакт со терористите, по анализата дека тие избрале нелогичен терен за криење, по грешките во полициската акција и тврдењата на локалното население упатуваат на дилема дека целата акција е конструкција. Ако нешто е заедничко за сите жители на погодената улица, тогаш тоа е заклучокот дека никој никогаш не видел терористи. Сите со кои зборувавме на терен виделе полицајци, но не и нивните противници.

Иако се зборува дека групата со денови складирала оружје, кроела планови за напади, броела педесетина припадници, сепак ниту еден жител не знаеше да одговори каде се криеле и кои се припадниците? Дури тие се директни во изјавите дека власта го измислила целиот случај. Иако за среќа нема загинато цивили, сепак е нејасно како е можно при 12-часовна мала војна на мал простор никој да не е погоден? Има еден ранет, но со помала повреда на рамото. Тоа е Малуш Аземи. Неговиот татко Назми ни раскажа дека 11 членови на семејството седеле во една соба и слушале пукотници. Проектили им летале над главите, но никого не виделе, освен на крајот кога упаднала полицијата за да ги извлече кога се било завршено.

Низ улицата на стравот и ужасот екипи со работници ја средуваат струјата и водоводната мрежа. Мора внимателно да се гази оти целиот простор е со стакла и чаури. Црнилата на уништените куќи уште долго ќе сведочат за хоророт. И кога ќе се реновираат и искречат, тие ќе останат во душите на жителите. Најуништени се неколку куќи од десната страна на слепата улица. Наводно таму биле сместени терористите. Едната од нив е на Агрон Ајдини. Не му е јасно како неговата куќа се смета за упориште, а тој до утрината не видел ниту непознат човек, а камоли вооружена група. Ни пренесе дека неговиот братучед Бесник Ајдини е еден од приведените во полициската акција, но дека тоа било грешка.

– Тој бил во подрум во семејната куќа заедно со децата. Се криел од куршумите. Кога стивнало пукањето, полицијата го привела под сомнеж дека бил на страна на вооружените. Тој со години работи како физички работник и нема шанси да пукал во полицијата. Јас гарантирам дека тој ниту има оружје, ниту, пак, знае како се користи. Се надевам дека ќе го пуштат затоа што тој е само жртва, како сите ние – пренесува Ајдини.

Други две куќи се на семејството Рамадани. Од нив не останало ништо здраво. Куршумите и гранатите поминале немилосрдно буквално низ сите ѕидови, прозорци и врати. Замислен како ќе ги реновира, Бафтијар е разочаран од државата.

Немаше тука терористи, не знам како се појавија наеднаш. Како се најдоа тука, не знае никој. Јас заминав во подрум и цела среќа е што на толку пукање и толку решетање на нашите домови не настрадавме. Ова ми личи на нешто наместено, но нам обичните граѓани уште долго нема да ни биде јасно кој и зошто го направи ова – вели Рамадани.

Сликите од 2001-та со разурнати домови, со насолзени очи, неизвесна иднина, не се разликуваат ништо од овие во кумановската улица Перо Илиевски. За момент тука времето запрело.

– За сѐ што прашувате како новинари ќе ги прашате Груевски и Ахмети. Тие знаат како ја договориле акцијата. Не знам како можеа да донесат толку луѓе и толку оружје и да ни упаднат во населбата и да си играат војна. Овде во мојот двор вриеше од полиција, но не знам како не видов терорист – се прашува Иса Љутвија.

Во една напуштена куќа чии сопственици се во Германија наводно било чувано дел од оружјето, но и околу неа немаше кој да ни каже дали се „мотале“ сомнителни лица.

Значи, сите слушале долгометражни пукотници, а никој не е застрелан од граѓаните. Тони барут се потроши во нејасниот крвав настан и сите стрепеле додека полицијата се пукала со терористи, но никој не видел како тие скокале преку оградите на куќите. И ако од оваа минивојна нешто е јасно, тоа е дека соживотот не може да го убие никој. Ни терористи, ни полицајци, ни режирани претстави.

 ПРОГОВОРИЈА СЕМЕЈСТВАТА НА ОСОМНИЧЕНИТЕ ТЕРОРИСТИ

Семејството Красниќи од Косово го сретнавме во Старата скопска чаршија. Како што рекоа, за жал, не дошле во туристичка посета на градот, туку бараа адвокатска канцеларија која ќе го застапува нивниот син, Лирим Красниќи, кој пред неколку дена беше уапсен во полициската акција во Дивата населба во Куманово. Красниќи е осомничен за тероризам, за што му се заканува доживотна казна затвор.

Неговите родители се во шок. Не можат да поверуваат што ги снашло.

– Нашиот син на 28 април допатува во Косово, од Германија. Седеше до 5 мај, а потоа ни кажа дека ќе оди кај некои пријатели во Албанија. Оттогаш не му го слушнавме гласот, велат неговите родители.

Таткото на Лирим, Бафти Красниќи, додава дека во понеделникот вечерта од медиумите слушнале дека нивниот син е во Куманово.

Не ми е јасно што барал во Куманово, мислам дека за пари не отишол бидејќи сме во добра финансиска состојба. Лирим работеше во Германија како багерист и земаше плата од 4.000 евра. Единствено можеби некој успеал да го излаже и убеди дека се бори за некоја повисока цел, вели Красниќи.

Родителите на Лирим исто така истакнуваат дека левата рака му била скршена и му била во лонгета, па затоа не им било јасно како би се борел или пукал со една рака.

Покрај родителите на Красниќи, за албанските медиуми проговорија и родителите на Мирсад Ндрецај, познат како командант НАТО, кој од Министерството за внатрешни работи беше посочен како лидер на терористичката група. Неговата мајка вели дека веќе две недели не го видела својот син. А трагата му ја изгуби и македонската полиција.

– Веќе две недели не знам каде е, а го немам видено цели три месеци. Некој вели дека е убиен, друг дека полицијата го фатила, ама ние немаме никаква информација, вели мајката на Мирсад.

Неговиот татко вели дека нема да го зачуди ако се утврди дека неговиот син е во Македонија, бидејќи учествувал и во војната во Косово и во конфликтот од 2001 година во Македонија.

На 16 години учествуваше во војната тука, а потоа отиде во Македонија, каде што го фатија и казнија. Се мачеше да го штити албанскиот народ, тој не се мачи за корка леб за него, туку за да им ги даде правата на Албанците, истакнал таткото на Мирсад Ндрецај.

Покрај командант НАТО, како лидери на групата, кои во моментот се во притвор, од МВР се посочуваат и Анди (Мухамед) Красниќи, командант Малишева, Насер Бајралиу, Сами Укшини, командант Соколи и Деме Шеху, командант Јунику, сите од Косово.

Од вкупно триесеттемина уапсени, 18 се државјани на Косово, двајца македонски државјани со привремен престој во Косово, девет македонски државјани и еден албански државјанин со престој во Германија. Уапсените се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, „задржување заради непријателска дејност“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

ДЕЛ ОД УАПСЕНИТЕ ЈА ПРИЗНАЛЕ ВИНАТА

Адвокатите на осомничените засега не ја откриваат нивната одбрана, бидејќи како што велат, се уште е рано за било какви информации за јавноста. Успеавме да стапиме во контакт со адвокатот Насер Рауфи, кој засега потпиша полномошна за одбрана на двајца од уапсените, Деме Шеху и Лирим Красниќи.

– Шеху го видов во истражниот затвор Скопје, каде што го издржува притворот, а не присуствував во моментот кога го давал исказот, бидејќи тогаш имал адвокат по службена должност. Засега не можам да откријам детали за неговата одбрана. Единствено можам да кажам дека изгледа многу лошо, со сериозни повреди на главата, во пределот на окото, и грбот, вели адвокатот Рауфи.

Тој додава дека е адвокат и на Красниќи, но за него нема никаква информација, бидејќи само што го имаше потпишано полномошното за негово застапување.

Иако се уште не се открива стратегијата за одбрана на осомничените, сепак, според информации на „Фокус“ од истрагата, дел од нив признале дека биле дел од терористичката група.

„Тој лично сметал дека заслужува да оди во притвор затоа што бил со групата, отишол во Куманово, во еден момент сакал да се врати меѓутоа тоа повеќе не било можно“, се наведува во едно од решенијата за одредување на притворот.

Еден од нив, пак, признал и дека за својот „учинок“ му ветиле голем паричен надомест, а друг ја однел полицијата на две локации во Малино Мало во планинското село Брест, каде биле пронајдени 61 парче автоматско оружје и 8 сандаци муниција. По проверките е утврдено дека 54 пушки се сопственост на МВР и се украдени од станицата во Гошинце.

Дали осомничените ќе останат на истите искази, или во текот на судските рочишта ќе се премислат, останува да почекаме.

Исто така, не е познато дали обвинителството ќе му понуди на некој од осомничените соработка, односно да стане сведок, за да ги раскаже сите детали за организирањето на групата и секако, да ги открие нарачателите, бидејќи се погласно се шпекулира дека биле платеници, а не борци за некакви права. Сепак, упатените коментираат дека не очекуваат ваква понуда од обвинителството, бидејќи на тој начин ќе се откријат нарачателите, што според нив, не и одговара на владејачката гарнитура.

Она што засега е потврдено и од истражните органи е дека групата веќе подолг период била во државата, па останува нејасно како никој не ја забележал.

„Реален е стравот да ги повтори кривичните дела ако се има предвид дека подолг период е работено на остварување на законското битие на делата. Се работи за група која е добро организирана, дејствувала на територијата на повеќе села во кумановско-липковскиот крај со што се изразува особена упорност во извршувањето на делата“, се вели во едно од решенијата за одредување на притворот.

КАДЕ ИСЧЕЗНАА ТЕЛАТА НА ЧЕТВОРИЦА ТЕРОРИСТИ?

 Полициската акција во Дива населба заврши пред неколку дена, а се уште не можат да се пребројат телата на убиените припадници на терористичката група. Првичната информација која на прес- конференција ја соопшти портпаролот на МВР, Иво Котески, беше дека 14 терористи се убиени, напоменувајќи дека нивниот број е можно да е поголем, бидејќи се уште не бил пребаран теренот. Но, излезе дека бројот на загинати е помал, бидејќи на обдукција, во Институтот за судска медицина биле однесени само 10 безживотни тела.

Бидејќи сега од МВР топката ја префрлаат на Јавното обвинителство, посочувајќи ги како надлежни, одговорот го побаравме таму, но до затворањето на неделникот не добивме повратна информација.

Додека да добиеме официјална информација од надлежните, се појави и една шпекулација, односно дека дел од телата на загинатите веднаш им биле предадени на семејствата за погреб, без да се изврши обдукција. Како и да е, обвинителството нема каде да бега, па ќе мора еднаш да се изјасни колку вкупно безживотни тела се пронајдени во кумановско, бидејќи МВР неочекувано се повлече од давање одговори за јавноста.

Поради бројноста на жртвите и повредените од редовите на безбедносните сили, кај дел од учесниците во акцијата се појавил и сомнежот дека биле предадени. Токму на тоа работи и полицијата, односно проверува неколкумина полициски службеници за кои е утврдено дека им вртеле припадници на кумановската вооружена група.

Од МВР велат дека се проверува секој контакт на терористите за да се утврди дали луѓето кои биле на врска со групата им помагале или само се познавале со вооружените. Меѓу телефонските контакти имало и неколку контакти со полицајци и тоа во попладневните часови во саботата кога групата била притисната и решиле да се предадат.

Меѓу уапсените кои се во притвор има и полицајци, еден работел на граничниот премин Табановце, а вториот во граничната полициска станица Белановце. Таа караула се граничи со територијата под контрола на граничната станица Гошинце која беше нападната пред 4 недели.

Поврзани новости